У.бр.283/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 9 декември 2021 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Владимир Панчевски поднесено преку полномошникот Петро Јанура, адвокат од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 на Уставот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, слободата на политичкото дејствување и забраната на дискриминација по основ на политичко уверување, наводно повредени со Решението ОСЖ.бр.1/2020 донесено од Советот за одлучување по жалби формиран при Врховниот суд на Република Северна Македонија на 26 јуни 2020 година.

2. СЕ ОТФРЛА барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 на Уставот што се однесуваат на трите корпуси на слободи и права определени во точката 1 од оваа одлука, наводно повредени со Решението бр.08-22/4 донесено од Судскиот совет на Република Северна Македонија на 17 јули 2019 година и Одлуката бр.08-22/40 донесена од Судскиот совет на Република Северна Македонија на 25 декември 2019 година.

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

4. Владимир Панчевски од Скопје преку полномошник Петро Јанура, адвокат од Скопје, поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 на Уставот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, слободата на политичкото дејствување и забраната на дискриминација по основ на политичко уверување, наводно повредени со актите означени во точките 1 и 2 од оваа одлука.

Барањето е презентирано во 21 точка.

Во точката 1 од Барањето се изнесени податоците од личната карта на Владимир Панчевски, доставени преку фото-копија од тој документ (Прилог 1- лична карта)..

Во точката 2 се наведува дека доносители на оспорените акти се Судскиот совет на Република Северна Македонија и Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Точката 3 од Барањето ги идентификува актите што се оспоруваат, наведувајќи дека се тоа Решението бр.08-22/4 од 17.07.2019 година донесено од Судскиот совет на Република Северна Македонија (Прилог 2), Одлуката на Судскиот совет на Република Северна Македонија заведена под бр.08-22/40 од 30.12.2019 година (Прилог 3) против која била поднесена жалба (Прилог 4), а потоа било донесено Решението ОСЖ.бр.1/2020 од 26.06.2020 на Врховниот суд на Република Северна Македонија (Прилог 5).

Во точката 4 од Барањето се наведува: „Незадоволен од наведените акти, подносителот го поднесува ова барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија поради повреда на:
– слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Оваа слобода се гарантира во член 16 од Уставот;
– слободата на политичко дејствување во врска со правото на секој граѓанин да учествува во вршењето на јавна функција (член 23 од Уставот);
– правото на недискриминација, односно забраната за дискриминација по основ на политичко уверување (член 9 од Уставот).“

Понатаму, во точката 5 од Барањето се наведува дека: „Решението ОСЖ.бр.1/2020 од 26.06.2020 на Врховниот суд на РСМ Подносителот го примил на 25.07.2020, додека бил под мерка притвор во КПУ Затвор Скопје. Тоа се докажува, односно е потврдено и евидентирано на Записник К 242/19 од 27.07.2019 на Основен суд Велес (Прилог 6)“, што значело дека Барањето било поднесено навремено во рокот од два месеци.

Потоа, во точката 6 се наведува дека: „Барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија е основано, а тоа го аргументираме на следниот начин:“

„Точка 7. Подносителот бил вработен како судија во Основен суд Скопје 1 Скопје. Инаку, во 2019 година Судот го има променето својот назив во Основен кривичен суд Скопје. Во периодот од декември 2012 година до декември 2016 година бил на позиција Претседател на Основен суд Скопје 1 Скопје. За периодот додека бил на функцијата Претседател на Судот, од страна на Судскиот совет кој е државен орган што ја оценува работата на претседателите и судиите бил оценет со највисоки оцени – МНОГУ ДОБАР (Прилог 7- Решение на Судски совет од 30.06.2014 и Прилог 8- Решение на Судски совет од 09.12.2016 и Прилог 9- Решение на Судски совет од 10.05.2017). Откако му престанал мандатот како Претседател на Судот, со Одлука на В.Д. Претседателот на Судот од 13.12.2016 година (Прилог 10) бил распореден да постапува како судија во предмети од Кривичниот совет од Одделот кривично полнолетни и Кривичен совет од Одделението за организиран криминал и корупција. Потоа, со Одлука на Претседателот на Основниот суд Скопје 1 Скопје Иван Џолев од 15.11.2017 (Прилог 11) се упатува да постапува како судија во Одделот за прекршоци. Со Решение на Судскиот совет на Република Северна Македонија од 13.05.2019 (Прилог 12) за работењето како судија за периодот од 01.01.2017 до 31.12.2018 се оценува повторно со највисока оценка – МНОГУ ДОБРА.“

Понатаму, во точката 8 од Барањето се наведува дека: „Подносителот во јавноста како интелектуалец е познат како неистомисленик и критичар на политиките на владејачката партија Социјал Демократскиот Сојуз. Критиките често ги изнесувал јавно преку интернет порталите со колумни и текстови, како и со коментари на неговиот Face book профил Vladimir Pancevski (Прилог 13).“
Точката 9 содржи тврдење дека: „Поради јавно искажаните критики се создала нетрпеливост која јавно ја имаат истакнато Високи партиски функционери на владејачката партија Социјал Демократски Сојуз и Високи владини функционери кои припаѓаат на таа партија.“

Потоа, во точката 10 од Барањето се наведува: „Од страна на Судскиот совет на Република Северна Македонија против Владимир Панчевски е поднесено Барање за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судија, до Претседателот на Судскиот совет на Република Северна Македонија од 09.06.2019 (Прилог 14). Барањето е поднесено затоа што НАВОДНО Предлагачот во својство на Претседател на Основен суд Скопје 1 Скопје во текот на 2016 година наместо предметите кои доаѓаат во Судот на одлучување да се распределат електронски преку автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети согласно закон, и спротивно на обврската за користење АКМИС, извршил распределба на новопримените предмети и врз основа на негова усна наредба, судскиот службеник овластен за вршење на автоматска распределба на предметите преку АКМИС ја евидентирал таквата распределба, а во електронскиот систем ставил забелешка за конкретните предмети дека се распределени „по усна наредба на Претседателот“ и „по консултација со Претседателот“. Со Решение бр.08-22/4 од 17.07.2019 донесено од страна на Судскиот совет на Република Северна Македонија (Прилог 2) кое е потпишано од Претседателот на Судскиот совет, ВРЕМЕНО СЕ ОДДАЛЕЧУВА од вршењето на судиската функција Владимир Панчевски-судија на Основен суд Скопје, додека трае постапката за утврдување на одговорност. Барање за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судија до Претседателот на Судскиот совет на Република Северна Македонија од 09.06.2019 и Решението од 17.07.2019 донесено од страна на Судскиот совет на Република Северна Македонија му се заедно доставени на Подносителот со допис бр.02.22/1 од 18.07.2019 (Прилог 15). Во дописот (Прилог 15) е наведено дека Жалителот може да даде одговор на Барање за поведување на постапка за утврдување на одговорност во рок од 8 дена. Согласно претходното, против Предлагачот е донесено Решението со кое времено се оддалечува од судиската функција без претходно да му се даде можност да се произнесе по однос на тоа прашање.“

Според точка 11 од Барањето, „На 17.07.2019 (истиот ден кога е донесено Решението со кое ВРЕМЕНО СЕ ОДДАЛЕЧУВА од вршењето на судиската функција) Генералниот секретар на владејачката партија (тогаш и сега) Социјал Демократскиот Сојуз и владин функционер на својот Face book профил поставил текст со наслов „Суспендиран екс-шефот на кривичниот суд Владимир Панчевски“, при што ставил свој коментар: „Трпение. Ќе не биде! (Прилог 16)“.

Точката 12 гласи: „За жал, името на подносителот Владимир Панчевски станало предмет на политички „препукувања“, што е општо познато во јавноста.“

Во точката 13 од Барањето се наведува дека: „На 24.07.2019 Претседателот на најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски јавно го има предложено Предлагачот Владимир Панчевски за главен обвинител на новото Специјално обвинителство нарекувајќи го човек кој има репутација и кредибилитет и кој бил биран со години како најдобар во судската фела ((Прилог 17 – текст со наслов: „Мицкоски го предлага Панчевски за прв човек во новото СЈО“, објавен во Независен весник на 24.07.2019).“

Точката 14 од Барањето гласи: „На 31.01.2020 пратеничката и висок функционер во владејачката партија Социјал Демократскиот Сојуз Снежана Калеска Ванчева јавно изјавила дека Панчевски ќе остане како црна дамка во судските архиви (Прилог 18 – текст со наслов: „Калеска Ванчева: Таквите кадри како Панчевски и Вангеловски ќе останат како црна дамка во судските архиви“, објавен во Македонски весник на 31.01.2020).“

Во точката 15 од Барањето за заштита на слободите и правата поднесено до Уставниот суд понатаму се наведува: „Согласно претходното, врз Подносителот на ова барање-Владимир Панчевски се вршел јавен прогон и дискредитирање, како и се вршел јавен притисок од страна на актуелната извршна власт врз Судскиот совет и Врховниот суд за негово разрешување. Тоа и се постигнало со Решение бр.08-22/4 од 17.07.2019 донесено од страна на Судскиот совет на Република Северна Македонија (Прилог 2), со кое ВРЕМЕНО СЕ ОДДАЛЕЧУВА од вршењето на судиската функција Владимир Панчевски-судија на Основен суд Скопје, додека трае постапката за утврдување на одговорност. Со Одлука на Судски совет на РСМ, заведена под бр.08-22/40 од 30.12.2019 година (Прилог 3), Владимир Панчевски судија на Основен кривичен суд Скопје се разрешува од вршење на судиската функција поради нестручно и несовесно вршење на функцијата Претседател на суд во смисла на член 74 став 1 алинеја 2 вв со член 79 став 1 алинеја 1 и 4 од Законот за судови. Подносителот вложил Жалба против првостепените одлуки до Врховниот суд на РСМ на 31.01.2020 (Прилог 4). Со Решение ОСЖ.бр.1/2020 од 26.06.2020 на Врховниот суд на РСМ (Прилог 5) жалбата на Подносителот се одбива како неоснована и првостепените одлуки на Судскиот совет се потврдуваат.“

Според точка 16 од Барањето, „На разрешувањето на Владимир Панчевски му претходел цел еден сублимат на контраверзности и контрадикторности. Имено, од страна на Судскиот совет Подносителот, за времето додека ја извршувал функцијата Претседател на суд, добивал највисока оцена за неговата работа, исто така ја добил највисоката оценка МНОГУ ДОБРА и за неговата работа како судија откако му престанал мандатот за Претседател (види пара.7). За потоа истата институција Судски совет кој ја оценувал неговата работа со највисоки оценки, да поднел Барање за утврдување на дисциплинска одговорност на судија. Функцијата Претседател на суд и функцијата судија се разликуваат согласно нивните права и обврски. Во случајот на Подносителот, тој е највисоко оценуван за својата работа како Претседател на суд и против него не се водела дисциплинска постапка додека бил Претседател. Понатаму, против него се започнува дисциплинска постапка за утврдување на одговорност откако веќе не е претседател, туку е судија. Но, постапката се однесува за период кога бил Претседател. Така да, додека е на функција судија, против него се води дисциплинска постапка за утврдување на одговорност на претседател. Што се два различни правни институти. Контрадикторноста е во тоа што Судскиот совет како институција која согласно Устав и Закон по службена должност врши контрола над работата на судовите и судиите највисоко го оценувала Подносителот додека бил Претседател на суд со години, што значи дека Судскиот совет како институција ја потврдувал исправноста на неговото работење. За на крај да го разреши за истите постапувања за што највисоко претходно го оценила.“

Во точката 17 се наведува дека: „Сосема е кристално јасно дека Подносителот е разрешен од политички причини, со цел јавно да биде дискредитиран како личност, но да бидат дискредитирани и неговите јавно искажани мислења и ставови против актуелната власт. Она што дава „дополнителна тежина“ во случајот на Предлагачот е што Претседателот на најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски јавно го има предложено и посочено Предлагачот Владимир Панчевски за главен обвинител на новото Специјално обвинителство нарекувајќи го човек кој има репутација и кредибилитет и кој бил биран со години како најдобар во судската фела (Прилог 17 – текст со наслов: „Мицкоски го предлага Панчевски за прв човек во новото СЈО“, објавен во Независен весник на 24.07.2019), што била дополнителна причина за негова дискредитација со односното разрешување.“

Точката 18 од Барањето гласи: „Дека разрешувањето било однапред инструирано јасно укажува и Известувањето бр.08-22/34 од 29.10.2019 на Судскиот совет на Република Северна Македонија (Прилог 19) со кое се произнесува во однос на поднесени жалби од страна на Предлагачот во врска со Решение бр.08-22/4 од 17.07.2019 за оддалечување од вршењето на функцијата судија. Известувањето е потпишано од Претседателот на Судскиот совет на РСМ Киро Здравев. Во последниот пасус од Известувањето е наведено цитираме: „Имајќи го предвид наведеното произлегува дека Вие Вашето право на Жалба како загарантирано уставно право ќе го остварите по завршувањето на постапката за утврдување на одговорност, со изјавување на жалба против одлуката која Советот ќе ја донесе согласно член 69 од Законот за Судски совет на РСМ“. На овој начин, значи, Судскиот совет веќе однапред ја прејудицирал Одлуката со која Владимир Панчевски бил разрешен, бидејќи доколку не би бил разрешен немало да има потреба да вложува Жалба.“

Според точката 19, „Решението ОСЖ.бр.1/2020 од 26.06.2020 Врховниот суд на РСМ го донел со цел за време на изборите да се дискредитираат јавно искажаните ставови и мислења на Подносителот, кои се критички настроени против политиките и начинот на владеењето на владејачката партија СДСМ како актуелен носител на власт. Решението е донесено на 26.06.2020 за време на парламентарните избори 2020, кои се одржаа на 15 јули 2020. Согласно член 8-а став 1 алинеја 4 од Изборниот законик, не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи. Согласно посочената законска одредба Врховниот суд не смеел да одлучува по поднесената Жалба против Одлуката за разрешување на Владимир Панчевски од судиската функција, со чија правосилност престанува работниот однос. На овој начин, Врховниот суд постапил спротивно на Закон и направил тешка повреда на слободата на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.“

Во точката 20 од Барањето, потоа, се наведува: „Токму член 8-а став 1 алинеја 4 од Изборниот законик е во функција на заштита на правата на поединецот на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изнесување на мислата за време на изборите. Согласно оваа одредба тие права не смеат да бидат ограничени во време на избори и затоа водење и завршување на постапки, како постапката по Жалба на Владимир Панчевски за време на избори, се ЗАБРАНЕТИ. Што е воедно и неопходно во едно демократско општество.“

Точката 21 гласи: „Согласно со погоре наведено, доколку се анализираат сите факти како една целина или пак секој поединечно, сторени се тешки повреди на уставно загарантираните слободи и права на Владимир Панчевски, односно повреда на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Оваа слобода се гарантира во член 16 од Уставот.“

Барањето за заштита на слободите и правата завршува со следните наводи: „Согласно погоре наведеното, бараме од Уставниот суд на Република Северна Македонија да одлучи на начин што ќе утврди дека со Решение бр.08-22/4 од 17.07.2019 донесено од страна на Судскиот совет на Република Северна Македонија, Одлука на Судски совет на РСМ заведена под бр.08-22/40 од 30.12.2019 година и Решение ОСЖ.бр.1/2020 од 26.06.2020 на Врховниот суд на РСМ се повредени правата утврдени во член 110 алинеја 3 во врска со член 16 од Уставот на Република Македонија и тоа на: слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Воедно, бараме Уставниот суд на Република Македонија да ги поништи Решение бр.08-22/4 од 17.07.2019 донесено од страна на Судскиот совет на Република Северна Македонија, Одлука на Судски совет на РСМ заведена под бр.08-22/40 од 30.12.2019 година и Решение ОСЖ.бр.1/2020 од 26.06.2020 на Врховниот суд на РСМ, како и да ги отстрани последиците.“

5. Уставниот суд на седницата одржана на 11 мај 2021 година заклучи да се одржи јавна расправа по овој предмет.

На работните состаноци на Судот одржани на 9 јули и 2 септември 2021 година утврден е терминот, спорните прашања и субјектите кои се покануваат на јавната расправа.

Јавната расправа е одржана на 23 септември 2021 година, а за текот на расправата се водени стенографски белешки.

6. Од наводите изнесени во Барањето за заштита на слободите и правата, како и од наводите изнесени од Панчевски и неговиот полномошник Јанура на јавната расправа, произлегува дека се проблематизира поводот за донесување на оспорените три акти (наводниот политички поттик кој бил извршен преку медиумите за да се преземеле дејствија поврзани со оспорените три акти) и донесувањето на трите оспорени акти (како последица на наводниот политички поттик „однадвор“ кон Судскиот совет и кон Врховниот суд), со што Панчевски бил дискриминиран политички и професионално и му била повредена слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

7. Уставниот суд на седницата одржана на 9 декември 2021 година ја утврди следната фактичка состојба:

а) Општи и неспорни факти
-Барателот Панчевски беше судија на Основниот суд Скопје I во Скопје (Основен кривичен суд) во периодот од 2008 година до 2020 година, со тоа што во периодот од декември 2012 до декември 2016 година Панчевски беше претседател на тој суд;
-Во периодот како претседател на суд, а и пред и по тој период како судија, Панчевски објавувал текстови во печатени медиуми и преку неговиот Facebook профил во врска со општествени случувања кои биле актуелни во даден момент;
-Темите за кои Панчевски објавувал текстови во медиумите и на својот е-профил додека беше претседател на Основниот суд Скопје I во Скопје се однесувале на кривичноправна материја (на пр., третманот на т.н.„бомби“, односно на неовластено следените телефонски разговори од 2008-2015 година, во кривичноправната постапка) и тоа во фаза на донесување (или пред применување) на посебен закон со кој се уредуваше таа материја, а темите за кои Панчевски објавувал текстови по престанокот на мандатот како претседател на Основниот суд Скопје I во Скопје во 2016 година и додека беше судија на наведениот основен суд пред да биде оддалечен од вршењето на судиската функција на 17 јули 2019 година, се однесувале на широка општествена материја (на пр., промена на името на државата), како и на поширока правна материја (на пр.,состојбите во судството, или на пр. состојбата во Академијата за судии и јавни обвинители).

б) Конкретни факти
-за работењето во текот на целата 2016 година Владимир Панчевски, како претседател на Основниот суд Скопје 1 во Скопје, бил оценуван од Судскиот совет на Република Македонија со оцена МНОГУ ДОБАР, како и дека за 2017 и 2018 година Владимир Панчевски, како судија на Основниот суд Скопје 1 во Скопје, исто така бил оценуван со оцена МНОГУ ДОБАР;
-на 09.06.2019 година било поднесено Барање за поведување на постапка за утврдување на одговорност на Владимир Панчевски, доставено до претседателот на Судскиот совет на Република Северна Македонија, кое се однесувало на распределувањето на 25 конкретни судски предмети без употреба на автоматизираниот компјутерски систем за распределба на судските предмети (АКМИС-от) во периодот од 9 јуни до 3 октомври 2016 година;
-на 17.07.2019 година Судскиот совет на Република Северна Македонија донел Решение, бр.08-22/4, со кое времено се оддалечува од вршење на судиската функција Владимир Панчевски-судија на Основниот кривичен суд Скопје, додека трае постапката за утврдување на одговорност во врска со распределувањето на наведените 25 конкретни судски предмети;
-на 05.08.2019 година Владимир Панчевски преку полномошник Горан Ѓорѓиевски адвокат од Скопје, доставил одговор на Барањето за утврдување на одговорност, при што ги оспорил наводите во Барањето;
-на 30.10.2019 година Комисијата на известители формирана од Судскиот совет одржала расправа во отсуство на судијата и неговиот адвокат (откако утврдила дека Владимир Панчевски не ги подигнувал доставуваните покани, а адвокатот ги примил поканите на 14.10.2019 година упатена преку пошта и на 18.10.2019 година доставена лично во неговата канцеларија преку доставувачот на Судскиот совет), при што во присуство на подносителот на Барањето за поведување на постапка за утврдување на одговорност на Панчевски, Комисијата изврши увид во доказите приложени кон Барањето за поведување на постапка за утврдување одговорност на судијата, се прочита одговорот на Барањето, се изврши увид во доказите на одбраната приложени во одговорот на Барањето, како и се изврши увид во доказите прибавени од Комисијата на известители;
-на 25.12.2019 година Судскиот совет на Република Северна Македонија донел Одлука, бр.08-22/40, со која Владимир Панчевски, судија на Основниот кривичен суд Скопје се разрешува од вршење на судиската функција поради нестручно и несовесно вршење на функцијата претседател на суд во смисла на член 74 став 1 алинеја 2 в.в член 79 став 1 алинеи 1 и 4 од Законот за судовите;
-на 31.01.2020 година Владимир Панчевски преку полномошникот Горан Ѓорѓиевски адвокат од Скопје поднел жалба против Одлуката бр.08-22/40 од 25.12.2019 година и Решението бр.08-22/4 од 17.07.2019 година, двата акти донесени од Судскиот совет на Република Северна Македонија, при што ја оспорил законитоста на спроведената постапка за неговото разрешување и, претходно, временото оддалечување од вршење на судиската функција, потоа за погрешно утврдена фактичка состојба и за погрешна примена на материјалното право;
-на 26.06.2020 година Советот за одлучување по жалби формиран при Врховниот суд на Република Северна Македонија донел Решение, ОСЖ.бр.1/2020, со кое ја одбил како неоснована жалбата на Владимир Панчевски изјавена преку полномошникот Горан Ѓорѓиевски адвокат од Скопје и ги потврдил Одлуката бр.08-22/40 донесена на 25.12.2019 година и Решението бр.08-22/4 донесено на 17.07.2019 година, двата акти донесени од Судскиот совет на Република Северна Македонија;
-на 25.07.2020 година Владимир Панчевски го примил Решението, ОСЖ.бр.1/2020, донесено од Советот за жалби формиран при Врховниот суд на Република Северна Македонија на 26.06.2020 година;
-на 25.09.2020 година Барањето за заштита на слободите и правата поднесено до Уставниот суд е предадено во Пошта на Република Северна Македонија и примено во Уставниот суд на 29.09.2020 година.

8. Уставниот суд на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 9 декември 2021 година, ја утврди следната генерална правна состојба во врска со вршењето на судиската функција, од една страна, и слободата на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата на судиите, од друга страна:

а) Во член 16 став 1 од Уставот се утврдува дека: „Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.“
Според Амандман XXVII точка 2 на Уставот, „Судиската функција е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на друга јавна функција или професија утврдена со закон.“

б) Во член 10 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи се определува дека „Секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите, на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа.“
Според ставот 2 од истиот член, „Остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.“

в) Според член 52 став 6 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019), „Судијата не смее да членува и да врши политичка функција во политичка партија или да остварува партиска или политичка активност.“
Според член 47 став 3 од истиот закон, „Претседателот на судот има статус и функција на прв судија меѓу еднаквите на соодветниот суд.“

г) Од изнесените уставни определби произлегува дека на секого му се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата или јавното изразување на мислата (член 16 став 1), но дека судиската функција е неспојлива со членување во политичка партија (Амандман XXVII точка 2 на Уставот). Со наведената законска одредба, пак, изнесената уставна определба за вршењето на судиската функција се разработува така што се определува дека судијата не смее, покрај другото, да остварува политичка активност (не само партиска) и дека тоа се однесува и на претседател на суд.

Понатаму, од изнесената одредба на Европската конвенција произлегува дека секој човек има право на слобода на изразувањето, чиј дел е слободата на мислењето и слободата на пренесување на идеи (член 10 став 1), но дека остварувањето на овие слободи може да бидат ограничени со закон, ако е тоа неопходно за да се зачува авторитетот и непристрасноста на судството (член 10 став 2).

Таквата внатрешна (уставна и законска) нормативноправна уреденост на положбата на судија и претседател на суд (да не остваруваат политичка активност), а која е во согласност и со меѓународноправната уреденост на слободата на изразувањето определена во член 10 став 2 од Европската конвенција (со закон, ако е неопходно, да се зачува авторитетот и непристрасноста на судството), има своја уставноправна основаност, пред с‘е, во:

-темелната вредност-поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска (член 8 став 1 алинеја 4), односно судија и претседател на суд да не се вмешуваат во делокругот на законодавната и извршната власт (дури ни превентивно); потоа,
-во темелната вредност-владеење на правото (член 8 став 1 алинеја 3), односно секој дел од трислојната централна власт да ја врши својата уставна надлежност (законодавецот да ги уредува општествените односи на општ начин, за сите; извршноуправните државни органи да ги спроведуваат законските одредби во практика, кон сите; судската власт да ги решава споровите настанати во практиката, кон конкретни субјекти); понатаму,
-судовите да судат врз основа на Устав, закон и меѓународни договори ратификувани во согласност со Уставот (член 118) и да се занимаваат со т.н.„студија на конкретен случај“, а тоа пак има основа во темелната вредност-основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното прави и утврдени со Уставот (член 8 став 1 алинеја 1), односно судија и претседател на суд да не бидат пристрасни во вршењето на својата функција во уставни, меѓународноправни и законски утврдените рамки.

Од наведените темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија произлегува дека под изразот „политичка активност“, со која активност не смее да се бави судија и претседател на суд според член 52 став 6 од Законот за судовите, се подразбираат активности кои се однесуваат на општите општествени односи, кои се актуелни или не, дури и да допираат правни прашања и да задираат во правни принципи, бидејќи не се делокруг на функцијата судија и претседател на суд од судовите на кои се однесува Законот за судовите, а влијаат на одлучувањето на тие судии при решавање на спорови настанати во практиката меѓу конкретни субјекти (таа материја-општите општествени односи, откако се уредени од законодавецот и не пред тоа, е во надлежност на Уставниот суд, од уставноправен аспект).

9.а) Во конкретниот случај, бавењето на Панчевски со правниот третман на т.н.„бомби“ (поврзани со неовластеното следење на комуникациите од 2008-2015 година) во периодот на донесувањето (или пред применувањето) на посебен закон со кој се уредуваше таа материја во 2015 година, преку медиумите и кога беше претседател на суд, не може да се смета за однесување соодветно на ограничувањето пропишано за судиите и претседателите на судовите во член 52 став 6 од Законот за судовите (се бавеше со општи општествени односи), ниту пак за однесување согласно на наведените темелни вредности на уставниот поредок на Републиката (навлегуваше во делокруг на други државни органи). Несоодветно на наведените законски и уставни одредби е и бавењето на Панчевски со ‘т.н.промена на името, или со состојбата во судството и во Академијата на судии и јавни обвинители, преку медиумите и кога беше судија во Основниот суд Скопје I во Скопје по истекот на мандатот како претседател на тој суд, бидејќи излегувал од рамките на надлежноста на судиската функција истовремено влијаејќи негативно во јавноста во врска со зачувувањето на авторитетот и непристрасноста на судството, односно влијаејќи во јавноста да се наруши авторитетот и да се утврди пристрасност во судството.

б) Што се однесува, пак, до изнесување на личен, стручен (образовен и искуствен) и научен (теориски) правен (аксиолошкоправен, социолошкоправен, природноправен,…) став за актуелни општествени теми, во која било фаза на уредување на тие општествени теми (пред донесување на закон, по донесување на закон а заради промени во него, уредување на неуредена материја, …), судијата и претседателот на суд тоа можат да го изразуваат преку организирана форма – здруженија на граѓани, поврзани по разни основи (на пр. преку постојното или новоосновано здружение на судии, за прашања кои ги засегаат сите судии во судството, па и „влез“ преку Академијата и „излез“ преку Судскиот совет од судиската функција; или на пр. преку постојното или новоосновано здружение за уставно право, за прашања кои ги нарушуваат уставните принципи; …), со што личниот став не би бил „осамен“ став (па со другите „осамени“ лични ставови да создава неред во судството), туку е „засилен“ и хармонизиран став на дел или цела „фела“, па добива поголемо значење и организирано влијае на уредување или промена на состојбите.

10.а) Во врска со конкретно оспореното решение, ОСЖ.бр.1/2020 донесено од Советот за одлучување по жалби при Врховниот суд на Република Северна Македонија на 26 јуни 2020 година, Уставниот суд утврди дека Решението се однесува на наводите во жалбата, поднесена од Владимир Панчевски против Одлуката бр.08-22/40 донесена од Судскиот совет на Република Северна Македонија на 25.12.2019 година, во однос на фактичката состојба, примената на материјалното право и законитоста на спроведената постапка при разрешувањето на Владимир Панчевски од судиската функција поради нестручно и несовесно вршење на функцијата претседател на суд. Притоа, во Решението ОСЖ.бр.1/2020 се констатира дека Судскиот совет:
-правилно и целосно ја утврдил фактичката состојба; имено, претседателот на Основниот суд Скопје I во Скопје Владимир Панчевски во 2016 година извршил рачна распределба на новопримени предмети, давајќи усна наредба што било забележано од судскиот службеник во АКМИС системот, без да изготви одлуки со образложени причини за таквото распределување на предметите, а извршил и рачно распределување на предмет спротивно од Годишниот распоред на работа на судиите за 2016 година (страници 5 и 6 од Решението);
-правилно го применил материјалното право; имено, претседателот на Основниот суд Скопје I во Скопје Владимир Панчевски во 2016 година сторил повреда на член 3 став 2 од Законот за управување со движење на судските предмети (задолжително користење на автоматизираниот систем при управување со движењето на предметите во судовите), член 7 од Законот за судовите (предметите што доаѓаат во судот за одлучување се распределуваат меѓу судиите според времето на приемот на предметот во судот), член 174 став 1 и член 175 став 5 од Судскиот деловник-„Службен весник на Република Mакедонија“ бр.66/13 (автоматизираната распределба на судските предмети се врши на начин со кој се обезбедува секој судија во судот да добие во работа подеднаков број на предмети-член 174 став 1; ако има потреба судијата да биде исклучен од прием на нови предмети и од автоматската распределба на предметите, претседателот на судот донесува одлука во која, покрај наредбата за исклучување, се наведуваат и причините за исклучувањето-член 175 став 5), како и спротивно на Годишниот распоред на судиите во Основниот суд Скопје I во Скопје од 28.01.2016 година, а таквите повреди биле нестручно и несовесно вршење на функцијата претседател на суд според член 74 став 1 алинеја 2 во врска со член 79 став 1 алинеи 1 и 4 од Законот за судовите (страница 6 од Решението);

-Судскиот совет спровел законита постапка за разрешување на судијата Владимир Панчевски (страница 7 од Решението).

б) Имајќи ја предвид изнесената содржина на Решението ОСЖ.бр.1/2020, Уставниот суд оцени дека причина за разрешувањето на Владимир Панчевски (со Одлуката бр.08-22/40 донесена од Судскиот совет на Република Северна Македонија на 25.12.2019 година а која станала правосилна со одбивањето на жалбата на Панчевски како неоснована и со потврдувањето на означената одлука на Судскиот совет со донесувањето на Решението ОСЖ.бр.1/2020), се наведените дејствија на претседателот на Основниот суд Скопје I во Скопје Владимир Панчевски, а не неговите текстови објавени во печатените медиуми и на неговиот е-профил. Во таа смисла, формалноправно и материјалноправно гледано, Решението ОСЖ.бр.1/2020 нема допирност со правото на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, ниту со слободата на политичкото дејствување и со забраната на дискриминација по основ на политичко уверување, а на чија повреда упатува подносителот на Барањето доставено до Уставниот суд.

в) Што се однесува, пак, до наводниот политички поттик кој бил извршен преку медиумите за да се преземеле дејствија поврзани со оспорените три акти, па и со Решението ОСЖ.бр.1/2020, дури и да се прифати таквата можност иако оспорените акти се засноваат на други, правно неспорни, факти кои го оправдуваат разрешувањето, тој поттик би бил во рамките на член 52 став 6 од Законот за судовите и на наведените темелни вредности на уставниот поредок, судија и претседател на суд да не смее да остварува политичка активност, односно активност која излегува надвор од судиската функција, навлегува во надлежност на други државни органи и влијае на вршењето на судиската функција, поради што оспореното решение и од тој аспект не е неуставно и незаконито.

г) Врз основа на изнесеното, Уставниот суд одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

11. Во однос на оспорените акти наведени во точката 2 од оваа одлука (Решението бр.08-22/4 донесено од Судскиот совет на Република Северна Македонија на 17 јули 2019 година и Одлуката бр.08-22/40 донесена од Судскиот совет на Република Северна Македонија на 25 декември 2019 година), Уставниот суд на седницата ја утврди следната состојба:
а) Од членот 51 на Деловникот на Уставниот суд произлегува дека услови под кои може да се бара заштита од Уставниот суд на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот се: засегнатиот граѓанин или негов полномошник тоа да го бараат, повредата да е со поединечен акт, поединечниот акт да е конечен или правосилен и барањето да е поднесено во рок од 2 месеци од доставувањето на спорниот акт до засегнатиот граѓанин.

б) Во конкретниот случај:

-оспореното решение (за времено оддалечување на Владимир Панчевски од вршењето на судиската функција), бр.08-22/4, донесено од Судскиот совет на Република Северна Македонија на 17.07.2019 година, и
-оспорената одлука (за разрешување на Владимир Панчевски од вршење на судиската функција поради нестручно и несовесно вршење на функцијата претседател на суд), бр.08-22/40, донесена од Судскиот совет на Република Северна Македонија на 25.12.2019 година,
не исполнуваат два услови од наведената деловничка одредба на Уставниот суд: не се конечни ниту правосилни акти, и Барањето до Уставниот суд во тој дел не е поднесено во рокот од 2 месеци.

Поради тоа, Судот утврди дека за тој дел од Барањето на Владимир Панчевски постојат процесни пречки за одлучување и дека тој дел од Барањето треба да се отфрли согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

в) Врз основа на изнесеното, Уставниот суд одлучи како во точката 2 од оваа одлука.

12. Имајќи ја предвид севкупноста на изнесената фактичка и правна состојба на работите по предметот, Уставниот суд одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

13. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.283/2020
9 декември 2021 г.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска