Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, членот 71 и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 2 март 2022 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 389-а во делот „договорна“ од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009 и 161/2009 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2021).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на согласноста на одредбата означена во точката 1 на ова решение со членот 4, членот 5, членот 6, членот 7 и членот 8 од Законот за облигационите односи.
3. Дарко Јаневски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 од Решението.
Подносителот во иницијативата, наведува дека со оспорениот член 389-а во делот „договорна“ од Законот за облигационите односи, законодавецот ги ставал граѓаните во подредена положба, со тоа што пропишал дека исклучиво договорната камата не можела да го надмине главниот долг односно кога ќе се достигнел износот на главнината, каматата престанувала да тече, но не и кога се работело за казнена камата. Во таа смисла, законодавецот оставил можност, да се дојде до злоупотреба на правото во правниот промет, посебно од страна на субјектите кои имале монополска положба на пазарот. Исто така, законодавецот ги ставил во подредена дискриминаторска положба граѓаните кои од каква било причина биле приморани да потпишуваат договори без договорна камата во однос на граѓаните кои потпишувале договорна камата поради што ваквата одредба била спротивна на членот 9 од Уставот, согласно кој, сите граѓани биле еднакви пред Уставот и законите, како и тоа дека со таквата одредба се поттикнувало монополско однесување, што било спротивно на член 55 став 2 од Уставот, според кој Републиката обезбедувала еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, и Републиката преземала мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Подносителот наведува дека оспорената одредба била контрадикторна и во спротивност со членовите 4, 5, 6, 7 и 8 од Законот за облигационите односи од причина што, невозможно било да се има еднаков третман на давањето, а притоа да се нема злоупотреба на правото, односно придржување до начелото на совесност и чесност, односно забраната за злоупотреба на монополската положба, кога едни граѓани во однос на други граѓани биле ставени во подредена и нееднаква положба.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека со оспорената одредба којашто била нејасна и непрецизна, законодавецот кај граѓаните предизвикувал правна несигурност, а во однос на тоа дека правната сигурност била дел од владеењето на правото, истата била во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и во спротивност со членот 51 од Уставот согласно кој, во Република Северна Македонија законите морале да бидат во согласност со Уставот и законите, а сите други прописи со Уставот и закон, и секој бил должен да
го почитува Уставот и законите.
Согласно наведеното, подносителот бара, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 389-а во делот „договорна“, од Законот за облигационите односи, и истиот да го поништи, а до донесување на конечната одлука, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одредба.
4. Судот на седницата утврди дека членот 389-а од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009 и 161/2009 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2021), чиј дел е оспорен во оваа иницијатива, е со следната содржина:
„Кога износот на стасаната, а неисплатена договорна камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече“.
5. Според член 1 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Република Северна Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.
Согласно член 8 став 1 алинеja 3 од Уставот, владеењето на правото, е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Според член 55 став 2 од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
6. Со Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009 и 161/2009 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2021). се уредуваат основите на облигационите односи, договорните и други облигациони односи во прометот на стоки и услуги. (член 1).
а) Согласно член 259 став 1 од Законот, законодавецот ја определил договорната казна како паричен износ или некоја друга материјална корист за која должникот се обврзува да му ја плати на доверителот, односно да му ја прибави во случај ако не ја исполни својата обврска, или ако задоцни со нејзиното исполнување. Според ставот 2, ако не произлегува нешто друго од договорот, се смета дека казната е договорена за случај ако должникот задоцни со исполнувањето. Согласно ставот 3 од истиот член, договорната казна не може да биде договорена за парична обврска.
Според член 261 став 1 од Законот, спогодбата за договорната казна ја дели правната судбина на обврската на чие обезбедување се однесува.
