У.бр.104/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 26.01.2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на: член 234 став 2, членот 236 и членот 238 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи склучен помеѓу Министерството и Македонскиот Полициски синдикат („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021, 299/2021 и 303/2021).

2. Синдикатот на Полицијата во Македонија со седиште во Велес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Колективниот договор на Министер-ството за внатрешни работи означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата одредбите од Колективниот договор означени во иницијативата биле во целост спротивни на членовите 9 и 37 од Уставот, на член 6 став 1 и на членовите: 184, 185, 186 и 198 од Законот за работните односи.

Ова од причина што освен Македонскиот Полициски синдикат, во Министерството за внатрешни работи, функционирале уште два синдикати, односно Синдикат на Полиција во Македонија и Независен синдикат на Полицијата, а со оспорените одредби двата последно наведени синдикати нема да можело подеднакво и рамноправно да ги бранат правата на нивните членови, за разлика од Македонскиот Полициски синдикат. Тоа значело дека потписник на расправите за дисциплинска постапка ќе бил само Македонскиот Полициски синдикат, без притоа да им се дало право истото да го сторат и другите синдикати доколку работникот против кого се водела постапката членувал во овие синдикати. Исто така, претставникот на овие два синдикати ќе немал право на расправата да ја даде својата одбрана за заштита на правата на нивниот член. Оттаму, со оспорените одредби останатите два синдикати се доведувале во нееднаква и дискриминаторска положба за разлика од Македонскиот Полициски синдикат.

Поради наведеното се предлага Судот да спроведе постапка за оцена на уставноста и законитоста, а потоа оспорените одредби да ги укине.

3. Судот на седницата, утврди дека оспорените одредби спаѓаат во делот од Колективниот договор којшто ја уредува постапката за утврдување на дисциплинска одговорност.

Според оспорениот член 234 став 2 од Колективниот договор, претседателот, членовите на комисијата, претставникот на МПС и предлагачот односно неговиот претставник и работникот за кого се води постапката имаат право да поставуваат прашања на работникот и сведоците.

Во оспорениот член 236 од истиот акт е предвидено дека по изведување на доказите на расправата за утврдување на дисциплинска одговорност претставникот на МПС го изнесува мислењето доколку е присутен или се чита доставеното писмено мислење.

Во оспорениот член 238 став 1 од Колективниот договор е предвидено дека за текот на расправата за утврдување на дисциплинска одговорност, се води записник.

Според ставот 2 од членот 238 од Колективниот договор, записникот од ставот 1 на овој член, содржи:
– состав на комисијата,
– датум и место на одржување на расправата,
– присутни лица на расправата,
– број и датум на предлогот за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност,
– податоци за подносителот на предлогот,
– податоци за работникот за кого се води постапка за утврдување на дисциплинска одговорност,
– исказ на работникот,
– податоци за писмените докази што се изведени на расправата,
– исказите на сведоците,
– усно изнесеното мислење на претставникот на МПС, односно податоци за писменото поднесено мислење на МПС,
– завршен збор на работникот даден на расправата,
– како и други докази што се изведени на расправата.

Во член 238 став 3 од Колективниот договор е определено дека, записникот од ставот 1 на овој член, го потпишуваат претседателот и членовите на комисијата, претставникот на МПС, ако истиот е присутен на расправата, сведоците во постапката и работникот, ако истиот е присутен на расправата.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, по поднесување на иницијативата, направени се измени и дополнувања на Колективниот договор („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.303/2021) кои се влезени во сила на 31 декември 2021 година (член 6 од Договорот), меѓу другото и по однос на оспорените одредби и тоа на следниов начин:

Со членот 2 од наведените измени на Колективниот договор е предвидено дека во член 234 во ставот 2 зборот „МПС“ се заменува со зборовите „синдикатот согласно членот 226 став 1 од овој колективен договор“.

Со членот 3 од измените на Договорот е предвидено дека во членот 236 зборот „МПС“ се заменува со зборовите „синдикатот согласно членот 226 став 1 од овој колективен договор“.

Според член 4 од измените на Договорот е предвидено дека во член 238 став 2 во алинејата 10 зборовите „претставникот на МПС“ се заменуваат со зборовите „претставникот на синдикатот согласно членот 226 став (1) од овој колективен договор“, а зборовите „мислење на МПС“ се заменуваат со зборовите „мислење на тој синдикат“. Исто така, предвидено е дека во ставот 3 од членот 238 од Договорот зборот „МПС“ се заменува со зборовите „синдикатот согласно членот 226 став 1 од овој колективен договор“.

Во членот 6 од Договорот е предвидено дека овој колективен договор влегува во сила со денот на склучувањето, а ќе се применува од денот на неговото објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Врз основа на цитираните одредби произлегува дека Министерството за внатрешни работи и Македонскиот Полициски синдикат пристапиле кон измени и дополнувања, меѓу другото, и на оспорените одредби токму во насока на наводите од иницијативата, со што одредбите добиле нова, променета содржина, од каде произлегува дека натамошното постапување на Уставниот суд е беспредметно, а подносителите на иницијативата ја оствариле својата цел.

Новата, изменета содржина на оспорените одредби, при ваква состојба на работите, претставува процесна пречка за натамошно постапување по иницијативата, од каде се исполнети условите за нејзино отфрлање согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.104/2021
26.01.2022 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска