Преглед на иницијативи за оценување на уставноста и законитоста предложени за II-та седница на Уставниот суд на Република Северна Македонија закажана за 26.01.2022 година (среда), со почеток во 09,30 часот

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1. – Одлука за започнување на постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за модернизација на системот на јавно осветлување, преку финансирање, реконструкција, управување, одржување и развој на интелигентен и адаптивен систем на јавно осветлување (Smart lighting System) во Општина Кичево, бр.08-944/7 од 29.04.2021 година, донесена од Советот на Општина Кичево; и
– Одлука за избор на најповолен понудувач бр.08-2027/3 од 30.08.2021 година, донесена од Советот на Општина Кичево.
Реферат У.бр.111/2021

Подносител: Фатмир Лимани од Кичево.

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата оспорените одлуки не биле во согласност со темелните вредности на уставниот поредок, како што се: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и со владеењето на правото (член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот), начелото на уставност и законитост (член 51) и со член 52 став 1 од Уставот според кој законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, со одредби од Законот за концесии и јавно приватно пратнерство, членот 8-а од Изборниот законик, како и со член 62 став 4 од Законот за локалната самоуправа. Во наводите на иницијативата подносителот наведува дека Општина Кичево при изготвувањето на првооспорената одлука не ги почитувала горенаведените уставни и законски одредби и бил направен пропуст во постапката за донесување на истите на начин што при спроведувањето на постапката за доделување на договор за јавно приватно партнерство, не бил подготвен извештај за претходна анализа за основните елементи на проектот кои биле показатели за природата на договорот што требало да биде склучен, како и елаборат за процена врз животната средина на концесијата на добра од општ интерес или на јавното приватно партнерство утврдени во членот 16 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство. Исто така во постапката за јавно приватно партнерство недостасувал и нацрт договор којшто бил задолжителен елемент којшто се објавувал заедно со тендерската документација, со што се повредувал член 21 став 1 алинеја 1 од Законот.
Во однос на второоспорената Одлука за избор на најповолен понудувач, подносителот наведува дека покрај тоа што била донесена по законски утврдениот рок од 30 дена сметајќи од денот определен како краен рок за поднесување на понудите, била донесена и без претходно поднесен предлог на градоначалникот на Општина Кичево согласно член 21-а став 3 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство. Меѓу другото, подносителот смета дека истата била во спротивност и со членот 8 од Изборниот законик, од причина што била донесена по распишувањето на локалните избори за избор на градоначалник и совети на општините. Воедно, оспорените одлуки, според наводите во иницијативата, не биле објавени во Службен гласник на Општина Кичево, а произведувале правно дејство, што било спротивно на член 62 став 4 од Законот за локална самоуправа и членот 52 од Уставот.

2. Проект за инфраструктура за изградба на пристапна улица од измена и дополна на ДУП за дел МЗ Маџари 2, КО Синѓелиќ 1, Општина Гази Баба, изработен од Друштво за трговија и услуги БИЛД УРБАН ДООЕЛ – Скопје, со тех.број 0801-414/19 од февруари 2020 год. со граница на проектен опфат (563 м2), одобрен од страна на Општина Гази Баба Скопје.
Реферат У.бр.308/2020

Подносител: Милка Иванова и други, преку полномошник Панче Ефтимов, адвокат од Скопје.

Од наводите во иницијативата:

Според наводите изнесени во иницијативата, оспорениот проект не бил донесен во согласност со членот 52 од Законот за просторно и урбанистичко планирање кој се применувал во моментот на изготвување и одобрување на проектот. Меѓу другото во наводите се наведува дека при изготвувањето и одобрувањето на предметниот Проект не бил земен во предвид извод од План што бил составен дел на самата проектна документација, што во целост било спротивно на одредбата од членот 52 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Оспорениот Проект, според подносителот, не ја прикажувал трасата на инфраструктурата, како и не ги содржел останатите податоци утврдени со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, односно прописот од став 13 на членот 52 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Подносителот до Уставниот суд достави и вешт наод и мислење во кој биле утврдени неколку пропусти, и тоа: со проектот се вршела пренамена на основната класа на намена, од станбена во комунална инфраструктура; проектот предвидувал пристапна улица без да ги содржи сите елементи на кривина на сообраќајница; со проектот се вршела измена на секундарната сообраќајна мрежа и проектот не содржел студија за оцена на влијанието на проектот врз животната средина одобрена од надлежен орган.

3. Член 234 став 2, членот 236 и членот 238 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи склучен помеѓу Министерството и Македонскиот полициски синдикат („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021, 299/2021 и 303/2021).
Реферат У.бр.104/2021

Подносител: Синдикат на Полиција во Македонија од Велес.

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата оспорените одредби од Колективниот договор биле во целост спротивни на уставното начело на еднаквост (член 9) и правото на граѓаните да основаат синдикати подетално уредено во членот 37 од Уставот, на член 6 став 1 и на членовите: 184, 185, 186 и 198 од Законот за работните односи. Меѓу другото, подносителот наведува дека освен Македонскиот полициски синдикат во Министерството за внатрешни работи функционирале уште два синдикати, односно Синдикат на Полиција во Македонија и Независен синдикат на Полицијата, а со оспорените одредби двата последно наведени синдикати нема да можеле подеднакво и рамноправно да ги бранат правата на нивните членови за разлика од Македонскиот полициски синдикат што значело дека потписник на расправите за дисциплинска постапка ќе бил само Македонскиот полициски синдикат, без притоа да им се дало право истото да го сторат и другите синдикати доколку работникот против кого се водела постапката членувал во овие синдикати. Исто така, во наводите на иницијативата се наведува дека преставникот на овие два синдикати ќе немал право на расправа да ја даде својата одбрана за заштита на правата на нивниот член, поради што, подносителот смета дека со оспорените одредби останатите два синдикати се доведувале во нееднаква и дискриминаторска положба за разлика од Македонскиот полициски синдикат.

II. БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА:

1. Барање за заштита на слободи и права по предметот Реферат У.бр.319/2020

Подносител: Дејан Владев од Свети Николе преку Гоце Тасков, адвокат од Свети Николе.

Од наводите во барањето:

Како акти со кои е сторена повредата на слободите и правата, подносителот на барањето наведува два акта, односно Пресуда на Основен суд Свети Николе и Пресуда на Апелационен суд Штип. Според подносителот на барањето со наведените пресуди била сторена повреда на правото на мислата и јавно изразување на мислата загарантирано со членот 16 став 1 од Уставот од причина што пресудите преставувале несразмерно мешање на власта во слободата на изразување што можело да има ефект на одвраќање од остварувањето на оваа слобода и да преставуваат мерка која би имала ефект на одвраќање од политичко дебатирање за важни работи, кое било суштинско за правилно функционирање на демократијата. Меѓу другото, подносителот наведува дека со тоа што двата судови сметале дека ваквата политичка изјава претставува навреда и клевета, несомнено било дека на подносителот му било повредено правото на мислата и јавно изразување на мислата гарантирано со Уставот.

III. ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ ПО ПРЕДМЕТИТЕ:

1. Предлог за одлучување по предметот У.бр.27/2020 и У.бр.289/2020 со нацрт-одлука

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод иницијативите поднесени од Александар Долгоски од Прилеп и Институтот за човекови права од Скопје, преку полномошникот Игор Спировски, адвокат од Скопје, на седницата одржана на 17 ноември 2021 година, со Решение У.бр.27/2020 и У.бр.289/2020, поведе постапка за оценување на уставноста на член 44 став 2 во делот: „најдоцна до 65 годишна возраст” од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија број 104/2019, 146/2019, 275/2019, 302/2020, 311/2020 и 163/2021), затоа што пред Судот, со основ се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од законската одредба со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 и ставот 2, членот 9, членот 10, членот 11, член 29 став 1, членот 34, членот 35, член 39 став 1, член 50 став 1 и членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија, членовите од 1 до 6 од Законот за спречување и заштита од дискриминација и членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права, бидејќи оспорената законска содржина ја ограничувала можноста лицето да го оствари своето право на надоместок заради попреченост поради возраста.

2. Предлог за одлучување по предметот У.бр.272/2020 со нацрт-одлука

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод иницијатива поднесена од Аце Коцевски, поранешен градоначалник на Општина Велес, со Решение У.бр.272/2020 од 22 декември 2021 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за продолжување на функционирањето на објектите од времен карактер на територијата на Општина Велес, во кои се врши трговска или друга услужна дејност, до обезбедување на соодветни услови за работа, бр.25-2752/18 („Службен гласник на Општина Велес“ бр.11/2020), донесена од Советот на Општина Велес на 29 јули 2020 година. Судот во наведеното решение изрази сомнеж дека Советот на Општина Велес, без законски пропишана надлежност, ја донел оспорената одлука со предмет на уредување како во конкретниот случај и како резултат на ова, носењето на ваква нејасна, непрецизна одлука од страна на Советот, несомнено води кон арбитрарност од страна на Советот со што сериозно и грубо се нарушува правната сигурност на граѓаните, што е спротивно на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок во Република Северна Македонија. Поради наведеното, Судот во Решението оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со член 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот, како и членот 20 од Законот за локалната самоуправа.