У.бр.134/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 23 март 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Владимир Панчевски од Скопје, застапуван од Петро Јанура, адвокат од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјалната припадност, односно општествена положба во поглед на професионалниот статус, како и по основ на политичката припадност, односно политичко уверување.

2. Владимир Панчевски од Скопје, преку полномошникот Петро Јанура, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјалната припадност, односно општествена положба во поглед на професионалниот статус, како и по основ на политичката припадност, односно политичко уверување, а кои му се сторени со Пресуда на Основниот суд во Велес К-242/19 од 04.08.2020 година, и Пресуда на Апелациониот суд во Скопје КЖ 746/2020 од 14.07.2021 година.

Според наводите во барањето со наведените акти на подносителот на барањето му било повредено правото на недискриминација, односно забраната за дискриминација по основ на социјална припадност, односно општествена положба во поглед на професионалниот статус од член 110 алинеја 3 од Уставот. Имено, подносителот на барањето бил дискриминиран во споредба со сите останати судии и претседатели на судови, затоа што за разлика од нив само тој не ги уживал уставно и законски загарантираните права кои ги имале носителите на судиски функции. Оттука, според подносителот на барањето, произлегувала дискриминаторската природа на теоријата на случај на Јавното обвинителство, која била прифатена од Основниот суд во Велес и Апелациониот суд во Скопје и резултирало со носење на актите кои се оспоруваат.

Подносителот на барањето бил претседател на Основниот суд Скопје 1 Скопје и истиот бил менаџер на судот како институција, согласно член 88 од Законот за судовите, а судечкиот судија бил менаџер на водењето на судската постапка. Претседателот на судот има статус на прв судија, што значи дека претседателот на судот е носител на функцијата судија и ги имал сите права и обврски како и останатите судии.

Амандманот XXVII од Уставот давал гаранции дека судија не може да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење и одлучување при донесување на судските одлуки што во конкретниот случај одлуките за распоредување на предмети согласно закон и Судскиот деловник претставувале „судско одлучување” во делокруг на претседателот на судот кој е избран да раководи како претседател со конкретни права и обврски при менаџирањето со судот. Одлуката за распоредување на предмети со потпис – параф, писмена или усна, е судска одлука на претседателот на судот кој истовремено е избран судија. Од овие причини, подносителот на барањето смета дека со наведените акти, односно пресуди на судовите се нарушувал принципот на владеењето на правото, како и судската независност.

Подносителот на барањето додека работел како претседател на Основниот суд Скопје 1 Скопје работел исклучиво во рамките на своите права и обврски согласно Деловникот и Законот. Според наводите на подносителот на барањето, АКМИСОТ бил компјутерска програма којашто од 2010 година ги заменувала уписниците за евиденција на предметите и сите судски дејствија. Подносителот на барањето како претседател на кривичниот суд согласно членот 13 од Судскиот деловник ги вршел работите од делокругот на судската управа, ја организирал работата, раководел и управувал со судот. Согласно член 174 став 1 од Судскиот деловник автоматската распределба на предметите во судот се вршела преку автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети на начин со кој се обезбедува секој судија во судот да добие во работа подеднаков број на предмети по дефинирани критериуми од Работното тело за стандардизација во Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Во член 174 став 3 од Деловникот било предвидено дека претседателот на секој суд одредувал кои критериуми во автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети се користат при автоматската распределба на предметите во секој оддел и одговорен е за добивање на рамномерен број на предмети кај судиите.

Подносителот во барањето наведува дека од изведените докази произлегувало дека и самиот АКМИС систем содржел опција за рачна распределба, па оттука се поставувало прашањето зошто ваква опција ако истата е забранета. Имено, таа опција на рачна распределба на предметите постоела со цел да се овозможи рамномерна распределба на предмети кај судиите, односно да се надмине ситуацијата кога еден судија има 5 притворски предмети, а друг нема ниту еден. Согласно член 175 став 2 од Деловникот предметите од итна природа, времените мерки и притворите веднаш се заведувале и преку автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети веднаш се распоредувале на судиите. Оттука, подносителот на барањето во согласност со неговите овластувања постапувал на начин за да ја исполни својата обврска за рамномерна распределба на предметите кај судиите, што значи дека не постапувал во спротивност на член 6 став 1 алинеи 3, 4 и 15 од Законот за управување со движење на предметите на судовите.

Пониските судови со донесување на оспорените акти постапиле спротивно на начелото на примена на поблаг закон (член 4 од КЗ) од причина што подносителот на барањето како претседател на суд е осуден за периодот 2013-2016 година, што уште во време кога му било судено бил донесен Закон за изменување и дополнување на Законот за судовите, во кој во член 76 став 1 точка 6 под нестручно и несовесно вршење на судиската функција се подразбира незадоволителна стручност или несовесност на судијата што влијае на квалитетот и ажурноста во работењето и тоа ако земе во работа предмет кој не му е распределен преку автоматизираниот компјутерски систем за управување со судски предмети во судовите.

Според подносителот на барањето, ова претставувало единствена исклучива постоечка lex specialis законска одредба која ја утврдувала одговорноста ако земе во работа предмет кој не е распределен преку автоматизираниот компјутерски систем за управување со судски предмети во судовите. Според оваа законска одредба, според наводите во барањето, одговорноста во ваква ситуација паѓала исклучиво на судечкиот судија од причина што истиот е менаџер на судскиот предмет и тој раководел со постапката, додека претседателот на судот бил менаџер на судот како институција. Оттука, подносителот на барањето смета дека апсурдно е истиот да биде обвинет и осуден за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 2 в.в. со член 45 од Кривичниот законик заради постапување спротивно на член 6 став 1 алинеи 3, 4 и 15 од Законот за управување со движење на предметите во судовите и на член 7 од Законот за судовите.

Подносителот на барањето смета дека со оспорените акти бил дискриминиран по основ на политичка припадност и политичко уверување со неизземање на судијата Тања Милева во жалбената постапка пред Апелациониот суд, бидејќи истата била сопруга на висок функционер на партијата Социјал демократски сојуз (СДСМ), што е партија која од позиција на власт јавно преку нејзините функционери искажала нетрпеливост и јавен прогон спрема подносителот. На тој начин, судовите ја запоставиле праксата на Европскиот суд за човекови права што укажува дека прашањето на пристрасност во суштина е прашање на доверба којашто судовите на едно демократско општество имаат обврска да ја обезбедат во јавноста, па следствено на тоа, секој судија во однос на кој постои легитимна причина за сомнеж на недостиг на пристрасност треба да ја прекине работата во предметот.

Сите погоре наведени околности укажувале дека подносителот на барањето имал објективна причина да се сомнева во непристрасноста на судијата Тања Милева, бидејќи нејзиниот сопруг бил висок функционер и носител на партиска припадност на политичката партија на власт СДСМ која јавно преку нејзини високи функционери искажала нетрпеливост и јавен прогон. Имено, со одбивањето на барањето за изземање на судијата Тања Милева која одлучувала во советот по поднесената жалба, и тоа како известител, на подносителот на барањето му било повредено правото на обвинетиот на „непристрасен и независен суд” со што била направена повреда на член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Согласно наведеното, подносителот на барањето смета дека со оспорените акти му било повредено правото на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјалната припадност, односно општествена положба во поглед на професионалниот статус, како и по основ на политичката припадност, односно политичко уверување, со што била сторена повреда на член 110 алинеја 3 и член 9 од Уставот, како и член 6 став 1 и член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Поради наведените причини подносителот на барањето предлага Уставниот суд да го уважи барањето и да утврди дека со оспорените судски пресуди на подносителот на барањето му се повредени основните слободи и права предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот и истовремено, во смисла на членот 57 од Уставот, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија до донесување конечна одлука.

3. Судот на седницата ја утврди следната фактичка состојба:

Со пресуда на Основниот суд во Велес К-242/19 од 04.08.2020 година обвинетиот Владимир Панчевски од Скопје, сега подносител на барањето за заштита на слободите и правата, е огласен за виновен за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 2 в.в.со став 1 и в.в. член 45 од Кривичниот законик затоа што:

Во периодот од 23.01.2013 година до 14.09.2016 година, како службено лице – претседател на Основен суд Скопје I Скопје, со умисла извршил повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, со пречекорување на границите на своето службено овластување, потешко ги повредил правата на друг, на начин што постапил спротивно на член 6 став 1 алинеја 3, 4 и 15 од Законот за управување со движење на предметите во судовите и на член 7 од Законот за судовите, така што бил должен да ја следи состојбата на управувањето со движењето на предметите во судот, а особено образувањето на предметите, предавањето на предметите во работа и состојбите со функционирањето на автоматизираниот информатички систем за управување со судските предмети, а тој како претседател на судот влијаел врз начинот на електронската распределба на предметите што доаѓале во судот на одлучување, да се распределуваат меѓу судиите надвор од времето на приемот на предметот во судот, со ставање на писмен „параф” од негова страна и со усно задолжување на вработени во судската писарница кои имале пристап при распределбата на предметите преку автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети, на кој судија да се распредели предметот, со што на странките во така распределените предмети потешко им го повредил правото на еднаков пристап пред судот во заштитата на нивните права и правно заснованите интереси, пропишано во член 6 став 1 од Законот за судовите, па така:

– на 23.01.2013 година, по прием на Обвинителен акт од Основно јавно обвинителство-Скопје со Х КО 1 бр.10/1 З од 22.01.2013 година, парафирал „на судија Гордана Спиреска” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет К бр.188/13;
– на 11.03.2013 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.08/13 од 01.03.2013 година, парафирал „да се распредели на судија Ивица Стефановски” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.6/13;
– на 25.03.2013 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.13/13 од 22.03.2013 година, парафирал „да се распредели на судија Павлина Христова” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.11/13;
– на 04.04.2013 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.103/12 од 04.04.2013 година, парафирал „да го работи судија Вангелина Маркудова” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.12/13;
– на 12.04.2013 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.58/11 од 11.04.2013 година, парафирал „да се распредели на судија Павлина Христова” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.13/13;
– на 23.04.2013 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.30/13 од 22.04.2013 година, парафирал „да го работи судија Ивица Стефановски” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.15/13;
– на 26.04.2013 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.24/13 од 26.04.2013 година, парафирал „да се распредели на судија Јани Нича” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.18/13;
– на 29.04.2013 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.21/13 од 23.04.2013 година, парафирал „да се распредели на судија Ѓоко Ристов” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.19/13;
– на 29.04.2013 година, по прием на Обвинителен акт од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.71/12 од 01.04.2013 година, парафирал „да се распредели на судија Дијана Груевска” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.20/13;
– на 07.05.2013 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.2/13 од 07.05.2013 година, парафирал „да го работи судија Весна Димишкова” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.22/13;
– на 16.05.2013 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.33/13 од 16.05.2013 година, парафирал „да се распредели на судија Ѓоко Ристов” по што предметот на 17.05.2013 година рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.26/13;
– на 17.05.2013 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.27/13 од 16.05.2013 година, парафирал „да го работи судија Дијана Груевска” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.27/13;
– на 05.06.2013 година, по прием на Обвинителен предлог од Основно јавно обвинителство-Скопје со Х КО 1 бр.199/13 од 22.05.2013 година, парафирал „да се распредели кај судија Моника Бахчовановска” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет XXVII К бр.1679/13;
– на 10.06.2013 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.39/13 од 10.06.2013 година, парафирал „да го работи судија Јани Нича” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.40/13;
– на 08.07.2013 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.46/13 од 05.07.2013 година, парафирал „да го работи судија Вангелина Маркудова” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.48/13;
– на 19.07.2013 година, по прием на Обвинителен акт од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.114/12 од 19.07.2013 година, парафирал „да се распредели на судија Весна Димишкова” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.50/13;
– на 14.08.2013. година, по прием на Предлог за изрекување мерка на безбедност – Задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа од Основно јавно обвинителство-Скопје со 11 КО 4 бр.282/13 од 01.08.201З година, парафирал „да се додели итност на судија Оља Ристова” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет ХХ К бр.2365/13;
– на 13.09.2013 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр. 76/13 од 13.09.2013 година, парафирал „да се распредели на судија Вангелина Маркудова” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.65/13;
– на 18.09.2013 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.84/13 од 18.09.2013 година, парафирал „да се распредели на судија Ивица Стефановски” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.67/13;
– на 19.09.2013 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.78/13 од 19.09.2013 година, парафирал „да го работи судија Горан Бошевски” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.68/13;
– на 23.09.2013 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.89/13 од 19.09.2013 година, парафирал „да го работи судија Дијана Груевска” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.71/13;
– на 23.09.2013 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.35/13 од 23.09.2013 година, парафирал „да се распредели на судија Ѓоко Ристов” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.72/13;
– на 27.09.2013 година, по прием на Обвинителен предлог од Основно јавно обвинителство-Скопје со IKO 4бр.482/13 од 27.09.2013 година, парафирал „да се додели на судија Огнен Ставрев” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет XIV К бр.2709/13;
– на 09.10.2013 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.98/13 од 08.10.201З година, парафирал „да го работи судија Ѓоко Ристов” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.77/13;
– на 14.10.2013 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.75/13 од 14.10.2013 година, парафирал „да се распредели на судија Ивица Стефановски” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.80/13;
– на 15.10.2013 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.71/13 од 14.10.2013 година, парафирал „да го работи судија Весна Димишкова” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.82/13;
– на 16.10.2013 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка-притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.73/13 од 14.10.2013 година, парафирал „да се распредели на судија Весна Димишкова” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.83/13;
– на 18.10.2013 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.92/13 од 17.10.2013 година, парафирал „да го работи судија Вангелина Маркудова” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.84/13;
– на 19.11.2013 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.97/13 од 15.11.2013 година, парафирал „да го работи судија Јани Нича” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.94/13;
– на 03.12.2013 година, по прием на списи од предмет К бр.88/12 од Основен суд Неготино, парафирал „да се даде на судија Весна Димишкова во работа” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.104/13;
– на 11.12.2013 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.90/13 од 10.12.2013 година, парафирал „да се распредели на судија Горан Бошевски” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.106/13;
– на 17.12.2013 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.93/13 од 16.12.2013 година, парафирал „да се распредели на судија Дијана Груевска” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.108/13;
– на 31.01.2014 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.107/13 од 31.01.2014 година, парафирал „да го работи судија Весна Димишкова” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.7/14;
– на 18.02.2014 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.115/13 од 17.02.2014 година, парафирал „да го работи судија Дијана Груевска” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.9/14, на 24.02.2014 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.119/13 од 22.02.2014 година, парафирал „да го работи судија Огнен Ставрев” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.10/14;
– на 27.02.2014 година, по прием на Обвинителен акт од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.28/1 З од 27.02.2014 година, парафирал „да го работи судија Павлина Христова” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.13/14;
– на 14.03.2014 година, по прием на Обвинителен предлог со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.20/14 од 14.03.2014 година, парафирал „да го работи судија Горан Бошевски” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.16/14;
– на 14.03.2014 година, по прием на Обвинителен предлог од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.19/14 од 14.03.2014 година, парафирал „да го работи судија Ивица Стефановски” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.20/14;
– на 22.04.2014 година, по прием на Обвинителен предлог со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.40/14 од 18.04.2014 година, парафирал „да го работи судија Огнен Ставрев” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.27/14;
– на 28.04.2014 година, по прием на Обвинителен акт од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.145/09 од 28.04.2014 година, парафирал „да го работи судија Ѓоко Ристов” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.29/14;
– на 29.05.2014 година, по прием на Обвинителен акт од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.15/11 од 21.05.2014 година, парафирал „да го работи судија Јани Нича” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.38/14;
– на 30.05.2014 година, по прием на Предлог за издавање на казнен налог од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.46/14 од 29.05.2014 година, парафирал „да се распредели на судија Ивица Стефановски” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.39/14;
– на 17.07.2014 година, по прием на Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.30/14 од 16.07.2014 година, парафирал „да го работи судија Јани Нича во совет за оцена” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК ООА бр.22/14, а на 01.09.2014 година, истиот предмет рачно бил внесен во АКМИС-от и добил број КОК бр.57/14;
– на 17.07.2014 година, по прием на Обвинителен предлог со предлог за продолжување на мерка притвор, од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со КО бр.70/14 од 16.07.2014 година, парафирал „да се распредели на судија Весна Димишкова” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.51/14;
– на 09.01.2015 година, по прием на предмет К бр.292/12 од Основен суд Куманово заради надлежно постапување, парафирал „да го работи судија Горан Бошевски” по што предметот рачно бил распределен во АКМИС-от кај наведениот судија и бил оформен предмет КОК бр.3/15;
– на 15.09.2016 година, по прием на две обвиненија од Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите НСККО бр.6/16 од 14.09.2016 година и НСККО бр.7/16 од 14.09.2016 година, на сведокот Светлана Лазаревска – самостоен референт – одговорен на кривичен оддел-полнолетни при Основен суд Скопје I Скопје, и дал устен налог предметите да се распределат едниот кај судија Лидија Петровска, а другиот кај судија Татјана Михајлова, по што истите предмети на 16.09.2016 година, од Размена Стојковска – референт уписничар во кривична писарница, рачно биле распределени во АКМИС-от, така што во 15:35 часот предметот НСККО бр.6/16 бил распределен кај судија Лидија Петровска и бил оформен предмет К бр.1905/16, и во 15:36 часот предметот НСККО бр.7/16 бил распределен кај судија Татјана Михајлова и бил оформен предмет К бр.1904/16, со кои дејствија обвинетиот Владимир Панчевски од Скопје сторил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 2 в.в став 1 в.в член 45 од Кривичниот законик па врз основа на овие членови, како и член 3, член 32, член 35, член 39 и член 47 од Кривичниот законик и член 102 и член 105 од ЗКП, и за што е ОСУДЕН на казна затвор во траење од З (три) години и 6 (шест) месеци, во која му се засметува и времето поминато во притвор сметано од 15.07.2020 година до 04.08.2020 година. Истовремено со истата пресуда обвинетиот Владимир Панчевски е задолжен да плати судски паушал во износ од 6.000,00 денари на сметка примач: Основен суд Велес-НБРСМ; сметка 100000000063095, сметка на буџетски корисник 2901000957 631 14, приходна шифра 724132 20, се во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата, како и да ги надомести трошоците на кривичната постапка и тоа на РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА-МИНИСТЕРСТВО ЗА ПРАВДА-КПУ ЗАТВОР Скопје на име настанати трошоци при вршење на спровод на притворени-осудени лица до надлежните судови и други институции за ден 24.07.2020 година износ од 7.270,00 денари, за ден 27.07.2020 година износ од 7.268,00 денари, за ден 28.07.2020 година износ од 8.153,00 денари и за ден 04.08.2020 година износ од 7.268,00 денари или вкупно износ од 29.959,00 денари во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата и да ги надомести трошоците на кривичната постапка на ОЈО Велес во вкупен износ од 100.000,00 денари на име изготвено вештачење, на сметка Буџет на РСМ 100000000063095 уплатна сметка 840***07657 приходи од кривична постапка во надлежност на ЈОРСМ, приходна шифра 725978 и програма 00, во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата.

Апелациониот суд во Скопје во жалбена постапка со Пресуда КЖ-746/20 од 14.07.2021 година жалбите на обвинетиот Владимир Панчевски од Скопје, изјавена лично и преку бранителот Петро Јанура, адвокат од Скопје, делумно ги уважил и пресудата на Основниот суд во Велес со погоре наведениот број ја преиначил делумно, односно во делот на одлуката за кривичната санкција така што обвинетиот Владимир Панчевски кој со првостепената пресуда беше огласен за виновен за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 2 в.в. став 1 и в.в. член 45 од Кривичниот законик, согласно наведената одредба, како и членовите 4, 32, 33, 35 и 39 од Кривичниот законик го осудува на казна затвор во траење од 2-две години и 6-шест месеци, во која казна согласно член 47 од Кривичниот законик му се засметува и времето поминато во притвор сметано од 15.07.2020 година до 04.08.2020 година. Во останатиот дел пресудата ја потврдил.

Врховниот суд на Република Северна Македонија постапувајќи по барањето за вонредно преиспитување на правосилна пресуда поднесено од обвинетиот Владимир Панчевски од Скопје, преку неговиот адвокат Петро Јанура од Скопје, со Пресуда Квп2 бр.177/2021 од 9 февруари 2022 година истото го уважи и Пресудата на Апелациониот суд во Скопје КЖ 746/2020 од 14.07.2021 година ја укина и предметот го врати на повторно постапување и одлучување пред второстепениот суд.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Согласно член 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.

Според членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата, не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Според членот 51 од Деловникот, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но, не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според членот 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Испитувајќи го барањето од аспект на исполнетоста на условите од член 51 и 52 од Деловникот за барање за заштита на слободи и права, а тоа е да станува збор за повреда на слободи и права кои се под уставно-судска заштита, бараната заштита да биде во определениот рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, кои треба да бидат презентирани со барањето, како и фактите и доказите на кои се заснова барањето, Судот утврди дека во конкретниот случај, не се исполнети условите за мериторно впуштање по барањето.

Имено, од означената одредба на Деловникот произлегува дека основ за постапување на Уставниот суд во постапката за заштита на слободите и правата претставуваат конечните или правосилните поединечни акти со кои е сторена повредата, како и роковите во кои граѓанинот може да бара заштита на слободите и правата пред Уставниот суд.

Меѓутоа, во текот на претходната постапка Судот утврди дека во врска со исполнетоста на процесните претпоставки за постапување на Уставниот суд по барањето на Владимир Панчевски, од напред изнесените претходни дејствија кои Судот ги утврди во фаза на претходна постапка, произлегува дека во конкретниот случај пресудата на Врховниот суд на Република Северна Македонија со која е укината правосилната пресуда, влијае на постоењето на процесни пречки, односно претпоставки Уставниот суд да се впушти во мериторно постапување и одлучување по предметот.

Имено, според Судот, од утврдената фактичка состојба може да се констатира дека по донесувањето на Пресудата Квп2 бр.177/2021 од 9 февруари 2022 година на Врховниот суд со која ја укина Пресудата на Апелациониот суд во Скопје КЖ 746/2020 од 14.07.2021 година и предметот е вратен на повторно постапување и одлучување пред Апелациониот суд во Скопје, постапката пред редовните судови се уште не е завршена и недостасува еден од основните елементи предвидени во членот 51 од Деловникот – постоење на правосилен акт, за да може Судот да ја цени основаноста на поднесеното барање.

Поради тоа, Судот оцени дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за постапување на Уставниот суд по барањето на Владимир Панчевски за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија и дека се исполнети условите утврдени во член 28 алинеја 3 од Деловникот за отфрлање на барањето.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.134/2021
23.03.2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска