У.бр.129/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 71 и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 9 февруари 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 2 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 151/2021), во делот: “а најдоцна до 30 јуни 2022 година”.

2. Весна Спировска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во поднесената иницијатива, подносителот поаѓајќи од член 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија, врз основа на кој законите не можат да имаат ретроактивно дејство, оспорената одредба ја разбира така што таа ќе се однесува на изјавите дадени во периодот после влегувањето во сила на овој закон, односно после 14.07.2021 година, па до 31.08.2021 година, и истата не би требало да се однесува на изјавите дадени претходно.

Меѓутоа, во праксата се јавувале различни толкувања на оспорената одредба, односно дека оспорениот став 2 на член 2 од Законот требало да се однесува и за сите други изјави за продолжување на договорот за вработување кои биле дадени и пред влегувањето во сила на овој закон. Исто така, подносителот наведува дека има и случаи во кои работодавачот дури и донел решенија за продолжување на договорот за вработување до декември 2022 година, и од таа причина го поставува прашањето што станува со правната сигурност загарантирана со Уставот односно каква ќе биде судбината на таквите решенија.

Подносителот понатаму наведува дека законите согласно член 52 од Уставот не можело да имаат ретроактивно дејство, освен ако се поповолни за граѓаните, а во конкретниот случај истиот е понеповолен со тоа што го ограничува правото на граѓанинот да го продолжи договорот за вработување како што изјавил во дадената изјава.

Поради наведените аргументи во иницијативата се предлага Уставниот суд да го укине член 2 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, во целина, а посебно во делот: „а најдоцна до 30 јуни 2022 година”, како спротивен на уставните одредби на кои се упатува во иницијативата.

3. Судот на седницата утврди дека членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 151/2021), гласи:

„За поднесените изјави за продолжување на договорот за вработување до 31 август 2021 година се применуваат одредбите од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 110/19 и 267/20).

Договорот за вработување од ставот 1 на овој член важи до истекот на времето за кое е продолжен, а најдоцна до 30 јуни 2022 година.”.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со предметната иницијатива повторно се бара од Уставниот суд да ја оцени уставноста на член 2 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија бр. 151/21), во суштина од истите причини како во предметот У.бр.89/2021, за што Судот се произнел и утврдил дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со одредбите на Уставот.

Имајќи предвид дека Судот веќе одлучувал за член 2 став 2 од Законот за работните односи, Судот оцени дека согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, иницијативата треба да се отфрли.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.129/2021
09.02.2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска