У.бр.106/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 15 декември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценка на уставноста и законитоста на член 17 од Статутот на Фондот за осигурување на депозити („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2001, 68/2002, 31/2003 и 69/2003) и Одлуки за измени и дополнувања на Статутот на Фондот за осигурување на депозити, бр.02-312/1-2011 од 22.12.2011 година, бр.02-176/1 од 26.06.2014 година и бр.02-94/1 од 10.02.2015 година.

2. Зоран Димов од Скопје, застапуван од адвокат Александар Давчевски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценка на уставноста и законитоста на членот 17 од Статутот на Фондот за осигурување на депозити означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата Статутот на Фондот за осигурување на депозити во оспорената одредба од членот 17 уредил право на Фондот да си наплати од средствата од ликвидационата односно стечајната маса на банката (членката) кај која била воведена ликвидациона односно стечајна постапка, во износ на оние средства кои Фондот ги исплатил врз основа на член 13 од овој статут, односно на осигурените депозити. Значи за исплатените средства Фондот си наплатува од ликвидационата односно стечајна маса на членката. Меѓутоа, исплатените средства врз основа на член 13 од Статутот се по основ на обесштетување на осигурените депозити и тоа не се средства на Фондот со кои ова правно лице може да располага или да ги користи, па оттука не може и да ги побарува повратно да му се наплатат од средствата од ликвидационата односно стечајна маса.

Според член 6 став 1 и став 2 од Законот за Фондот за осигурување на депозити, средствата на Фондот се формираат од основачкиот влог, наплата на премии за осигурување на депозитите и приходи од пласмани. Овие средства се со точно категоризирано потекло и Фондот може да ги пласира во: хартии од вредност издадени од Република Македонија и од Народната банка на Република Македонија со рок на пристигнување до дванаесет месеци од нивното стекнување од страна на Фондот и должнички хартии од вредност издадени од странски држави, централни банки или јавни меѓународни финансиски институции рангирани од страна на најмалку две меѓународно признати агенции за оценка на кредитниот ризик во една од двете највисоки категории, во висина на осигурените депозити што гласат на странска валута.

Тоа е согласно Законот, во делот на средствата на Фондот и каде може истите да ги пласира.

Според ставот 3 од членот 6 од Законот за Фондот за осигурување на депозити, средствата на Фондот можат да се користат само за обесштетување на осигурените депозити и за покривање на трошоците на работење на Фондот.

Во иницијативата, покрај наведувањето на законски пропишаните три елементи кои се суштински за имотот на Фондот за осигурување на депозити – средства на Фондот, пласирање на средствата на Фондот и исклучивото користење на средствата на Фондот само за обесштетување на осигурените депозити и трошоци од работата на Фондот, се наведува и дека согласно членот 7 од Законот, висината на премиите може да се наплатува од банките најмногу до 0,7% годишно од вкупните депозити на физичките лица во секоја банка или штедилница. Но, доколку паричните средства надминат 4% од вкупните депозити во банките, филијалите на странските банки и штедилници во Република Македонија (член 5 став 1 од Законот за Фондот за осигурување на депозити), Управниот одбор на Фондот може да донесе одлука за престанок на обврската за плаќање на премија во Фондот, сметајќи дека овој лимит е полн.

Наводите во иницијативата укажуваат на одредбите од Законот за банки и Законот за стечај, наведувајќи дека на стечајната постапка на банка соодветно се применуваат одредбите од Законот за стечај доколку поинаку не е определено со Законот за банки. Во Законот за банки не се даваат поинакви дефиниции за категоријата доверители во стечајна постапка и постапката за нивно утврдување. Стечаен доверител е физичко или правно лице кое има побарување спрема стечајниот должник, а кое настанало пред отпочнување на стечајната постапка. Побарувањата на овие доверители се необезбедени побарувања. Побарувањата на стечајните доверители се рангираат во зависност од видот на побарувањето и правниот основ на кое настанало (повисок и понизок исплатен ред). Доколку останат средства од стечајната маса по намирувањето на трошоците во постапката и целосна исплата на доверителите од повисокиот исплатен ред се создаваат услови да се исплатат доверителите од пониските исплатни редови. Побарувањата врз основа на удели и акции се намируваат во случај да има остаток од стечајната маса и доверителите од повисок и понизок исплатен ред да бидат во целост намирени. Овие лица не се стекнуваат со статус на доверители и по правило не ги пријавуваат своите побарувања.

