Уставниот суд на Република Северна Македонија, по одржаната XXXV-та седница (денeс, 15 декември 2021 година, со почеток од 9,30 часот), ја известува јавноста дека расправајќи по точките од дневниот ред одлучи да:
– не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 став 2 од Гранскиот колективен договор за органите на државна управа, стручните служби на Владата на Република Северна Македонија, судовите, јавните обвинителства, казнено – поправните и воспитно -поправните установи, Државното правобранителство, општините, Градот Скопје и општините во Градот Скопје, агенциите, фондовите и другите органи основани од Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/20);
– ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценка на уставноста и законитоста на член 17 од Статутот на Фондот за осигурување на депозити („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2001, 68/2002, 31/2003 и 69/2003) и Одлуки за измени и дополнувања на Статутот на Фондот за осигурување на депозити, бр.02-312/1-2011 од 22.12.2011 година, бр.02-176/1 од 26.06.2014 година и бр.02-94/1 од 10.02.2015 година;
– поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението УП.1 бр.11/44 од 16.05.2018 година, донесено од градоначалникот на општина Дојран, со кое се одобрува локална урбанистичка планска документација за дел К.П. бр.1073 и др. за К.О. Сретеново, општина Дојран, изработена од ДГПТУ „СТАН АРТ“ ДООЕЛ Куманово, со тех.бр.26.01.12/17 од април 2018 година, кој опфат опфаќа простор од 4309,00 m² и донесе Решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на овој акт; и
– го отфрли барањето за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 на Уставот во предметот У.бр.72/2021.
Во предметите У.бр.64/2021 и У.бр.88/2021 не се донесе одлука од причини што предлозите не го добија потребното мнозинство гласови.