У.бр.118/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 9 декември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението за избор на командир на Полициска станица од општа надлежност – Прилеп, донесено од Советот на Општина Прилеп на 59-тата седница, одржана на 29.07.2021 година.

2. Илија Јованоски, поранешен градоначалник на Општина Прилеп, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата оспорениот акт, не бил во согласност со членот 24 од Законот за полиција и членот 45 од Законот за работните односи.

3. Судот на седницата утврди дека со иницијативата се бара оцена на уставност и законитост на поединечен акт – Решение за избор на командир на Полициска станица од општа надлежност – Прилеп, донесено од Советот на Општина Прилеп на 59-тата седница, одржана на 29.07.2021 година.

4. Според член 110 алинeи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Уставниот суд на Република Северна Македонија има надлежност да одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, меѓутоа, не сите прописи, можат да бидат предмет на оцена пред Уставниот суд, туку само прописите кои содржат општи норми на однесување, уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и кои утврдуваат права и обврски на неопределен број на субјекти во правото.

Во конкретниот случај Судот утврди дека актот којшто се оспорува со иницијативата, не ги содржи правните елементи што го определуваат прописот подобен за уставно-судска оцена, односно дека станува збор за поединечен, конкретен акт со кој се врши избор на командир на Полициска станица од општа надлежност – Прилеп.

5. Имајќи предвид дека барањето за оцена на уставност и законитост на оспорениот акт, излегува надвор од утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Судот утврди дека се настапени условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, поради ненадлежност.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.118/2021
9 декември 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска