Преглед на иницијативи за оценување на уставноста и законитоста предложени за X-та седница на Уставниот суд на Република Северна Македонија закажана за 29.03.2022 година (вторник), со почеток во 11,30 часот

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1. Член 235 став 1 и став 2 и член 250 став 1 и став 2 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 169/2015, 226/2015, 55/2016, 11/2018 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/2019 и 302/2020).
Реферат У.бр.15/2021

Подносител: Снежана Цветаноска од Битола.

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се предлага оспорените одредби да бидат укинати поради тоа што вработените во автошколите како што биле возач-инструктор, предавач во испитните центри, испитувач во практичниот дел, испитувач по теоретски дел и контролор им биле ускратени – повредени правата коишто ги имале согласно член 8 став 1 алинеи 1, 3 ,6, 7 и 11, член 30, член 32, член 50 став 1 и став 2, член 51, член 52 став 4, член 54 став 1, член 55 став 1 и став 2, член 58 и член 110 од Уставот заедно со Амандманите од I до XXXI на Уставот. Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека на овие вработени лица во автошколите им биле ускратени правата со ограничување на важноста на лиценците коишто ги поседувале со важност од 5 години и на секои пет години требало повторно да полагаат испит за да ги задржат истите лиценци и на тој начин им било ускратено веќе еднаш стекнатото право кое им било загарантирано со Уставот. Како компарација на сторената повреда го даваат примерот на сите издадени и стекнати уверенија, дипломи и лиценци во Република Севрна Македонија и истите немале рок на важење односно истите биле трајни документи. Со оглед на фактот дека полагале испит за да ги добијат потребните лиценци за работа во автошколите, односно од страна на Министерството за внатрешни работи им било издадено уверение за положен стручен испит и потоа им биле доделени лиценци барааат најитно да се постапи по иницијативата и да се укинат оспорените одредби.

2. Член 12 од Законот за утврдување стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.163/2021).
Реферат У.бр.148/2021 и У.бр.15/2022

Подносители: Сојуз на синдикатите на Македонија – ССМ претставуван од претседателот Дарко Димовски и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија претставуван од претседателот Иван Пешевски, и Здружение за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ Штип, претставувано од претседателот на здужението Кристина Ампева.

Од наводите во иницијативите:

Според наводите на подносителите на иницијативата (ССМ и СГИПРМ) оспорениот член 12 од Законот бил во спротивност со членот 8, членот 9, членот 32, членот 34 и членот 35 од Уставот на Република Северна Македонија; член 4, член 116 и член 117 од Законот за работните односи; член 36 став 2 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството како и со член 2 од Законот за ратификација на Конвенцијата за трудови клаузули (јавни договори) 1949, од причина што во оспорениот член се предвидувало дека стратешкиот парнер имал целосно право да го организира и распоредува работното време на работниците кои ќе биле ангажирани на проектот со можност работното време за секој поединечен работник во просек да траел 60 часа неделно во текот на годината. Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека доколку се применувал оспорениот член 12 од Законот, ќе се нарушел принципот на еднаквост на граѓаните и работниците утврден во членот 9 од Уставот во однос на остварување на нивните права и обврски коишто произлегувале од работниот однос и исто така, оспорениот член 12 од Законот доведувал до различно уредување на исти права на работниците, а таа нееднаквост на работниците создавала правна несигурност и повреда на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок.
Според наводите на иницијативата на Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“, оспорената одредба од член 12 од Законот не била во согласност со членот 32 од Уставот, со членот 116 од Законот за работните односи, Конвенцијата бр.14 за неделен одмор (во индустријата) 1921, ратификувана 17.11.1991 год. и Конвенцијата за неделен одмор (трговија и канцеларии 1957), (бр.106), од причина што наведената одредба се косела со уставните и законските норми што го уредувале правото на неделен одмор на работниците. Според подносителот, оспорената одредба била правно неиздржана, бидејќи нејзината формулација имала „во просек 60 часа неделно во текот на годината“, што предизвикувало правна несигурност и била во спротивност на уставните и законските норми коишто го регулираат работното време на работниците и правото на неделен одмор. Mеѓу другото, во наводите на иницијативата се наведува дека формулацијата „просек 60 часа неделно во текот на годината“ во членот 12 од Законот, создавала правна несигурност, од причини што ваквата формулација можела да значи (хипотетички) дека работникот можел да работи и до 100 или 150 часа неделно, со што ваквата формулација била е нејасна, конфузна и создавала можност за големи злоупотреби на целокупната позитивна законска регулатива и кршење на човековите и работничките права што било спротивно на Уставот, Законот за работните односи и Конвенциите на Меѓународната организација на трудот кои Републиката ги има ратификувано.

3. Член 5 став 1 точка 1 и член 6 ставови 1 и 2 од Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразни болести COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-Cov-2, случаите и временскиот период на нивна примена, донесена од Владата на Република Северна Македонија на 03.11.2020 година и објавена на 04.11.2020 година во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 263/2020, … и 291/2021)
Реферат У.бр.6/2022

Подносител: Ивана Минова од Велес.

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата, со присилното наложување на носење маски Владата го повредувала член 11 став 1 од Уставот, според кој физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени и се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување. Поради фактот што носењето на маска го ограничувала правото на неограничена количина на воздух за дишење, задолжувањето на Владата за носење ковид маска под закана за парично казнување, претставувало повреда и на член 12 ставови 1 и 2 од Уставот, според кој слободата на човекот е неприкосновена, никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон. Понатаму, во иницијативата се наведува дека носењето маска било спротивно на член 54 став 3 од Уставот, според кој, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба, бидејќи со оспорената одлука се ограничувало правото на неограничена количина чист воздух за дишење, со што граѓаните биле доведени во животозагрозувачка положба, со запретена парична казна и казна затвор. Меѓу другото, подносителот на иницијативата смета дека оспорената одлука била спротивна и на одредби од Кривичниот законик затоа што го ограничувала правото на непречено дишење и неограничена количина чист воздух за дишење како и движење на отворен простор и јавни и приватни установи, како и бидејќи Владата со серизона закана од големи казни го присилувала народот, неволно да носи штетни и животозагрозувачки маски и со тоа свесно да трпи затоа што бил присилен да ја доведе својата здравствена состојба во несигурност и опасност носејќи нефункционални, небезбедни и штетни маски. Воедно, подносителот на иницијативата смета дека оспорената одлука била спротивна и на глава 34 „Кривични дела против човечноста и меѓународното право” од Кривичниот законик, односно членот 403 со наслов Геноцид, затоа што со принудувањето на народот и целата македонска популација, стар и млад, мажи, жени и деца на присилно носење маски, долгорочно се загрозувал животот, здравјето и безбедноста на голем процент од населението, од носењето небезбедни, штетни ковид маски, со што населението било подложно на разни здравствени проблеми и последици од вирусни и бактериолошки инфекции, хипоксии и недостаток на воздух, а воедно и душевни стресови, трауми и нарушувања на душевното здравје, која состојба создавала многу тешки животни услови поради дискриминаторскиот однос кон целата популација.

4. Член 147 став 2 од Законот за нотаријатот (“Службен весник на Република Северна Македонија“ број 72/2016 од 12.04.2016 година).
Реферат У.бр.135/2021

Подносител: Здружение за заштита од дискриминација – Виница.

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата, ставот 2 од член 147 од Законот за нотаријатот бил во спротивност со членот 54 од Уставот и со Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, од причина што во член 54 од Уставот било наведено дека слободите и правата на граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени во Уставот. Според наводите во иницијативата оспорената одредба била противуставна затоа што на законските наследници им го ограничувала правото слободно да располагаат со своето право – самите да одлучат дали при расправање на оставината во која граѓанинот како учесник во постапката имал потреба од адвокат како полномошник или воопшто не му било потребно. Според подносителот, законодавецот со ваквата одредба пропишувал задолжително присуство на адвокат, која облигаторна одредба претставувала директна дискриминација на законски наследник, имајќи предвид дека некои од законските наследници не се прифаќале за наследници на делот од оставината, а морале да имаат адвокат. Во иницијативата, меѓудругото, се наведува и дека со ваквата законска одредба, законодавецот одел кон задоволување на потребата да се створи работа за адвокатите, без притоа да се водело сметка на ограничувањата која оваа одредба ги предизвикувала. Воедно, според подносителот, оспорената одредба доведувала до изложување на дополнителен трошок за законските наследници без да се водело сметка на нивната материјална положба и неможноста да си дозволат ангажирање на адвокат за вонпарнична односно неспорна постапка.