I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:
1. Член 389-а во делот „договорна“ од Законот за облигацоните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/209 и 161/2009 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2021)
Реферат У.бр.127/2021
Подносител: Дарко Јаневски од Скопје.
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот на иницијативата со оспорениот член 389-а во делот „договорна“ од Законот за облигационите односи, законодавецот ги ставал граѓаните во подредена положба, со тоа што пропишал дека исклучиво договорната камата не можела да го надмине главниот долг, односно кога ќе се достигнел износот на главнината, каматата престанувала да тече, но не и кога се работело за казнена камата. Во таа смисла, законодавецот оставил можност, да се дојде до злоупотреба на правото во правниот промет, посебно од страна на субјектите кои имале монополска положба на пазарот. Исто така, законодавецот ги ставал во подредена дискриминаторска положба граѓаните кои од било каква причина биле приморани да потпишуваат договори без договорна камата во однос на граѓаните кои потпишувале договорна камата поради што ваквата одредба била спротивна на членот 9 од Уставот согласно кој, сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите, како и тоа дека со таквата одредба се поттикнувало монополско однесување, што било спротивно на член 55 став 2 од Уставот, според кој Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека оспорената одредба била во спротивност и со членовите 4 – 8 од Законот за облигационите односи од причина што, невозможно било да се има еднаков третман на давањето, а притоа да се немало злоупотреба на правото, односно придржување до начелото на совесност и чесност, односно забраната за злоупотреба на монополскатата положба, кога едни граѓани во однос на други граѓани биле ставени во подредена и нееднаква положба. Воедно, подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одредба којашто била нејасна и непрецизна, законодавецот кај граѓаните предизвикувал правна несигурност, со што била спротивна на уставното начело на владеење на правото и начелото на уставност и законитост уредено во членот 51 од Уставот.
2. Одлука за избор на Претседател на Собранието на Република Македонија, бр.08-1108/1 од 2 мај 2017 година („Службен весник на Република Македонија” бр.53/2017), донесена од Собранието на Република Македонија.
Реферат У.бр.47/2017
Подносители: Тодор Петров од Скопје, претседател на Светски Македонски Конгрес, Васко Лазески од Кичево, Богдан Илиевски и Борис Дамовски од Скопје и Томе Тодоровски, адвокат од Свети Николе.
Од наводите во иницијативите:
– Според наводите во иницијативата поднесена од Тодор Петров, оспорената Одлука не била во согласност со: членот 2, членот 8 став 1 алинеја 3, членот 51 и членот 63 став 1 од Уставот на Република Македонија, со одредби од Законот за Собранието на Република Македонија и со одредби од Деловникот на Собранието на Република Македонија. Во иницијативата е наведено дека оспорената Одлука била потпишана од неовластено лице во својство на заменик претседавач на Конститутивната седница на Собранието на Република Македонија. Подносителот смета дека оспорената одлука за избор на претседател на Собранието на Република Македонија не била во согласност со членот 63 став 1 од Уставот поради тоа што Одлуката не била донесена на седница на Собранието на која требало да претседава претседателот на Собранието од претходниот состав кој ја свикува конститутивната седница на Собранието не подоцна од 20 дена по одржаните избори на 11 и 25 декември 2016 година. Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека оспорената одлука за избор на претседател на Собранието на Република Македонија, фактички била донесена по затварање на седницата на Собранието на 27 април 2017 година, од страна на неопределен број пратеници, и со тоа биле сторени повеќе кривични дела согласно Кривичниот законик. Оспорената одлука била потпишана од пратеникот Горан Мисовски, кој не бил претседавач на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија и како таква Одлуката која воедно била и објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2017 на 8 мај 2017 година била во спротивност со Уставот, Законот за Собранието на Република Македонија и Деловникот на Собранието на Република Македонија.
– Според наводите во иницијативата и дополнувањето на иницијативата поднесена од Васко Лазески од Кичево, оспорената одлука не била во согласност со членот 52 став 1 и членот 61 став 2 од Уставот на Република Македонија, членот 6 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во Службен весник на Република Македонија, одредби од Законот за Собранието на Република Македонија и одредби од Деловникот на Собранието на Република Македонија. Во наводите на иницијативата се наведува дека оспорената одлука била донесена на 27 април 2017 година, меѓутоа била заведена под бр.08-1108/1 од 2 мај 2017 година и потпишана од пратеникот Горан Мисовски во својство на заменик претседавач со конститутивната седница на Собранието на Република Македонија. Подносителот смета дека со тоа што постоела разлика во датумите на донесување и заведување односно потпишување на оспорената одлука, таа влегла во сила со денот на донесувањето, а тоа е 27 април 2017 година уште пред нејзиното потпишување и заверка на 2 мај 2017 година, па оттука фактот што не била објавена на 27 април 2017 година во „Службен весник на Република Македонија“, влегла во сила пред објавувањето што било во спротивност со членот 6 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во Службен весник на Република Македонија и не била во согласност со членот 52 став 1 од Уставот според кој законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Во дополнувањето на иницијативата се наведува дека оспорената одлука била во спротивност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија. Меѓудругото, во иницијативата се укажува на тоа што со оглед на тоа што оспорената одлука била општ акт, Уставниот суд бил надлежен да одлучува за нејзината уставност и законитост и согласно членот 112 став 2 од Уставот, Уставниот суд можел да укине или поништи друг пропис или општ акт, колективен договор, статут или програма на политичка партија или здружение, ако утврди дека тие не се во согласност со Уставот или со закон.
– Според наводите во иницијативата поднесена од Богдан Илиевски и Борис Дамовски од Скопје, оспорената одлука за избор на претседател на Собранието на Република Македонија, била донесена спротивно на членот 7 ставови 1, 2, 3 и 5, членот 8 став 1 алинеја 3, членот 51 став 2 и членот 63 став 1 од Уставот на Република Македонија, на одредби од Деловникот на Собранието на Република Македонија, како и на одредби од Законот за Собранието на Република Македонија. Во иницијативата се наведува, дека со оглед на тоа што оспорената одлука била донесена со повреда на одредби од Деловникот на Собранието на Република Македонија коишто ја уредувале постапката за конституирање на Собранието и одредбите што се однесувале на седница на Собранието, свикување на седница и предлагање на дневен ред и тек на седницата, со тоа оспорената одлука била донесена во спротивност на уставниот принцип на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија (член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот). Меѓудругото, во иницијативата се наведува дека во Собранието, всушност конститутивната седница веќе била свикана од претседател на Собранието од претходниот состав и нејзиното продолжение се одвивало се до денот кога се случила импровизираната седница и се избрал нов претседател на Собранието, во услови кога тој избор покрај другото бил без констатирање на бројот на присутни пратеници кои учествувале и ја прифатиле импровизираната седница, во потполно неделовничка процедура, без записник, без стенограми, без точен број на пратеници кои гласале „за“ предлогот за избор, без можност за предлагање на кандидати од страна на Комисијата за прашања на изборите и именувањата или најмалку 20 пратеници, согласно членот 22 од Деловникот. Во такви услови во Собранието пратеникот Горан Мисовски бил избран како заменик претседавач на Конститутивната седница на Собранието и тој во такво својство ја потпишал оспорената одлука за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија. Постапката уредена со Деловникот на Собранието била прекршена меѓу другото и поради фактот што немало минимум 61 пратеник кои гласале „за“ изборот на Талат Џафери, со оглед на тоа што отсуствувале пратеници во салата за време на траењето на изборот на импровизираната седница, а во отсуство на служба која раководи со техничките средства, немало евидентирано ниту кои гласале „за“, „против“ или „воздржано“, како и бројот на присутни пратеници. Поради ова, во иницијативата се наведува дека изборот на претседател на Собранието бил направен со грубо кршење на одредбите од Деловникот на Собранието на Република Македонија и со повреда на утврдената постапката за водење (тек) на собраниската седница. Со самоволно преминување на точката 4 од дневниот ред на конститутивната седница им било суспендирано правото на сите останати пратеници да предложат свој кандидат за претседател на Собранието, како и правото утврдено со Деловникот, Комисијата за прашањата за изборите и именувањата да даде предлог. Подносителите на иницијативата сметаат дека со непочитување на деловничката процедура дирекно бил повреден Уставот на Република Макеоднија, како и уставноста и законитоста во работењето на претставничкиот орган на граѓаните во Република Македонија.
– Според наводите во иницијативата поднесена од Томе Тодоровски, адвокат од Свети Николе, оспорената одлука била во спротивност со членовите 1, 2, 8, 51, 63 и 66 од Уставот на Република Македонија, членовите 17, 37 и 43 од Законот за Собранието на Република Македонија и голем број набројани членови од Деловникот на Собранието. Во иницијативата се наведуваат истоветни причини кои се содржани и во претходните иницијативи во овој предмет од кои се истакнува прекршување на постапката за водење на седници и за избор, со што оспорената одлука била неуставна и незаконита.
3. Одлука за усвојување на конечниот Предлог Детален урбанистички план – Урбана единица “В” – Блок 8 – Општина Гостивар, број 08-2101/1 од 25.12.2020 година.
Реферат У.бр.108/2021
Подносител: Шенол Ризванче од Гостивар, преку полномошник Вергин Шабани, адвокат од Гостивар.
Од наводите во иницијативата:
Според наводите во иницијативата со оспорениот акт се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија предвидени во член 8 став 1 алинеи 1 и 3 и членот 9 од Уставот, како и членовите 28 и 33 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, член 36 став 1 точка 15 од Законот за локалната самоуправа и Уредбата за определување и реонизација на зони на градовите и населените места. Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека оспорената одлука која се однесувала на одредени катастарски парцели била во спротивност со наведените акти од причина што со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање истите биле наменети за домување во станбени згради А-А2. Подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одлука граѓаните се ставале во нееднаква положба од причина што во конкретниот случај градежната парцела, сопственост на подносителот на иницијативата, добивала помала пазарна вредност бидејќи останувала со намена А-А1 (домување во станбени куќи), бидејќи не била опфатена со ДУП во Блок 8.Оспорената одлука била во директна спротивност со членот 9 од Уставот, членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права, членот 1 од Протоколот 12 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и член 8 став 2 од Законот за заштита од дискриминација.
II. ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ ПО ПРЕДМЕТИТЕ:
1. Предлог за одлучување по предметот У.бр.109/2021 со нацрт-одлука
Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод иницијатива на Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ од Скопје со Решение У.бр.109/2021 од 22 декември 2021 година поведе постапка за оценување на оценување на уставноста и законитоста на членот 75 од Одлуката за комунален ред и мерки за нејзино спроведување на подрачјето на Општина Ѓорче Петров, бр.08-1090/8 од 24.04.2015 година („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.4 од 28.04.2015 година) и членот 8 од Одлуката за измена на Одлуката за комунален ред и мерки за нејзино спроведување на подрачјето на Општина Ѓорче Петров, бр.8-1188/7 од 30.06.2020 година („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.5 од 30.06.2020 година), донесени од Советот на Општина Ѓорче Петров, затоа што основано се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од одлуките со начелото на владеење на правото и начелото на уставност и законитост (член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот)како и со член 12 став 3 алинеја 8 од Законот за комунални дејности и член 21 став 2 и член 22 став 1 од Законот за локалната самоуправа.