Преглед на иницијативи за оценување на уставноста и законитоста предложени за IX-та седница на Уставниот суд на Република Северна Македонија закажана за 23.03.2022 година (среда), со почеток во 09,30 часот

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1. Член 13 точките 11 и 12 од Одлуката за превентивни препораки, времени мерки,наредени мерки, наменски протоколи,планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.263/2020, 269/2020, 275/2020, 287/2020, 292/2020, 278/20, 269/2020, 98/2020, 300/2020 (исправка), 304/2020, 306/2020, 317/2020, 13/2021, 45/2021, 53/2021, 55/2021, 58/2021, 64/2021, 65/2021, 75/2021, 87/2021, 94/2021, 100/2021, 106/2021,109/2021, 113/2021, 116/2021, 119/2021, 126/2021, 133/2021, 139/2021, 141/2021, 146/2021, 153/2021, 162/2021, 176/2021, 187/2021, 193/2021).
Реферат У.бр.97/2021 и У.бр.140/2021

Подносители: Дарко Јаневски од Скопје и Сашо Балабанов од Штип

Од наводите во иницијативата:

– Според наводите на подносителот на иницијативата Дарко Јаневски, со оспорените одредби на членот 11 од Одлуката, биле пропишани ригорозни драконски мерки со кои дискриминаторски и сегрегирачки се овозможило повеќе од милион граѓани да ги изгубат нивните основни загарантирани права и тоа: правото на еднаквост пред законите, правото на сигурност и тајност на податоците и правото на приватност. Исто така, била ограничена неприкосновеноста на слободата, правото на јавен настап, правото да се прими и пренесе информација односно правото на јавно информирање, а со тоа ефективно била забранета слободата на говорот како и правото на протест, односно можноста на граѓаните мирно да се собираат односно правото на јавен собир, а со тоа државата вовела цензура. Оттука, според подносителот на иницијативата државата ги ограничила сите загарантирани права и тоа со подзаконски акт. Според подносителот, член 13 точките 11 и 12 од Одлуката не бил во согласност со член 1 став 1 и член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Меѓудругото, подносителот смета дека со оспорените одредби се вршела директна дискриминација и се поттикнувало на сегрегација на определена група на граѓани на кој начин ги дели граѓаните од прв и втор ред, без да се води сметка дека сите луѓе се рамноправни, односно изедначени во уживањето и остварувањето на своите слободи и права. Според подносителот, правото на граѓанинот да одлучи да изврши определена медицинска интервенција бил негов личен избор што било загарантирано со Законот за заштита на правата на пациентите, а во конкретниов случај неможноста на граѓаните кои избрале да не се вакцинираат да не можат да посетуваат определени објекти (угостителски или друг вид) односно да им се забранат нивните граѓански права да присуствуваат на концерт, крштевка или друг настап и да им го забрани правото на јавен собир, јавен настап односно протест, а со тоа правото на слобода на говор, право на јавно информирање, правото на штрајк само поради фактот што избрале да не се вакцинираат. Исто така, подносителот наведува дека Владата на Република Северна Македонија со оспорениот член од Одлуката бара од граѓаните да дадат на увид личен податок на лица кои апсолутно не смеат да запознати со здравствената состојба на граѓаните без нивна слободна волја што не било во согласност со членовите 18 и 25 од Уставот на Република Северна Македонија. Во однос на оспорениот член 13 точка 12 од Одлуката, подносителот на иницијативата наведува дека во ниеден закон редарската служба ниту вработено лице определено од работодавачот немало ниту имплицитно ниту експлицитно овластување или надлежност да бара на увид потврди или било кој друг документ од граѓаните за влез во објектот. Потврдата за имунизација со законска императивна одредба им била забранета не само на радарската служба туку и на инспекциските служби, па дури и на полицијата, освен ако се работело за истрага согласно Законот за кривичната постапка. Во таа смисла, во наводите на иницијативата се наведува дека согласно Кривичниот законик и Законот за полиција, редарската служба ниту можела да легитимира ниту можела да бара на увид потврда за вакциналниот статус на определено лице односно немала надлежност да врши обработка на личните податоци што е изрично забрането со член 13 став 1 од Законот личните податоци, а од друга страна полицијата доколку нема покренато истрага има изречна забрана за увид во истата потврда. Понатаму, подносителот смета дека оспорените одредби од Одлуката не биле во согласност и со член 25 став 7 од Законот за заштита на правата на пациентите.
– Подносителот на иницијативата, Сашо Балабанов во својот поднесок наведува дека со оспорените одредби се повредувале членовите 8 став 1, 9, 11, 12, 25, 27 и 51 од Уставот на Република Северна Македонија, со одредби од Законот за спречување и заштита од дискриминација и со член 25 од Законот за заштита на правата на пациентите. Според подносителот, со оспорената одлука на Владата се ограничувале уставно загарантираните права и слободи директно повредувајќи го физичкиот интегритет на човекот, ограничувајќи го неговото слободно движење на територијата на Републиката и во објекти од секаков вид, со чинот на барање на сертификат и проверување на здравствената состојба на човекот од лица кои не се овластени за такво нешто, за податоци кои претставувале приватна работа и тајни податоци, со што се повредувало начелото на еднаквост на граѓаните во уживањето и остварувањето на сите права и слободи, а со самото тоа биле и дискриминирани врз основа на здравствената состојба оневозможувајќи пристапност и достапност на инфраструктурата, добрата и услугите и ставање во понеповолна положба во споредба со други лица.

2. Решението на Командантот на Воена пошта 4770 Куманово бр.03-92/103 од 03.12.2021 година и Решението на Началникот на Генералштаб на Армијата бр.03-55/1 од 05.01.2022 година.
Реферат У.бр.12/2022

Подносител: Бобан Ајдарски од с.Орашац, Куманово

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата оспорените акти биле незаконити, односно истите биле во спротивност на член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 50 став 2 од Уставот, како и во спротивност на одредби од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија. Според подносителот на иницијативата било нејасно врз кој правен основ Началникот на Генералштабот на Армијата го поништил Решението на Командантот на Воена пошта 4770 Куманово и го вратил на повторно одлучување, кога согласно член 138 став 4 од Законот за служба во Армијата, Решението на Началникот на ГШ на Армијата по жалба во првостепена постапка, било конечно. Меѓу другото, во иницијативата е изнесена хронологијата на настаните поврзана со оспорените акти, каде подносителот на иницијативата наведува дека во овој случај биле донесени две конечни Решенија од страна на Началникот на Генералштабот на Армијата по жалба во првостепена постапка со иста правна поука. Од каде, второто Решение на Началникот на Генералштабот на Армијата е донесено на ден 05.01.2022 година, а постапката во прв степен започнала со денот на поведување на Иницијативата за утврдување на дисциплинска одговорност, односно на ден 23.06.2021 година, а истата е завршена на 03.12.2021 година со донесување на ново Решение на Командантот на ВП 4770 Куманово, бр.03-92/103 од 03.12.2021 година. Исто така, подносителот на оваа иницијатива бара Уставниот суд да има предвид дека се повредени одредби од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Изборниот законик, затоа што дисциплинската постапка е водена во време на изборен процес.

II. БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА:

1. Барање за заштита на слободи и права по предметот У.бр.134/2021

Подносител: Владимир Панчевски од Скопје, преку полномошник Петро Јанура, адвокат од Скопје

Од наводите во барањето:

Подносителот на барањето смета дека со Пресуди на Основниот суд во Велес и Апелационеиот суд во Скопје, му биле повредени слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјалната припадност, односно општествена положба во поглед на професионалниот статус, како и по основ на политичката припадност, односно политичко уверување. Меѓу другото, подносителот на барањето наведува дека бил дискриминиран во споредба со сите останати судии и претседатели на судови, затоа што за разлика од нив само тој не ги уживал уставно и законски загарантираните права кои ги имале носителите на судиски функции. Оттука, според подносителот на барањето, произлегувала дискриминаторската природа на теоријата на случај на Јавното обвинителство, која била прифатена од Основниот суд во Велес и Апелациониот суд во Скопје и резултирало со носење на актите коишто се оспоруваат. Според подносителот на барањето, со оспорените акти, била сторена повреда покрај на член 110 алинеја 3 и на членот 9 од Уставот, како и на член 6 став 1 и членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права.