Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска испрати писмо до претседателот на Собранието,Талат Џафери

 

 

Почитуван г. Џафери,

Ви се обраќам во мое лично име и во име на судиите на Уставниот суд за прашање коешто е во интерес на сите граѓани кои очекуваат владеењето на правото да биде врвен приоритет во општеството.

 Уставот ја дефинира Република Северна Македонија како парламентарна демократија во којашто поделбата на државната власт е темелен принцип, а Уставниот суд како орган на Републиката  ја штити уставноста, законитоста и човековите слободи и права. 

Од тие причини, Ви се обраќам да Ве информирам за ситуацијата во која се наоѓа Уставниот суд и неговото отежнато функционирање во последниот период со само петмина судии, иако Уставот предвидува полниот состав на Судот да биде со девет судии. 

Ова има влијание при одлучувањето кога често се случува предлогот да не го добие потребното мнозинство, поради што во моментот за 16 предмети не може да се донесе одлука поради недоволно мнозинство. Покрај ова, морам да напоменам дека пред Судот треба да се разгледуваат предмети кои се од врвен интерес за државата, а за кои е потребно да се одлучува во полн состав со што одлуките би имале поголема тежина.  

Верувам дека сте информиран за оваа ситуација и се надевам дека веќе се бара решение за избор на нови четворица уставни судии. Затоа, Ви се обраќам лично да го заложите Вашиот авторитет како претседател на Собранието и заедно со Вашите колеги  да изберете нови уставни судии.

На крај, дозволете ми да изразам надеж дека Вие и пратениците непосредно избрани од граѓаните, ќе се вложите максимално за процесот на предлагање и избор на судии да се заврши што поскоро со што би се зачувала функционалноста на Уставниот суд. 

 

                                                                          Претседател 

                                                                на Уставниот суд на Република Севернa Македонија,

                                                                                     Добрила Кацарска

 

Во прилог испратениот допис до претседателот на Собранието, Талат Џафери.