Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 9 март 2022 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 102 став 1 точка д), точка ж) во делот: „кое има тешко хронично заболување” и точка з) од Законот за семејството („Службен весник на Република Македонија” број 80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014, 115/2014, 104/2015, 150/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 53/2021).
2. Василчо Илијев, адвокат од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од Решението.
Според наводите од иницијативата, оспорените одредби од член 102 став 1 точка д), точка ж) во делот: „кое има тешко хронично заболување” и точка з) од Законот за семејството, биле спротивни со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 8 и 11, членот 9, членот 40, членот 41, членот 51, членот 54 и членот 112 од Уставот на Република Северна Македонија.
Член 40 став 1 од Уставот, гарантирал дека Републиката обезбедува посебна грижа и заштита на семејството, а член 41 став 1 од Уставот, утврдувал право на човекот слободно да одлучува за создавање на деца, меѓутоа, овие уставно загарантирани права, не им биле достапни на лицата опфатени со оспорените законски одредби.
Иако членот 9 од Уставот, гарантирал еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите и почитување на принципот на недискриминација, според подносителот, повредена била уставната гаранција за еднаквост во слободите и правата независно од општествената положба, бидејќи на лицата со физичка попреченост и хронично болните лица директно им се забранувало да станат посвоители со што биле ставени во нееднаква положба во однос на другите граѓани кои можеле да се јават во улога на посвоители. Дополнително оваа катагорија на лица со физичка попреченост кои сакале да го остварат своето загарантирано право на родителство преку посвојување, се ставале во нееднаква положба и во однос на другите лица со физичка попреченост кои се одлучиле родителството да го остварат како биолошки родители на своите деца. Тоа разликување, било потполно нелогично и во спротивност со принципот на хуманизмот и почитувањето на човековото достоинство, како врвна правна вредност. Таквото ограничување излегувало надвор од уставно утврдените случаи на ограничување на слободите и правата од членот 54 од Уставот, според кој слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, односно за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот.
При уредувањето на оспорените законски одредби, не биле испочитувани низа меѓународно-правни инструменти со кои се гарантирало правото на секој човек да биде третиран еднакво и на основа на неговото вродено достоинство (се нагласува посебно Конвенцијата за правата на лицата со попреченост), поради што подносителот смета дека оспорените законски одредби биле спротивни на темелната вредност на уставниот поредок за почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право од член 8 став 1 алинеја 11 од Уставот.
Меѓународните правни акти како што се Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и неговиот член 23, членовите 1 и 2 од Универзалната декларација за човековите права, како и член 2 точка 2 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, содржеле норми за правото на секој човек на еднаков третман и недискриминација.
Наспроти целта што била истакната со членот 1 од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, а таа била унапредување, заштита и обезбедување на целосно и еднакво уживање на сите човекови права и основни слободи на лицата со попреченост, како и унапредување на почитувањето на нивното вродено достоинство, лицата со попреченост се соочувале со оневозможеност и бариери во општеството и средината коишто го попречувале нивното целосно и ефикасно учество во општеството на еднаква основа со другите, поради што овие лица биле ефективно дискриминирани. Комитетот за правата на лицата со попреченост во Општиот коментар за еднаквост и недискриминација (2018), во точката 61 забележал дека „лицата со попреченост честопати се соочувале со дискриминација во остварувањето на правото на стапување во брак или на родителските и семејни права поради дискриминаторски закони, политики и административни мерки. Родителите со попреченост често се сметале за несоодветни или неспособни да се грижат за своите деца”.
По овие наводи подносителот наведува дека наместо државата да го поддржува засновањето на семејството на лицата со попреченост, како операционализација на принципот на хумана популациона политика, таа преку дискриминаторски законски одредби го оневозможувала истото, а обврска на државата била да создаде услови преку достапни социјални услуги на асистенција и полна пристапност на сите нивоа, сите лица со попреченост да можат да се остварат како родители.
