Преглед на иницијативи за оценување на уставноста и законитоста предложени за III-та седница на Уставниот суд на Република Северна Македонија закажана за 02.02.2022 година (среда), со почеток во 09:30 часот

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1. Член 68 став 2 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018).
Реферат У.бр.130/2021

Подносител: Здружение на граѓани за давање на правна помош на дискриминирани лица „Заштита од дискриминација“ од Виница.

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба била спротивна на членовите 9, 51 и 54 од Уставот, како и на членот 14 од Конвенцијата за заштита на човековите права и слободи. Ова од причина што одредбата го ограничувала правото на граѓанинот сам да си состави приговор против издадениот платен налог, сам да состави жалба против решението на судот итн. што претставувало директна дискриминација на граѓанинот и неговото право сам да се застапува пред нотар или суд. Облигаторната норма сите наведени поднесоци од оспорената одредба да бидат составени од адвокат и да содржат адвокатски печат и потпис, односно во постапката странката да биде застапувана од адвокат ги ставала адвокатите во привилегирана положба, а граѓаните во подредена бидејќи се ограничувало нивното право да одлучат дали им е потребен адвокат или не.
Подносителот смета дека оспорената одредба била противуставна и треба да биде укината од страна на Уставниот суд.

2. Член 338 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021).
Реферат У.бр.131/2021

Подносител: Синдикат на полиција во Македонија-Велес.

Од наводите во иницијативата:

Оспорениот член 338 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, не бил во согласност со повеќе одредби од Уставот и тоа: член 8 став 1 алинеи 1 и 3 според кои основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, понатаму член 9 кој се однесува на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, член 39 според кој на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита и граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, член 43 кој се однесува на правото на здрава животна средина, член 51 според кој во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и член 118 според кој меѓународните договори коишто се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон. Во иницијативата се нумерички набројани и членови од Законот за безбедност и здравје при работа (членови 4, 5, 11, 17, 22, 24, 25 и 28) со кои оспорениот член 338 од Колективниот договор не бил во согласност.
Со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на членот 338 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи.

3. Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт 3 04 блок 04.02, Општина Карпош – Скопје, донесена од Советот на Општина Карпош, бр. 09-6997/8 од 12.11.2020 година („Службен гласник на општина Карпош“ бр.20/2020).
Реферат У.бр.119/2021

Подносител: Тони Трифуновски, застапуван од адвокат Трајче Китановски.

Од наводите во иницијативата:

Според подносителoт на иницијативата, со оспорената одлука се повредувале член 8 став  1 алинеи 1, 3, 6 и 11 и член 30 став 1 од Уставот, член 6 од Законот за сопственост и други стварни права и член 24 ставови 7 и 8 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Подносителот смета дека спротивно на цитираните уставни и законски одредби, деловниот простор сопственост на подносителот на иницијативата, лоциран на КП бр.672, 7082/2 и 7082/8 КО Карпош, детално опишан во Имотен лист бр.75112 КО Карпош, бил ставен во зона зелен појас, наместо истиот да биде вцртан во градежна парцела и евидентиран како постоен легализиран објект во делот на КП 7082/8 КО Карпош, што било видно и од Графичкиот прилог бр. 47-5139/2 од 14.07.2021 година. Со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја поништи.
Со оглед на тоа што со реализацијата на оспорениот урбанистички план би можеле да настанат тешко отстранливи последици, се предлага Уставниот суд, до донесување на конечна одлука за поништување на планот, врз основа на член 27 од Деловникот на Уставниот суд, да донесе и времена мерка, односно решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука.

II. БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА:

1. Барање за заштита на слободи и права по предметот Реферат У.бр.141/2019.

Подносител: Проф д-р Тања Каракамишева од Скопје.

Од наводите во иницијативата:

Според подносителката на барањето повредено е правото на забрана од дискриминација по основ на национална припадност и правото на слобода на уверување, совеста , мислата и јавното изразување на мислата од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, гарантирани со меѓународни документи. Подносителката смета дека повредата на горенаведените права била направена со дејството потпишување на поединечен акт, односно потпишување на „Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации,за престанување на важноста на привремената Спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните склучена во Преспа (Нивици) Грција на 17.06.2018 меѓу „Првата страна“ Грција претставувана од министерот за надворешни работи Никос Коsијас и „Втората страна“ (безимена држава) претставувана од министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
Дополнително подносителката на иницијативата смета повредата е направена со дејство-склучување на оваа Спогодба, нејзиното имплементирање, дејствата покренување на постапка за измена на Уставот во Собранието на Република Македонија согласно овој акт, формирање административен заеднички интердисциплинарен комитет за цензура и слобода на говорот, дејствата на согласување на државата под странски притисок на дополнителни услови за прием во ООН и тековно водење на земјата под привремена референца.

Подносителката предлага нејзиното барање да биде усвоено во целост и да се утврди повреда на наведените слободи и права, да се поништи поединечниот акт  и да се забранат наведените дејствија, а до донесување на конечниот акт Судот да донесе Решение за определување на времена мерка согласно член 57 од Деловникот на Уставниот суд.

 

III. ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ ПО ПРЕДМЕТИТЕ:

1. Предлог за одлучување по предметот У.бр.35/2021 

Уставниот суд на Република Северна Македонија по повод иницијативата на Невена Георгиевска од Скопје донесе решение У.бр.35/2021 од 09.12.2021 година за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката бр.09-148/7 од 03.03.2017 година за донесување на Детален урбанистички план за блок ЦЦ3 01.10, Градска четврт ЦЦ3 01, Општина карпош-Скопје бидејќи основано се постави прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеи 2 и 10 од Уставот на Република Северна Македонија, со членот 20 и членот 28 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и со членот 65 од Законот за животна средина