Доколку побарувањето настанало после односно во текот на отворената стечајна постапка и е резултат на правно дејство преземено од привремениот стечаен управник, се работи за доверител на стечајна маса.

Трошоците на стечајната постапка се исплаќаат пред сите други обврски на стечајната маса, секогаш имаат приоритет пред исплатата на стечајните доверители.

Законот за банки не нормира поинаква примена во Законот за Фондот за осигурување на депозити vis a vis Законот за стечај, во случај на стечај над банка, поради кое членот 122 од Законот за стечај важи и за Фондот кој е само во улога на гарант по сила на закон, за банката должник по отварање на стечајна постапка.

Имено, членот 122 од Законот за стечај нормира кога гарантите можат да пријавуваат побарување против должникот по основ на право на регрес.

Што се однесува до Фондот за осигурување на депозити, за да има статус на доверител треба да го легитимира, покаже и докаже во неговата поднесена стечајна пријава правниот основ за своето побарување против должникот по право на регрес и за тоа побарување Фондот треба да има законско овластување, кое го нема и директно го уредува со Статутот на Фондот, поради што оспорениот член 17 од Статутот е уставно-правно проблематичен. Имено одредбата од член 17 од Статутот на Фондот не е заснована на Законот за Фондот за осигурување на депозити, а Законот за стечај кој го уредил правото на регрес за секој гарант, не е уредено со одредбата од член 6 став 1 од Законот за Фондот за осигурување на депозити и не е поинаку пропишано со Законот за банки, па според Законот за стечај право на регрес има секој гарант кој бара да му се врати она што за должникот го платиле пред или по денот на отварањето на стечајната постапка за да може да му се исплати односно со истото да може да располага и го користи.

Имено, со оспорената одредба од член 17 од Статутот на Фондот, се уредува начинот на работа на Фондот со средства кои материјално-правно не му припаѓаат (ниту по договор ниту по закон), односно оваа подзаконска одредба дозволува користење и располагање со средства без да постои законски основ за тоа и во отсуство на правна основа да има право на побарување поаѓајќи од законот кој го уредува неговото работење.

Со иницијативата се наведува дека поради погоре изнесеното, произлегува заклучок дека недозволиво е Фондот за осигурување на депозити да бара исплата од стечајната маса затоа што ниту договор ниту закон утврдил такво право на Фондот.

Со Законот за Фондот за осигурување на депозити нема пропишано право на Фондот да бара исплата од стечајната маса на банка, па затоа оспорената одредба од член 17 од Статутот на Фондот е спротивна на одредбите од Уставот, и тоа: член 8 ставови 3, 6 и 8, член 9 став 2, член 51 и член 55. Оспорената одредба од Статутот не е во согласност и со Законот за Фондот за осигурување на депозити.

Со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на членот 17 од Статутот на Фондот за осигурување на депозити и притоа се укажува дека постојат процесни услови за мериторно одлучување согласно барањето во иницијативата.

3. Судот на седницата утврди дека членот 17 од Статутот на Фондот за осигурување на депозити уредил дека износот на средствата исплатени врз основа на член 13 од овој статут, Фондот го наплатува од приливот на средствата од ликвидационата односно стечајната маса на членката кај која била воведена ликвидациона односно стечајна постапка согласно со закон.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во постапка по предметот У.бр.306/2020 Уставниот суд веќе одлучувал и со Решение У.бр.306/2020 од 07.07.2021 година не повел постапка за оценка на уставноста и законитоста на членот 17 од Статутот на Фондот за осигурување на депозити („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2001, 68/2002, 31/2003 и 69/2003) и Одлуки за измени и дополнувања на Статутот на Фондот за осигурување на депозити, бр.02-312/1-2011 од 22.12.2011 година, бр.02-176/1 од 26.06.2014 година и бр.02-94/1 од 10.02.2015 година.

Наведената статутарна норма била оспорувана со иницијативата од тој предмет, меѓу другото и од аспект дека таа немала основ во закон и немало законско овластување да го уредува предметното прашање. Имено, во Законот за Фондот за осигурување на депозити не било предвидено дека износот на средствата исплатени врз основа на членот 13 од Статутот, Фондот го наплатува од приливот на средствата од ликвидационата односно стечајната маса на членката кај која била воведена ликвидациона односно стечајна постапка согласно со закон, како што предвидел членот 17 од Статутот. Законот за Фондот за осигурување на депозити го предвидел член 6 став 1 кој утврдил само дека средствата на Фондот се формираат од основачки влог, наплата на премии за осигурување на депозитите и приходи од пласмани, но не предвидувал прилив на средства од наплата преку ликвидациона или стечајна маса на банка. Оттука членот 17 од Статутот, според поранешната иницијатива од погоре наведениот предмет, можел да се проблематизира од уставен и законски аспект.

Со погоре наведеното Решение на Судот У.бр.306/2020 со кое не е поведена постапка за оценка на уставноста и законитоста на членот 17 од Статутот на Фондот за осигурување на депозити, Судот утврдил дека наводите во иницијативата се неосновани и меѓу другото, го изразил ставот:

„Согласно член 15 од Законот, работењето и организацијата на Фондот се уредуваат со статут на Фондот. Статутот го донесува Управниот одбор (став 1); Владата на Република Македонија дава согласност на статутот на Фондот (став 2); Владата на Република Македонија ги потврдува финансискиот план и годишната сметка на Фондот (став 3).

Врз основа на членот 15 од Законот, Управниот одбор на Фондот за осигурување на депозити го донел Статутот на Фондот во 2001 година и следователно измените и дополнувањата на Статутот во 2002 година, две во 2003 година, 2011, 2014 и 2015 година. Меѓутоа, оспорената одредба од членот 17 ја има наведената содржина.

Според член 17 од Статутот, износот на средствата исплатени врз основа на член 13 од овој статут, Фондот го наплатува од приливот на средствата од ликвидационата односно стечајната маса на членката кај која била воведена ликвидациона односно стечајна постапка согласно закон.

Значи, оваа статутарна норма не уредува за Фондот приоритетна наплата на износот кој го дава како обесштетување на осигурените депоненти согласно закон, со цел да си ги поврати фондовите средства како пред пропаѓање на банката.

Имено, битно е што членот 13 од Статутот на Фондот, се однесува исклучиво на исплатата што Фондот ја извршил на осигурените депозити, односно според одредбата Фондот ги обесштетува осигурените депозити но не повеќе од денарската противвредност на 30.000 евра по депозит во една банка, филијала на странска банка или штедилница пресметани по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на конечноста на решението за укинување на дозволата за основање и работење на банка, филијала на странска банка или штедилница.

Врз основа на погоре изнесените одредби од Законот за Фондот за осигурување на депозити произлегува дека оспорениот член 17 од Статутот го следи законскиот концепт во работењето на Фондот кој е должен да го одржува нивото на своите средства кој изнесува најмалку 4% од вкупните депозити во банките, филијалите на странски банки и штедилници во Република Северна Македонија.

Средствата на Фондот, согласно член 6 став 1 од Законот, се формираат од основачкиот влог, наплата на премии за осигурување на депозитите на физичките лица и приходи од пласманите. Па оттука, одржувањето на овие средства на Фондот што е поврзано со член 4 став 1 од Законот, дека законска обврска на банките, филијалите на странски банки и штедилници основани во Република Македонија е да ги осигураат депозитите со плаќање на премија, неспорно значи правно основано побарување на Фондот, износот на средствата исплатени за обесштетување на осигурените депозити да си го поврати со наплата од приливот на средства од ликвидационата односно стечајната маса на членката кај која била воведена ликвидациона односно стечајна постапка согласно закон. Овој круг на права и обврски помеѓу субјектите во правото, депонентите, банките, другите финансиски институции и Фондот за осигурување на депозити е поврзан на теренот на осигурувањето за што и постои Фондот кој е со закон основан и е сопственост на Република Северна Македонија, со законски надлежности во сферата на одржување на банкарскиот систем во земјата при што тие права и обврски се законски определени односи внатре а не надвор од тој круг на субјекти кога се работи за прашањето на финансиите во комплексните постапки на стечај и ликвидација уредени со закон.

Со оглед на тоа што оспорената одредба од Статутот не уредува права и обврски, туку уредува начин на работа на Фондот согласно закон, во однос на наплата на веќе исплатените средства во состојбата на ликвидациона односно стечајна постапка која се води на членка на Фондот и притоа на Фондот не може да му се негира својство на доверител, туку неспорно е дека Фондот е во својство еднакво со другите доверители, произлегува дека не може основано да се постави прашањето за несогласност на оспорената одредба од членот 17 од Статутот на Фондот со одредбите од Устав и закон, на што се повикува подносителот во наводите од иницијативата.“

Тоа е ставот на Судот во Решението У.број 306/2020 со кое не е поведена постапка за оценка на уставноста и законитоста на оспорената статутарна норма, за која се однесува иницијативата и во конкретниов предмет.

Меѓутоа, покрај погоре наведеното, суштински е членот 5 од Законот за Фондот за осигурување на депозити кој пропишал дека паричните средства на Фондот изнесуваат најмалку 4% од вкупните депозити во банките, филијалите на странските банки и штедилници во Република Македонија (став 1). Под парични средства на Фондот се подразбираат средствата кои се наоѓаат на сметките на Фондот во Народната банка на Република Македонија, сметките на Фондот во деловните банки и паричните средства инвестирани во хартии од вредност ( став 2). Фондот е должен да го одржува нивото на средствата од ставот 1 на овој член (став 3).

Задржувањето на овој законски пропишан процентуален однос на најмалку финансиски средства кои Фондот треба да ги има и одржува, упатува на статутарно уредување во начинот на работење на Фондот од позиција на побарувач во својство на доверител за наплата од приливот на средства од ликвидационата односно стечајната маса на членката кај која била воведена ликвидациона односно стечајна постапка. Оттука оспорената статутарна норма има законски основ кој произлегува од статусот на Фондот кој е со закон основан со законски концепт да гарантира покривање на одредено осигурено ниво на наплата на депозити во банките на територијата на Република Северна Македонија, неговата финансиска одржливост е неопходна за целокупниот банкарски сектор во државата па оттука и неговата уставно-правна опсервација се гледа како специфична осигурителна финансиска институција која заштитува на определен начин стабилност општо на банкарскиот систем како јавен интерес.

Имајќи предвид дека Судот со наведеното решение веќе одлучувал за уставноста и законитоста на оспорената одредба од Статутот на Фондот за осигурување на депозити и утврдил дека не може уставно-правно да се проблематизира, а со актуелната иницијатива во овој предмет нема основи за поинакво одлучување, со оглед дека и аргументите во иницијативите се темелат во основа дека статутарната норма немала законски основ за што Судот веќе се произнел, произлегува дека во случајов се настапени деловнички претпоставки за отфрлање на иницијативата, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

5. Поради погоре изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.106/2021
15.12.2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска