Д Е М А Н Т
Почитувани,
Со цел информирање на јавноста и појаснување на начинот на кој се водат постапките пред Судот, а по повод неточните тврдења пренесени во медиумот Вечер прес на 1 февруари 2022 во 11:24часот, Уставниот суд ги демантира дел од информациите објавени во текстот со наслов : „Каракамишева: Зошто Уставниот суд се плаши од моето присуство?”
Имено, во овој текст се пренесени изјави од професорката по уставно право д-р Тања Каракамишева, дека Судот не постапил согласно Деловникот и не го почитува истиот, што е погрешно тврдење. Поконкретно, се работи за следната изјава: „Зошто Судот НЕ ГО ПОЧИТУВА членот 55 од својот Деловник и зошто не ме покани на расправа? Зошто Судот се плаши од моето присуство?”
За појаснување на јавноста, за утре Уставниот суд закажа седница со неколку точки на дневен ред, меѓу кои е и барањето за заштита на правата и слободите на подносителката проф. д-р Тања Каракамишева.
Притоа, клучно е да се направи разлика меѓу седница и јавна расправа. Во овој случај во изјавата за медиумот професорката Каракамишева се повикува на член од Деловникот, кој не се однесува на седница, туку на јавна расправа, за што очигледно не станува збор. Се работи за две различни ситуации, уредени со посебни деловнички одредби при што членот 55, на кој се повикува професорката, воопшто не се однесува за седници на Судот, каква што е утрешната.
Сакаме да потсетиме дека секоја седница на Судот е јавна, што значи секој заинтересиран може да присуствува и јавноста е редовно информирана преку соопштенија на нашата веб-страница најмалку една недела претходно, како што, впрочем, беше и досегашната пракса и како што е објавено за седницата која ќе се одржи утре.
Дополнително, укажуваме дека за евентуално одржување на јавна расправа, Уставниот суд мора претходно да расправа и да одлучи на седница.