Правата на доверителите се уредени со членот 262 од Законот. Согласно членот 1, кога казната е договорена за случај на неисполнување на обврската, доверителот може да бара или исполнување на обврската или договорна казна. Според членот 2, тој го губи правото да бара исполнување на обврската ако побарал исплата на договорната казна. Согласно членот 3, кога казната е договорена за случај на неисполнување, должникот нема право да ја исплати договорната казна и да се откаже од договорот, освен ако тоа била намера на договарачите кога ја договарале казната. Според членот 4 од истиот став, кога казната е договорена за случај должникот да задоцни со исполнувањето или неуредното исполнување, доверителот има право да бара и исполнување на обврската и договорна казна. И според членот 5, доверителот не може да бара договорна казна поради задоцнување или неуредно исполнување ако го примил исполнувањето на обврската, а без одлагање не му соопштил на должникот дека го задржува своето право на договорна казна.
Согласно наведените законски одредби, договорната казна претставува средство за исполнување на обврската, без оглед дали настапила или не настапила некоја штета за доверителот, должникот треба да ја плати според условите и претпоставките содржани во договорот, како и средство за надоместување на штетата којашто може да настане во случај на повреда на должниковата обврска, при што доволно е доверителот да докаже дека должникот ја повредил договорната обврска и врз основа на тоа да бара наплата на договорна казна без да докажува колкава штета претрпел (во случај претрпената штета да ја надминува висината на договорената казна, доверителот може да бара и разлика до целосниот надомест на штетата).
б) Законот за облигационите односи, во главата III за дејство на обврските (член 251 до член 283), меѓу другото со посебни одредби ја уредува и казнената камата (266 до член 268-а).
Согласно членот 266 од Законот, должникот кој ќе задоцни со исполнувањето на парична обврска долгува, покрај главнината, и казнена камата (став1). Стасаноста на обврската за плаќање на казнена камата се определува согласно со правилата на овој закон што се однесуваат на определувањето на времето на исполнување на обврските (став 2). Доколку стасаноста не може да се определи на овој начин, а станува збор за побарување од прометот на стоки и услуги меѓу трговци или трговци и лица на јавното право, обврската за плаќање на казнената камата стасува во еден од следниве денови, без потреба од доставување опомена: – 30 дена од денот на приемот на фактурата или соодветното барање за исплата или – ако денот на приемот на фактурата или соодветното барање за исплата не може да се определи со сигурност, 30 дена по приемот на стоките или услугите или – ако должникот ја прими фактурата или соодветното барање за исплата пред приемот на стоките и услугите, 30 дена од приемот на стоките или услугите или – ако со закон или договор е предвидена постапка за прием или потврдување со која се утврдува сообразноста на стоките или услугите, а должникот ја прими фактурата или соодветното барање за исплата пред или на денот на приемот или потврдувањето, 30 дена од денот на приемот, односно потврдувањето (став 3).
Според членот 266-а од Законот, стапката на казнената камата се определува за секое полугодие и тоа во висина на каматната стапка од основниот инструмент од операциите на отворен пазар на Народната банка на Република Македонија (референтна стапка), што важела на последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие, зголемена за десет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за осум процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата) (став 1). Кога паричната обврска е изразена или определена во странска валута, стапката на казнената камата се определува за секое полугодие и тоа во висина на едномесечна стапка на Еурибор за евра што важела на последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие, зголемена за десет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за осум процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата) (став 2). Во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право може да се договори и повисока стапка од стапката на законската казнена камата што важела на денот на склучување на договорот (договорна казнена камата), но најмногу до 50 проценти повисока од утврдената законска казнена камата (став 3). Целосно или делумно е ништовна одредбата со која се договара стапка повисока од стапката на законската казнена камата ако од околностите на случајот, трговските обичаи или природата на предметот на обврската произлегува дека со вака договорената стапка на казнена камата, спротивно на начелата на совесност и чесност, еднаква вредност на заемните давања и справедливоста, како и на одредбите за лихварските договори, е предизвикан очигледен несразмер меѓу правата и обврските на договорните страни (став 4). При оценувањето дали одредбата за определување на висината на стапката на договорната казнена камата е ништовна, предвид ќе се земе и дали постоеле оправдани причини за отстапување од висината на стапката на законската казнена камата (став 5). Народната банка на Република Македонија е должна на секој 2 јануари и на секој 1 јули да ја објави референтната стапка на својата веб страница и истата се применува за тековните шест месеци (до крајот на полугодието)(став 6). Како лица на јавното право, во смисла на овој закон, се сметаат лицата кои се обврзани да постапуваат според постапката за јавни набавки, освен трговците (став 7).
Согласно членот 267 од Законот, доверителот има право на казнена камата без оглед на тоа дали претрпел некаква штета поради должниковото задоцнување (став 1). Ако штетата што ја претрпел доверителот поради должниковото задоцнување е поголема од износот што би го добил на име казнена камата, тој има право да ја бара разликата до целосниот надомест на штетата (став 2).
Според членот 268-а од Законот, правилата од овој закон кои се однесуваат на казнената камата ќе се применуваат на сите должничко-доверителски односи, освен ако за некои од нив поинаку не е определено со друг закон.
Согласно наведените законски одредби, законодавецот предвидел дека кој ќе задоцни со исполнување на паричната обврска, долгува покрај главниот долг и казнена камата по стапката утврдена со закон. Доверителот има право на казнена камата без оглед на тоа дали претрпел штета поради должниковото задоцнување. Каматата всушност петставува цена која се плаќа за употребата на пари или за други заменливи предмети без тие да му се ставени некому на располагање, или некој ги користи без договор. Тој што должи камата не мора парите навистина да ги користи, доволно е да е во можност да ги користи или на некој начин, со неизвршување на својата обврска да спречи друго лице да ги користи.
в) Законот за облигационите односи, во глава V посветена меѓу другото и на паричните обврски со посебни одредби ја уредува и договорната камата (член 388-390).
Согласно членот 388 од Законот, стапката на договорната камата во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право се определува договорно, но не повисока од стапката на законската казнена камата утврдена во членот 266-а на овој закон, зголемена најмногу за 50 проценти (став 1). Стапката на договорната камата во договорите меѓу лица од кои барем едното не е трговец, не може да биде повисока од стапката на законската казнена камата за соодветната валута, што важела на денот на склучувањето на договорот, односно на денот на промената на каматната стапка, ако е договорена променлива каматна стапка (став 2). Ако во договорите меѓу лица од кои барем едното не е трговец е договорена повисока каматна стапка од дозволената, ќе се применува највисоката дозволена каматна стапка за соодветната валута (став 3). Целосно или делумно е ништовна одредбата за определување на висината на стапката на договорната камата ако од околностите на случајот, трговските обичаи или природата на предметот на обврската произлегува дека со вака договорената стапка на договорна камата, спротивно на начелата на совесност и чесност, еднаква вредност на заемните давања и справедливоста, како и на одредбите за лихварските договори, е предизвикан очигледен несразмер меѓу правата и обврските на договорните страни (став 4). При оценувањето дали одредбата за определување на висината на стапката на договорната камата е ништовна, предвид ќе се земе и кои биле причините за така определена висина на стапка на договорната камата (став 5). Ако плаќањето на каматата е договорено, а не е определена нејзината стапка, во договорите меѓу лицата од кои барем едното не е трговец се применува каматна стапка во висина од една третина од стапката на законската казнена камата за соодветната валута, а во трговските договори или договорите меѓу трговци и лицата на јавното право се применува каматна стапка во висина од една половина од стапката на законската казнена камата за соодветната валута, определена според одредбите на овој закон (став 6). Ако во трговските договори или договорите меѓу трговци и лица на јавното право е договорена повисока стапка на договорна камата од стапката на законската казнена камата, а притоа не е договорена договорна казнена камата, по задоцнувањето со исполнувањето на паричната обврска тече само договорната камата (став 7). Ништовна е одредбата на договорот која предвидува истовремено течење и пресметување на договорна казнена камата и законска казнена камата (став 8).
Според членот 388-б од Законот, ништовна е одредбата на договорот со која се предвидува дека на каматата, кога ќе пристигне за исплата, ќе почне да тече камата доколку не биде исплатена по нејзиното пристигнување, освен за депозитите кај банките, штедилниците и другите финансиски институции.
Согласно членот 389 од Законот, дозволена е договорната одредба со која однапред се договара зголемување на годишната каматна стапка, до највисоко допуштената, во случај должникот да не ги исплати пристигнатите договорни камати навреме
Според членот 389-а од Законот, кога износот на стасаната, а неисплатена договорна камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече.
Согласно членот 390 од Законот, одредбите на овој закон за договорната камата сообразно важат и за другите обврски што за предмет имаат предмети определени според родот.
Според законското уредување, договорната камата сфатена како цена која се плаќа за употреба на паричните средства или други по род одредени предмети дадени на заем односно кредит или отстапени на друг начин на должникот, за свој основ на настанување го има договорот, односно дали таа ќе биде предвидена зависи од волјата на страните во дадениот облигационен однос.
7. Наводите на подносителот според коишто, оспорената одредба од членот 389-а во делот „договорна“ од Законот за облигационите односи, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, членот 9, членот 51 и член 55 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, ги сметаме за неосновани, од следните причини:
а) Според законската содржина, којашто ја уредува казнената камата, се укажува на тоа дека долгувањето на казнената камата на должникот е поврзана со две околности. Првата е должникот да паднел во задоцнување со исполнување на главниот долг, а втората е, задоцнувањето да се однесува на исполнување на парични обврски. Одтука произлегува дека задоцнувањето на главната обврска не е доволно само по себе да го обврзе должникот на плаќање и на казнена камата, туку за тоа е потребно уште и задоцнувањето да се однесува на парична обврска. Исто така, казнената камата, гледана како парична казна, а со тоа и како споредна обврска на должникот да се плати на доверителот, постои секогаш (без исклучок), кога должникот ќе задоцни со враќање на главниот долг.
Имајќи го предвид правното уредување на законската и договорната камата, произлегува дека постојат суштествени разлики во нивната правна природа и цел. Одтука, неспорно е дека, казнената камата како акцесорна обврска на должникот, настанува по сила на законот, додека пак, договорната камата својата основа на настанување ја има во договорот односно, дали таа ќе биде предвидена зависи исклучиво од волјата на страните на договорниот однос. Тоа би значело, дека за плаќањето на казнената камата не е потребно ништо друго освен задоцнувањето на должникот од конкретниот облигационен однос, додека пак кај договорната камата, покрај задоцнувањето на должникот се бара уште и тоа, таа изречно да биде предвидена во облигациониот однос.
Во суштина, подносителот смета дека со евентуалното укинување на делот „договорна“ од членот 389-а, ќе го постигне ефектот на којшто неосновано смета дека и во случаите со законска камата ќе се постигне, а е предвиден со договорната камата, односно и износот на законската камата ќе престане да тече кога ќе се достигне износот на главнината, без да ги има предвид суштествените разлики помеѓу договорната и казнената камата.
Принципот на еднаквоста се нарушува, ако на ист вид субјекти во ист правен однос им се даваат различни по вид и обем права и обврски и обратно, ако на различен вид субјекти во ист правен однос им се даваат исти по вид и обем права и обврски. Но во конкретниот случај односите кои настануваат помеѓу субјектите врз основа на законските одредби кои ја уредуваат договорната камата, и односите помеѓу субјектите кои настануваат врз основа на одредбите кои ја уредуваат законската казнена камата, се во суштина два различни правни односи, односно, две суштински различни правни ситуации. Во такви околности во различни правни односи оправдано и целисходно е субјектите (кои можат да бидат од ист вид), да имаат различни по вид и обем права и обврски, како што впрочем и имаат субјектите кои влегуваат во правни, облигациони односи согласно оспорениот член 389-а во однос на субјектите кои влегуваат во правни, облигациони односи согласно одредбите од Законот за облигационите односи кои ја уредуваат казнената камата (членови 266 до 268-а).
Согласно наведеното, Судот утврди дека одредбата од членот 389-а во делот „договорна“, од Законот за облигационите односи не го повредува членот 9 од Уставот на Република Северна Македонија.
б) Со член 55 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Уредувањето во член 55 став 2 од Уставот, има за цел да ја обврзе Републиката, еднаквата правна положба на субјектите на пазарот да ја обезбеди преку утврдување на такви услови за одвивање на меѓусебните односи на субјектите на пазарот, како и нивните односи со државата, кои ќе бидат еднакви за сите субјекти на пазарот, а не тие субјекти да ги изедначи со оглед на посебните уредувања во рамките на односите во кои стапуваат. Тоа значи дека во сферата на должничко-доверителските односи уставното начело за еднаквоста на субјектите на пазарот ја обврзува Републиката при законското уредување на тие односи да пропише еднакви услови за одвиваање на тој однос кои еднакво ќе се однесуваат на сите доверители во деловите што се однесуваат на доверителите односно еднакво ќе се однесуваат на сите должници во деловите што се однесуваат на должниците.
Согласно наведеното, имајќи предвид дека во конкретниот случај станува збор за две правни состојби т.е правни односи коишто суштински се разликуваат, односно, договорната камата својот основ за настанување го има во договорот, односно зависи исклучиво од волјата на страните, додека пак, законската камата настанува по сила на законот, и истата постои без исклучок кога должникот ќе задоцни со враќањето на главниот долг. Во секој од овие два различни правни односи законски се уредени еднакви услови за одвивање на односите, но во секој од двата различни односи посебно, Судот утврди дека со оспорената одредба од член 389-а во делот „договорна“, од Законот, не се поттикнува монополско однесување од страна на законодавецот, ниту се доведуваат во дискриминирачки и нееднаков однос субјектите кои во соодветните односи се јавуваат како должници, поради што, не може да се постави прашањето за нејзината согласност со член 55 став 2 од Уставот.
в) Имајќи предвид, дека принципот на владеењето на правото го обврзува законодавецот да создава прецизни, недвосмислени и јасни норми, бидејќи само таквите правни норми можат да претставуваат солидна основа за постапување од страна на државните органи, сметаме дека во конкретниот случај законско решение содржано во оспорената одредба е јасно, прецизно, а пред се е поповолно за граѓаните, од причина што, се овозможува ефикасен начин на справување со стекнувањето на т.н незаработени доходи, а со цел подобро функционирање, раководење, организирање и заштита на добрите деловни односи, а со тоа се гарантира правната сигурност на граѓаните како составен дел на принципот на владеењето на правото.
Поради наведеното, оспорената одредба од членот 389-а во делот „договрна“, од Законот за облигационите односи, не го повредува принципот на владеење на правото како темелна вредност утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија,
г) Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 389-а во делот „договорна“ од Законот за облигационите односи, со член 8 став 1 алинеја 3, членот 9, членот 51 и член 55 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.
д) Во однос на наводите од иницијативата дека оспорената одредба била контрадикторна и во спротивност со членот 4, членот 5, членот 6, членот 7 и членот 8 од Законот за облигационите односи, всушност претставува барање Судот да одлучува за меѓусебната согласност на оспорената законска одредба со одредбите од Законот за облигационите односи, што е надвор од надлежностите на овој суд утврдени во членот 110 од Уставот порадшто Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во овој дел.
8. Што се однесува до барањето во иницијативата за донесување решение за времена мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорениот член 389-а во делот „договорна“ од Законот за облигационите односи, бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици, Судот утврди дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за донесување на вакво решение.
9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.127/2021
2 март 2022 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска