У.бр.60/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 18.01.2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 19 став 17 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015, 5/2016, 142/2016 и 11/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019, 14/2020 и 215/2021).

2. Златко Јолевски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 19 став 17 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во уводниот дел на иницијативата се цитираат Преам-булата на Уставот, член 8 став 1 алинеја 3, член 15, член 50 и член 51 од Уставот, па се наведува дека се бара поведување на постапка за оспорената одредба од Законот поради тоа што, од процесна гледна точка, создавала правна несигурност кај граѓаните.

Ова од причина што, во ставот 16 од членот 19 од Законот било предвидено дека против одлуката на Комисијата незадоволниот административен службеник можело да поднесе тужба пред надлежен суд во рок од 15 дена од денот на нејзиниот прием, а во праксата Комисијата во правната поука на своите одлуки укажувала дека незадоволната странка можела да поведе спор пред надлежен суд во рок од 15 дена од приемот на решението.

Притоа, правна несигурност и рушење на владеењето на правото настанувале кога како тужен ќе се јавел државен орган и ќе се повикал на член 19 став 17 од Законот според кој: „доколку Комисијата не донесе одлука во рок од 8 работни дена од денот на приемот на жалбата кандидатот во рок од 15 дена по истекот на осумте дена има право да поднесе тужба пред надлежен суд. Ваквата дадена можност не ја исклучувала можноста од претходниот став (се мисли на оспорениот) кој рок започнувал да тече од моментот на приемот на одлуката од Комисијата. Исто така, ако се имало предвид дека граѓанинот – тужител не можел да има увид кога почнувал да тече овој рок, а како жалбата се поднесувала до првостепениот орган и не можело да се види кога Комисијата ќе ја прими истата и ќе почне да тече рокот предвиден во член 19 став 17 од Законот. Врз основа на наведеното подносителот смета дека Судот требало да ја укине оваа одредба како не би создавала правна несигурност.

3. Судот на седницата, утврди дека според член 19 став 17 од Законот доколку Комисијата не донесе одлука во рок од осум работни дена од денот на приемот на жалбата кандидатот, во рок од 15 дена по истекот на осумте дена, има право да поднесе тужба пред надлежниот суд.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно Амандман XXI со кој е заменет член 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Според член 50 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд во постапка заснована врз начелото на приоритет и итност.

Во член 51 од Уставот е предвидено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од анализата на целината на членот 19 од Законот за административни службеници произлегува дека станува збор за комплексна одредба во која, помеѓу другото, е уреденa надлежноста на Комисијата за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен, нејзиниот состав, начин на работа, но и роковите во кои се постапува и се изјавуваат предвидените правни лекови.

Во конкретниот случај за подносителот на иницијативата оспорениот член 19 став 17 од Законот бил уставно проблематичен од причина што тужителот не можел да знае кога започнале да течат утврдените рокови во оспорената одредба, а како немал увид кога Комисијата ја примила жалбата, за да може да поднесе навремена тужба.

Според Судот вака изнесените наводи се неосновани. Ова од причина што член 19 ставови 8 и 9 од Законот предвидува дека Комисијата одлучува во рок од осум работни дена од денот на приемот на жалбата, доставена од првостепениот орган кој е должен во прилог на жалбата, до Комисијата да ја достави потребната документација која е од битно значење за правилно решавање на предметот. Цитираната регулатива упатува на заемна комуникација на првостепениот орган и Комисијата по однос на потребната документација која неспорно е пропратена со утврдување на датумите на испраќање и прием на истата.

Исто така, според ставот 13 од членот 19 од Законот, за да донесе одлука по изјавената жалба, Комисијата го известува првостепениот орган во рок од три дена од денот на донесување на истата, а првостепениот орган, согласно ставот 14 од истиот член од Законот е должен во рок од три дена да ја достави одлуката од ставот 13 на овој член до административниот работник. Против одлуката на Комисијата, согласно ставот 16 од членот 19 од Законот незадоволниот административен работник може да поднесе тужба пред надлежен суд во рок од 15 дена од денот на нејзиниот прием.

Оттаму, жалбата се изјавува до Комисијата преку првосте-пениот орган, што значи административниот работник точно знае кога ја поднел истата, а тужбата тече од денот кога на административниот работник му е врачена одлуката на Комисијата преку првостепениот орган. Впрочем, првостепениот орган е тој кој ја проследува писмената комуникација помеѓу административниот работник и Комисијата и според поставеноста на целината на членот 19 од Законот е органот кој го информира и непосредно комуницира со административниот работник за преземените дејствија и исходот од постапката.

Во оспорениот член 19 став 17 од Законот е предвидена дополнителна заштита за ситуациите кога Комисијата нема да одлучи во законски утврдениот рок од осум дена по приемот на жалбата, за што е предвидено административниот службеник да може да поднесе тужба во рок од 15 дена по истекот на осумте дена (член 19 став 8) предвидени за донесување на одлука.

Според наведеното произлегува дека оспорениот став 17 од член 19 од Законот, разгледуван како целина со законската одредба чиј составен дел е, предвидува должност за органите на државната управа во рамките на нивните надлежности да обезбедат ефикасно и законско остварување на слободите и правата на административните работници.

Останатите наводи се однесуваат на примената на оспорената одредба за што Уставниот суд нема надлежност да одлучува.

Судот, оценувајќи ја оспорената одредба по однос на нејзината согласност со Амандман XXI од Уставот, оцени дека за повреда на посочениот амандман не може да стане збор, а како одредбата не уредува прашање за изјавување на жалба против одлука на суд, па правото на правна заштита и жалба против актите на органите на државната управа е уредено со закон на прикажаниот начин.

Од сето наведено Судот утврди дека оспорениот член 19 став 17 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 50 и член 51 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.60/2021
18.01.2022 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска