Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 23 февруари 2022 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 8 од Правилникот за користење на јавните паркиралишта од значење на Општина Центар – Скопје бр.02-17/102 од 29.11.2021 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр.23/21).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за организација и начин на наплата на јавните паркиралишта од значење за Општина Центар – Скопје бр.02-17/75 од 16.07.2019 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр.14/19).
3. Друштво за производство, градежништво, трговија и услуги, АРИЕС ДООЕЛ Скопје, преку овластено лице Горан Путиќ, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 8 од Правилникот за користење на јавните паркиралишта од значење на Општина Центар – Скопје бр.02-17/77 од 16.07.2019 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр.14/19) и актот означен во точката 2 од ова решение.
Подносителот на иницијативата смета дека членот 8 од Правилникот кој е предмет на оспорување (бр.02-17/77 од 16.07.2019 година, објавен во „Службен гласник на Општина Центар“ бр.14/19) не бил во согласност со член 55 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија со кој се предвидувало дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, член 3 став 1 точка 8 од Законот за комуналните такси со кој се предвидувало дека комунални такси се плаќаат и за користење на простор за паркирање на патнички моторни возила, товарни моторни возила и нивните приколки и автобуси, што за таа цел ќе ги определи општината, како и член 4 став 1 точка 11 од Законот за даночна постапка со кој се предвидувало што се подразбира под поимот „резидент“.
Според наводите изнесени во иницијативата, ЈП „Паркинзи“ на Општина Центар, пречекорувајќи ги своите надлежности, спротивно на законски утврдената дефиниција за поимот „резидент“ (член 4 од Законот за даночна постапка), со оспорената одредба, утврдил право за користење на улици исклучиво за станарите и жителите на резидентните улици, ускратувајќи го тоа право за правните лица кои ги исполнувале законски утврдените обележја и се квалификувале во правниот промет како резиденти за конкретни резидентни улици, односно сектори.
Со ова, всушност, се утврдувала повластена категорија на субјекти со право да користат одредена услуга, односно јавна површина (само станари и жители на одредена резидентна улица). Спротивно на наведените уставни и законски одредби, со оспорената одредба од Правилникот, за одредена категорија на субјекти (станари и жители) се обезбедувала поповолна правна положба пред Уставот и законите, за разлика од правните лица (нерезиденти). На овој начин се вршела дискриминација на правните лица во остварувањето на своите, со Устав и закон, загарантирани права.
Во иницијативата се наведува дека ЈП „Паркинзи“ на Општина Центар немало право да доделува или ограничува резидентен статус со подзаконски акт, туку единствено имало право да го утврди тој статус врз основа на приложена јавна исправа, лична карта (за физичко лице) или тековна состојба (за правно лице).
Врз основа на наведеното, подносителот бара од Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба од предметниот правилник, како и да го задолжи ЈП „Паркинзи“ на Општина Центар да го усогласи Правилникот со Уставот и законите, а со цел изедначување на правата на резидентите (правни и физички лица).
4. Судот на седницата утврди дека членот 8 од оспорениот Правилник (бр.02-17/77 од 16.07.2019 година, објавен во „Службен гласник на Општина Центар“ бр.14/19) е содржан во главата VI насловена како „Резидентни паркиралишта и паркиралишта со комбиниран систем на наплата (резидентно-комерцијални паркиралишта)“.
Судот, исто така, утврди дека со членот 8 се предвидува дека резидентни паркиралишта и резидентни улици се јавни паркиралишта кои се уредени на начин единствено со намена за станарите и жителите на Општина Центар коишто живеат во опфатот на паркинг секторот каде што се наоѓа односното јавно паркиралиште од значење за Општина Центар (став 1); резидентните паркиралишта, зависно од капацитетот на слободни паркинг места и потребите на корисниците, може да бидат уредени и како комбинирани, односно резидентно-комерцијални јавни паркиралишта, со определени услови за нивно користење (став 2); резидентно-комерцијални јавни паркиралишта, односно комбинирани паркиралишта се организираат на одредени резидентни паркиралишта, на коишто е организиран комбиниран начин на паркирање, во однос на функцијата која ја врши резидентното паркиралиште, а во согласност со определено временско ограничување на комерцијалните корисници на резидентните паркиралишта (став 3); резидентно-комерцијалните јавни паркиралишта за сите корисници на јавните паркиралишта се организираат како комерцијални секој ден од понеделник до сабота во периодот од 08.00 часот до 15.00 часот, со период на толеранција до 16.00 часот (став 4); и резидентно-комерцијалните јавни паркиралишта по 16.00 часот се организираат како резидентни паркиралишта, односно на конкретните паркиралишта е дозволено паркирање единствено за станарите и жителите во опфатот на резидентното паркиралиште (став 5).
Судот, утврди и дека во Правилникот за користење на јавните паркиралишта од значење на Општина Центар – Скопје бр.02-17/102 од 29.11.2021 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр.23/21), кој сега е во сила и се применува, е содржан членот 8 со идентична содржина како и во Правилникот кој е предмет на оспорување со иницијативата и кој престанал да важи.
5. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Во делот на Уставот кој се однесува на основите на економските односи, во ставот 2 на членот 55 е определено дека се гарантира еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот, при што државата е должна да презема мерки против монополското однесување на пазарот.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Во конкретниот случај, Управниот одбор на ЈП за јавни паркиралишта „Паркинзи“ на Општина Центар, во согласност со законските прописи, го донел Правилникот за користење на јавните паркиралишта од значење на Општина Центар – Скопје бр.02-17/77 од 16.07.2019 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр.14/19) чиј член 8 е оспорен со предметната иницијатива.
Во текот на претходната постапка, Судот утврди дека подоцна е донесен нов Правилник за користење на јавните паркиралишта од значење на Општина Центар – Скопје бр.02-17/20 од 04.02.2020 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр.04/20) во кој, меѓу другото, со членот 16 се предвидува дека одредбите од Правилникот (бр.02-17/77 од 16.07.2019 година), престануваат да важат по стапувањето на сила на новодонесениот правилник. Покрај ова, донесени се и два нови правилници, и тоа: Правилник за користење на јавните паркиралишта од значење на Општина Центар – Скопје бр.02-17/133 од 21 септември 2020 година и Правилник за користење на јавните паркиралишта од значење на Општина Центар – Скопје бр.02-17/102 од 29.11.2021 година, кој сега е во сила и се применува.
Притоа, од содржината на членот 8 од правилникот кој престанал да важи, како и Правилникот кој сега е во сила и се применува, произлегува дека оваа одредба е со идентична содржина и со истата се пропишува што се подразбира под резидентни паркиралишта и улици – наменети се за паркирање исклучиво за станарите и жителите на Општина Центар кои живеат во опфатот на паркинг секторот каде што се наоѓа односното јавно паркиралиште од значење за Општина Центар, а исто така, се предвидуваат и комбинирани, односно резидентно – комерцијални јавни паркиралишта кои се организираат на одредени резидентни паркиралишта, на коишто е организиран комбиниран начин на паркирање, во однос на функцијата која ја врши резидентното паркиралиште, а во согласност со определено временско ограничување на комерцијалните корисници на резидентните паркиралишта (секој ден од понеделник до сабота во периодот од 08.00 часот до 15.00 часот, со период на толеранција до 16.00 часот). По 16.00 часот, овие паркиралишта се организираат повторно како резидентни паркиралишта, односно на конкретните паркиралишта е дозволено паркирање единствено за станарите и жителите во опфатот на резидентното паркиралиште.
Имајќи го предвид наведеното, според Судот, несомнено произлегува дека правното прашање кое било предмет на уредување со оспорената одредба од правилникот што престанал да важи, на ист начин е уредено и со членот 8 од Правилникот за користење на јавните паркиралишта од значење на Општина Центар – Скопје бр.02-17/102 од 29.11.2021 година, кој сега е во сила и се применува.
Оттука, имајќи ја предвид улогата на Уставниот суд за заштита на уставноста и законитоста, наводите во иницијативата кои се однесуваат на членот 8 од Правилникот кој престанал да важи (бр.02-17/77 од 16.07.2019 година), беа разгледани од аспект на членот 8 од важечкиот Правилник (бр.02-17/102 од 29.11.2021 година), а со цел да се одговори на прашањата покренати со иницијативата.
Во овој контекст, во насока на одговор на прашањата кои се однесуваат на уставноста на оспорената одредба, а поради тоа што за одредена категорија на субјекти (станари и жители) се обезбедувала поповолна правна положба пред Уставот и законите, за разлика од правните лица (нерезиденти) и на овој начин се вршела дискриминација на правните лица во остварувањето на своите со Устав и закон загарантирани права, Судот оцени дека уставната одредба (член 55 став 2 од Уставот) од аспект на која се проблематизира членот 8 од Правилникот, не може да се примени во конкретниот случај. Ова од причина што со оваа одредба се гарантира уставното начело за еднаквоста на субјектите на пазарот, кои се правни лица, а не и на граѓаните (станари и жители) кои се физички лица, кои поради нивниот посебен правен субјективитет не можат да се изедначуваат со статусот, односно положбата на правните лица.
Ова, дотолку повеќе, што доколку се има предвид содржината на членот 8 од Правилникот, како и предметот на уредување на Правилникот, несомнено произлегува дека со истиот се уредени прашања кои се однесуваат на зонската поделба на јавните паркиралишта, временското ограничување за користење на паркиралиштата, начинот на наплата на паркирањето и начинот на користење на повластените паркинг карти за јавните паркиралишта со наплата од значење за Општина Центар – Скопје (член 1 од Правилникот). Всушност, станува збор за прашања кои се однесуваат на дејности од јавен интерес (комунални дејности) кои се во надлежност на општината и за чие извршување е формирано јавното претпријатие, а не за прашања кои се однесуваат на субјектите на пазарот.
Дополнително на наведеното, во однос на прашањата за законитоста на оспорената одредба, според Судот, повикувањето на законските одредби, односно член 4 став 1 точка 11 од Законот за даночна постапка со кој се дефинира поимот „резидент“ во смисла на одредбите од овој закон, како и член 3 став 1 точка 8 од Законот за комуналните такси со кој се уредуваат прашањата во однос на предметот на оданочување, односно во кои случаи се плаќа комунална такса, не можат да се применат во конкретниот случај. Ова од причина што овие закони од аспект на предметот на уредување, уредуваат сосема други прашања (кои се однесуваат на пример: на општото даночно право, постапката на утврдување на данок, постапката на контрола на данок и др., како и комуналните такси што се плаќаат за користење на определени права и др.).
Што се однесува до наводите во однос на правото на користење на резидентните паркиралишта и улици од страна на правните лица (нерезиденти) со недвижен имот кој е во сопственост на правното лице како во конкретниот случај, тоа е фактичко прашање кое не влијае на уставноста, односно законитоста на членот 8 од Правилникот, додека во однос на наводите со кои се бара Судот да го задолжи ЈП „Паркинзи“ на Општина Центар да го усогласи предметниот правилник со Уставот и законите, а со цел изедначување на правата на резидентите (правни и физички лица), тоа е прашање за кое Судот не е надлежен да одлучува.
Покрај наведеното, иако во поднесената иницијатива во делот „означување на оспорениот акт/одредба/и од актот“ стои и Одлука за организација и начин на наплата на јавните паркиралишта од значење за Општина Центар – Скопје бр.02-17/75 од 16.07.2019 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр.14/19) како акт кој се оспорува, сепак понатаму од текстот на иницијативата, како и уредувањето на истата, не се содржани наводи во однос на оценувањето на уставноста и законитоста на овој акт, поради што, во овој дел, настапени се условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување по истата.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.51/2021
23.02.2022 гoд.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска