Преглед на иницијативи за оценување на уставноста и законитоста предложени за V-та седница на Уставниот суд на Република Северна Македонија закажана за 16.02.2022 година (среда), со почеток во 09,30 часот

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1. Член 57 став 3 и став 4 и член 106 став 1 точка 4 од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2009, 24/2011, 25/2013, 79/2013, 147/2013,43/2014, 160/2014, 33/2015, 147/2015, 7/2016 и 39/2016).
Реферат У.бр.196/2020

Подносители: Еколошка групација „Грин Пауер“ од Велес, Движење за социјална правда „Ленка“ од Скопје и политичка партија „Левица“ од Скопје.

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од Законот за шумите не биле во согласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа со: член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4, 10 и 11 и став 2 кои се однесуваат на темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија – основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право, како и дека во Република Северна Македонија слободно е се што со Уставот и закон не е забрането. Потоа, во иницијативата се наведува дека оспорените одредби од Законот за шумите, не биле во согласност и со уставното право на слободно движење како и ограничувањето на остварување на ова право уредено во член 27 ставови 1 и 3, правото на здрава животна средина (член 43 од Уставот), начелото на уставност и законитост (член 51 од Уставот), ограничувањето на слободите и правата на човекот и граѓаните утврдено во членот 54 од Уставот и членот 118 од Уставот, според кој меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот поредок и не можат да се менуваат со закон. Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека граѓанското право на слободно движење можело да биде ограничено, а не и целосно забрането, само во три таксативно набројани уставни случаи: заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето (член 27 став 3 од Уставот). Во иницијативата се наведува дека Уставот не ги предвидувал случаите на „опасност од пожар“ или „опасност од работи кои се изведуваат во шума“, коишто биле предвидени во оспорениот член 57 став 3 од Законот за шумите, како причини за забраната за движење. Оттука, според подносителот на иницијативата законодавецот немал валиден правен основ за пропишаната законска забрана за движење во шума, како што тоа го сторил со оспорениот член 57 став 3 од Законот за шумите со што ги пречекорил уставните ограничувања спротивно на член 54 став 1 од Уставот, според која слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Според наводите во иницијативата, од оспорената одредба на членот 57 став 3 од Законот, се гледало дека забраната за движење во шума не ја донесувал јавен орган на државната власт, туку „субјектите кои стопанисуваат со шумите во согласност со органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството“ односно дека забраната за движење во шума ја носело ЈП „Македонски/Национални шуми“ кое воопшто немало јавно-правни овластувања за донесување одлука за забрана за движење во шума, а Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како надлежен управен орган, само давало согласност т.е. одобрение и за тоа протоколарно ја известувало јавноста со соопштение. Ваквата изместена правна поставеност го деградирала системот на надлежности на органите на државната власт, каде јавно претпријатие одлучувало за прашање кое е во доменот на основни човекови права. Покрај другото, во иницијативата се наведува дека со оспорената законска одредба се пропишувало забрана за движење во шума под закана од изрекување на непропорционално висока парична глоба од 2000 евра во денарска противвредност за оние физички лица кои ќе бидат фатени на дело како се движат во шума без претходно издадено одобрение, согласно оспорениот член 106 став 1 точка 4 од наведениот закон што само ја потврдувало уставната проблематичност на оспорените одредби, од една страна како дискрециона интервенција за забрана за движење во шуми поставена на неопределено време и од друга страна, со изрекување на парична глоба која е превисока и не кореспондира со принципите на едно современо демократско општество поради тоа што не бил постигнат разумен баланс и соодветно вреднување на правата и интересите коишто се во судир помеѓу слободата на движење и заштитата на шумите.

2. Член 13 точка 12 од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за преврентивни препораки, времени мерки,наредни мерки, наменски протоколи,планови и алогоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болестCOVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2,случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.199/2021).
Реферат У.бр.101/2021

Подносител: Николче Мушаревски од Скопје.

Од наводите во иницијативата:

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одлука, со која е определено дека се забранува влез во објекти и делови од објекти наведени во одлуката, без поседување и приложување на: сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза од вакцина против заразната болест COVID-19 и сертификат/потврда за прележан COVID-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, била спротивна на член 8 став 1 алинеја 1,член 9 став 1, член 16 став 1, член 27 став 1 и член 54 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и членовите 28 и 33 од Законот за заштита на населението од заразни болести. Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека според Уставот, граѓаните се еднакви во своите права и слободи без разлика на општествената положба и дека Уставот го гарантира слободното движење на сите граѓани на територијата на Републиката, но оспорената одлука го дерогирала ова право за невакцинираните граѓани. Според подносителот, оваа дерогација или ограничување би имале правна основа само во случај тоа да е предвидено и со закон како што предвидува членот 27 од Уставот. Во Законот за заштита на населението од заразни болести не била пропишана мерка, обврска или друг механизам со кои е забранет влез во одредени објекти на граѓани кои не се вакцинирани против COVID -19 и кои не прележале COVID -19, а ниту било пропишано дека вакцинирањето е задолжително. Оттука, според подносителот, бидејќи вакцината против COVID-19 не била задолжителна, не можело да се ограничуваат слободите и правата на невакцинираните граѓани односно се давало можност на граѓаните самите по сопствено уверување и убедување да одлучат дали ќе се вакцинираат или нема да се вакцинираат. Кога од една страна на граѓаните им се давало право на избор, не можело од друга страна за тој избор да сносат последици во смисла на ограничување на нивните права, ограничување на слободата на движење итн. Оттука, според подносителот на иницијативата, во правниот промет не требало и не можело да опстане правен акт со кој се ограничуваат основните слободи и права на граѓаните, а притоа тој акт не само што немал правен основ ниту во Уставот ниту во закон, туку бил спротивен на нив.

3. Член 16 став 3 од Законот за данокот на личен доход („Службен весник на Република Македонија“ бр.241/2018).
Реферат У.бр.8/2020

Подносител: Александра Илиева Милчова, адвокат од Скопје.

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата, оспорената законска одредба била спротивна на членот 8 став 1 алинеја 7 во кој како темелна вредност е уредена слободата на пазарот и претприемништвото, членот 32 од Уставот според кој секој има право на работа и право на соодветна заработувачка, членот 33 од Уставот според кој секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и членот 55 од Уставот со кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Исто така, според подносителот, оспорената законска одредба била спротивна и на Законот за данокот на личен доход. Во иницијативата се наведува дека вака поставеното законско решение оставало простор на државниот орган за наплата на јавни приходи да определи паушална основна вредност на данок на доход за субјектите на оданочување и со давањето на можност на државата, преку надлежниот орган за јавни приходи, да го оданочи почетникот или недоволно развиениот субјект произволно според некоја замислена вредност која би можела да се постигне на пазарот, наместо да ја прифати цената на стоката и услугата на секоја единка посебно согласно цената која таа единка ја постигнала на пазарот, се засегало во темелната вредност на уставниот поредок-слободата на пазарот и претприемништвото утврдена во член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот. Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека со оданочување кое било различно од тоа што конкретниот работодавач го остварил како приход, во споредба со некој друг работодавач кој остварил повеќе или во споредба со мнозинството кое остварило повеќе приход или поголема цена на своите услуги или стоки или остварило поголем промет од субјектот на оданочување кој можел да биде и работодавач и работник истовремено, се создавала нееднаквост во примената на параметрите на оданочување кон субјектот кој е во исто време и работодавач и работник и на свој товар ги носи сите трошоци и остварува приход за себе во вид на плата и плаќа давачки во вид на придонеси, а не чека од државата сето тоа таа да му го обезбедела, со што се создавала нееднаквост на тоа работно место, поради што оспорената законска одредба не била во согласност ниту со правото на достапност на секое работно место на секого под еднакви услови, како и со правото на соодветна заработувачка утврдени во член 32 ставови 2 и 3 од Уставот. Подносителот на иницијативата, исто така, наведува дека оспорената законска одредба создавала нееднаквост помеѓу субјектите на оданочување давајќи можност за одделни субјекти на оданочување да не се зема даночна основа која реално ја остварил конкретниот субјект на оданочување според цените на стоките и услугите кои ги ставил во промет, а тоа не било во согласност со уставната определба секој лично да ги плаќа даноците наведена во член 33 од Уставот, како и со уставната определба за еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и со обврската на Републиката да спречува монополска положба и монополско однесување на пазарот утврдени во член 55 став 2 од Уставот. Оспорената законска одредба била во спротивност и со другите одредби од истиот закон со оглед дека создавала простор за паушално оданочување на одделни субјекти наспроти начинот на оданочување на сите други субјекти пропишан со Законот за данокот на личен доход.

4. Спогодба за регулирање на начинот на исплата на регрес за користење на годишен одмор и новогодишен надоместок, склучена на 15.11.2021 година, помеѓу ЈКП „Брегалница“ Делчево претставувана од генералниот директор Стојче Стојковски како работодавач и Синдикатот на работниците од угостителството, туризамот, станбено-комунално стопанство, занаетчиство и заштитни друштва на Република Северна Македонија.
Реферат У.бр.139/2021

Подносител: Николчо Атанасовски, адвокат од Делчево.

Од наводите во иницијативата:

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената Спогодба не била во согласност со уставниот принцип на владеење на правото (член 8 став 1 алинеја 3), начелото на еднаквост (член 9) и начелото на уставност и законитост (член 51 од Уставот), со одредби од Законот за работните односи, со одредби од Колективниот договор за комунални дејноси на Република Македонија и со Колективниот договор за уредување на правата, обврските и одговорностите на работниот однос на работниците во ЈКП „Брегалница“ Делчево од 29.02.2008 година. Според подносителот на иницијативата работодавачот ЈКП „Брегалница“ Делчево и СУТКОЗ како репрезентативен синдикат ги кршеле уставно загарантираните права на работниците од причини што со истата спогодба ретроактивно за веќе втасани и утужени побарувања на работниците на име регрес за годишен одмор, новогодишен надомест и јубилејни награди се ограничувале односно намалувале правата на работниците утврдени и дадени со колективниот договор на ниво на работодавач без никаква оправдана причина. Ова дотолку повеќе што договорните страни немале такви овластувања согласно Уставот и законите да можат предвидените и уредени права на ниво на гранка и на ниво на работодавач да ги ограничуваат и намалуваат ретроактивно со спогодба помеѓу работодавач и синдикат на кој вработените не се ниту членови, а која спогодба очигледно била на штета на работниците.