ПОЈАСНУВАЊЕ ЗА ПРЕДМЕТОТ ЗА ИЗБОР НА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕТО ОД 2017-ТА ГОДИНА

Уставниот суд на денешната седница не донесе одлука за предметот У.бр.47/2017 во кој беше оспорена Одлуката за избор на претседател на Собранието од 2 мај 2017-та година(„Службен весник на РМ” бр.53/2017) донесена од Собранието, поради недоволно мнозинство на гласови и за  овој предмет ќе се одлучува на некоја од наредните седници кога Судот ќе биде во полн состав. 

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска го доби овој предмет како готов реферат на 22 февруари 2022 година, или една недела пред денешната седница и веднаш го стави на седница, како што е праксата за сите останати предмети. 

За појаснување, овој предмет е оформен уште во 2017-та година со спојување на четири иницијативи и на 07 јуни 2017-та година советник на Судот кому му бил доделен предметот го изготвил рефератот и го предал на тогашниот судијата-известител. 

Од објективни причини на почетокот на оваа година предметот е прераспределен кај нов судија, кој за две недели го проучил рефератот и го предал на Претседателката на Уставниот суд како подготвен за одлучување.  Всушност, од јуни 2017-та година се до 22 февруари оваа година, тој предмет не бил предаден кај претседател на Суд за да се стави на дневен ред за одлучување. 

Во овој контекст, Уставниот суд ги информира граѓаните дека се води сметка за должината на предметите и по насока на претседателката Кацарска на сите советници и судии им е укажано приоритет да даваат на постари предмети и да внимаваат на времетраењето на постапката, а дополнително уште пред повеќе од четири месеци е побарано од советниците на Судот да достават информација за сите нерешени предмети, а на судиите им е укажано да реагираат кај советниците на Судот за да ги изготвуваат рефератите во најкраток рок. Токму по овие укажувања од страна на претседателката на Судот веќе е одлучено по неколку стари предмети изминатиот период.