Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 2 февруари 2022 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценка на уставноста и законитоста на член 338 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021).
2. Синдикатот на полицијата во Македонија од Велес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценка на уставноста и законитоста на одредбата од Колективниот договор означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорениот член 338 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, не бил во согласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа: член 8 став 1 алинеи 1 и 3 според кои основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија; член 9 кој се однесува на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите; член 39 според кој на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита и граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите; член 43 кој се однесува на правото на здрава животна средина; член 51 според кој во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон; и член 118 според кој меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон.
Во иницијативата се нумерички набројани и членови од Законот за безбедност и здравје при работа (членови 4, 5, 11, 17, 22, 24, 25 и 28) со кои оспорениот член 338 од Колективниот договор бил во несогласност. Воедно се посочува и дека оспорената одредба од Колективниот договор не била во согласност и со одредби од Законот за заштита при работа.
Во иницијативата се наведува дека согласно член 131 од Колективниот договор, Министерството има обврска да обезбеди безбедност и здравје при работа на работниците, од секој аспект поврзан со работата. Министерството во рамки на своите надлежности задолжително презема мерки неопходни за безбедност и здравје при работа на работниците, вклучувајќи заштита од професионални ризици, обезбедување информации и обука, практикување соодветна организација на работа, пропишување на потребните средства и обезбедување нивна достапност за работниците, уредување на начинот, видовите, мерките и нормативите за безбедност и здравје при работа.
Поаѓајќи од ваквата определба во содржината на Колективниот договор, во иницијативата се наведува дека со оспорениот член од тој договор неоправдано се пролонгира и обезвреднува целта на оваа и на останатите одредби кои се уредени со одложената примена на правата уредени со Договорот.
Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на членот 338 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи.
3. Судот на седницата утврди дека членот 338 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, ја има следнава содржина:
„(1) Одредбите од членовите 51, 53 алинеја 1, 56, 57, 58, 59, 60, 61, 131, 132, 133, 134, 135, 136, 137, 138, 139, 140, 155 став 2 алинеја 3 и 159 од овој колективен договор, ќе отпочнат да се применуваат од 1 јануари 2025 година.
(2) Одредбите на членовите 62 алинеи 3 и 5, 166 став 1 алинеја 4, 178 став 3, 200 став 2, 201 и 202 од овој колективен договор, ќе отпочнат да се применуваат од 01.01.2022 година.“
4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето, како и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со Законот за работните односи („Службен весник ва Република Македонија“ број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016, 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 110/2019, 267/2020 и 151/2021) на општ начин се уредени остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работниот однос.
Имено, согласно членот 1 од Законот за работните односи, со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување (став 1). Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договор за вработување (став 2).
Законот за работните односи ги уредува и работните односи на работниците вработени во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа, установите, јавните претпријатија, заводите, фондовите, организациите и други правни и физички лица кои вработуваат работници, доколку со друг закон поинаку не е определено (член 3).
Согласно член 203 од овој закон, колективен договор се склучува како општ на ниво на Републиката, посебен на ниво на гранка односно оддел, согласно Националната класификација на дејности и поединечен на ниво на работодавач.
Од анализата на Законот за работните односи, како Lex generalis произлегува дека со него се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој закон кој ги пропишува основните, односно минималните права, и со друг закон, колективен договор и договор за вработување, при што со договорот за вработување, односно со колективниот договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако такви одредби содржат, се сметаат за ништовни. Со договорот за вработување, односно со колективниот договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни отколку што ги определува овој закон. Правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземат или ограничат со акти или дејствија на работодавачот.
5. Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021) склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат, како поединечен договор на ниво на работодавач, ги уредува правата и обврските на работниците во Министерството за внатрешни работи и работодавачот, како и условите и начинот на остварувањето на правата и обврските од работен однос и други прашања од работните односи или во врска со работните односи.
Овој колективен договор влегол во сила со денот на склучувањето на 24.06.2021 година а се применува од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 149 од 05.07.2021 година.
Со оспорениот член 338 од овој колективен договор е уредено да има одложена примена на конкретно наведените одредби од предметниот колективен договор. Имено, во ставот 1 од овој член од Колективниот договор е утврдено дека примената од 1 јануари 2025 година ќе започне за одредбите од членовите 51, 53 алинеја 1, 56, 57, 58, 59, 60, 61, 131, 132, 133, 134, 135, 136, 137, 138, 139, 140, 155 став 2 алинеја 3 и 159 од овој колективен договор.
Во ставот 2 од овој член од Колективниот договор е предвидено дека примената за одредбите од членовите 62 алинеи 3 и 5, 166 став 1 алинеја 4, 178 став 3, 200 став 2, 201 и 202 од овој колективен договор ќе започне од 01.01.2022 година
Неспорно е дека за одредбите конкретно наведени во ставот 2 од членот 338 од Колективниот договор, примената е настапена и тие се веќе во примена од 01.01.2022 година поради што со наводите во иницијативата не може да се оспорува од уставно-правен аспект овој дел од членот 338 од Колективниот договор, поради одложена примена, бидејќи таа фактички престанала. Оттука, постојат и процесни пречки за одлучување на Судот во однос на овој дел од одредбата.
Во однос на причините поради кои се оспорува ставот 1 од членот 338 од Колективниот договор, каде примената на конкретно наведените одредби ќе започне од 1 јануари 2025 година и постои одложена примена на конкретни одредби од овој колективен договор, Судот оцени дека договорните страни постигнале таква согласност при склучување на предметниот колективен договор, односно тие се согласиле со одлагање на примената на тие одредби од Колективниот договор. Според Судот, причините наведени во иницијативата не се основа за впуштање на Уставниот суд во оценка на оправданоста на интенцијата на договорните страни за одложување на примена на одредбите од Договорот, бидејќи тие имаат законско овластување да склучуваат, менуваат и дополнуваат колективен договор кој е адекватен на спецификата на конкретното министерство и неговите надлежности, а со тоа и да го одредуваат времето на важење, престанување на важење и времето на започнување на примена на одредбите од Колективниот договор за одредени односи кои се уредуваат со нив.
Предмет на оспорување со иницијативата не се правата и обврските кои се пропишани со Колективниот договор, односно дали односите кои се уредени со одредбите од Колективниот договор, и со тоа како содржина се договорени помеѓу договорните страни, се во согласност со Устав и закон. Напротив, со иницијативата се оспорува целисходноста на одложената примена на дел од одредбите во Колективниот договор преку оспорување на членот 338 од Колективниот договор кој тоа го уредува, и преку оспорување на овој член да се креира нова примена, што не е надлежност на Уставниот суд да одлучува за целисходноста и оправданоста од тој аспект на одредбите во Колективниот договор, ниту да креира решенија за кои договорните страни имаат законски основ да го склучат предметниот договор и да ги уредуваат односите од предметната материја.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека во случајов исполнети се условите од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата за оспорување на уставноста и законитоста на членот 338 од Колективниот договор, поради ненадлежност на Судот да одлучува по барањето и поради процесни пречки за одлучување по иницијативата.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.131/2021
02. 02. 2022 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска