I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:
1.Реферат У.бр.144/2021
Оспорен: Член 62-а став 1 и став 2 во делот „од денот на издавање на одобрението за градење“ од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.130/2009, 124/2010, 18/2011, 36/2011, 54/2011, 13/2012, 144/2012, 25/2013, 79/2013, 137/2013, 163/2013, 27/2014, 28/2014, 42/2014, 115/2014, 149/2014, 187/2014, 44/2015, 129/2015, 217/2015, 226/2015, 30/2016, 31/2016, 39/2016, 71/2016, 132/2016, 35/2018, 64/2018 и 168/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.244/2019, 18/2020 и 279/2020).
Подносител на иницијативата: Петар Мирковиќ од Скопје
Oд наводите во иницијативата:
Според наводите на иницијативата оспорените делови од член 62-а став 1 и 2 од Законот за градење се во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3 и 6 и член 15 од Уставот. Подносителот смета дека од оспорените законски одредби произлегува обврска за органот кој во рок од три дена требалo да изготви и достави известување за донесеното одобрение за градба до непосредните соседи на градежната парцела, по што следела постапка која трае три дена. Следен чекор бил увидот во документацијата од страна на непосредните соседи како заинтересирани лица заради заштита на своите права и правни интереси, а од друга страна истите претходно воопшто не биле запознати дека се водела управна постапка. При ваква околност подносителот смета дека невозможно е да се испочитува дадениот рок од 15 дена од денот на донесувањето на одобрението за градба, што бил преклузивен рок со чие пропуштање странките би го изгубиле правото на адекватна судска заштита. Подносителот на иницијативата смета дека во пракса на одредени случаи, известувањето се доставувало „про форма” пред истекот на рокот за увид и поднесување на жалба, поради што ваквото законско решение според него е на штета на граѓаните во остварување на своите права и заштита на правните интереси, односно бил оневозможена правната заштита на сопственоста и праавата кои произлегувале од сопственоста на жалителот, односно непосредните соседи на гаражната парцела.
2.Реферат У.бр.59/2020
Oспорен: Членот 16 од Услови за каско осигурување на моторни и шински возила, донесени од Акционерско друштво за осигурување „ЕУРОЛИНК“ Скопје
Подносител на иницијативата: Бобан Богдановски, адвокат од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата смета дека оспорените одредби од Условите не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3(влаеење на правото) и со член 51 став 1 од Уставот(прописите мораат да бидат во согласност со Уставот и со закон).Според подносителот со оспорените одредби од Условите се зголемувала премијата(уплатат за осигурувањето) поради зголемен ризик без претходно на осигуреникот да му се предложела измена на договорот со нова стапка на премијата, која била пропишана во член 970 ставови 2-6 од Законот за облигациони односи, а членот 16 од Условите според наведеното во иницијативата го менува суштествениот елемент од договорот за осигурување-премијата и го повредувал член 981 став 6 од Законот за облигациони односи според кој за секој осигуран од ист период на осигурување морало да се исплатува надоместот во целост без намалување.
3.Реферат У.бр.8/2022
Оспорен: Членовите 19 до 25 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр. 36/1990, „Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 42/2010, 97/2010, 162/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013, 139/2014 и 233/2018.
Подносител на иницијативата: Глигорие Ќатоски, адвокат од Струга
Дел од наводите во иницијативата:
Според подносителот на иницијативата оспорениот член 19 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица е во колизија со членовите 105 и 106 од Законот за работни односи бидејќи согласно овие одредби работникот има право на заработувачка или плата при што плаќањето за работа воспоставувало двонасочна правна врска помеѓу платата како заработувачка и извршената работа врз основа на која се стекнувало право на плата. Подносителот наведува дека носителите на законодавната и извршната функција имале различен општествен статус, споредено со останатите работници во државата што било спротивно на членот 9 од Уставот и според него со одредбата се предвидувало исплата на плата по завршување на работниот однос во органот во кој биле именувани. Во иницијативата се наведува дека принципот на еднаквост пред законите бил целосно занемарен а како во ист поредок едни имале право на исплата на плата по завршувањето на работниот однос, а други такво право немале.
БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА:
1. Барање за заштита на слободи и права по предметот У.бр.52/2020
Подносител: Иса Нафи преку Кети Јандријеска Јованова, адвокат од Скопје
Дел од наводите во барањето:
Подносителот на барањето наведува дека е дискриминиран врз основа на национално потекло кое ја подразбира етничката припадност повредени со пресуди од редовните судови(V.П4-780/17 од 12.09.2019 на Основниот граѓански суд Скопје и Пресуда ГЖ-166/20 од 30.01.2020 на Апелациониот суд Скопје).
Од наводите во барањето за заштита на слободите и правата се проблематизираат пресудите на првостепениот и второстепениот суд, подносителот смета дека е поради погрешна примена на материјалното право и погрешно утврдена фактичка состојба, дека судовите пропуштиле да утврдат дека полициските службеници при нивната интервенција во ЦСР Битола со нивното постапување го повредиле достоинството на подносителот на барањето со тоа што создале застрашувачка, непријателска, понижувачка средина а токму поради неговата етничка припадност како Ром, поради што станувало збор за т.н продолжено вознемирување како облик на дискриминација кое го трпел подносителот на барањето.
По овој предмет се одржа јавна расправа на 25 ноември 2021 година. На расправата полномошникот Јандријеска-Јованова посочи дека повредата на правото на забрана на дискриминација врз основа на националното потекло кое ја подразбира и етничката припадност најпрво била сторена со дејствието на полициските службеници при нивната интервенција на спорниот датум што било причина за водење постапка пред надлежните судови.