Со иницијативата се посочува пракса на Европскиот суд за човекови права во Стразбур (E.B. v. France бр. 43546/02), параграф 43, каде Судот навел дека: „членот 8 сам по себе не гарантира право на основање семејство или право на посвојување”. Сепак, Судот нагласил дека било можно жалбата за дискриминација да влезе во опсегот на одредено право, дури и кога прашањето за кое станувало збор, не било поврзано со конкретно загарантирано право со Европската конвенција за заштита на човековите права. Поимот „приватен живот” во рамките на значењето на членот 8 од Конвенцијата бил широк концепт кој ги опфаќал, меѓу другото, и правото на формирање и развивање односи со другите луѓе … правото на „личен развој” … или правото на самоопределување како такво, односно дека тоа опфаќало елементи како што биле имиња … родова идентификација, сексуална ориентација и сексуален живот, коишто влегувале во личната сфера заштитена со членот 8 … и правото на почитување на одлуката да се има и да се нема деца.
Оспорените законски одредби од член 102 став 1 од Законот за семејството биле спорни и од гледиште на владеењето на правото како темелна вредност, предвидена со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, кој претпоставувал и барал правна сигурност на граѓаните. Правната сигурност претпоставувала правните норми да бидат предвидливи, јасни и прецизни, а оспорените законски норми немале јасни критериуми за специфицирање на состојбата која би го оневозможила родителството.
Имено, одредбата од оспорениот член 102 став 1 точка д) од Законот, според која посвоител не може да биде лице чија физичка попреченост е од таков степен што може оправдано да се сомнева во можноста да се грижи за детето, била нејасна и непрецизна, бидејќи стандардот на оправдано сомневање бил прешироко поставена формулација под која можело да се подведат различни фактички ситуации.
Во однос на ограничувањето, лице со тешко хронично заболување да биде посвоител (оспорениот дел од точка ж) на член 102 став 1 од Законот), како и одредбата според која негативното мислење на Центарот за социјални работи е ограничувачки услов за можноста да се биде посвоител (оспорената точка з) на член 102 став 1 од Законот), подносителот наведува дека тие оспорени одредби биле нејасни од аспект на нивната цел, бидејќи ако се имало предвид дека бројни хронични состојби/болести можеле ефикасно да се третираат, произлегувало дека истите сами по себе не биле пречка за остварување на улогата на родител. Воедно, на Центарот за социјални работи му се давале широки дискрециони овластувања по слободна оцена да дава мислење дали некое лице можело да биде родител, без воопшто да се наведат критериумите, со што била доведена во прашање намерата на законодавецот и целта на одредбата, воопшто.
Од наведените причини со иницијативата се смета дека оспорените законски одредби требало да се поништат или укинат, како неуставни.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 102 став 1 од Законот за семејството, посвоител, помеѓу другото, не може да биде лице:
…
д) чија физичка попреченост е од таков степен што може оправдано да се сомнева во можноста да се грижи за детето;
…
ж) кое има тешко хронично заболување (оспорен дел) или е болно од неизлечива заразна болест и
з) ако мислењето на стручниот тим на центарот за социјална работа е негативно во однос на можноста тие лица да бидат родители.
4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 8 и 11 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, хуманизмот, социјалната правда и солидарност, како и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 40 став 1 од Уставот, Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството. Правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон (став 2).
Со член 40 став 4 од Уставот е утврдено дека Републиката им обезбедува посебна заштита на децата без родители и децата без родителска грижа.
Според член 41 став 1 од Уставот, право на човекот е слободно да одлучува за создавање на деца, а според член 42 став 1 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува, покрај мајчинството, децата и малолетните лица.
Во Законот за семејството („Службен весник на Република Македонија” број 80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014, 115/2014, 104/2015, 150/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 53/2021), се утврдени условите и постапката за посвојување на дете (членовите од 95 до 123-а).
Во членот 14 од Законот за семејството е определено дека дел од работите сврзани со посвојувањето ги врши центар за социјална работа со методите на стручната, советодавната и советовалишната интердисциплинарна тимска работа, а за работите поврзани со посвојувањето одлучува Комисија за засновање на посвојување при Министерството за труд и социјална политика (во натамошниот текст: Комисија).
Според член 7 став 1 од Законот, родителството настанува со раѓање и посвојување, меѓутоа посвојувањето може да се заснова само ако е во согласност со најдобриот интерес на малолетникот (член 97 став 1 од Законот). Посвојувањето се засновува пред Комисијата (член 97 став 2 од Законот).
Постапката за посвојување на дете започнува со поднесување на барање за посвојување, заедно со документите утврдени во Правилникот за водење на евиденција на посвоени деца и за определување на документи за посвојување („Службен весник на Република Македонија” број 32/2011 и 61/2013).
Постапката за посвојување на дете започнува со поднесување на барање за посвојување, заедно со дукументите утврдени во Правилникот за водење на евиденција на посвоени деца и за определување на документи за посвојување („Службен весник на Република Македонија” број 32/2011 и 61/2013), и тоа: извод од матичната книга на родените; уверение за државјанство; уверение од суд за неосудуваност; уверение од суд дека не му е одземена деловната способност; лекарско уверение на подносителот за здравствената и психофизичката способност да биде родител; потврда за висината на месечните примања; уверение од Управата за јавни приходи за материјалната состојба; доказ за сопственост на стан, куќа и викендичка; доказ за завршено образование и извод од матичната книга на веначаните, кога како подносител на барањето се јавуваат брачните другари.
Според член 104-а став 1 од Законот, по приемот на барањето со документите, Комисијата врши проверка на документите и откако ќе констатира дека се исполнети условите од член 104 став 2 на овој закон, копија од барањето заедно со копија од целокупниот предмет, во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето ги доставува до центарот за социјална работа, надлежен според местото на живеење на подносителите на барањето. Според ставот 4 на членот 104-а од Законот, Комисијата ако од извршената процена на документите утврди дека не се исполнети условите од членот 102 на овој закон, ќе донесе решение со кое ќе го одбие барањето.
Согласно член 104-б од Законот за семејството, Центарот за социјална работа до кого е препратено барањето врши процена за подобноста на посвоителите и за мотивите на посвојувањето, преку континуирано следење на потенцијалните посвоители, во период од четири месеци и врз основа на наодот и мислењето на стручниот тим изготвува предлог за упис во регистарот на можни посвоители (став 1), а ЈУ Завод за социјални дејности изготвува Програма за процена на посвоителите (став 4).
Република Северна Македонија е земја потписник на главните договори за детските права на меѓународно и на европско ниво, со кои се нагласува посебната грижа и заштита на правата на децата на генерална основа, и посебно кога е во прашање посвојувањето на дете.
Законот за семејството е усогласен со Европската конвенција за посвојување на деца, ратификувана и од страна на нашата држава („Службен весник на Република Македонија” број 12/2002).
Европската конвенција за посвојување на деца, во членот 8 (точките 1. и 2.) определува: 1. Надлежниот орган не смее да одобри посвојување, доколку не се увери дека посвојувањето ќе биде во интерес на детето и 2. Во секој случај, надлежниот орган треба да обрне особено внимание посвојувањето да му обезбеди на детето стабилен и хармоничен дом.
Членот 9 од Европската конвенција за посвојување на деца, исто така, забранува да се одобри посвојување, се додека надлежниот орган не се спроведе соодветно испрашување во врска со посвојувачот, детето и неговото семејство, особено за работите кои се однесуваат, помеѓу другото и за личноста, здравјето и средствата на посвојувачот, податоци за неговиот дом и домаќинство и неговата способност да го одгледа детето.
Исто така, Европската конвенција за правата на детето се осврнува на специфичните потреби и права на детето. Конвенцијата, на државите им налага да дејствуваат во најдобар интерес на детето. Имено, член 3 точка 1 од оваа конвенција, определува дека во сите активности кои се однесуваат на децата, од примарно значење се интересите на детето без оглед дали ги спроведуваат јавните или приватните институции за социјална заштита, административните органи или законодавните тела, а конкретно во поглед на посвојувањето, членот 21 од Европската конвенција за правата на детето, определува: „Државите членки кои признаваат и дозволуваат систем на усвојување, обезбедуваат да бидaт решaвачки најдобрите интереси на детето.”
Од погоре наведеното, произлегува дека конвенциите, не само што налагаат обврска за државите во преден план да го почитуваат начелото на најдобар интерес на детето кај посвојувањето, туку изречно забрануваат посвојување, ако сериозно не се води сметка за личноста, здравјето и средствата на посвојувачот, податоци за неговиот дом и домаќинство и неговата способност да го одгледа детето.
Ако се има предвид дека посвојувањето не смее да се заснова ако не е во согласност со најдобриот интерес на малолетникот, должност е на државата да обрне особено внимание на способностите за обезбедување грижа од страна на идните родители – посвоители, водејќи сметка за сите околности коишто би можеле да ги отежнат нивните должности, за што законодавецот ги уредил условите и критериумите во врска со посвојувањето на дете.
При ова, треба да се има во вид дека начелото на најдобар интерес на детето кога е во прашање посвојувањето, е втемелено и во нашето законодавство, конкретно член 97 став 1 од Законот за семејството, според кој: „Посвојувањето може да се заснова само ако е во согласност со најдобриот интерес на малолетникот”. Самата формулација „само ако” како содржина на принципот на најдобар интерес на детето, неспорно значи дека посвојувањето е условено, поточно дека наложува строги правила, услови и критериуми коишто треба да бидат исполнети кај посвојувањето, така што лицата кои ќе можат да посвојуваат, да бидат оние лица кои ќе можат да му понудат на детето најсоодветен дом и грижа, во секоја смисла, заради избегнување на секаков вид евентуални можни ризици коишто би го довеле во прашање најдобриот интерес на детето.
Со членот 100-а од Законот, е уредено кој може да биде посвоител и тоа: лице кое е деловно способно, кое има лични својства за успешно вршење на родителските права и да не е постаро од 45 години (став 1), лице најмалку 18 години постаро од посвоеникот (став 2), по исклучок од ставот 1 на овој член како посвоител може да се јави и лице кое е постаро од 45 години, но старосната граница меѓу посвоителот и посвоеникот не смее да биде поголема од 45 години (став 3), брачни другари можат да се јават како посвоители ако еден од нив не ја надминува горната старосна граница (став 4).
Воедно, според ставот 5 на членот 100-а од Законот, изборот на посвоителот ќе зависи од следниве критериуми: здравствена состојба, психосоцијален статус, материјални услови, станбени услови, време на чекање, степен на образование, брачен статус и државјанство.
Според членот 102 од Законот за семејството, посвоител не може да биде лице:
а) на кое му е одземено или ограничено родителското право, како и лице на кое му е изречена казна за сторено кривично дело со ефективна казна затвор во траење од над шест месеца;
б) на кое му е ограничена или одземена деловната способност;
в) за кое постои основано сомневање дека положбата на посвоител ќе ја употреби на штета на посвоеникот;
г) кое е душевно болно или лице со пречки во интелектуалниот развој, како и лице кое боледува од болест што може да го доведе во опасност здравјето и животот на посвоеникот;
д) чија физичка попреченост е од таков степен што може оправдано да се сомнева во можноста да се грижи за детето;
ѓ) ако е постаро од 45 години;
е) зависник од дрога или други психотропни супстанции или алкохол;
ж) кое има тешко хронично заболување или е болно од неизлечива заразна болест и
з) ако мислењето на стручниот тим на центарот за социјална работа е негативно во однос на можноста тие лица да бидат родители.
Според член 104 став 1 од Законот, лицето кое сака да посвои поднесува барање до Комисијата, а според член 104-а став 4 од Законот, ако од извршената процена на документите Комисијата утврди дека не се исполнети условите од членот 102 на овој закон, ќе донесе решение со кое ќе го одбие барањето.
Предмет на оспорување со иницијативата е содржината на точката д), точката ж) во делот: „кое има тешко хронично заболување” и точката з) на член 102 став 1 од Законот.
Според наводите од иницијативата, оспорените законски одредби биле спротивни со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 8 и 11, членот 9, членот 40, членот 41, членот 51, членот 54 и членот 112 од Уставот на Република Северна Македонија, а причините за неуставноста на оспорениот член од Законот, подносителот главно ги аргументира преку наводи за правата на лицата со попреченост, а кои според подносителот биле повредени со оспорените законски решенија.
Од содржината на оспорената точка д) и оспорената точка ж) во делот: „кое има тешко хронично заболување” на член 102 став 1 од Законот, произлегува дека законодавецот со истите воспоставил услови во врска со посвојувањето, односно, физичката попреченост на лицето да не е од таков степен што би довело до оправдано сомневање во можноста да се грижи за детето, како и хроничното заболување кај лицето, да не е со квалификација на „тешко хронично заболување”, поточно станува збор за исклучителни околности поврзани со здравствената состојба, кои по оценка на законодавецот, не можат да се вклопат во концептот на најдобар интерес на детето.
Ваквото законско уредување, упатува дека законодавецот од клучно значење ја имал предвид способноста на лицата активно да се грижат за детето додека детето не достигне социјална и емоционална независност. Должност е на државата да обрне особено внимание на способностите за обезбедување грижа од страна на идните родители – посвоители, водејќи сметка за сите околности коишто би можеле да ги отежнат нивните должности, за која цел законодавецот ги уредил условите и критериумите во врска со посвојувањето на дете, а во таа смисла и кој може да биде посвоител и кој не може да биде посвоител.
Во однос на посвојувањето, прашањето од гледиштето на Уставот, не е дали Уставниот суд, или некој друг, смета кои и какви услови и критериуми треба да бидат утврдени со Законот (Уставниот суд не може да се стави на местото на законодавецот и да ја врши неговата улога), туку дали законодавецот има уставно овластување со закон да ги операционализира должностите на Републиката за обезбедување посебна заштита на децата без родители и децата без родителска грижа.
Ако се има предвид дека Републиката, согласно Уставот е должна да обезбедува посебна заштита на децата без родители и без родителска грижа, а институтот посвојување е само еден од облиците преку кој Републиката ја обезбедува заштитата на децата, според Судот, сосема оправдано и основано е таа со закон да ги определува и условите и критериумите, (здравствена состојба, психосоцијален статус, материјални услови, станбени услови, време на чекање, степен на образование, брачен статус и државјанство), со цел да се изврши избор на најсоодветен посвоител, за секој конкретен случај, следствено и да ги определи и лицата кои можат да бидат посвоители, односно кои не можат да бидат посвоители, се со цел да се отстранат сите ризици кои би предизвикале недоволна заштита на правата на детето и неговите интереси, кои се издигнати на степен „најзначајни” во однос на сечии други интереси.
Според Судот, оспорените законски одредби не се стремат специфично да ги исклучат лицата со попреченост да посвојуваат, а како што се наводите од иницијативата, и тоа не е суштината на уредувањето на истите, туку обезбедување на најдобриот интерес на детето кој подразбира право на детето на ефективна (делотворна) заштита во секој поглед, и за кое право, државата е должна да води сметка и да го обезбеди на секој можен начин, во случајов преку исклучување на сите околности коишто би ги загрозиле правата на детето.
Од самиот закон може да се забележи дека на воспоставените услови и критериуми за посвојување на дете, подлежат сите граѓани, и тие услови и критериуми се однесуваат на различни ситуации поврзани со граѓаните, а не само со здравствените.
Најдобриот интерес на детето како суштинско начело кај посвојувањето, реално доведува до ситуација секое лице да не може да добие статус на кандидат за посвојување, бидејќи главната цел на посвојувањето е унапредување на добросостојбата на малолетното дете (заштитниот принцип), следствено, најдобрите интереси на детето треба да бидат од примарно значење и приоритет во однос на сите други интереси на граѓаните.
Во оваа смисла, Судот во Стразбур во своите одлуки, често повторувал дека легитимно е властите да обезбедат дека се исполнети сите заштитни услови пред да дојде детето во семејството, дека не постои право на дете или право на одобрување за посвојување на дете, дека посвојувањето е мерка која се презема за заштита на детето и има за цел на детето да му обезбеди семејство. Единствената цел на постапката за одобрување е од многуте кандидати да се идентификува лицето кое на детето може да му обезбеди најсоодветен дом во секој поглед, како и дека, желбата за дете не смее да надвладее врз интересите на детето. Судот во Стразбур, исто така, нагласува дека државите уживаат широка маргина на дискреција во сферата на посвојувањето.
Основните слободи и права на човекот и граѓанинот, се утврдени во дел втори од Уставот, а според принципот на еднаквост од членот 9 од Уставот, граѓаните се еднакви во слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верско уверување, имотната и општествената положба. Според принципот на еднаквост граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.
Припадноста на одреден статус или состојба на граѓаните, само по себе не може да го покрене прашањето за дискриминација, бидејќи дискриминацијата се однесува на ситуации кои инволвираат права за граѓаните, односно кога нееднаквото постапување е пречка за остварување на утврдени слободи и права за граѓаните.
Имајќи предвид дека начелото за забрана на дискриминација е од аксесорна (несамостојна) природа бидејќи е условено со постоење на утврдено право за човекот и граѓанинот, повикувањето на дискриминација, мора истовремено да следи неможност да се оствари одредено право или слобода, односно за да може да се пристапи кон разгледување дали некоја законска одредба имплицира дискриминација за граѓаните во остварувањето на нивните слободи и права, најпрво треба да се согледа за кое уставно загарантирано право или слобода, станува збор.
Во конкретниот случај, подносителот наведува дека ограничувачките услови во оспорениот член 102 став 1 точките д), ж) и з) од Законот, едно лице да не може да биде посвоител, значело повреда на правото на родителство преку посвојување, спротивно на уставните гаранции за еднаков пристап на граѓаните до слободите и правата и уставниот принцип на забрана за дискриминација, гарантирани со Уставот и со меѓународните документи, посебно на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.
Меѓутоа, треба да се има во вид дека Уставот не гарантира право да се посвои, ниту Европската конвенција за заштита на човековите права гарантира право да се посвои, ниту пак прецедентното право на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, признава такво право и низ своите одлуки секогаш повторува дека членот 8 од Конвенцијата, посветен на правото на почитување на приватниот и семејниот живот, не гарантира право да се биде посвоител и дека дека ваквите права не се наоѓаат ниту во некој од другите меѓународни инструменти.
Пример, во предметот на Fretté v. Франција (no. 36515/97, § 42, ECHR 2002 I), Европскиот суд за човекови права, во својата пресуда од 26 февруари 2002, забележал дека Конвенцијата не го гарантира правото на посвојување како такво, ниту правото на едно лице да посвојува, дека посвојувањето значи „обезбедување на семејство за детето, а не обезбедување дете за семејството”. Според Судот, задача на државата е да се погрижи дека лицата одбрани да посвојат се оние кои можат да му понудат на детето најсоодветен дом во секоја смисла. Исто и во предметот (E.B. v. France бр. 43546/02), параграф 43, каде Судот навел дека членот 8 сам по себе не гарантирал право на основање семејство или право на посвојување.
Според тоа, посвојувањето не е право на граѓаните, следствено, ниту се гарантира засновање на посвојувањето, посвојувањето е само можност, којашто зависи пред се од севкупната оценка на надлежните органи, дали е најсоодветно и во најдобар интерес на детето да биде посвоено, што е предмет на анализа, проценка и опсервација на сите околности во секој конкретен случај.
Оттука, имајќи предвид дека дискриминацијата во смисла на нееднакво постапување се однесува на ситуации кои инволвираат права за граѓаните, според Судот, оспорените законски одредби не може да имплицираат повреда на уставниот принцип на еднаквост и недискриминација, кои подразбираат еднаков третман на граѓаните во остварувањето на нивните слободи и права, имајќи предвид дека не постои право на посвојување како право за граѓаните, ниту право на родителство (постојат само родителски права и должности), од кои причини и не може да се зборува за повредено право на посвојување.
Со иницијативата подносителот се повикува на одлука на Европскиот суд за човекови права (E.B. v. France бр. 43546/02), каде според Судот во Стразбур, поимот „приватен живот” во рамките на значењето на членот 8 од Конвенцијата бил широк концепт кој меѓу другото го опфаќал и правото на почитување на одлуката да се има и да се нема деца. Поточно, подносителот смета дека исклучувањето на лицата како можни посвоители од член 102 став 1 точките д) и ж) од Законот, биле дискриминирачки, бидејќи го допирало прашањето од членот 8 од Конвенцијата, посветен на правото на почитување на приватниот и семејниот живот, во кое спаѓало и правото на почитување на одлуката да се има и да се нема деца.
Почитувањето на одлуката „да се има и да се нема деца”, е прашање апсолвирано и во Уставот на Република Северна Mакедонија утврдено во член 41 став 1, според кој: „право на човекот е слободно да одлучува за создавање на деца”, што значи Уставот на граѓаните им гарантира почитување на нивната одлука за создавање на деца (биолошко).
Во конкретниот случај, предметното прашање е поврзано со институтот „посвојување”, а посвојувањето е мерка која се презема за заштита на детето и има за цел на детето да му обезбеди семејство, а не дете за семејството, и не подразбира дека државата во секој случај треба да дозволи посвојување на дете, туку само во случај доколку се оцени дека тоа е во најдобар интерес на детето. Воедно, во одлуката (E.B. v. France бр. 43546/02) на којашто подносителот се повикува во иницијативата, Судот во Стразбур, навел: „Судот повторува дека одредбите од член 8 не го гарантираат ниту правото на основање семејство ниту правото на посвојување; правото на почит кон семејниот живот претпоставува постоечко семејство”.
Оттука, според Судот, согласноста на оспорените законски решенија, не може да се разгледува од аспект на член 41 став 1 од Уставот, дотолку повеќе што посвојувањето на дете не може да се изедначува со раѓање, односно создавање на деца во смисла на наведениот член од Уставот, како што смета подносителот на иницијативата.
Според наводите од иницијативата, оспорените точки д), ж) и з) на член 102 став 1 од Законот, биле спорни и од гледиштето на принципот на владеењето на правото, утврден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и правната сигурност на граѓаните како негов составен дел.
Имено, уредувањето во оспорената точка д) на членот 102 став 1 од Законот, според која посвоител не може да биде лице чија физичка попреченост е од таков степен што може оправдано да се сомнева во можноста да се грижи за детето, според подносителот, било нејасно и непрецизно бидејќи стандардот на оправдано сомневање бил прешироко поставена формулација под која можело да се подведат различни фактички ситуации, што го доведувало во прашање принципот на владеење на правото.
Според Судот, ваквите наводи не се основани, поради следното:
Со член 4 точки 5), 7) и 8) од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија број 104/2019, 146/2019, 275/2019, 302/2020, 311/2020 и 163/2021), утврдено е што се смета како лице со попреченост и што се подразбира под вршење на основни и инструментални активности од секојдневниот живот. Согласно овој закон, лице со попреченост е лице кое има долготрајни телесни, интелектуални, ментални или сетилни нарушувања кои во интеракција со различни пречки може да го спречат неговото целосно и ефикасно учество во општеството на еднаква основа со другите, а основни активности од секојдневниот живот се: одржување лична хигиена, облекување, самостојно користење тоалет, функционална мобилност во домот, самохранење и други слични активности, додека инструментални активности од секојдневниот живот се: чистење, поправки, перење, готвење, купување продукти, надворешна мобилност, земање медицинска терапија и други слични активности.
Според Судот, оспореното законско решение не може да се подведе како нејасно формулирано правило во поглед на тоа каков степен на физичка попреченост би можел да предизвика оправдан сомнеж дека лицето нема да биде во можност да се грижи за детето, имајќи предвид дека ваквите проценки ги вршат надлежни стручни органи, што значи законската формулација се однесува за надлежните стручни органи кои ќе треба да оценат, дали степенот на физичката попреченост може да ја доведе во прашање грижата за детето, и таа проценка се врши во секој конкретен случај. Токму заради тоа што постојат различни фактички ситуации на физичка попреченост, оспореното законско решение не може да следи потесна формулација, воедно употребениот израз „оправдано сомневање” јасно упатува што се подразбира под оправдано сомневање за можноста лицето да се грижи за детето, ако се има предвид дека посвојувањето создава преземање на обврски за континуирана, целосна и квалитетна нега и грижа за детето, во секој поглед и во секој случај.
Понатаму, во однос на наводите од иницијативата дека оспорената содржина на точка ж) од член 102 став 1 од Законот, според која посвоител не може да биде лице кое има тешко хронично заболување, било нејасно од аспект на неговата цел ако се имало предвид дека бројни хронични состојби/болести можеле ефикасно да се третираат тогаш истите сами по себе не биле пречка за остварување на улогата на родител, според Судот, оспорената законска содржина не може да се подведе како нејасна, бидејќи јасно уредува дека, не сите лица со хронични заболувања, не можат да бидат посвоители, туку само лицата со хронично заболување со предзнак „тешко”, а целта на оспореното уредување е да ги исклучи сите можни ризици поради кои лицето не би можело да одговори на своите должности спрема детето поради состојбата на тешко хронично заболување.
Во однос на уредувањето во оспорената точка з) на член 102 став 1 од Законот, според кое посвоител не може да биде лице ако мислењето на стручниот тим на центарот за социјална работа е негативно во однос на можноста тие лица да бидат родители, а кое се оспорува како нејасно и непрецизно со наводи дека на Центарот за социјални работи му се давале широки дискрециони овластувања по слободна оцена да дава мислење дали некое лице можело да биде родител без воопшто да се наведат критериумите, со што била доведена во прашање намерата на законодавецот и целта на одредбата, воопшто. Според Судот, тие наводи, не се основани поради следното:
Посвојувањето не е право на граѓаните, следствено ниту се гарантира засновање на посвојувањето. Посвојувањето е можност којашто зависи пред се од севкупната оценка на надлежните органи, дали е најсоодветно и во најдобар интерес на детето, државата да ја препушти грижата за децата без родители и без родителска грижа со засновање на посвојување, што е предмет на анализа, проценка и опсервација на сите околности во секој конкретен случај. Имено, пред Комисијата да донесе решение за посвојување, се спроведува фаза на сместување на детето во семејството на одреден период, при што Центарот за социјална работа е должен континуирано да го следи сместувањето на детето и секој месец да доставува извештај до Комисијата, која исто така може во периодот на сместување, секогаш кога ќе оцени за потребно да изврши проверка на семејството каде што е сместено детето. Центарот за социјална работа по истекот на периодот на сместување, во рок од пет денa изготвува извештај за сместувањето и дава мислење детето да се посвои од конкретни посвоители и истиот го доставува до Комисијата заради засновање на посвојување. Доколку од увидот во списите Комисијата оцени дека предлогот на центарот за социјална работа не е во интерес на детето, предметот може да го врати за дополнување на постапката или предлогот може да го одбие и во рок од 30 дена да направи нов избор на посвоители.
Во оваа смисла, според Судот, легитимно е надлежните органи да обезбедат дека се исполнети сите заштитни услови пред да дојде детето во семејството, односно пред Комисијата да донесе решение за засновање на посвојување.
Според Судот, неосновани се и наводите од иницијативата дека на Центарот за социјални работи му се давале широки дискрециони овластувања по слободна оцена да дава мислење дали некое лице можело да биде родител без воопшто да се наведат критериумите, од причини што дискрецијата во одлучувањето е во рамките на условите и критериумите предвидени во Законот, и по одлуките на центарот за социјална работа дозволена е жалба (членот 14 од Законот за семејството), по која решава решава Министерството за труд и социјална политика.
Што се однесува до наводите во иницијативата дека државата не смеела да ги исклучи како можни посвоители лицата опфатени со оспорената точка д) на членот 102 став 1 од Законот, чија физичка попреченост е од таков степен што може оправдано да се сомнева во можноста да се грижи за детето, туку да им овозможи социјални услуги на асистенција и полна пристапност на сите нивоа, со цел да се остварат како родители, треба да се има во вид дека граѓаните остваруваат права од сферата на социјалната заштита под услови и критериуми предвидени со Законот за социјалната заштита и на секој граѓанин му се достапни социјалните услуги предвидени со Законот за социјалната заштита доколку има потреба од нивно користење, независно од уредувањето со Законот за семејството во однос на тоа кои лица можат да бидат посвоители, а кои не можат.
Дополнително, предметно оспорените законски одредби се однесуваат на институтот посвојување уреден со Законот за семејството, така што, од суштинско значење кај институтот посвојување, се правата на детето и неговиот најдобар интерес, со што изнесените наводи за правата на лицата со попреченост, коишто според подносителот биле повредени, не може да се доведуваат во корелација и да се оспоруваат преку законски решенија содржани во Законот за семејството, бидејќи остварувањето на правата на лицата со попреченост, е предмет на уредување со друг закон.
5. Тргнувајќи од погоре наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот во иницијативата.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.136/2021
9 март 2022 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска