Преглед на иницијативи за оценување на уставноста и законитоста предложени за I-та седница на Уставниот суд на Република Северна Македонија закажана за 18.01.2022 година (вторник), со почеток во 09,30 часот

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1. Член 174 ставови 8 и 9 и член 176 став 3 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2018).
Реферат У.бр.128/2019

Подносител: Ѓорѓи Илиевски од Скопје.

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата смета дека оспорените законски одредби не биле во согласност со Уставот кој во членот 89 став 5 предвидува дека функцијата претседател на Владата и министер е неспојлива со вршење на други јавни функции или професии. Имено, се оспоруваат членовите 174 ставови 8 и 9 и член 176 став 3 од Законот за високото образование како неусогласени со конкретниот член од Уставот кој бил операционализиран со членот 151 од Законот за работните односи. Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека има двојност на функција/професија која резултирала и во судир на интереси, состојба на судир меѓу јавните овластувања и должности со приватниот интерес на службеното лице во кој приватниот интерес влијаел или можело да влијае врз извршувањето на неговите јавни овластувања и должности. Подносителот наведува дека оспорените законски одредби предизвикувале концентрација на моќ во една функција со што се дозволувал исклучок од забраната на корупција и судир на интереси. Оспорените одредби според подносителот не биле во согласност ниту со прифатените меѓународни договори, а со нивната примена не се зајакнувал востановениот систем со кој би се спречиле корупција и судир на интереси.

2. Член 19 став 17 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015, 5/2016, 142/2016 и 11/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019, 14/2020 и 215/2021).
Реферат У.бр.60/2021

Подносител: Златко Јолески, адвокат од Скопје.

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата смета дека оспорената законска одредба била спротивна на член 8 став 1 алинеја 3, членот 15, членот 50 и членот 51 од Уставот, кои предвидуваат владеење на правото како темелна вредност, гарантирано право на жалба и заштитата на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите, како и начелото на уставност и законитост поради тоа што се создавала правна несигурност кај граѓаните од процесна гледна точка, односно при водење на спорови. Меѓу другото, подносителот наведува дека настанувале повреди на Уставот кога државен орган како тужен ќе се повикал на оспорениот член 19 став 17 од Законот за административни службеници, бидејќи граѓанинот – тужител не можел да има увид кога точно почнувал да тече утврдениот рок за поднесување на тужба против одлуката од Комисијата за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен.

3. Одлука бр.09-360/1 од 31.01.2020 година и Одлука бр.09-317/1 од 28.01.2021 година на Советот на Општина Кочани.
Реферат У.бр.79/2021

Подносител: Бензински пумпи дооел Кочани од Кочани.

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата смета дека со оспорените одлуки биле повредени основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со членот 8 став1 алинеа 1, владеењето на правото, еднаквоста во слободите и правата на граѓаните предвидено со членот 9 од Уставот, како и дека била сторена повреда на одредби од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, одредби од Методологијата за процена за пазарната вредност на недвижен имот, член 5 од Законот за даноците на имот, член 36 став 1 точка 15 од Законот за локалната самоуправа, како и Уредбата за определување и реонизација на зони на градовите и населените места.

Во опширните наводи во иницијативата, покрај другото, се наведува и дека со оспорената втора одлука граѓаните биле ставени во нееднаква положба, од причина што биле изедначени сопственик на стан за домување кој живеел во периферниот дел од градот каде што становите биле помалку атрактивни и сопственик на стан кој што живеел во атрактивен дел од градот, а истите ќе плателе данок како сите станови да биле со иста вредност.

Понатаму, подносителот на иницијативата смета дека оспорените одлуки биле спротивни и на членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права, членот 1 од Протоколот бр.12 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, како и на член 8 став 2 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.

4. Одлука за усвојување на конечниот Предлог Детален урбанистички план – Урбана единица “В” – Блок 8 – Општина Гостивар, број 08-2101/1 од 25.12.2020 година.
Реферат У.бр.108/2021

Подносител: Шенол Ризванче, преку полномошник Вергин Шабани, адвокат од Гостивар.

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата со оспорениот акт се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија предвидени во член 8 став 1 алинеи 1 и 3 и членот 9 од Уставот, како и членовите 28 и 33 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, член 36 став 1 точка 15 од Законот за локалната самоуправа и Уредбата за определување и реонизација на зони на градовите и населените места. Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека оспорената одлука која се однесувала на одредени катастарски парцели била во спротивност со наведените акти од причина што со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање истите биле наменети за домување во станбени згради А-А2. Подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одлука граѓаните се ставале во нееднаква положба од причина што во конкретниот случај градежната парцела, сопственост на подносителот на иницијативата, добивала помала пазарна вредност бидејќи останувала со намена А-А1 (домување во станбени куќи), бидејќи не била опфатена со ДУП во Блок 8.Оспорената одлука била во директна спротивност со членот 9 од Уставот, членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права, членот 1 од Протоколот 12 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и член 8 став 2 од Законот за заштита од дискриминација.

5. Член 1 став 2 од Гранскиот колективен договор за изменување и дополнување на Гранскиот колективен договор за органи на државната управа, стручните служби на Владата на Република Северна Македонија, судовите, јавните обвинителства, казнено – поправните и воспитно – поправните установи, државното правобранителство, општините, Градот Скопје и општините на градот Скопје, агенциите, фондовите и другите органи основани од Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.172/2021).
Реферат У.бр.96/2021

Подносител: Николче Мушаревски од Скопје.

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба од Гранскиот колективен договор била спротивна на принципот на владеење на правото предвиден во член 8 став 1 алинеја 3, начелото на еднаквост преку членот 9, начелото на уставност и законитост предвидени во членот 51 и ограничувањето на слободите и правата на човекот и граѓанинот од членот 54 од Уставот. Во иницијативата, меѓу другото се наведува дека со оспорената одредба се вршела дискриминација на иста категорија на вработени односно, одредбата од Гранскиот колективен договор овозможувала една група на вработени лица да се во поповолна ситуација во споредба со друга група на вработени лица, иако и двете групи биле во идентична ситуација како административни службеници и двете групи на вработени биле под јурисдикција на ист закон.