Почитувани граѓани, почитувани медиуми,
Дозволете ми да се заблагодарам на вашето присуство и доследно интересирање за работата на Уставниот суд како највисок орган што ги штити правата и слободите на човекот и граѓанинот и уставноста и законитоста. Задоволството е уште поголемо затоа што за прв пат после шест ипол години вие новинарите сте присутни на прес-конференција организирана во оваа институција.
Раководам со Судот седум месеци, за жал под специфични здравствени околности предизвикани од пандемијата, но со задоволство ќе кажам дека и покрај овие услови вработените во овој суд вложија максимални напори за Судот да ја оствари својата уставна улога. Во насока на прецизни податоци бројките од 2021-та година го прикажуваат следново:
Досега во оваа година примени се 148 предмети, а решени се 173 предмети, што значи се работеле и останати предмети од изминатите години. За споредба имало години кога не бил совладан приливот на предмети, при што биле примени поголем број на предмети, отколку што биле решени. Тоа било случај во 2017-та, 2019-та и 2020-та година. Најголем дел од новопримените предмети оваа година се однесуваат на оценка на уставноста или законитоста, 10 од нив се барања за заштита на човековите права и слободи. Поведени се 13 постапки, по кои се донесени 4 одлуки за укинување, а 9 предмети се сеуште во постапка.
Уставниот суд оваа година одржа 37 седници, споредбено со 2020-та година е за две седници повеќе или 2021-та пандемиска година биле одржани поголем број на седници отколку во годините пред пандемијата.
Оваа година Уставниот суд укина 5 (пет) законски одредби (одредба од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, одредба од Законот за градење, одредба од Законот за семејството, одредба од Законот за комплементарна и алтернативна медицина и одредба од Законот за банките) и 4 (четири) други прописи (Правилник на министерство за одбрана, Одлука за начин на применување на ДУП донесена од Советот на Општина Центар, Правилник донесен од Стоматолошката комора и Одлука за донесување на ДУП донесена од Советот на Општина Карпош.
Во текот на 2021-та година решени се вкупно 14 барања за заштита на слободите и правата на граѓаните, а по 4 барања се одржаа јавни расправи, што исто така било реткост во годините претходно.
Волјата за ажурно и квалитативно унапредување на работата на Судот се согледува и преку фактот дека последните две години беа одржани вкупно осум подготвителни седници, коишто не биле одржани воопшто од 2013-та до 2020-та година. Ниту една, цели седум години. Се работи за седници на кои биле разгледувани спорни прашања за предмети коишто имаат општествено значење. За пример ќе ги посочам подготвителните седници за Законот за употреба на јазиците и Законот за ратификација на договорот од Преспа, Законот за Јавното обвинителство, Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во 2021 година.
За крај, во оваа насока ќе споменам дека Уставниот суд одлучуваше и по закони коишто беа оспорени, а се особено важни за граѓаните и се од стратешко значење за државата, како што беше Законот за банките, понатаму Законот за стратешки партнер за Коридор 8 и 10 (Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола).
Уставниот суд работеше на зајакнување на своите кадровски капацитети и за прв пат е вработен Советник на Судот за односи со јавност- портпарол, информатичар. После седум години Судот ги отвори подготвителните седници и јавните расправи за снимање во целост, се афирмираше транспарентноста на Уставниот суд, а граѓаните преку медиумските снимки имаат увид како се дискутира, како судиите ги толкуваат законите и Уставот.
Почитувани присутни, би сакала да прикажам една состојба во која е Уставниот суд и која дополнително ќе ја обремени и оневозможи во голем дел работата на Судот од идната година. Уставот како највисок правен акт предвидел дека во името на граѓаните ќе одлучуваат деветммина судии на број. Во овој момент Судот функционира без една третина од судиите, а од средината на јануари ќе се испразни уште едно судиско место. Тоа значи петммина судии.
Како претседател на Уставниот суд, сакам да предупредам јавно дека со неизбирањето на нови судии ќе се предизвика дисбаланс помеѓу евентуалниот напад врз уставниот поредок и заштитата на истиот од страна на Судот.
Во име на Уставот и негово бескомпромисно почитување и штитење, барам и апелирам до Собранието да се изберат нови уставни судии, затоа што во прашање ќе го доведат легитимитетот на идните одлуки, но и квалитетот, а особено довербата на граѓаните во Уставниот суд, што следствено значи губење на доверба во правниот систем.
За да има одлука потребни се најмалку петммина судии, колку што е и актуелната граница, но никој не може да гарантира дека сите петммина ќе бидат едногласни во одлуките, а и не е правило, затоа што квалитетните одлуки се основани врз дебата, различни мислења и толкувања.
Сериозна ќе биде состојбата доколку Судот биде доведен да одлучува во неколку исклучителни ситуации за кои е нужно двотретинско-мнозинство, односно шестммина судии (имунитет и одговорност на претседателот на државата и избор на претседател на Уставен суд.)
Оваа состојба веќе се одразува со негативен ефект врз работата на Судот. Изминатиот период беа целосно одложени 11 предмети за кои се чека полн состав, од причина што Судот не може да обезбеди мнозинство од петмина судии. Доколку Судот работеше со деветмина судии уверена сум дека ќе имавме решени повеќе од 173 предмети годинава. Полн состав чекаат: Деловникот за работа на Владата, предмети што се однесуваат на барања за заштита на слободи и права, Законот за Јавното обвинителство, Законот за даноци за моторни возила, Законот за процена, Одлука за додатокот на пратениците, ДУП Гостивар, Законот за облигациони односи, Законот за високото образование и така натаму.
Има закони за кои не е потребно двотретинско мнозинство, но се од есенцијално значење за државата и ќе имаат тежина доколку за нив Судот одлучува во полн капацитет, како на пример Законот за ратификација на договорот од Преспа, Законот за јазиците. Всушност оспорени се и указите и законите во целина.
Затоа уште еднаш апелирам, пратениците да го почитуваат Уставот за да може Уставниот суд да одлучува легитимно, со полна доверба и со полн капацитет.
Ви благодарам,