Средба на претседателката на Уставен суд Добрила Кацарска со министерот за правда, Никола Тупанчески

Почитувани,

Претседателката на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Добрила Кацарска, денеска оствари средба со министерот за правда, д-р Никола Тупанчески.

На средбата беа афирмирани заемните заложби за владеење на правото и функционален правен систем, при што беа нотирани предизвиците, но и позитивните аспекти од промените коишто произлегуваат од носењето на интерните акти во Судот. Во таа насока, претседателката на Уставниот суд изрази загриженост за функционирањето на Судот со четири судии помалку од она што е предвидено во Уставот. И двете страни се согласија дека ова е прашање од врвен интерес за државата и заштитата на уставниот поредок и во најскоро време треба да биде решено. 

Претседателката Кацарска го информираше министерот за правда за проблемите на Судот во смисла на просторното сместување, потребата од опремување на сервер салата, зголемувањето на кадровските капацитети, како и потребата од законско уредување на материјалниот статус на уставните судии и вработените во Службата на Судот.

Министерот Тупанчески ја афирмираше клучната улогата на Судот и се заложи за идна поредовна соработка и поддршка со вложување максимални напори за зајакнување на капацитетите на оваа институција.  Во тој контекст, беа разменети мислења за пристапот до целосна функционална и финансиска независност на Судот преку компаративни примери од европските земји. Исто така,  министерот најави поддршка преку ИПА 3 со кој е предвидено зајакнување на капацитетите и ефикасноста на Судот преку поддршка за измени на Деловникот на Судот, обуки и студиски посети на судиите и стручната служба и подобрување на ИТ инфраструктурата на Уставниот суд.


.