Соопштение за примени иницијативи и барања во периодот од 2 до 21 февруари 2021

Во периодот од 2 до 21 февруари  до Уставниот суд беа поднесени осум иницијативи и едно барање за заштита на слободите и правата, по кои беа оформени следните предмети:

У.бр.7/2022

Подносител: Нехат Љужа од Скопје

Се оспорува член 171 став 3 од Колективниот договор на МВР („Службен весник  на РСМ” 149/2021 од 05.07.2021) кој се однесува на вонреден работен додаток на плата и слободни денови. Оспорениот член  според подносителот бил спротивен на Законот за работни односи(членови 105, 106, 116 и 117) со кои е ограничена горната граница до која може еден работник да се ангажира.

У.бр.8/2022

Подносител: Глигорие Ќатоски адвокат од Струга

Се оспорува членот 19 од Закон за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица кој предвидува именуваните и назначените лица да земаат плата и по престанувањето на функцијата најмногу 12 месеци. Се оспоруват и членовите 20, 21, 22, 23, 24 и 25 кои го доуредуваат членот 19. Според подносителот наведените членови се спротивни на темелните вредности на владеењето на правото и принципот на еднаквост предвидени со Уставот.

У.бр.9/2022

Подносител: Синдикат на полиција во Македонија од Велес

Се оспорува член 178 ставови 1 и 3 од Колективниот договор на МВР(„Службен весник на РСМ” број 149 од 05.07.2021). Според подносителот оспорениот член е спротивен на Законот за внатрешни работи, односно на член 112 ставови 2,3 и 4 од Законот за работни односи и се во спротивност со темелните вредности на уставниот поредок, член 8,9,50,51 и 54 од Уставот на РСМ. Оспорениот член се однесува на надоместок на плата за време на привремена неспособност.

У.бр.10/2022

Подносител: Синдикат на полицијата во Македонија од Велес

Се оспорува член 171 ставови 2,3 и 4 од Колективниот договор на МВР („Службен весник на РСМ” број 149 од 05.07.2021). Според подносителот оспорениот член е спротивен на член 148 став 2 и 3 од Законот за внатрешни работи и спротивни на член 117 ставови 2 и 3 од Законот за работни односи и членовите 8, 9 и 51 од Уставот. Оспорениот член се однесува на правото на користење на слободни денови и прекувремена работа во месецот.

У.бр.11/2022

Подносител: Сашо Балабанов од Штип

Се оспорува Уредбата со законска сила за носење на лична заштита на лицето заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот COVID19 и заштита на населението за време на вонредна состојба бр.44-3324/1 од 22.04.2020 година како и Протоколот за постапување на основите училишта во РСМ за реализација за воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците, за учебната 2021/2022 година. Според подносителот со оваа одлука повредени се темелните вредности на уставниот поредок, основните слободи и права, хуманизмот,социјалната правда и солидарноста, како и Законот за здравствена заштита и Законот за основно образование.

У.бр.12/2022

Подносител: Ајдарски Бобан

Се оспоруваат Решенија на Командантот на ВП 4770 и Началникот на ГШ на Армијата. Според подносителот Решенијата се во спротивност со владеењето на правото како темелна вредност, гаранцијата за судска заштита на поединечните акти на државната управа,  член 138 од Законот за служба во Армијата. Подносителот бара поништување на Решенијата .

У.бр.13/2022

Подносител: Здружение на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина од Кавадарци

Оспорени се членовите 15,16,18,19,20,28,33,35,40,42,49,57 од Статутот на Стоматолошката комора „Службен весник на РСМ” бр.118 од 1 јуни 2021 година како спротивни на член 8  од Уставот во кој се предвидени темелните вредности на уставниот поредок, член 257 став 2 и член 258 став 3 од Законот за здравствена заштита, член 10 и член 11 од Статутот. Подносителот го оспорува членот 15 точка 3 од Статутот кој се однесува на условите за престанување на членството во Комората во случај на кривична осуда и бара негово поништување во точка 3 и 5 и да го задолжи Собранието на комората да ги дополни недореченостите, да ги прецизира постапките и да ги неведе органите кои донесуваат решенија.

У.бр.14/2022

Подносител: Томе Главчев,Ратко Димитровски,Зоранчо Митровски преку адвокат Петро Јанура од Скопје

Во барањето се оспорува Обвинителниот акт КО.бр.121/19 од 14.12.2020 од Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и Решение II КОК-ООА бр.60/2020 од 14.10.2020. Според подносителите тие се во спротивност со членот 110 алинеја 3 од Уставот поради повреда на правото на забрана од дискриминација по основ на социјална припадност, односно имотната и општествената положба, во поглед на личен статус и во поглед на статус на сведок во судска постапка, како и по основ на политичка припадност, односно политичко уверување. Подносителите на ова барање наведуваат дека се успешни стопанственици, а поднесувањето на обвинителниот акт против нив е сублимат на дискриминаторски дејствија по различни основи.

У.бр15/2022

Подносител: Здружение за заштита на работничките права ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ Штип

Се оспорува член 12 од Законот за утврдување на јавен интерес и ноиминрање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8(делница: Tетово-Гостивар-Букојчани и проектот за автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан) и Коридорот 10 (делница на автопатот Прилеп-Битола) во Република Северна Македонија („Службен весник на РСМ” бр.163/2021). Според подносителот одредбата за „просек 60 часа неделно во текот на годината” од Законот е во спротивност со уставните и законските норми кои го определуваат правото на неделен одмор на работниците. Подносителот предлага времена мерка  запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија коишто се преземени врз основа на одредбата од член 12 од Законот.