У.бр.139/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, членот 71 и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 16 февруари 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Спогодбата за регулирање на начинот на исплата на регрес за користење на годишен одмор и новогодишен надоместок, склучена на 15.11.2021 година, помеѓу ЈКП „Брегалница“ Делчево, претставувана од генералниот директор Стојанче Стојковски како работодавач и Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, станбено-комунално стопанство, занаетчиство и заштитни друштва на Република Северна Македонија.

2. Николчо Атанасовски, адвокат од Делчево, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, достави иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на спогодбата означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената спогодба чија содржина ја цитира, не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, членот 9 и членот 51 од Уставот, со член 12 ставови 2 и 4 и членот 113 од Законот за работните односи,(„Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 110/19 и 267/20), со членот 66, членот 78, и членот 80 од Колективниот договор за комунални дејности на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.107/2006), како и со Колективниот договор за уредување на правата, обврските и одговорностите на работниот однос на работниците во ЈКП „Брегалница“ Делчево од 29.02.2008 година.

Ова од причини што работодавачот ЈКП „Брегалница“ Делчево и СУТКОЗ како репрезентативен синдикат ги кршеле уставно загарантираните права на работниците од причини што со истата спогодба ретроактивно за веќе втасани и утужени побарувања на работниците на име регрес за годишен одмор, новогодишен надомест и јубилејни награди се ограничувале односно намалувале правата на работниците утврдени и дадени со колективниот договор на ниво на работодавач без никаква оправдана причина. Ова дотолку повеќе што договорните страни немале такви овластувања согласно Уставот и законите да можат предвидените и уредени права на ниво на гранка и на ниво на работодавач да ги ограничуваат и намалуваат ретроактивно со некоја спогодба помеѓу работодавач и синдикат на кој вработените не се ниту членови, а која спогодба очигледно била на штета на работниците.

3. Судот на седницата утврди дека на 15.11.2021 година помеѓу ЈКП „Брегалница“ Делчево, претставувана од генералниот директор Стојче Стојковски како работодавач и Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, станбено-комунално стопанство, занаетчиство и заштитни друштва на Република Северна Македонија е донесена

С п о г о д б а
За регулирање на начинот на исплата на регрес за користење на годишен одмор и новогодишен надоместок

Склучена помеѓу:

1. ЈКП „Брегалница“ Делчево со седиште на ул.„Методија Митевски Брицо“ бр.36 Делчево, претставувана од генералниот директор Стојче Стојковски како работодавач и
2. Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално -станбеното стопанство, занаетчиство и заштитни друштва на Република Северна Македонија (скратен назив СУТКОЗ) со седиште на ул.„Мирче Ацев“ бр 4 Скопје, застапуван од претседателот Дарко Димовски како репрезентативен синдикат.

Член 1

Предмет на оваа спогодба е регулирање на исплата на надомест за користење на регрес за годишен одмор и новогодишен надомест за 2018, 2019 и 2020 година.

Член 2

Со потпишување на оваа спогодба, страните се согласија на вработените во ЈКП „Брегалница “ Делчево и на работниците на кои по разни основи им престанал работниот однос во претпријатието во периодот од 2018-2020 година, а кои ги исполнуваат условите за исплата на регрес за користење на годишен одмор и новогодишен надомест за 2018, 2019 и 2020 година да им се исплати регрес за користење на годишен одмор во износ од 4.500,00 денари и новогодишен надоместок во износ од 1.500,00 денари.

Член 3

Исплатата на регресот за користење на годишен одмор од член 2 на оваа спогодба да се изврши на 12 рати почнувајќи од декември 2021 година до ноември 2022 година.

Член 4

Имајќи ја предвид импликацијата која ја има исплатата на надоместот за јубилејни награди врз финансиската состојба на претпријатието, со потпишување на оваа Спогодба, страните се согласија на вработените во ЈКП „Брегалница“- Делчево и на работниците на кои по разни основи им престанал работниот однос во претпријатието во периодот од 2018-2020 година, да не им се исплаќа надоместок за јубилејни награди се до склучување нов Колективен договор на ниво на гранка.

Член 5

Странките се согласни оваа спогодба да важи и да се применува на започнатите постапки и постапките кои во иднина ќе започнат пред Основниот граѓански суд Делчево, во кои како тужители се вработени во претпријатието или работници на кои по разни основи им престанал работниот однос во претпријатието во кои тужен е ЈКП „Брегалница“ Делчево како работодавач, а во кои постапки предмет на тужбеното барање е исплата на регрес за користење на годишен одмор, новогодишен надоместок и јубилејни награди за 2018, 2019 и 2020 година.

Член 6

Спогодбата влегува во сила со денот на нејзиното потпишување.

Член 7

Оваа спогодба е составена во шест(6) еднобразни примероци од кои по 3 (три) за секоја спогодбена страна.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија предвидува дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, Уставниот суд има надлежност да одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, меѓутоа не сите прописи можат да бидат предмет на оцена пред Уставниот суд, туку само прописите коишто содржат општи норми на однесување, уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и коишто утврдуваат права и обврски на неопределен број на субјекти во правото.

Со општите акти на оригинален (изворен) начин се уредуваат односите и се уредуваат правата и обврските за граѓаните и за другите правни лица во рамките на надлежноста на органот којшто ги донесува. Тие содржат општи правни норми, кои се однесуваат на неопределен број случаи. Во конкретниот случај, Спогодбата за регулирање на исплата на регрес за користење на годишен одмор и новогодишен надоместок за 2018, 2019 и 2020 година склучена на 15.11.2021 година помеѓу ЈКП „Брегалница“ Делчево, претставувана од генералниот директор Стојанче Стојковски како работодавач и Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, станбено-комунално стопанство, занаетчиство и заштитни друштва на Република Северна Македонија, се однесува на вработените во ЈКП „Брегалница“ Делчево и има за цел да им се исплати peгpec за користење на годишен одмор и новогодишен надоместок во определен износ и на начин согласно финансиските можности на ЈКП „Брегалница“, а со цел да не се доведе во прашање опстојувањето на јавното претпријатие.

Во конкретниот случај, оспорената спогодба не претставува општ акт со којшто се пропишуваат општи норми на однесување, се уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин или се утврдуваат права и обврски на неопределен број на субјекти во правото, што на спогодбата и дава карактер на конкретен акт, поради што не претставува пропис подобен за уставно-судска анализа.

Со оглед на изнесеното, а врз основа на наведените уставни и деловнички одредби, Уставниот суд не е надлежен да ја оценува уставноста и законитоста на оспорената спогодба, односно се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.139/2021
16 февруари 2022 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска