У.бр.228/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 23 февруари 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за измена и дополнување на Статутот на ЈП „КОМУНА“ Крушево бр. 02-110/3 од 07.05.2020, донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие „КОМУНА“ Крушево.

2. Киро Сотироски од Крушево, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одлука не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот, како и со Законот за локалната самоуправа, Законот за јавните претпријатија, Законот за комунални дејности и Законот за Национална класификација на дејности.

Во иницијативата, најпрвин се цитирани член 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот. Ова од причина што оспорената одлука како спротивна на одредбите од наведените закони не била во согласност и со владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок и со членот 51 од Уставот, односно со начелото на уставност и законитост.

Законитоста на предметната одлука се оспорува најпрвин од аспект на одредби од Законот за локалната самоуправа, и тоа: член 22 став 1 точка 4, член 24 став 1 и член 36 став 1 точка 8.

Според наводите, за вршење на работи од нејзината надлежност (комунални дејности), и тоа: снабдување со вода за пиење, одржување на јавна чистота, собирање, транспортирање и постапување со комуналниот цврст и технолошки отпад, одржување на гробовите, гробиштата и давање на погребални услуги, изградба и одржување на јавниот простор за паркирање, одржување и користење на парковите, зеленилото…, Oпштината веќе го имала формирано ЈП „Комуна“ Крушево, за што бил донесен и соодветен акт – Одлука (за основање – претежна дејност).

Вака пропишаните основни дејности на ЈП „Комуна“ Крушево во неколку наврати, со донесување на посебни одлуки биле проширени. Меѓутоа, во конкретниот случај, со донесувањето на оспорената одлука, спротивно на наведените законски одредби, на ова претпријатие му се доделувале „дополнителни“ дејности. За овие дејности, според наводите изнесени во иницијативата, требало да се формираат посебни служби – јавни претпријатија, а не да ги извршува истото јавно претпријатие – „Комуна“ Крушево.

Во контекст на ова, во иницијативата се укажува на тоа дека во сите единици на локалната самоуправа за вршење на комуналните дејности од член 22 став 1 точка 4 од Законот за локалната самоуправа се основале повеќе претпријатија – јавни служби, а во ниту една општина не било предвидено само едно претпријатие да ги врши сите дејности од комунални услуги, како што бил случајот со Општина Крушево.

Исто така, повикувајќи се на одредби од Законот за јавните претпријатија (член 1 ставови 1 и 3, член 9 и член 10 став 1 точка 1), во иницијативата се укажува на тоа дека комуналните дејности биле дејности од јавен интерес и за нивно извршување се основале јавни претпријатија, со донесување на посебен акт за нивно основање. Меѓутоа, под јавни претпријатија се подразбирало повеќе, а не едно претпријатие да ги извршува сите дејности. Оттука, според изнесените наводи, непобитен бил фактот дека дејностите на ЈП „Комуна“ Крушево (се) и требало да бидат утврдени со актот за основање, како и неговите изменувања и дополнувања, а не со изменувањата и дополнувањата на Статутот, како што било направено со донесувањето на предметната одлука и нејзините претходни изменувања и дополнувања. Всушност, новите дејности кои се предвидувале со предметната одлука не биле дејности заради кои било основано ЈП „Комуна“ Крушево, па оттука за извршување на истите, ова јавно претпријатие немало ниту материјални, ниту кадровски, а ниту пак технички можности.

Од Законот за комунални дејности, како lex generalis закон, цитирани се членовите 2, 5 и член 7 став 3, според кои комунална дејност можела да се врши со основање на јавно претпријатие за комунална дејност, со давање концесија за вршење на комунална дејност на начин утврден со закон и со дозвола за вршење на комунална дејност.

Во иницијативата се посочува и на одредби од Законот за Национална класификација на дејности (член 3 став 1 алинеја 6 и член 2 став 4) со кои било пропишано дека за јавните претпријатија била определена претежна дејност согласно одредбите на овој закон. За разлика од вака предвиденото, дејностите на ЈП „Комуна“ Крушево биле определени со актот- Одлуката за основање бр.08-339/1 од 13.11.1989.

На крајот, според изнесените наводи, од наведеното произлегувало дека спротивно на посочените уставни и законски одредби, со предметната одлука се додавале четири нови точки и се проширувала дејноста на ЈП „Комуна“ Крушево кое било основано за друга основна дејност.

Поради наведеното, со иницијативата се бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на предметната одлука, а потоа истата да ја поништи. Исто така, врз основа на членот 27 и член 71 алинеја 4 од Деловникот на Судот, до донесување на конечна одлука, Судот да донесе решение со кое се запира извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на истата.

3. Судот, на седницата утврди дека оспорената одлука е донесена од Управниот одбор на ЈП „КОМУНА“ Крушево, на седницата одржана на 07.05.2020 година, врз основа на член 19 став 2 точка 1 од Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Репуб­лика Македонија“ бр. 38/1996, 6/2002, 40/2003, 49/2006, 22/2007, 83/2009, 97/2010, 6/2012, 119/2013, 41/2014, 138/2014, 25/2015, 61/2015, 39/2016, 64/2018, 35/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/2019) и член 19 став 1 точка 1 од Статутот на ЈП „КОМУНА“ Крушево.

Судот, исто така, утврди дека со членот 1 на Одлуката се предвидува дека со истата се врши измена и дополнување на Статутот на ЈП „КОМУНА“ Крушево заради усогласување на дејностите кои ги врши комуналното претпријатие со Националната класификација на дејности.

Судот, понатаму утврди дека со членот 2 на Одлуката се предвидува дека се врши измена во дел III Дејности член 7 став 1, по точка 8 се додаваат 4 нови точки 9,10,11 и 12, кои гласат:
„68.20 Издавање и управување со сопствен недвижен имот или недвижен имот земен под закуп (лизинг)“;
„52.21 Услужни дејности поврзани со копнениот сообраќај“;
„42.99 Изградба на други објекти од нискоградба неспомнати на друго место“ и
„68.32 Управување со недвижен имот со хонорар или врз база на договор“.

Понатаму, со членот 3 на Одлуката се предвидува дека во став 2 се бришат точките 1, 2, 3 и 4, а точките 5 и 6 стануваат 1 и 2.

Судот, исто така, утврди дека со членот 4 од Одлуката се предвидува дека се задолжува Одделението за општо, правни работи и човечки ресурси согласно измените и дополнувањата на статутот направени со одлуката, да изготви пречистен текст од Статутот на ЈП „КОМУНА“ Крушево.

Понатаму, според членот 5, оваа одлука влегува во сила со денот на добивањето на согласност од Советот на Општина Крушево, односно објавувањето во „Службен гласник на Општина Крушево.“

На крајот, Судот утврди и дека за донесување на Одлуката, Советот на Општина Крушево дал согласност со Решение бр.08-490/4 од 11 мај 2020 година, кое е објавено во „Службен гласник на Општина Крушево“ бр.7/2020.

4. Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Репуб­лика Северна Македонија, утврденa со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (членот 51 од Уставот).

Со Амандманот XVII точка 1 од Уставот е пропишано дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници, учествуваат во одлучувањето за прашањата од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Покрај уставните одредби, а во врска со оценувањето на законитоста на оспорената одлука, Судот оцени дека треба да се има предвид следната законска регулатива:

а) Во членот 2 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002) дефинирани се поимите „јавни служби“ кои претставуваат непрофитни организации за вршење на јавни услуги (јавни претпријатија и јавни установи), кои вршат дејност од јавен интерес од локално значење и „јавни услуги“ под што се подразбира вршење на работи од јавен интерес од локално значење за корисниците.

Во член 22 став 1 од Законот се пропишани надлежностите на општините, при што во точката 4 е регулирано прашањето за надлеж­носта на општините за вршење на кому­налните дејности. Во контекст на ова, законодавецот пропишал што сѐ спаѓа под комунални дејности, и тоа: снабдувањето со вода за пиење; испо­раката на технолошката вода; одведувањето и пречистувањето на отпа­дните води; јавното осветлување; одведувањето и третманот на атмо­сферските води; одржувањето на јавна чистота; собирање, транспорти­рање и поста­пување со комуналниот цврст и технолошки отпад; уреду­вањето и организирањето на јавниот локален превоз на патници; снабду­вањето со природен гас и топлинска енергија; одржува­њето на гробо­ви­те, гробиш­тата, крематориумите и давањето погребални услуги; изград­бата, одржу­вањето, реконструкцијата и зашти­тата на локалните патишта, улици и други инфраструктурни објекти; регулирање на режимот на сообраќајот; изградбата и одржувањето на уличната сообраќајна сигна­лизација; изградбата и одржувањето на јавни­от простор за паркирање; отстра­ну­вањето на непрописно паркираните возила; отстранување на хавариса­ните возила од јавните површини; изградбата и одржувањето на пазари­те; чистењето на оџаците; одржу­ва­њето и користењето на парко­вите, зеленилото, парк-шумите и рекреативните површини; регулацијата, одржувањето и користењето на речните корита во урбанизираните дело­ви; определувањето на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти.

Со членот 24 се предвидува дека заради извршување на своите надлежности, општините можат да основаат јавни служби, во согласност со закон (став 1); општината може да го делегира вршењето на одре­дени работи од јавен интерес од локално значење на други правни или физички лица, врз основа на договор за извршување на работи од јавен интерес, во согласност со закон (став 2); и општината е супсидијарно одговорна за извршувањето на работите од јавен интерес од ставовите (1) и (2) на овој член (став 3).

Надлежностите на советот на општините се уредени во членот 36 став 1 од Законот, притоа покрај остана­тите надлежности, советот основа јавни служби во рамките на надлежноста на општината и врши надзор над нивната работа (точка 4) и врши и други работи утврдени со закон (точка 15).

Од наведените одредби од Законот за локалната самоуправа произлегува дека во рамки на надлежностите на општините се и комуналните дејности чие извршување во согласност со посебен закон, општината може да го довери на јавни служби кои се дефинирани како непрофитни организации за вршење на јавни услуги (јавни претпријатија и јавни установи) кои вршат дејности од јавен интерес од локално значење. Притоа, советот како претставнички орган на граѓаните, во рамки на своите законски утврдени надлежности, покрај другото, е надлежен и да основа јавни служби во рамките на надлежноста на општината и да врши надзор над нивната работа.

б) Согласно членот 1 од Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Репуб­лика Македонија“ бр. 38/1996, 6/2002, 40/2003, 49/2006, 22/2007, 83/2009, 97/2010, 6/2012, 119/2013, 41/2014, 138/2014, 25/2015, 61/2015, 39/2016, 64/2018, 35/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/2019), јавни претприја­тија можат да се основаат заради вршење на дејности од јавен интерес (став 1). Република Македонија, општините и градот Скопје можат да основаат јавни претпријатија во согласност со овој закон, со цел за врше­ње на дејности од јавен интерес на територијата на Република Македо­нија (став 2). Јавни претпријатија во име на Република Македонија основа Владата на Република Македонија, во име на општината, советот на општината, и во име на градот Скопје, Советот на градот Скопје (став 3).

Според членот 2 од Законот, дејности од јавен интерес се дејностите или одделни работи од дејностите со кои се остварува јавен интерес (став 1); дејностите од јавен интерес ги вршат јавните претпријатија или друштва на коишто им е доверено вршењето на дејностите од јавен интерес (став 2); условите и начинот за вршење на дејностите и начинот на остварување на јавниот интерес од став 1 на овој член се уредуваат со закон (став 3); во извршувањето на дејностите од јавен интерес, треба да се почитуваат следниве принципи: сигурност во давањето на услугите, континуитет и квалитет на услугата, транспарентност, достапност и универзална услуга, заштита на корисниците и потрошувачите (став 4).

Членот 9 од Законот се однесува на основањето на јавното претпријатие и со истиот се предвидува дека Владата на Република Македонија, советот на општините и Советот на градот Скопје за основање на јавно претприја­тие донесуваат акт за основање на јавното претпријатие, а согласно член 10 став 1 точка 1 од Законот се предвидува дека со актот за основање на јавното претпријатие, меѓу другото, се утврдува и дејноста.

Со член 11 став 1 точка 1 од Законот се предвидува дека основачот на јавното претпријатие дава согласност, меѓу другото, и на Статутот на јавното претпријатие.

Според член 19 став 2 точка 1 од Законот, управниот одбор на јавното претпријатие го донесува статутот на јавното претпријатие.

Членот 29 од Законот се однесува на Статутот на јавното претпријатие и со истиот се предвидува дека со статутот поблиску се уредува организацијата, управувањето и раководењето со јавното претпријатие, општите акти и постапката за нивното донесување, како и други прашања од значење за јавното претпријатие.

Од изнесените одредби на Законот за јавните претпријатија произлегува дека за врше­ње на дејности од јавен интерес (пример: комунални дејности), општината може да формира јавно претпријатие со донесување на акт за основање од страна на советот на општината. Притоа, во актот за основање, меѓу другото, се утврдува и дејноста на јавното претпријатие. Аналогно на ова, за проширување на дејноста на јавното претпријатие, советот на општината, исто така, треба да даде согласност. Дополнително на ова, согласно членот 11 од Законот, советот како основач на јавното претпријатие, дава согласност и на статутот на јавното претпријатие, а соодветно на ова и на одлуката со којашто се врши изменување и дополнување на статутот.

в) Со Законот за комуналните дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2012, 163/2013, 42/2014, 44/2015, 147/ 2015, 31/2016, 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.302/2020) се уредуваат основните услови и начинот на вршење на комуналните дејности, финансирањето на комуналните дејности, финансирањето на изградбата и одржувањето на објектите на комуналната инфраструктура и други прашања од значење за комуналните дејности.

Според членот 2 од Законот, комуналните дејности се дејности од јавен интерес. Додека, согласно член 4 став 1 точка 1 од Законот, „комунална дејност“ е стопан­ска дејност за давање на комунални услуги за задоволување на потре­бите на физички и правни лица за која единиците на локалната само­управа обезбедуваат услови за соодветен обем, квалитет, достап­ност, континуитет и надзор над нејзиното вршење и согласно точката 4 од ставот 1 на истиот член, под поимот „давател на комунална услуга“ се подразбира јавно претпријатие основано од општината, општините во градот Скопје и градот Скопје и Владата на Република Северна Македонија или правно и физичко лице кое поседува дозвола за вршење на комунална дејност.

Во членот 5 од Законот, таксативно е наведено што сѐ претставува комунална дејност во смисла на одредбите од Законот, додека со членот 6 од Законот се предвидува дека условите и начинот на вршење на комуналните дејности од членот 5 од овој закон се пропишуваат со овој закон и посебните закони со кои се пропишани условите и начинот на вршење на одделни комунални дејности.

Главата II од Законот се однесува на обезбедување на услови за вршење на комунални дејности. Притоа, со членот 7 е предвидено дека комуналните дејности се вршат врз основа на развојни планови и програми (став 1). Развојните планови за вршење на комуналните дејности се донесуваат за период од три години од страна на советот на општината, општините на градот Скопје и градот Скопје (став 2). Јавните претпријатија основани од општината, општините во градот Скопје и градот Скопје за вршење на комунални дејности врз основа на развојните планови, донесуваат годишна програма до крајот на тековната година за наредната година по претходна согласност од советот на општината, општините на градот Скопје и градот Скопје (став 3).

Понатаму, со членот 8 од Законот е предвидено дека Владата на Република Македонија, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје обезбедуваат услови за организирано и трајно вршење на комуналните дејности и нивен развој, при што обезбедуваат: 1) материјални, технички и други услови за изградба, одржување и функционирање на објектите на комуналната инфраструктура и обезбедување на техничко-технолошко единство на системите за трајно и континуирано вршење на комуналните дејности; 2) потребен квалитет и обем на комуналните услуги во зависност од материјалните можности на општината, општините во градот Скопје и градот Скопје; и 3) контрола над правните и физичките лица кои вршат соодветни комунални дејности.

Со членот 9 од Законот е пропишано дека комуналните дејности се вршат во согласност со овој и друг закон, како и прописите донесени од страна на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје (став 1). За вршење на комуналните дејности, општините, односно градот Скопје можат да основаат јавно претпријатие, доколку со посебен закон со кој се уредува одделна комунална дејност поинаку не е уредено (став 2). Доколку општината, односно градот Скопје немаат основано јавно претпријатие, вршењето на комуналните дејности можат да го доверат на правни и физички лица кои поседуваат дозвола за вршење на соодветната дејност, согласно со условите утврдени во посебен закон со кој се уредува одделна комунална дејност поинаку не е уредено (став 3).

Од наведените законски одредби поизлегува дека Законот точно дефинира што подразбира под комунална дејност, со тоа што изречно предвидува дека комуналните дејности се вршат врз основа на планови и програми кои ги носи советот на општината. Притоа, со членот 8 од Законот се предвидува обврска за општините да обезбедат услови за организирано и трајно вршење на комуналните дејности и нивен развој и да се обезбеди потребен квалитет и обем на комуналните услуги во зависност од материјалните можности на општината.

5. Имајќи го предвид претходно изнесеното, а поаѓајќи од наводите во иницијативата од една страна, како и целокупната прибавена документација и законската регулатива од друга страна, Судот оцени дека, во конкретниот случај, од уставно-правен аспект, потребно е да се даде одговор на прашањето: Дали оспорената одлука е донесена во законски предвидена постапка и дали со донесувањето на истата се врши проширување на дејноста на ЈП „КОМУНА“ Крушево?

Во насока на одговор на наведеното, според Судот, најпрвин треба да се има предвид дека уставотворецот во членот 115 од Уставот ги утврдил надлежностите на локалната самоуправа, кои понатаму значително се проширени со Амандманот XVII од 2001 година. Притоа, како една од надлежностите на локалната самоуправа е и одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на комуналните дејности.

Покрај ова, од претходно изнесената законска регулатива произлегува дека извршувањето на комуналните дејности, во согласност со посебен закон, општината може да го довери на јавни служби кои се дефинирани како непрофитни организации за вршење на јавни услуги (јавни претпријатија и јавни установи) кои вршат дејности од јавен интерес од локално значење. Всушност, оваа своја надлежност во однос на комуналните дејности, општините можат да ја остварат на начин што советот донесува акт со кој основа јавни служби (јавни претпријатија и јавни установи), во кој, меѓу другото, се утврдува и дејноста на јавното претпријатие, а исто така, врши и надзор над нивната работа.

Покрај вака предвиденото, од одредбите на Законот за јавните претпријатија произлегува дека управниот одбор на јавното претпријатие го донесува статутот на јавното претпријатие, а советот како основач на јавното претпријатие, дава согласност и на статутот на јавното претпријатие, соодветно на ова и на одлуката со којашто се врши изменување и дополнување на статутот. Притоа, според членот 29 од Законот за јавните претпријатија, со статутот на јавното претпријатие поблиску се уредува организацијата, управувањето и раководењето со јавното претпријатие, општите акти и постапката за нивното донесување, како и други прашања од значење за јавното претпријатие.

Според Судот, во конкретниот случај, од прибавената документација и утврдената фактичка состојба, неспорно произлегува дека за извршување на своите законски предвидени надлежности, а кои се однесуваат на комуналните дејности кои претставуваат дејности од јавен интерес, Собранието на Општина Крушево со донесување на основачки акт го формиралo Јавното претпријатие „КОМУНА“ Крушево и притоа со членот 3 ги пропишалo дејностите за кои е основано ова јавно претпријатие. Понатаму, Статутот на ова јавно претпријатие е донесен од страна на надлежен орган – органот на управување (Управен одбор), соодветно на тоа и предметната статутарна одлука со која се врши изменување и дополнување на Статутот, а во согласност со член 19 став 2 точка 1 од Законот за јавните претпријатија. На крајот, за донесување на оспорената одлука, Советот на Општина Крушево дал согласност со Решение бр.08-490/4 од 11 мај 2020 година, кое е објавено во „Службен гласник на Општина Крушево“ бр.7/2020. Ова, од причина што согласно членот 11 од Законот за јавните претпријатија, советот како основач на јавното претпријатие, дава согласност и на статутот на јавното претпријатие, а соодветно на ова и на одлуката со којашто се врши изменување и дополнување на статутот.

Од наведеното, јасно произлегува дека не може да се прифати тврдењето на подносителот на иницијативата дека оспорената одлука не била во согласност со Законот за локалната самоуправа, Законот за јавните претпријатија и Законот за комунални дејности, а со тоа и со владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок и со членот 51 од Уставот, односно со начелото на уставност и законитост. Ова од причина што истата е донесена на начин и во постапка предвидена со законските прописи.

Од друга страна, од прибавената документација и утврдената фактичка состојба, Судот оцени дека неспорно произлегува дека дејноста за која било основано ЈП „КОМУНА“ Крушево, пропишана во основачкиот акт, била проширена два пати, со донесување на: 1. Одлука бр. 02-182/5 од 28.10.2003 година, донесена од Управниот одбор на јавното претпријатие (за што е направена соодветна измена и дополнување и на Статутот на јавното претпријатие бр. 02-182/5 од 28.10.2003 година, а на кои со Одлука бр. 07-21/7 од 06.02.2004 година, Советот на Општина Крушево дал дозвола) и 2. Одлука бр. 02-10/4 од 15.01.2018 година, донесена од Управниот одбор на јавното претпријатие (за што е направена измена и дополнување и на Статутот на јавното претпријатие бр. 02-10/5 од 15.01.2018 година, а на кои Советот на Општина Крушево со заклучоци од седницата одржана на 23.02.2018 година дал согласност).

Меѓутоа, за разлика од овие одлуки со кои се врши проширување на дејноста на ЈП „КОМУНА“ Крушево, според Судот, доколку се анализира нормативниот дел на сега оспорената одлука (член 1), несомнено може да се заклучи дека целта на донесување на истата е само усогласување на дејностите кои ги врши комуналното претпријатие „КОМУНА“ Крушево со Националната класификација на дејности, која е донесена со Одлука за донесување на Националната класификација на дејностите – НКД РЕВ.2 („Службен весник на Република Македонија“ бр.147/2008).

За таа цел, со членовите 2 и 3 од предметната одлука се врши интервенција во дел III од Статутот кој се однесува на дејностите на јавното претпријатие, односно во членот 7. Всушност, дел од дејностите кои веќе биле содржани во ставот 2 на членот 7 (пред донесување на оспорената одлука), со оспорената одлука се додаваат во ставот 1 на член 7, притоа добиваат посебна шифра на дејност и нов назив усогласен со Националната класификација на дејности – НКД РЕВ.2. Ова може да се согледа и од содржината на членот 7 од Статутот пред донесување на оспорената одлука, каде во ставот 2 биле пропишани дејностите (одржување и користење на пазари на мало; издавање и одржување на паркинг простор; изградба на објекти од нискоградба и издавање на сопствен недвижен имот), кои со сега оспорената одлука добиваат посебна шифра на дејност и стануваат дел од содржината на ставот 1 на членот 7 од Статутот.

Од наведеното, според Судот, несомнено произлегува дека наводите изнесени во иницијативата дека со оспорената одлука се вршело додавање на нови „дополнителни“ дејности на ЈП „КОМУНА“ Крушево спротивно на законските прописи од причина што проширувањето на дејноста на едно јавно претпријатие можела да се направи само со изменување и дополнување на основачкиот акт се неосновани. Ова оттука што со оспорената одлука не се уредува проширување на дејноста на ЈП „КОМУНА“ Крушево, туку истата е донесена со цел да се изврши усогласување на веќе пропишаните дејности на ова јавно претпријатие со Националната класификација на дејности – НКД РЕВ.2.

Ова, дотолку повеќе што комуналните дејности кои ги извршува ова јавно претпријатие изворно се уредени во основачкиот акт со кој е основано ова јавно претпријатие (Одлука за организирање на работната организација за комунални дејности „КОМУНА“ – Крушево, како Jавно претпријатие бр.08-339/1 од 13.11.1989 година), додека во Статутот само се пренесени дејностите, без притоа изворно да се уредуваат.

Во однос на останатите наводи во иницијативата, според кои под јавни претпријатија се подразбирале повеќе, а не едно јавно претпријатие да ги извршува сите комунални дејности, Судот оцени дека прашањето колку и какви видови јавни претпријатија ќе основа општината за извршување на нејзините надлежности во однос на комуналните дејности, не е во надлежност на Уставниот суд.

На крајот, во однос на наводите во иницијативата со кои се оспорува законитоста на предметната одлука од аспект на одредбите од Законот за Национална класификација на дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 7/1998), Судот смета дека истата не може да се разгледува во однос на одредбите од овој закон од причина што истиот престанал да важи со донесување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005).

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд, за прифаќање на барањето во иницијативата за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.228/2020
23.02.2022 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска