У.бр.108/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 2 март 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за усвојување на конечниот Предлог- детален урбанистички план – урбана единица “В” – блок 8 – Општина Гостивар, број 08-2101/1 од 25.12.2020 година(“Службен гласник на Општина Гостивар” бр.11 од 25.12.2020 година).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот во кој се бара оцена на меѓусебната согласност на Одлуката означена во точката 1 од ова решение со членовите 28 и 33 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и Уредбата за определување и реонизација на зони на градовите и населените места.

3. Шенол Ризванче од Гостивар, преку полномошникот Вергин Шабани, адвокат од Гостивар, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорениот акт се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија предвидени во член 8 став 1 алинеи 1 и 3 и членот 9 од Уставот, како и членовите 28 и 33 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, член 36 став 1 точка 15 од Законот за локалната самоуправа и Уредбата за определување и реонизација на зони на градовите и населените места.

Според наводите во иницијативата Одлуката на Советот на Општина Гостивар бр.08-2101/1 од 25.12.2020 година која се однесувала за катастарските парцели КП бр.3748, 3726, 3749 и 3728 КО Гостивар 1 во блок 8 била во спротивност со наведените акти од причина што со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање истите биле наменети за домување во станбени згради А-А2.

Подносителот на иницијативата бил сопственик на градежната парцела КП бр. 3758 КО Гостивар која се граничела со КП 3748 КО Гостивар 1 предмет на оспорената одлука. Оспорената одлука била во целост противречна од причина што со Деталниот урбанистички план во блок 8 не била опфатена и градежната парцела на подносителот на иницијативата која се граничела со другите парцели коишто се предмет на оспорената одлука.

Во оспорената одлука бр.08-2101/1 од 25.12.2020 година на Советот на Општина Гостивар за КП бр.3748, 3726, 3749 и 3728 КО Гостивар во блок 8 биле вклучени само наведените парцели, но не и парцелата на подносителот на иницијативата. Градежната парцела на подносителот на иницијативата КП бр.3758 КО Гостивар била оставена со намена А-А1 домување во станбени куќи.

Подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одлука граѓаните се ставале во нееднаква положба од причина што во конкретниот случај градежната парцела КП бр.3758 КО Гостивар, сопственост на подносителот на иницијативата, добивала помала пазарна вредност од причина што останува со намена А-А1, а се граничи со градежните парцели што се предмет на иницијативата, а истата се наоѓа во блок 8.

Оспорената одлука, исто така, била во директна спротивност со членот 9 од Уставот, членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права, членот 1 од Протоколот 12 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и член 8 став 2 од Законот за заштита од дискриминација.

Имено, подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одлука граѓаните коишто се сопственици на градежното земјиште предвидено во блок 8 директно биле дискриминирани од причина што нивните парцели биле ставени со намена А-А1, а парцелите опфатени во оспорената одлука со новиот Детален урбанистички план биле со намена А-А2.

Според наводите во иницијативата истите биле дискриминирани од причина што цел блок 8 од Деталниот урбанистички план бил предвиден од страна на Општина Гостивар А-2- градба намена- Домување во станбени згради, а само мал дел останал со намена Домување-станбени куќи.

Од наведените причини се предлага Уставниот суд да ја укине оспорената одлука.

4. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука предвидува:

Врз основа на член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија“ бр.05/02) и во врска со член 39 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018) градоначалникот на Општината му предлага на Советот на Општина Гостивар да на 31 седница одржана на 25.12.2020 година, донесе

О Д Л У К А

За усвојување на конечниот Предлог Детален Урбанистички план- Урбана единица “В” – Блок 8- Општина Гостивар за плански период 2017-2022, површина на опфатот 18.6433 Ха-Општина Гостивар.

Член 1

Со донесување на оваа одлука се усвојува конечниот Предлог детален урбанистички план Урбана единица “А” – Блок 8- Општина Гостивар за плански период 2017-2022, површина на опфатот 18.6433 Ха, што ги опфаќа овие граници:

 Од северна страна по Ул.”101” по граница со Блок 8,
 Од источна страна со железничката пруга Скопје-Кичево,
 Од јужна страна по Бул.”Гоце Делчев” и по граница со Блок 9,
 Од западна страна по Ул.”Беличица” и Ул.”С.Крстески”.

Член 2

ДУП се прикажува во текстуалниот и графичкиот приказ што претставува составен дел на оваа одлука.

Член 3

Оваа одлука стапува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на Општина Гостивар”.

Претседател на Совет,
Бесим Мемеди

5. Во фаза на претходна постапка од прибавената писмена документација, Судот ја утврди следната фактичка состојба:

– Годишна програма за изработка, измена и дополна како и донесување на урбанистички планови во Општина Гостивар за 2017 година, донесена од Советот на Општината, број 08-342/1 од 09.02.2017 година;
– Годишна програма за изработка, измена и дополна како и донесување на урбанистички планови во Општина Гостивар за 2018 година, донесена од Советот на Општината, број 08-564/1 од 20.03.2018 година;
– Годишна програма за изработка, измена и дополна како и донесување на урбанистички планови во Општина Гостивар за 2019 година, донесена од Советот на Општината, број 08-202/1 од 24.01.2019 година;
– Годишна програма за изработка, измена и дополна како и донесување на урбанистички планови во Општина Гостивар за 2020 година, донесена од Советот на Општината, број 08-290/1 од 26.12.2019 година;
– Решение за формирање на Комисија за урбанизам број 23-1321/13 од 03.01.2017 година;
– Геодетски елаборат за ажуриранатта геодетска подлога бр.0801-78/3 од 10.05.2019 година;
– Планска програма со технички број ПП-08/2017 од април 2017 година изработена од “ГоПлан” Доо- Гостивар;
– Предлог за одобрување на планска програма број 23-1321/7 од 28.04.2017 година од Комисијата за урбанизам;
– Решение за одобрување на планска програма број 23-1321/7 од 02.05.2017 година, потпишано од Градоначалникот;
– Решение за измена и дополна на Комисија за урбанизам број 23-1321/13 од 03.01.2018 година;
– Потврда за заверка на одобрена Планска програма со број 23-1321/13 од 03.01.2018 година;
– Предлог-план- Измена и дополна на Детален урбанистички план Гостивар Урбана единица – “А” – Блок – 8 –КО Гостивар-1, Општина Гостивар, плански период(2017-2022), плански опфат (18.6433ха), изработен од “ГоПлан” Доо- Гостивар, технички број 08/2017 од јануари 2018 година;
– Стручно мислење на Предлог-планот од Комисијата за урбанизам број 23-1321/15 од 05.02.2018 година;
– Решение формирање на Комисијата за спроведување на јавна презентација и јавна анкета бр.23-1321/18 од 06.02.2018 година;
– Соопштение за оганизирање на јавна презентација и јавна анкета од Градоначалникот на Општината број 23-1321/17 од 06.02.2018 година;
– Записник од јавна презентација и јавна анкета број 23-1321/49 од 05.03.2018 година;
– Извештај од јавна презентација и јавна анкета по планот број 23-1321/49 од 05.03.2018 година;
– Заклучок број 23-1321/51 од 23.08.2018 година од Комисијата за урбанизам, дека има потреба од повторна јавна анкета и јавна презентација;

Повторна јавна анкета:
– Одлука за организирање на повторна јавна анкета и јавна презентација од градоначалникот на општината број 23-1321/52 од 24.08.2018 година;
– Соопштение за организирање на повторна јавна анкета и јавна презентација на планот од градоначалникот на општината број 23-1321/53 од 24.08.2018 година и доказ за објава во две јавни гласила(Нова Македонија и Коха);
– Известување до субјекти за учество на јавна анкета и јавна презентација од градоначалникот на општината број 23-1321/54 од 24.08.2018 година;
– Решение за формирање на Комисија за спроведување на јавна презентација и јавна анкета број 23-1321/55 од 24.08.2018 година од градоначалникот на општината;
– Решение за измена и дополна на Решението бр,23-1321/55 за формирање на Комисија за спроведување на јавна презентација и јавна анкета број 23-1321/55-1 од 24.08.2018 година;
– Записник од јавна презентација и јавна анкета број 23-1321/55-2 од 30.08.2018 година;
– Извештај од јавна презентација и јавна анкета број 23-1321/69 од 12.09.2018 година;
– Решение за измена и дополна на Комисијата за урбанизам број 23-1321/70/1 од 11.03.2019 година;
– Стручно мислење на предлог планот од Комисијата за урбанизам број 23-1321/70/2 од 12.03.2019 година;
– Заклучок бр.23-1321/98 од 27.03.2020 година од Комисијата за спроведување на јавна презентација и јавна анкета дека има потреба од повторна јавна презентација и јавна анкета.

Повторна Јавна анкета:
– Одлука за организирање на повторна јавна анкета и јавна презентација од градоначалникот на општината број 23-1321/99 од 27.03.2020 година;
– Соопштение за организирање на јавна анкета и јавна презентација на планот од Градоначалникот на општината број 23-1321/100 од 27.03.2020 година и доказ за објава во две јавни гласила(Нова Македонија и Коха);
– Решение за формирање на Комисија за спроведување на јавна презентација и јавна анкета број 23-1321/102 од 27.03.2020 година од градоначалникот на општината;
– Записник од јавна презентација и јавна анкета број 23-1321/102-1 од 03.04.2020 година;
– Извештај од јавна презентација и јавна анкета по планот број 23-1321/118 од 21.04.2020 година;
– Решение за измена и дополна на Комисијата за урбанизам број 23-1321/70-1 од 11.03.2019 година
– Стручно мислење по планот од Комисијата за урбанизам број 23-1321/120 од 14.05.2020 година;
– Заклучок бр.23-1321/121 од 15.05.2020 година од Комисијата за спроведување на јавна презентација и јавна анкета од Комисија, согласно член 35 од Законот,
– Конечен предлог план – Измена и дополна на Детален урбанистички план Гостивар урбана единица – “А” – блок – 8 –КО Гостивар-1, Општина Гостивар, плански период(2017-2022), плански опфат (18.6433ха), изработен од “ГоПлан” Доо- Гостивар, технички број 08/2017 од октомври 2020 година;
– Извештај од извршена стручна ревизија изготвена од “Урбан Гис”-доо Куманово со тех.бр. Р.У.-39-19 од Ноември 2020 година,
– Одлука за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животна средина донесена од градоначалникот на општината број 20-1388/1 од 10.09.2019 година,
– Известување од Министерството за животна средина и просторно планирање по одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животна средина број УП1-15-1332/2019 од 24.09.2019 година,
– Мислење од Министерство за култура- Управа за заштита на културното наследство број 17-1293/2 од 19.03.2019 година,
– Мислење за утврдена состојба од Агенција за катастар на недвижности со број 0939-6286/2 од 02.06.2020 година.

Мислења од надлежните органи институции согласно член 32 од Законот:
– Мислење од Дирекцијата за заштита и спасување број 09/03-183/2 од 17.10.2019 година,
– Мислење од Министерство за образование и наука број 09-9047/1 од 19.08.2019 година,
– Известување од ЈП за државни патишта бр.10-9695/2 од 22.09.2020 година,
– Мислење од Министерство за култура- Управа за заштита на културното наследство број 17-1734/2 од 21.05.2020 година,
– Мислење од “Електродистрибуција”- ДООЕЛ Скопје број 10-5554/2 од 25.10.2019 година,
– Мислење од ЈП “Македонски железници” број 2001-1509/1 од 08.04.2017 година
– Мислење од “МЕПСО” број 02-1874/1 од 04.04.2017 година,
– Мислење од “Македонски Телеком”- АД скопје број 07-195376/2 од 03.04.2019 година,
– Мислење од ЈП “Комуналец” број 03-54/2/1-С од 01.04.2019 година,
– Мислење од АД “ГАМА”- Скопје од 15.09.2020, и
– Согласност на Министерство за транспорт и врски број 24-7342/2 од 11.12.2020 година,
– По добивањето на согласноста од Министерството за транспорт и врски градоначалникот на Општина Гостивар на 25.12.2020 година достави предлог до Советот на Општина Гостивар за усвојување на конечниот предлог на предметниот Детален урбанистички план.
– Записник од седницата на Советот на Општина Гостивар одржана на 25.12.2020 година на која како 26 точка од дневниот ред е разгледан предлогот на градоначалникот, и по што Советот на Општина Гостивар ја донел оспорената Одлука.

6. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.
Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Северна Македонија, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичко планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Според член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 43 од Уставот, секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Просторното и урбанистичкото планирање е предмет на уредување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 119/2014, 44/2015 –две измени, 193/2015, 31/2016, 163/16 и 64/2018) којшто во членот 1 определува дека со овој закон се уредуваат условите и системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите на планска документација и постапката за изработување и донесување на истата како и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.

Според членот 26 од Законот, урбанистичките планови се изработуваат врз основа на планска програма со која се утврдува границата и содржината на планскиот опфат и истата се состои од текстуален и графички дел.

Според членот 28 од Законот, стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето при донесување на детален урбанистички план се спроведува само доколку не била спроведена стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето при донесувањето на генералниот урбанистички план врз основа на кој е изработен предметниот детален урбанистички план. Донесувачот на урбанистичките планови и урбанистичко-планската документација од ставот 1 на овој член е должен по донесување на годишната програма од член 20 став 1 на овој закон, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на оценката, на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина.

Согласно член 29 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, деталниот урбанистички план се изработува во една фаза, како предлог на план.

Во членот 31 од Законот е определено дека предлогот на деталниот урбанистички план го изработува изработувачот на урбанистичкиот план, во согласност со одобрената планска програма од членот 26 на овој закон.

Во членот 33 од Законот е предвидено дека по изготвување на предлогот на деталниот урбанистички план, надлежната комисија за урбанизам од членот 23 на овој закон, должна е во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам, да даде стручно мислење за согледување на степенот на усогласеноста на планот со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на истиот. Надлежната комисија од членот 23 на овој закон е должна мислењето од став 1 на овој член да го даде во рок од осум работни дена од денот на доставување на предлогот на детален урбанистички план од страна на изработувачот на урбанистичкиот план, а во спротивно ќе се смета дека е издадено позитивно мислење. Изработувачот на урбанистичкиот план, должен е да постапи по стручното мислење од ставот 1 на овој член и да го достави предлогот на планот до донесувачот на урбанистичкиот план.

Согласно членот 35 од Законот, јавна презентација и јавна анкета се спроведува на предлог на детален урбанистички план, по добивање на стручно мислење на предлогот на план согласно член 33 на овој закон. Општината, односно општината во Градот Скопје, започнува постапка за спроведување на јавна презентација и јавна анкета за предлогот на деталниот урбанистички план, најдоцна во рок од пет работни дена по приемот на предлогот на урбанистичкиот план за кој е дадено стручно мислење согласно член 33 на овој закон.

За одржувањето на јавна презентација и јавна анкета се известуваат субјектите од член 32 став 1 на овој закон, во електронска форма преку информациски систем е-урбанизам, а се објавува и соопштение во информациски систем е-урбанизам, како и во две јавни гласила, најмалку три работни дена пред започнувањето на јавната анкета. Јавната анкета од ставот 1 на овој член истовремено се спроведува и во електронска и во писмена форма. Јавната анкета во електронска форма се спроведува преку информацискиот систем е-урбанизам, а јавната анкета во писмена форма се спроведува со излагање на планот на јавно место коешто се наоѓа во општината или во просториите на општината. Јавната презентација е стручно презентирање на планот коешто се организира во рамките на јавната анкета и трае еден работен ден.

Јавната анкета за предлог на детален урбанистички план трае најмалку десет работни дена, во кој рок субјектите од член 32 став 1 на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат на анкетни листови да достават забелешки и предлози по предлогот на планот, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам или во писмена форма. Доколку во роковите утврдени во ставот 8 на овој член субјектите од член 32 став 1 на овој закон и другите учесници, не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение.

За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за урбанистичкиот план, од страна на стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, односно општината на Градот Скопје, која е составена од три члена и тоа претставник на изработувачот на планот, вработено лице во општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.

Извештајот од ставот 10 на овој член се изработува најдоцна во рок од пет работни дена од денот на завршување на јавната анкета и истиот е составен дел на предлогот на планот, а се прикачува и во електронска форма во информацискиот систем е-урбанизам. Врз основа на извештајот, комисијата од ставот 10 на овој член е должна, во рок од пет работни дена од изготвувањето на извештајот да го извести секој субјект од член 32 став 1 на овој закон и секое физичко и правно лице кои поднеле анкетен лист, со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози, при што лицата кои поднеле анкетен лист во електронска форма се известуваат електронски преку информациски систем е-урбанизам, а лицата кои поднеле анкетен лист во хартиена форма се известуваат писмено.

Доколку комисијата од ставот 10 на овој член оцени дека предлогот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промена на регулациона линија и промена на намената на земјиштето), повторно се спроведува јавна презентација и јавна анкета. Повторената јавна анкета и јавна презентација трае најмалку пет работни дена. Изработувачот на планот изработува конечен предлог на урбанистичкиот план, најдоцна во рок од 10 работни дена од изготвувањето на извештајот од ставот 10 на овој член и истиот го доставува до донесувачот на урбанистичкиот план.

Според членот 36 од Законот, донесувачот на урбанистичкиот план е должен веднаш по приемот на конечен предлог на детален урбанистички план, преку информацискиот систем е-урбанизам во електронска форма, да достави барање за мислење до органот надлежен за заштита на културното наследство, органот надлежен за заштита на животната средина, органот надлежен за здравствената заштита, органот надлежен за социјалната заштита, органот надлежен за образованието, Агенцијата за катастар за недвижности, на општините во Градот Скопје и до Градот Скопје.

Агенцијата за катастар на недвижности е должна да даде мислење за утврдената состојба по извршеното споредување на податоците од урбанистичкиот план со податоците од катастарскиот план, а Градот Скопје дали предлогот на детален урбанистички план на општините во Градот Скопје е во согласност со Генералниот урбанистички план и дали се почитувани одредбите за примарната сообраќајна мрежа на Генералниот урбанистички план на Градот Скопје. Субјектите од ставот 3 на овој член се должни во рок од пет работни дена од приемот на барањето од ставот 1 на овој член, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам да дадат мислење, а во спротивно ќе се смета дека немаат забелешки и дека е дадено позитивно мислење, при што евентуалните идни штети настанати поради непостапувањето, ќе бидат на товар на органот којшто не постапил по барањето.

До органот надлежен за заштита на културното наследство и до органот за заштита на животната средина, се доставува барање за мислење, само доколку истите доставиле забелешки и предлози на урбанистичкиот план во текот на јавната анкета, а до органот надлежен за здравствена заштита доколку во планскиот опфат има градби со намена здравствена заштита, до органот надлежен за социјална заштита доколку во планскиот опфат има градби со намена социјална заштита и до органот надлежен за образование доколку во планскиот опфат има градби со намена образование и наука и со намена групно домување во функција на образование.

Во членот 37 од Законот е регулирана постапката за стручна ревизија на планот и е предвидено дека на конечниот предлог на урбанистичкиот план се врши стручна ревизија со која се утврдува дали е изработен во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Стручна ревизија врши правно лице кое поседува лиценца за ревизија на урбанистички планови. За извршената стручна ревизија, се изготвува извештај за стручна ревизија на урбанистичкиот план, во кој се констатира дали е изработен во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на истиот или има недостатоци коишто треба да се отстранат.

Во членот 38 од Законот е уредена постапката за давање согласност на урбанистичкиот план од страна на органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека е изработен во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Надлежниот орган е должен во рок од 20 работни дена од денот на поднесувањето на барањето за добивање на согласност од страна на донесувачот на планот, да издаде согласност или да достави известување за констатирани недостатоци на урбанистичкиот план до донесувачот на урбанистичкиот план, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам. Органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, при повторно разгледување на урбанистички план за кој претходно било издадено известување за недостатоци согласно ставот 2 на овој член, не може да наведе нови недостатоци коишто претходно не биле наведени во известувањето за недостатоци, освен доколку повторно е спроведена јавна анкета, или кога постојат нови податоци коишто не биле приложени со барањето за добивање согласност на урбанистичкиот план за кој претходно било издадено известување за недостатоци. По добивањето на согласноста, урбанистичкиот план се доставува до донесувачот на урбанистичкиот план, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам.

Во членот 39 од Законот е предвидено дека градоначалникот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје е должен најдоцна три работни дена по добивање на согласноста од член 38 став 2 на овој закон, а доколку не е издадена согласност и не е доставено известување за констатирани недостатоци на урбанистичкиот план, по истекот на рокот за издавање на согласност утврден во член 38 став 2 на овој закон, да го достави предлогот на планот во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам, до советот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје, а претседателот на Советот е должен предлогот на планот да го стави на првата наредна седница на Советот, а Советот е должен да одлучи по истиот на истата седница.

Според ставот 9 на член 39 од истиот закон урбанистичкиот план се смета дека е донесен доколку за одлуката за донесување на урбанистичкиот план гласале најмалку 1/3 од вкупниот број членови на Советот на општината, општината во Градот Скопје односно Градот Скопје, а при тоа нивниот број не е помал од бројот на членовите на Советот на општината, општината во градот Скопје, односно Градот Скопје кои гласале против одлуката за донесување на урбанистичкиот план.

Во иницијативата не се укажува на повреда на фази од постапката за донесување на планот, туку само на карактерот на катастарските парцели опфатени во просторот кој е предмет на конкретниот урбанистички план, меѓутоа Судот по службена должност се впушти во конкретна анализа и на спроведувањето на постапката во смисла на одредбите на Зaконот за просторно и урбанистичко планирање.

Имено, според Судот, општината како единица на локалната самоуправа има законски овластувања да ги утврдува условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичко планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање. Оттука, јасно произлегува законската обврска и можност на општината да го уредува просторот и да врши урбанистичко планирање на истиот што значи дека општината може да одлучува кои катастарски парцели ќе бидат опфатени во простор со намена А-А1 домување во станбени куќи, а кои во простор за домување во станбени згради А-А2, на што се укажува во иницијативата, но тоа мора да го направи во рамките на овластувањата дадени во Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Така, тргнувајќи од наведената фактичка состојба утврдена во текот на претходната постапка, Судот оцени дека во конкретниот случај Општина Гостивар ги испочитувала сите фази на постапката за донесување на Детален урбанистички план како што предвидува Законот за просторно и урбанистичко планирање кој важел во време на донесување на истиот, а за што Уставниот суд по службена должност внимава и ја цени постапката за донесување на планот. Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорената одлука се повредувале темелните вредности на уставниот поредок кои се предвидени во членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 10 од Уставот. Имено, Советот на Општина Гостивар во постапка предвидена со Законот за просторно и урбанистичко планирање ја донел сега оспорената одлука и ја исполнил својата законска обврска да го уредува просторот и да врши урбанистичко планирање.

Притоа, стандардите и нормативите за урбанистичко планирање посебно се разработени во Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање. Правилникот според хиерархијата на правните акти е подзаконски акт, односно акт од ист правен ранг како и оспорената одлука за донесување на конкретниот урбанистички план.

По однос на наводите во иницијативата за несогласноста на оспорената одлука со Уредбата за определување и реонизација на зони на градовите и населените места, Судот оцени дека истото претставува барање за оцена на меѓусебна согласност на подзаконски акти.

Имајќи го предвид наведеното произлегува дека по однос на наводот дека со оспорената одлука била сторена повреда на членовите 28 и 33 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, како и тоа дека оспорената одлука била во спротивност со Уредбата за определување и реонизација на зони на градовите и населените места, Судот оцени дека по однос на овој дел од иницијативата се исполнети условите за отфлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот. Ова од причина што, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд нема надлежност да ја цени меѓусебната согласност на актите од ист правен ранг (одлука, уредба и правилник).

Со оглед на фактот што Советот на Општина Гостивар постапил во смисла на цитираните одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија предвидени во член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 10 од Уставот, а кои се однесуваат на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните, како и на принципот на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата. Исто така, според Судот, оспорената одлука е донесена во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, што значи дека Советот на Општина Гостивар при донесување на оспорената одлука ги почитувал сите фази од постапката предвидени во наведениот закон.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.108/2021
02.03.2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска