Примени иницијативи од 7 до 11 март 2022 година

Почитувани,
Во периодот од 7 до 11 март беа оформени три предмети по претходно поднесени иницијативи:
У.бр.22/2022
Подносител:Грански независен синдикат на полицијата

Оспорен е членот 14 став 2 од Законот за јавно обвинителство (ЗЈО бр.08-1411/1 од 16.02.2020) кој предвидува формирање на Специјално одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција. Според подносителот оспорениот член е спротивен на членот 9 од Уставот и Законот за спречување и заштита од дискриминација. Подносителот смета дека со формирањето на специјализирано одделение се дискриминираат вработените во двете работни области.

У.бр.23/2022
Подносител: Наташа Шурбановска од Скопје
Оспорена е Одлука на Советот на Општина Карпош бр.09-1656/3 од 03.03.2022 година за донесување на ДУП за градска четврт 3. 04, Блок 3 04.05 како спротивна на член 8 став 1 алинеи 3 и 9  и член 51 од Уставот. Според подносителот со овој ДУП се предвидува изградба на бензинска пумпа спроти базенот „Младост” во општина Карпош на дел од сообраќајната инфраструктура. Подносителот смета дека Одлуката не е во согласност со Уставот и членовите 108 и 110, Законот за урбанистичко планирање, ГУП за Град Скопје и Правилникот за урбанистичко планирање.  Подносителот предлага времена мерка забрана за градба на објект до донесување на конечна одлука на Уставниот суд.

У.бр.24/2022
Подносители: Александар Ристески, адвокат од Скопје и Рајна Наумовска-Марковска од Скопје. Оспорен е во целост Законот за медијација („Службен весник на РСМ“ број 294/2021) како спротивен на член 8 став 1 алинеи 7 и 3 од Уставот кој се однесува на слободата на пазарот и претприемништвото односно владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок. Подносителот смета дека со оспорениот закон целосно е прекршено уставното начело за слободата на пазарот и претприемништвото бидејќи законските одредби според него доведуваат до монополска положба на пазарот.