Преглед на иницијативи за оценување на уставноста и законитоста предложени за VI-та седница на Уставниот суд на Република Северна Македонија закажана за 23.02.2022 година (среда), со почеток во 09,30 часот

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1. Одредби од Законот за локалната самоуправа во деловите каде што стојат зборовите: „Република Македонија“, и тоа: член 1, член 2 став 1 точка 3, член 4 став 1, член 6, член 10 ставови 2 и 5, член 19 став 1, член 23 став 2, член 38, член 51 став 3, член 54 став 4, член 60 став 1 точка 7, член 61 став 3, член 71 ставови 3 и 4, член 75 став 1 точки 1 и 2, член 76 ставови 1 и 2, член 79 став 2, член 80 став 3, член 81, член 87, член 88, член 95, член 96 став 2, член 97, член 100, член 101, член 102, член 104, член 105 и во називот на глава XI од Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002).
Реферат У.бр.133/2021

Подносител: Виктор Божиновски, адвокат од Куманово

Од наводите во иницијативата:

Според подносителoт на иницијативата, оспорените одредби од Законот за локалната самоуправа не биле во согласност со членот 114 и Амандманот XXXIII на Уставот на Република Северна Македонија од причина што во оспорените одредби од Законот за локалната самоуправа сеуште стоеле зборовите: „Република Македонија“, а истите, согласно Амандманот XXXIII на Уставот, треба да се заменат со зборовите: „Република Северна Македонија“. Понатаму, подносителот наведува дека според членот 114 на Уставот, а согласно Амандманот XVI на Уставот, коишто се однесуваат на локалната самоуправа, стоело: „Републиката“ наместо: „Република Македонија“, поради што подносителот смета дека оспорените одредби од Законот за локаланата самоуправа не биле во согласност со член 114 од Уставот и со Амандманот XXXIII на Уставот.

2. – Член 8 од Правилникот за користење на јавните паркиралишта од значење на Општина Центар-Скопје бр.02-17/77 од 16.07.2019 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр.14/2019) и
– Одлуката за организација и начинот на наплата на јавните паркиралишта од значење на Општина Центар-Скопје бр.02-17/75 од 16.07.2019 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр.14/2019).
Реферат У.бр.51/2021

Подносител: Друштво за производство, градежништво, трговија и услуги, АРИЕС ДООЕЛ Скопје, преку овластено лице (управител), Горан Путиќ.

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата смета дека членот 8 од оспорениот Правилник не бил во согласност со член 55 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија со кој се предвидувало дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, член 3 став 1 точка 8 од Законот за комуналните такси со кој се предвидувало дека комунални такси се плаќаат и за користење на простор за паркирање на патнички моторни возила, товарни моторни возила и нивните приколки и автобуси, што за таа цел ќе ги определи општината, како и член 4 став 1 точка 11 од Законот за даночна постапка со кој се предвидувало што се подразбира под поимот „резидент“. Меѓу другото, во наводите на иницијативата се наведува дека ЈП „Паркинзи“ на Општина Центар, пречекорувајќи ги своите надлежности, спротивно на законски утврдената дефиниција за поимот „резидент“ (член 4 од Законот за даночна постапка), со оспорената одредба, утврдил право за користење на улици исклучиво за станарите и жителите на резидентните улици, ускратувајќи го тоа право за правните лица кои ги исполнувале законски утврдените обележја и се квалификувале во правниот промет како резиденти за конкретни резидентни улици, односно сектори. Со ова, според подносителот, се утврдувала повластена категорија на субјекти со право да користат одредена услуга, односно јавна површина (само станари и жители на одредена резидентна улица) при што спротивно на наведените уставни и законски одредби со оспорената одредба од Правилникот, за одредена категорија на субјекти (станари и жители) се обезбедувала поповолна правна положба пред Уставот и законите, за разлика од правните лица (нерезиденти) со што се вршела дискриминација на правните лица во остварувањето на своите со Устав и закон загарантирани права.

3. Одлука за измена и дополнување на Статутот на ЈП „Комуна“ Крушево бр.02-110/3 од 7.05.2020, донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие „Комуна“-Крушево.
Реферат У.бр.228/2020

Подносител: Киро Сотироски од Крушево.

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата, оспорената одлука не била во согласност со начелото на владеење на правото (член 8 став 1 алинеја 3) и начелото на уставност и законитост (член 51 став 1 од Уставот), како и со Законот за локалната самоуправа, Законот за јавните претпријатија, Законот за комунални дејности и Законот за Национална класификација на дејности. Законитоста на предметната одлука се оспорува најпрвин од аспект на одредби од Законот за локалната самоуправа и подносителот на иницијативата наведува дека за вршење на работи од нејзината надлежност (комунални дејности) општината веќе го имала формирано ЈП „Комуна“ Крушево, за што бил донесен и соодветен акт – Одлука (за основање – претежна дејност). Вака пропишаните основни дејности на ЈП „Комуна“ Крушево во неколку наврати, со донесување на посебни одлуки биле проширени, меѓутоа, во конкретниот случај, со донесувањето на оспорената одлука, спротивно на наведените законски одредби, на ова претпријатие му се доделувале „дополнителни“ дејности. За овие дејности, според наводите изнесени во иницијативата, требало да се формираат посебни служби – јавни претпријатија, а не да ги извршува истото јавно претпријатие – „Комуна“ Крушево. Понатаму, подносителот на иницијативата, повикувајќи се на одредби од Законот за јавните претпријатија, укажува на тоа дека комуналните дејности биле дејности од јавен интерес и за нивно извршување се основале јавни претпријатија, со донесување на посебен акт за нивно основање. Меѓутоа, под јавни претпријатија се подразбирало повеќе, а не едно претпријатие да ги извршува сите дејности. Оттука, според изнесените наводи, непобитен бил фактот дека дејностите на ЈП „Комуна“ Крушево (се) и требало да бидат утврдени со актот за основање, како и неговите изменувања и дополнувања, а не со изменувањата и дополнувањата на Статутот, како што било направено со донесувањето на предметната одлука и нејзините претходни изменувања и дополнувања. Всушност, новите дејности кои се предвидувале со предметната одлука не биле дејности заради кои било основано ЈП „Комуна“ Крушево, па оттука за извршување на истите, ова јавно претпријатие немало ниту материјални, ниту кадровски, а ниту пак технички можности. Меѓу другото, според подносителот, спротивно на посочените уставни и законски одредби, со предметната одлука се додавале четири нови точки и се проширувала дејноста на ЈП „Комуна“ Крушево коешто било основано за друга основна дејност.

4. Одлука за начин на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко плански документации и донесување нови урбанистички планови и урбанистички проекти како и за начинот на водење на постапките за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти („Службен гласник на Општина Охрид“ бр.3/2021 од 16.03.2021 година).
Реферат У.бр.76/2021

Подносител: Драган Коровешовски од Охрид.

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата оспорената одлука била во спротивност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6, 7, 9 и 10, член 8 став 2 и членот 51 од Уставот, со одредби од Законот за локалната самоуправа, со членот 47 од Законот за градење, членот 94 од Законот за градежно земјиште, со одредби од Законот за урбанистичко планирање и со членот 1 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Исто така, според подносителот, со оспорената одлука се вршела повреда и на членовите 13, 14 и 18 од Европската конвенција за заштита на човековите права. Меѓу другото, подносителот наведува дека со оспорената одлука, Советот на Општина Охрид неосновано ја довел во прашање уставната гаранција на правото на сопственост, со што го повредил членот 30 став 1 и став 3 од Уставот на Република Северна Македонија. Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека во членот 23 од Законот за урбанистичко планирање било уредено прашањето во кои случаи и во каква постапка можело да се суспендира примената на урбанистички план или негови делови, кои биле обврските на донесувачот на планот, кои биле последиците, како и временските рокови, што преставувал законски основ за суспензија на примена на детален урбанистички план или негови делови. Подносителот на иницијативата предлага Судот да донесе времена мерка со која оспорената одлука нема да се применува бидејќи била донесена спротивно на постапката за донесување на ДУП, а со истата се суспендирале сите генерални и детални планови на Општина Охрид, при што ќе се спроведувала селективно, односно оние граѓани кои имале одобренија пред да се објави одлуката да имаат право да градат надвор од одлуката, како и оние граѓани чии објекти не биле од интерес за определбата на Владата. За разлика од нив другите граѓани биле дискриминирани и истите не смееле да аплицираат за одобрение ниту да градат иако деталниот план сеуште бил во важност. Според подносителот, ниту Владата, ниту Општина Охрид имале право во незаконска постапка да стават вон сила ДУП, бидејќи при неговото донесување се водело грижа и за заштита на животната средина и пошироките општествени интереси. Меѓудругото, подносителот наведува дека со оспорената одлука се стопирало и спроведувањето на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, а неговото важење било лимитирано. Во тие рамки со донесената одлука се повредувале и човековите права на граѓаните на Охрид преку нивна дискриминација со Одлуката во целост.

5. Точките 3 и 4 од Одлуката за висината на надоместокот на пратениците за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели и надоместок на трошоци за патарина (“Службен весник на Република Македонија” бр.106/2006, 143/2007 и 161/2018).
Реферат У.бр.78/2021

Подносители: Политичка партија “Левица” – Скопје, Димитар Апасиев од Скопје, и Борислав Крмов од Штип.

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата оспорените точки 3 и 4 од Одлуката биле во спротивност со уставниот принцип на владеење на правото (член 8 став 1 алинеја 3), член 32 став 5 од Уставот според кој остварувањата на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, уставното на начело на уставност и законитост (член 51) и член 64 став 6 од Уставот во кој е уредено дека пратеникот има право на надомест утврден со закон, како и со одредби од Законот за пратениците и членот 7 од Законот за Собранието на Република Северна Македонија. Меѓу другото, подносителите на иницијативата сметаат дека Законот за пратениците и Законот за Собранието на Република Северна Македонија предвидувале дека извршувањето на функцијата пратеник вклучувало инкомпатибилно извршување на општествената активност која била строго утврдена и темелена на уставни и законски принципи и истата предизвикувала уставни и законски обврски и права. За извршената општествена должност и придонесот кон заедницата, пратеникот добивал плата и надоместок на плата. Законот за пратениците таксативно ги наведувал личните приходи и надоместоци на трошоците на кои пратеникот има право. Според подносителот, во член 31 став 1 од Законот за пратеници, кој бил јасен и дециден, законодавецот никаде не предвидел плус дополнителен надоместок на трошоците за исплатените патарини, туку само надоместок за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели во висина од 20% од продажната цена на еден литар гориво според изминат километар за возилото кое се користи. Согласно наведените уставни одредби, во наводите на иницијативата се наведува дека надоместокот на трошоци за патарина, во ниту еден случај не би можел да биде предвиден со подзаконски акт, туку можел да биде предмет само на законски одредби. Според наводите во иницијативата, со оспорените точки од Одлуката се нарушувал системот на нормативна хиерархија и конзистентноста на уставниот поредок и согласноста на подзаконските акти со законите и Уставот. Оттука, оспорениот подзаконски акт го рушел принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок предвиден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и правната сигурност на граѓаните како дел од фундаменталното начело на владеењето на правото. Понатаму, според подносителите на иницијативата, Собранието со носење на оспорената комисиска одлука донесена на седница на кадровско работно тело составено само од 13 пратеници излегувало од рамките дадени во Уставот и наведените закони предвидувајќи надоместок на трошоците за патарина којшто надоместок како таков воопшто не бил предвиден ниту со Устав ниту со закон.

II. ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ ПО ПРЕДМЕТИТЕ:

1. Предлог за одлучување по предметот У.бр.21/2020 со нацрт-одлука.

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод иницијатива поднесена од Гордана Стоиловска, преку полномошник Момчило Доцевски, адвокат од Куманово, со Решение У.бр.21/2020 од 15 декември 2021 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението УП.1 бр.11-44 од 16.05.2018 година, донесено од градоначалникот на Општина Дојран, со кое се одобрува локална урбанистичка планска документација за дел К.П. бр.1073 и др. за К.О. Сретеново, Општина Дојран, изработена од ДГПТУ „СТАН АРТ“ ДООЕЛ Куманово, со тех.бр.26.01.12/17 од април 2018 година, кој опфат опфаќа простор од 4309,00 m², затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 10 и членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија, со членот 65 од Законот за животната средина, а во врска со членот 28 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и со член 16 став 4 од Законот за заштита на природата и член 10 став 3 од Законот за прогласување на Дојранското Езеро за споменик на природата.