Преглед на иницијативи за оценување на уставноста и законитоста предложени за IV-та седница на Уставниот суд на Република Северна Македонија закажана за 09.02.2022 година (среда), со почеток во 09,30 часот

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1. Член 30 став 2 точка 9 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.96/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019) и член 119 став 1 точка 9 од Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.191/2019).
Реферат У.бр.302/2020

Подносител: Политичката партија ВМРО–ДПМНЕ и м-р Стојанче Геровски – адвокат од Скопје.

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата оспорениот член 30 став 2 точка 9 од Законот за енергетика со којшто подетално се утврдувале општите услови и начинот на снабдување, како и меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот и потрошувачот на соодветен вид енергија и операторот и членот 119 од Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија којшто се однесува на исклучувањето на корисникот на дистрибутивниот систем ако имал неплатени обврски кон ОДС, биле спротивни на член 8 алинеи 3, 6, 8 и 11, членот 9, член 51 став 1 и член 54 став 3 од Уставот. Меѓу другото, подносителот на иницијативата смета дека при одлучувањето за уставноста на оспорените одредби од Законот, требало да се имаат предвид и членовите 2 и 10 од Законот за енергетика и одредби од Законот за облигациони односи што се однесуваат на основите на облигационите односи, засновањето на истите и остварувањето на правата и ибврските од тие односи.
Понатаму во иницијативата, покрај другото, е наведено дека мешањето во приватниот живот на граѓаните не било во согласност со членот 25 од Уставот, членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи. Според наводите во иницијативата, во конкретниот случај се применувале законски одредби од закони и правилници или подзаконски акти коишто европското законодавство не ги признавало и нивната примена немала легитимна цел бидејќи биле издигнати над уставните одредби и над меѓународните ратификувани норми коишто експлицитно забранувале преземање на дејствија што би значеле наметнување на поголеми товари врз правата на човекот и граѓанинот и нивната социјална положба. Тоа значело дека исклучувањето на струјата од страна на операторот насочено кон граѓаните како потрошувачи со своите фамилии, било ислучиво цел на принуда и не постоела можност за контрадикторна постапкакоја би понудила еднаквост во средствата за заштита од истата. Овие одредби од Законот и подзаконскиот акт биле недозволени и ја штителе монополската положба на единствениот снабдувач на електрична енергија во Републиката.

2. Член 2 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи (“Службен весник на Република Северна Македонија“ број 151/2021), во делот: “а најдоцна до 30 јуни 2022 година”.
Реферат У.бр.129/2021

Подносител: Весна Спировска од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба од Законот за работните односи била спротивна на член 52 став 4 од Уставот, според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните, од причина што, според него, оспорената одредба ќе се однесувала на Изјавите дадени во периодот после влегувањето во сила на овој Закон, односно после 14.07.2021 година, па до 31.08.2021 година, и истата не би требало да се однесува на Изјавите дадени претходно. Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека во праксата се јавувале различни толкувања на оспорената одредба, односно дека оспорениот став 2 на член 2 од Законот требало да се однесува и за сите други Изјави за продолжување на договорот за вработување кои биле дадени и пред влегувањето во сила на овој Закон. Исто така, подносителлот наведува дека Законите согласно член 52 од Уставот не можеле да имаат ретроактивно дејство, освен ако се поповолни за граѓаните, а во конкретниот случај истиот е понеповолен со тоа што се ограничувало правото на граѓанинот да го продолжи договорот за вработување како што изјавил во дадената изјава.

3. Член 43 став 3 во делот: „или за гласање во советот“ од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002).
Реферат У.бр.117/2021

Подносител: Унија на потрошувачи на Македонија – УПОМ.

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата, оспорениот дел од членот 43 став 3 од Законот за локалната самоуправа не бил во согласност со уставните принципи на владеење на правото (член 8 став 1 алинеја 3), начелото на еднаквост (член 9 став 2), начелото на уставност и законитост (член 51) и членот 115 од Уставот што се однесува на единиците на локалната самоуправа. Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека во Уставот не било предвидено членовите на советот на локалната самоуправа да бидат исклучени од кривична одговорност и имунитет од притвор за нивното гласање во советот. Исто така, тој смета дека со тоа што членовите на советот со гласање во советот можеле да сторат грубо кршење и непочитување на Уставот и законите, а со тоа да нанесат разни повреди на правата на граѓаните и материјални штети санкционирани со Кривичниот законик како кривични дела, произлегувало дека неможело членовите на советот да бидат ставени над другите граѓани и пред Уставот, со нивно исклучување од кривична одговорност, како што предвидува оспорената законска одредба. Понатаму во иницијативата се наведеува дека Уставот со член 115 не предвидел никакво исклучување од кривична одговорност ниту пак имунитет од притвор за советниците во локалната самоуправа, како што тоа е предвидено со член 64 ставови 2 и 3 од Уставот, според кои „пратениците не можат да бидат повикани на кривична одговорност или да бидат притворени за искажано мислење или гласање во Собранието….. Пратениците не можат да бидат притворени без одобрение на Собранието освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во најмалку 5 години …“.

4. Член 80 став 1 алинеја 1 од Статутот на Економски факултет – Прилеп, член 88 став 1 алинеја 1 од Статутот на Правен факултет – Кичево, член 88 став 1 алинеја 1 од Статутот на педагошки факултет – Битола и член 75 став 1 алинеја 1 од Статутот на техничко-технолошки факултет – Велес.
Реферат У.бр.115/2021

Подносител: Проф.д-р Јове Кекеновски од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека во оспорените членови на Статутите на горенаведените факултети е пропишано дека во надлежност на Деканатската управа е донесување на: Правилник за систематизација на работните места, Правилник за утврдување на плата, надоместоци на плата и други примања на вработените на посочените факултети, како и други акти со кои се определуваат надоместоци за извршување на активности во врска со работењето на факултетот, што не било во согласност со членовите 21 и 94 од Законот за високо образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2018) и со одредби од Статутот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола. Меѓудругото, подносителот смета дека ако највисок орган на управување бил Сенатот и ако во негова надлжност било донесување на Општи акти на Универзитетот, тогаш немало логика донесувањето на Правилниците и другите општи акти да не било во надлежност на Наставно-научниот совет на Факултетот како највисок орган на управување во организационата единица на универзитетот.

5. Член 5 став 3 и член 13 став 2 од Правилникот за внатрешниот ред на Собранието на Република Македонија, бр.01-3937/1 од 17 септември 2008 год.
Реферат У.бр.141/2021

Подносител: Политичка партија Левица-Скопје

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата оспорените одредби од Правилникот биле спротивни на: членовите 1 и 2, член 8 став 1 алинеја 3, членовите 51 и 61, член 62 ставови 2 и 3 и член 66 став 1 од Уставот; потоа на одредби од Законот за пратениците; одредби од Законот за Собранието на Република Македонија; како и на член 36 став 2 и членот 35 од Деловникот на Собранието на Република Македонија. Одредбите се оспоруваат од причина што со нив се негирал или намалувал народниот/граѓански/демократски суверенитет што значело и повреда на уставниот поредок и директна суспензија на темелните вредности на кои се заснован Уставот. Поради наведеното се предлага, еклатантно, противуставните и незаконити одредби да биле касирани како инкомпатибилни со нашиот демократски уставен поредок.

II. ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ ПО ПРЕДМЕТИТЕ:

1. Предлог за одлучување по предметот У.бр.36/2021 со нацрт-одлука

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод иницијатива поднесена од Невена Георгиевска од Скопје, со Решение У.бр.36/2021 од 24 ноември 2021 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Урбанистичкиот план вон населено место Ски центар Водно–Блок 3, Општина Карпош, број 08-1483/4 од 20.02.2015 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.3/2015), затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 10, членот 43 и членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија, со членот 28 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и со членот 65 од Законот за животна средина.