Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 18 јануари 2022 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 став 2 од Гранскиот колективен договор за изменување и дополнување на Гранскиот колективен договор за органи на државната управа, стручните служби на Владата на Република Северна Македонија, судовите, јавните обвинителства, казнено-поправните и воспитно-поправните установи, државното правобранителство, општините, Градот Скопје и општините на Градот Скопје, агенциите, фондовите и другите органи основани од Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.172/2021).
2. Николче Мушаревски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата означена во точката 1 од Решението.
Подносителот во иницијативата наведува, дека со оспорената одредба од Гранскиот колективен договор, се вршела дискриминација на иста категорија на вработени. Зошто Гранскиот колективен договор да важел за административни службеници вработени во Министерството за земјоделие и Министерството за економија, а да не важел за административните службеници вработени во Министерството за здравство и министерството за одбрана? Имено, несомнено било дека се прави дискриминација во поглед на ползувањата предвидени во колективниот договор, и било спротивно на принципот на владеење на правото, како и членот 9, членот 51 и членот 54 од Уставот.
Во своите наводи, подносителот наведува дека оспорената одредба, била во спротивност и со членот 7 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права од 1966 година, каде што било определено дека државите членки ќе обезбеделе праведна заработка и еднаква награда за работа од иста вредност без каква и да била разликата, како и со членот 1 од Конвенцијата за еднакво наградување од 1951 година, членот 4 од Европската социјална повелба од 1966 година, исто така оспорениот член 1 став 2 од Гранскиот колективен договор бил во спротивност и со членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права, и членот 1 од Протоколот бр.12 кон Европската конвенција за човекови права. Поради непочитувањето на наведените одредби од меѓународните конвенции и националното законодавство, оспорениот член 1 став 2 од Гранскиот колективен договор, овозможувал за една група на вработени лица да се постапува поповолно во споредба со друга група на вработени лица, иако и двете групи биле во идентична ситуација и двете групи на вработени биле под јурисдикција на ист закон. Станувало збор за различно третирање на идентична ситуација односно нееднаков третман на една група на вработени лица во однос на друга група вработени лица во споредлива ситуација.
Согласно претходно наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 став 2 од Гранскиот колективен договор за изменување и дополнување на Гранскиот колективен договор за органи на државната управа, стручните служби на Владата на Република Северна Македонија, судовите, јавните обвинителства, казнено-поправните и воспитно-поправните установи, државното правобранителство, општините, Градот Скопје и општините на Градот Скопје, агенциите, фондовите и другите органи основани од Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.172/2021), и истиот да го поништи или укине.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 1 став 2 од Гранскиот колективен договор за изменување и дополнување на Гранскиот колективен договор за органи на државната управа, стручните служби на Владата на Република Северна Македонија, судовите, јавните обвинителства, казнено-поправните и воспитно-поправните установи, државното правобранителство, општините, Градот Скопје и општините на градот Скопје, агенциите, фондовите и другите органи основани од Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.172/2021), е со следната содржина:
„Овој колективен договор не се однесува на вработените во органите на државна управа од областа на безбедноста, одбраната и разузнавањето, како и на вработените во институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, јавното информирање, комуналните и други дејности заради кои се основани јавните претпријатија“.
4. Според член 110 став 1 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Уставниот суд, со Решение У.бр.57/2021 од 15 декември 2021 година не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредба од член 1 став 2 од Гранскиот колективен договор за органи на државната управа, стручните служби на Владата на Република Северна Македонија, судовите, јавните обвинителства, казнено-поправните и воспитно-поправните установи, државното правобранителство, општините, Градот Скопје и општините на градот Скопје, агенциите, фондовите и другите органи основани од Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2020 и 172/2021).
Имено, со оспорениот Грански колективен договор, согласно одредбите од Уставот, Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници и Законот за работните односи, на експлицитен начин се уредува опфатот на вработените согласно нивниот статус за кој се применува, а со исклучокот се опфатени вработените кои се со статус на овластени службени лица и даватели на услуги и се вработени во областа на безбедноста, одбраната и разузнавањето, здравството, образованието и науката, културата, трудот и заштитата на детето, јавното информирање, комуналните и други дејности заради кои се основани јавните претпријатија, и за истите се склучени и се применуваат колективни договори на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач.
Имајќи го предвид наведеното, Судот утврдил дека оспорениот член 1 став 2 од Гранскиот колективен договор е во согласност со наведените уставни одредби, Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Законот за работните односи, како и со членот 7 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права од 1966 година, членот 1 од Конвенцијата за еднакво наградување од 1951 година, членот 4 од Европската социјална повелба од 1966 година, членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права, и членот 1 од Протоколот бр.12 кон Европската конвенција за човекови права.
Во конкретниот предмет, станува збор за истиот подносител на иницијативата, кој повторно бара Судот да се впушти во оцена на одредба од член 1 став 2 од оспорениот колективен договор и тоа врз основа на идентични наводи како во постапката по предметот У.бр.57/2021.
Имајќи предвид дека Судот веќе одлучувал за истата работа, а во предметната иницијатива не се содржани основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.96/2021
18 јануари 2022 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска