Оформени предмети во периодот од 11 до 25 март 2022 година

Почитувани,

Во периодот од 11 до 25 март 2022 година беа оформени девет предмети по претходно поднесени иницијативи:

У.бр.25/2022

Оспорен е член 5 од Колективен договор на МВР(„Службен весник бр.149” од 05.07.2021)

Според подносителот  оспорениот член е во спротивност со  член 9 од Уставот кој предвидува дека граѓаните се еднакви во слободите и правата, понатаму дека е во спротивност со Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за работни односи. Подносителот смета дека членот 5 е спорен поради тоа што предвидува „Синдикат во смисла на овој Колективен договор е МПС” бидејќи има уште два полициски синдиката регистрирани во Централен Регистар кои со овој член се исклучени, а едниот од нив е Гранскиот независен синдикат на полицијата и според подносителот е репрезентативен по сила на закон.

Подносител: Грански независен синдикат на полицијата

У.бр.26/2022

Оспорен е член 3 од Одлуката за доделување еднократна парична помош на семејства со новороденче на подрачје на општина Ѓорче Петров за 2022 донесена од Советот на општина Ѓорче Петров на 6-та седница од 30,12,2021, објавена во Службен весник  на општината бр.18 од 30,12,2021. Одлуката се однесува на еднократна парична помош која се доделува врз основа на поднесено барање од страна на семејствата до општина Ѓорче Петров, со уредно приложена документација на увид која ќе го потврди раѓањето на новиот член во семејството, брачниот статус на сопружниците, територијалната припадност на подрачјето на општина Ѓорче Петров и трансакциска сметка на еден од родителите. Според подносителот одредбата е дискриминаторска во поглед на брачниот статус на апликантите и има нерамноправен третман кон вонбрачните семејства. Подносителот смета дека одлуката на општината е спротивна на член 40, 41 и 43 од Уставот.

Подносител: Денис Димовски

У.бр.27/2022

Оспорен е член 42 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите(Службен весник  бр.83/2018) кој се менува и гласи :„за судија поротник може да биде избран државјанин на РМ со завршено најмалку средно образование кој активно го владее македонскиот јазик, ужива углед за вршење на оваа функција и кој не е постар од 60 години,. Подносителот го оспорува делот „кој не е постар од 60 години” и смета дека членот е спротивен со член 8 од Уставот кој ги опфаќа владеењето на правото и основните слободи и права како темелни вредности на уставниот поредок, како и член 9 од Уставот. Одредбата според подносителот е дискриминирачка бидејќи ЗРО предвидува работоспособни лица да бидат оние до навршување на 64 години.

Подносител: Соња Костовска и Гордана Пашоска

У.бр.28/2022

Оспорен е член 44 став 1 од Закон за социјална заштита со кој се предвидени категориите на лица со попреченост кои може да остварат право на надоместок заради попреченоста. Подносителот смета дека одредбата е неуставна и дискриминирачка затоа што го ограничува остварувањето на правото за надоместокот само за лица од 26 до 65 години старост и го нарушува уставното начело на еднаквост на сите граѓани опфатено во член 9 од Уставот.

Подносител: Благоја Новески од Скопје

У.бр.29/2022

Оспорени се две решенија на Основен граѓански суд Скопје 1ВПП 93/21 од 23.12.2021 и Решение 1ВПП 93/21 од 16.03.2022. Според подносителот решенијата се незаконски во делот на пресметување на трошоците за постапката, недоставување на писмени поднесоци во тек на судска постапка.

Подносител: Маја Талеска ополномоштено лице за предлагач Божана Талеска

У.бр.31/2022

Оспорени се решенија донесени од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги за опраторите ЈП Водовод-Охрид и ЈП Нискоградба Охрид-Охрид. Според подносителот во двете решенија присутни се ставки за фиксни месечни надоместоци, односно за ЈП Нискоградба Охрид во износ од 57,12 денари по приклучок за 2021, 62,46 денари по приклучок за 2022 година, и 66,92 денари по приклучок за 2023 година и за ЈП Водовод Охрид во износ од 100 денари за категорија домаќинства и 120 денари за категорија останати(2021-2023) со напомена дека висината на сите тарифи се без ДДВ. Подносителот во иницијативата наведува дека со примената на предметните тарифи јавено е големо незадоволство и револт од страна на граѓаните корисници на услугите на двете претпријатија. Според подносителот решенијата се во спротивност со член 8 став 2, член 55 став 1 и 3 и член 55 од Уставот.

Подносител: Државен комунален инспекторат

У.бр.32/2022

Оспорен е член 9 став 6 од Правилникот за минимални технички,просторни,финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување бр.01-5774/1 од 21.11.2014 година изменет и дополнет со Правилник бр.01-3336/1 од 08.05.2015 година. Подносителот смета дека делот „вработени лицa” е спротивен на Законот за работни односи. Оспорениот член според подносителот не е  во согласност со член 8,9,32,50,51,55 од Уставот.

Подносител: ТРД Канал 77

У.бр.33/2022

Оспорен е став 8 од Телеграма бр.22.1-19/1 од 06.08.2019 година на МВР во делот „се забранува носење и користење на приватни мобилни телефони за време на работа согласно член 41 од Правилата за начинот на однесување и меѓусебните односи на работниците со посебни должности и овластување во МВР.” Подносителот смета дека се повредени членовите 9 и 30 од Уставот бидејќи со Телеграмата на вработените во ОГРМ, сите РЦ за ГР, ПС за ГП и ГН за времето додека се на работа им е забрането користење на приватни телефони и ова правило според подносителот е дискриминација во однос на сите останати вработени во МВР. Одземањето на телефоните според подносителот претставува попречување во користењето на правото на сопственост.

Подносител: Грански независен синдикат на полицијата