У.бр.79/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 71 и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 18 јануари 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

– Одлуката бр.09-360/1 од 31.01.2020 година на Советот на Општина Кочани („Службен гласник на Општина Кочани“ бр. 1/2020) и
– Одлуката бр.09-317/1 од 28.01.2021 година на Советот на Општина Кочани („Службен гласник на Општина Кочани“ бр. 2/2021).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот со кој се бара оцена на меѓусебната согласност на оспорените одлуки од точката 1 од ова решение со Уредбата за определување и реонизација на зони на градовите и населените места, Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и со Методологијата за процена за пазарната вредност на недвижен имот.

3. Бензиски Пумпи ДООЕЛ-Кочани од Кочани до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуките означени во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата ги оспорува Oдлуката бр.09-360/1 од 31.01.2020 година и Одлуката бр.09-317/1 од 28.01.2021 година донесени од Советот на Општина Кочани и смета дека со донесените одлуки биле повредени основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот на Република Северна Македонија, уредени со член 8 став 1 алинеја 1, владеењето на правото предвидено со член 8 став 1 алинеја 3, еднаквоста во слободите и правата на граѓаните предвидено со членот 9 од Уставот, како и дека била сторена повреда на одредби од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, член 28 и член 33 („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2015), член 1, 2, 12, 13 и 16 од Методологијата за процена за пазарната вредност на недвижен имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2012), член 1 од Методологијата за измена на методологија за процена за пазарната вредност на недвижен имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.17/2013), член 5 од Законот за даноците на имот, член 36 став 1 точка 15 од Законот за локалната самоуправа, како и спротивно на Уредбата за определување и реонизација на зони на градовите и населените места.

Во наводите на иницијативата се наведува дека со Одлуката бр.09-360/1 од 31.01.2020 година (во натамошниот текст: прва одлука), Советот на Општина Кочани ја изменил и дополнил Одлуката бр.09-300/1 од 30.01.2019 година за определување на зони и пресметковни бодови за утврдување на пазарната вредност на градежното земјиште на подрачјето на Општина Кочани, згради и други градежни објекти кои биле изградени на подрачјето на Општина Кочани, на начин што во член 1 од Одлуката по зона 5 додале нова зона 6 и определиле дека во зоната 6 влегувало целото градежно земјиште кое било опфатено со деталните урбанистички планови за подрачјето на Општина Кочани и како такво со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање било наменето за домување во станбени згради А-А2 и за комунална супраструктура-бензински пумпни станици и услужни центри.

Според подносителот на иницијативата, наспроти определените 5 зони, во Одлуката бр.09-300/1 од 30.01.2019 година, распределени по критериуми на местоположба во секоја зона влегувала точно определена улица и број како и границите помеѓу зоните, во оспорената прва одлука, во зона 6 бил изоставен критериумот на местоположба, односно во зона 6 влегувало целото градежно земјиште опфатено со деталните урбанистички планови за Општина Кочани и кое со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање било наменето за домување во станбени згради А-А2 и за комунална супраструктура-бензински пумпни станици и услужни центри.

Понатаму, подносителот на иницијативата смета дека истото било спротивно на член 28 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, каде било наведено дека во категоријата Е2-Комунална супраструктура, освен бензински пумпни станици и услужни центри спаѓале целокупните градби на комуналната инфраструктура и тоа: терминали од секаков вид, автобуски и железнички станици, пристаништа, полигон за обука на возачи на моторни возила, станици за технички прегледи, акумулации и брани за водоснабдување, аеродроми, гранични премини, катни гаражи, мерни станици, трафостаници до 20 кв, градби за производство на енергија, резервоари за вода, противпожарни домови, електронски комуникациски градби и слично, така што во член 33 од истиот правилник било предвидено дека „Компатибилната класа на намени Е2-комунална супраструктура се применува за градежни парцели со намена Б4-деловни простории и при реализација на донесени урбанистички планови согласно табелата од Прилогот 1 на овој правилник”.

Имено, според подносителот на иницијативата, во оспорената прва одлука, било определено дека во зона 6 покрај градежното земјиште А-А2 кое било наменето за домување во станбени згради бил вклучен само дел од комуналната супраструктура Е2, односно само бензиски пумпни станици и услужни центри.

Во наводите на иницијативата, исто така, е наведено дека донесувањето на Одлуката спротивно на погоре наведените членови од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, односно вклучувањето во шеста зона на земјиштето кое било наменето за домување во станбени згради А2 и за комунална супраструктура-бензиски пумпни станици и услужни центри, ја чинело оспорената одлука спротивна на Уставот и законите, од причина што Советот на Општина Кочани спротивно на Правилникот креирал зона по свој слободен избор во која се вклучило градежното земјиште А-А2 наменето за домување во станбени згради од сите постоечки 5 зони како и бензиските пумпи и услужните центри од сите 5 зони, но не и сите градби кои биле наведени во Е2.

Со втората оспорена одлука бр.09-317/1 од 28.01.2021 година (во натамошниот текст: втора одлука), Советот на Општина Кочани утврдил просечни цени на градежно и земјоделско земјиште за подрачјето на Општина Кочани за 2021 година.

Во член 3 од оваа одлука бил даден табеларен преглед со пресметана просечна цена на градежно и земјоделско земјиште изразена во денари по метар квадратен.

Според подносителот, цената на градежното и земјоделско земјиште во шестата зона била пресметана без да се има предвид критериумот местоположба, затоа што градежното земјиште А-А2, наменето за домување во станбени згради и бензински пумпни станици и услужни центри, територијално припаѓале во некоја од останатите 5 зони, а ќе биле оданочувани како шеста зона, па самиот редослед на зони не бил логично поставен од причина што првата зона се сметала за најексклузивна и била со највисока проценета вредност, додека сите по неа биле со соодветни помали проценети вредности, што видно од проценетата вредност на шестата зона не била формирана според истите критериуми како претходните зони и истата била имплементирана спротивно на законските одредби.

Понатаму, подносителот на иницијативата смета дека втората одлука на Советот на Општина Кочани била спротивна на Методологијата за изменување на методологијата за процена на пазарната вредност на недвижен имот и на Законот за процена („Службен весник на Република Македонија” број 17/2013), така што Советот на Општина Кочани донесувајќи ја оспорената одлука постапил спротивно на член 12 од Методологијата за процена на пазарна вредност на недвижен имот којшто гласи:

„Пазарната вредност на градежното земјиште се утврдува според просечната цена на извршените купопродажби во годината која и претходи на годината за која се врши процена на земјиштето”.

Подносителот на иницијативата смета дека со оспорената втора одлука граѓаните биле ставени во нееднаква положба, од причина што сопственик на стан за домување кој живеел во периферниот дел од градот каде што становите биле помалку атрактивни и со помала цена, се изедначувал со сопственик на стан кој живеел во атрактивен дел од градот, така што истите ќе плателе данок како сите станови да биле со иста вредност, а и сопственик на бензинска пумпа којашто била лоцирана на помалку фреквентно место, којашто остварувала драстично помал профит од бензинска пумпа која била лоцирана во центарот на градот, ќе биле исто оданочени.

Според подносителот, Одлуката донесена од Советот на Општина Кочани од 30.01.2019 година (забелешка: се мисли на првата одлука донесена на 31.01.2020 година) за воведување 6 (шеста) зона била во директна спротивност со член 9 од Уставот, зашто со самото тоа што во зона 6 било предвидено да спаѓаат градежното земјиште наменето за домување во станбени згради А-А2, комунална супраструктура-бензински пумпни станици и услужни центри, граѓаните кои биле сопственици на овие градежни земјишта од зона 6, се доведувале во нееднаква положба затоа што биле принудени да плаќаат повисоки даноци.

Понатаму, подносителот на иницијативата смета дека донесената прва одлука била спротивна и на член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права, бидејќи граѓаните кои биле сопственици на градежното земјиште предвидено во шестата зона, директно биле дискриминирани од причина што иако по критериумот местоположба, нивните градежни земјишта спаѓале во некоја од веќе постоечките 5 зони, така што истите според наведеното во одредбите за шестата зона поради превисоката определена цена по метар квадратен биле задолжени да плаќаат повисоки даноци.

Имено, во продолжението подносителот на иницијативата смета дека донесената одлука, исто така, е спротивна на членот 1 од Протоколот бр.12 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, така што истата била спротивна и на член 8 став 2 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Поради сето горенаведено, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на двете оспорени одлуки донесени од страна на Советот на Општина Кочани и истите да ги укине.

4. Судот на седницата утврди дека Одлуката бр.09-360/1 од 31.01.2020 година на Советот на Општина Кочани („Службен гласник на Општина Кочани“ бр.1/2020) за изменување и дополнување на Одлуката за определување на зони и пресметковни бодови за утврдување на пазарната вредност на градежно земјиште на подрачјето на Општина Кочани, згради и други градежни објекти кои се изградени на подрачјето на Општина Кочани бр.09-300/1 од 30.01.2019 година е донесена врз основа на член 36 став 1 точка 15 од Законот за локална самоуправа („Сл. весник на Република Македонија“ бр. 5/2002 година), а во согласност со Уредбата за определување на реонизација на зони на градовите и населените места во РМ бр.19-2164/1 од 02.06.2005 година, членот 5 од Законот за даноците на имот („Сл. весник на Република Македонија“ бр. 61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011, 53/2011 и 84/2012 година), членовите 1, 2 и член 16 став 2 од Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 54/2012, 17/2013, 21/2013 и 142/2014), и членот 28 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2015).

Според членот 1 од Одуката: „Во член 1 зборовите „пет (5) зони“ се заменуваат со „шест (6) зони “.

Во членот 2 од Одлуката е уредено дека во членот 1 по зона 5 се додава: „Зона 6: Во оваа зона влегува целото градежно земјиште кое е опфатено со деталните урбанистички планови за подрачјето на Општина Кочани и како такво со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр.142/2015) е наменето за домување во станбени згради А-А2 и за комунална супраструктура-бензински пумпни станици и услужни центри.“

Според членот 3: „Во членот 2, по ставот 2, се додава став 3 кој гласи: „Постигнатите просечни цени од извршените купопродажби на градежните земјишта од оваа зона (6) во 2019 година, ќе се земаат предвид при утврдување на просечните цени на градежното земјиште за подрачјето на Општина Кочани за 2020 година, а за секоја следна година од извршените купопродажби во годината која и претходи на годината за која се врши процена на земјиштето.“

Во последниот член е уредено дека одлуката влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Кочани“.

Судот, исто така, на седницата утврди дека Одлуката бр.09-317/1 од 28.01.2021 година на Советот на Општина Кочани („Службен гласник на Општина Кочани“ бр.2/2021), за утврдување на просечни цени на градежно и земјоделско земјиште за подрачјето на Општина Кочани за 2021 е донесена врз основа на член 36 став 1 точка 15 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002 година), a во согласност со членовите 12 и 13 од Методологијата за процена на пазарна вредност на недвижен имот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 54/12, 17/13, 21/13 и 142/2014).

Во членот 1 од наведената одлука, е уредено дека со оваа одлука се утврдуват просечните цени на градежното и земјоделското земјиште за подрачјето на Општина Кочани за 2021 година, а врз основа на просечната цена од извршените купопродажби во 2020 година. Истата е во согласност со Одлуката за определување на пазарни зони и пресметковни бодови за утврдување на пазарната вредност на згради и други градежни објекти кои се изградени на подрачјето на Општина Кочани и разграничувањето по групи на населени места, по катастарски култури и категории на земјиште Кочани 09-300/1 од 30.01.2019 година и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за определување на зони и пресметковни бодови за утврдување на пазарната вредност на градежно земјиште на подрачјето на Општина Кочани, згради и други градежни објекти кои се изградени на подрачјето на Општина Кочани бр.09-360/1 од 31.01.2020 година.

Согласно членот 2, просечните цени на градежното и земјоделското земјиште за подрачјето на Општина Кочани утврдени со оваа одлука се основа за пресметување на даноците на имот, наследство, подарок и промет на недвижности во управна постапка пред органите на Општина Кочани освен кога цената утврдена во договорот за купопродажба е повисока од пазарната вредност утврдена според Методологијата за процена на пазарна вредност на недвижниот имот. Во таков случај ќе се прифати повисоката цена договорена помеѓу страните во договорот како даночна основа за пресметување на данок на промет (став 1). Доколку предмет на купопродажба освен градежно земјиште е и градежен објект на кој цената договорена помеѓу страните во договорот е повисока од пазарната вредност утврдена според Методологијата за процена на пазарна вредност на недвижниот имот, како даночна основа за пресметување на данок на промет ќе се смета повисоката цена (став 2).

Во членот 3, е даден табеларен преглед со пресметана просечна цена на градежно и земјоделско земјиште изразена во денари по метар квадратен и тоа за: Земјоделско земјиште запишано во имотните листови за: КО Кочани, КО Оризари, КО Прибачево, КО Грдовци, Мојанци, КО Г. Подлог, КО Д. Подлог, КО Мојанци, КО Тркање, КО Бели, КО Нивичани; Земјоделско земјиште во ридско планинските подрачја запишано во имотните листови за: КО Пантелеј, КО Пашаџиково, КО Г. Гратче, КО Црвена Нива, КО Рајчани, КО Јастребник, КО Полаки, КО Вранинци, КО Безиково, КО Пресека, КО Новосело, КО Костиндол, Речани, Главовица, КО Небојани и за градежно земјиште од прва до шеста зона.

Во овој член е уредено дека за земјоделското и градежното земјиште за кое по зони, групи на населени места, по катастарски култури и категории на земјиште на подрачјето на Општина Кочани нема податоци за извршени купопродажби во текот на 2020 година, просечната цена е определена врз основа на просечниот надоместок за метар квадратен експроприрано земјоделско земјиште на подрачјето на општината и врз основа на споредбените податоци за земјоделското земјиште, шумите, пасиштата и градежните земјишта кои се во промет во општините кои се соседни на Општина Кочани. За сите останати категории и класи на земјоделско земјиште податоците се преземени од Одлуката за утврдување на просечни цени на градежно и земјоделско земјиште за подрачјето на Општина Кочани бр. 09-361/1 од 31.01.2020 година.

Согласно членот 4, со донесувањето на оваа одлука ќе престане да важи Одлуката за утврдување на просечни цени на градежно и земјоделско земјиште за подрачјето на Општина Кочани бр. 09-361/1 од 31.01.2020 година, а во членот 5 е уредено дека оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Кочани“.

5. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 9 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и локалната самоуправа, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според Амандманот XVII на Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Според член 36 став 1 точка 15 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002), Советот врши и други работи утврдени со закон.

Според член 20 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002), општините, во рамките на Законот, во согласност со начелото на супсидијарност, имаат право на своето подрачје да ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт.

Според член 21 став 1 од овој закон, општините самостојно, во рамките на законот, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со овој или друг закон и се одговорни за нивното вршење.

Листата на надлежности на општината е утврдена во член 22 став 1 од Законот, при што во точката е предвидено урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредување на просторот и уредувањето на градежно земјиште. Според ставот 2 на овој член, надлежностите од ставот 1 на овој член се извршуваат согласно со стандардите и постапките утврдени со закон.

Од наводите во иницијативата произлегува дека подносителот на иницијативата ја оспорува уставноста и законитоста на првата одлука донесена од страна на Советот на Општина Кочани, од причина што наспроти определените пет зони, во Одлуката бр.09-300/1 од 30.01.2019 година, распределени по критериуми на местоположба во секоја зона влегувала точно определена улица и број како и границите помеѓу зоните, во оспорената прва одлука во зона 6 бил изоставен критериумот на местоположба, односно во зона 6 влегувало целото градежно земјиште опфатено со деталните урбанистички планови за Општина Кочани и кое со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање било наменет за домување во станбени згради А-А2 и за комунална супраструктура-бензински пумпни станици и услужни центри, ја чинело оспорената одлука спротивна на Уставот и законите, од причина што Советот на Општина Кочани спротивно на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, креирал зона по свој слободен избор во која го вклучил градежното земјиште А-А2 наменето за домување во станбени згради од сите постоечки пет зони како и бензинските пумпи и услужните центри од сите пет зони, но не и сите градби кои биле наведени во Е2.

Првата одлука била донесена врз основа на член 36 став 1 точка 15 од Законот за локална самоуправа, а во согласност со Уредбата за определување на реонизација на зони на градовите и населените места во РМ бр.19-2164/1 од 02.06.2005 година, членот 5 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011, 53/2011 и 84/2012 година) и членовите 1, 2 и член 16 став 2 од Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2012, 17/2013, 21/2013 и 142/2014 година), така што во Одлуката во членот 2 било наведено дека после зона 5 се додава „ зона 6“, а со членот 3 се утврдува дека „Постигнатите просечни цени од извршените купопродажби на градежните земјишта од зона 6 во 2019 година, ќе се земаат предвид при утврдување на просечните цени на градежното земјиште за подрачјето на Општина Кочани за 2020 година, а за секоја следна година од извршените купопродажби во годината која и претходи на годината за која се врши процена на земјиштето.“ Во 6 зона, влегува целото градежно земјиште кое било опфатено со деталните урбанистички планови за подрачјето на Општина Кочани и како такво со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2015 година) е наменето за домување во станбени згради А-А2 и за комунална супраструктура-бензиски пумпни станици и услужни центри.

Судот утврди дека неосновани се наводите во иницијативата дека оспорената одлука била спротивна на наведените закони бидејќи, oвластувањето на општините за донесување на одлуки за зонирање произлегува од одредбите од Законот за локалната самоуправа и од Законот за градежното земјиште. Имено, со Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) се утврдени надлежностите на општините. Така, во листата на надлежностите на општините согласно членот 22 од Законот е определено меѓу другото, и урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште.

Оттука, определувањето на нова зона 6 во Општина Кочани, е надлежност на локалната самоуправа во сферата на урбанистичкото планирање, а содржината на новоопределената зона не е прашање од надлежност за Уставниот суд. Поради тоа Судот утврди дека не може основано да се постави прашањето за уставноста и законитоста на оваа одлука од аспект на надлежност на Општината да ја уредува реонизацијата на земјиштето.

Надвор од надлежноста на Уставниот суд, е прашањето за согласноста на оспорената прва одлука со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, на што се укажува во иницијативата, од причина што Уставниот суд не одлучува за меѓусебната согласност на подзаконски прописи, поради што овој дел од иницијативата треба да се отфрли согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.

Втората одлука е донесена врз основа на член 36 став 1 точка 15 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002 година), а во согласност со членовите 12 и 13 од Методологијата за процена на пазарна вредност на недвижен имот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 54/2012, 17/2013, 21/2013 и 142/2014 година).

Според подносителот на иницијативата донесената одлука била спротивна на Методологијата за изменување на методологијата за процена на пазарната вредност на недвижен имот и на Законот за процена („Службен весник на Република Македонија“ бр.17/2013), така што со оспорената одлука граѓаните се ставале во нееднаква положба, од причини што сопственик на стан за домување кој живеел во периферниот дел од градот каде што становите биле со помала цена, ќе се изедначел со сопственик на стан кој живеел во атрактивен дел од градот, поради тоа што истите ќе плаќале данок како сите станови да биле со иста вредност, како и сопственик на бензинска пумпа којашто била лоцирана на помалку фреквентно место со помал профит ќе била исто оданочена со бензинска пумпа којашто била лоцирана во центарот на градот со поголем профит.

Прашањето за начинот на оданочување на данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности се уредува со Законот за даноците на имот.

Согласно членот 5 од Законот за даноците на имот:

(1) Основа на данокот на имот претставува пазарната вредност на недвижниот имот.
(2) Утврдувањето на пазарната вредност на недвижен имот ја врши лице проценувач кое е вработено во единицата на локалната самоуправа, а по барање на единицата на локалната самоуправа може да ја врши и лице кое е овластен проценувач.
(3) По исклучок од ставот (2) на овој член, во случаи на утврдување на данок на промет на недвижности за целите на постапката од членовите 38-а, 38-б, 38-в, 38-г и 38-д од овој закон, а на барање на обврзникот утврдувањето на пазарната вредност го врши исклучиво овластен проценувач.
(4) Пазарната вредност од ставот (1) на овој член се утврдува според Методологијата за процена на пазарната вредност на недвижен имот.
(5) Контрола и ревизија на утврдувањето на пазарната вредност од ставот (2) на овој член, врши Министерството за финансии.
(6) Ревизија на утврдувањето на пазарната вредност од ставот (3) на овој член по барање врши Комисијата за ревизија на процена при Комората за проценувачи.
(7) Ревизија на пазарната вредност на недвижниот имот од ставот (4) на овој член која претставува даночна основа на данокот на имот од страна на општините, општините на Град Скопје и Градот Скопје се врши на секои четири години.

Од анализата на членот 5 од Законот за даноците на имот произлегува дека наводите на подносителот на иницијативата дека донесената одлука била спротивна на членот 5 од Законот за даноците на имот, се неосновани. Ова од причина што оспорената одлука е донесена од Советот на Општина Кочани, како надлежен орган и со истата се утврдуват просечните цени на градежното и земјоделското земјиште за подрачјето на Општина Кочани за 2021 година, а врз основа на просечната цена од извршените купопродажби во 2020 година, што се основа за пресметување на даноците на имот, наследство, подарок и промет на недвижности во управна постапка пред органите на Општина Кочани, освен кога цената утврдена во договорот за купопродажба е повисока од пазарната вредност утврдена според Методологијата за процена на пазарна вредност на недвижниот имот. Во таков случај ќе се прифати повисоката цена договорена помеѓу страните во договорот како даночна основа за пресметување на данок на промет.

Наводите во иницијативата за несогласноста на оспорената одлука со Методологија за процена за пазарната вредност на недвижниот имот, како и на Уредбата за определување и реонизација на зони на градовите и населените места, претставуваат барање за оцена на меѓусебна согласност на подзаконски акти.

Со оглед дека Уставниот суд не одлучува за меѓусебната согласност на подзаконски прописи, бидејќи тоа е надвор од надлежноста на Судот, произлегува дека за ваквите наводи на подносителот на иницијативата се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата и во овој дел.

Исто така, неосновани се наводите во иницијативата дека со оспорените одлуки се правела дискриминација помеѓу граѓаните спротивно на член 9 од Уставот. Ова од причина што донесените одлуки на единствен начин ја определуваат реонизацијата на земјиштето и цената на земјиштето по реони, што подеднакво се однесува на сите граѓани кои се наоѓаат во иста ситуација, односно, во ист реон, поради што не може да стане збор за дискриминација во таков случај.

Со оглед на наведеното, се утврди дека содржината на оспорените одлуки не е во несогласност со уставните и законските одредби, како и со меѓународните акти на кои се повикува подносителот на иницијативата.

6. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.79/2021
18.01.2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска