У.бр.81/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020) на седницата одржана на 01.12.2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 26 ставови 1 и 2 од Статутот на Здружението на граѓани „Глобал шопинг Мол“ од Струмица донесен на 09.02.2021 година од Основачкото собрание на Здружението.

2. Костаке Глигоров од Струмица, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 26 ставови 1 и 2 од актот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата и појаснувањето на иницијативата се наведува дека со оспорената одредба се повредувале Уставот и Законот за здруженија и фондации. Ова од причина што со одредбата се предвидувало сопствениците да имаат по 1 глас во Собранието на Здружението за 1м² деловен простор. Според подносителот гласовите требало да се засметуваат според бројот на сопственици, а не според вкупната површина на деловниот простор. Ова од причина што тој имал сознание дека станува збор за вкупно 15.500 м², а сопственици имало околу 203, при што 30 сопственици имале 8.000 м², а само ЈКПД Комуналец-Струмица имало 3.500 м².

Така сопствениците на поголемите површини секогаш ќе имале мнозинство при донесување на одлуките, а останатите 175 сопственици со вкупно 7.500 м² морале да ги прифаќаат одлуките на останатите 30 сопственици, од каде ваквиот начин на засметување на гласовите бил дискриминаторски, неуставен и незаконит, со што се повредувале член 9 и член 54 од Уставот.

3. Судот на седницата, утврди дека според член 26 став 1 од Статутот Собранието може полноправно да одлучува ако се присутни лично или преку полномошник сопствениците на имот, односно деловен простор во ГТЦ Глобал Струмица кој имот по површина преставува повеќе од 50% од вкупниот имот во ГТЦ Глобал Струмица (50% + 1 глас).

Гласовите на собранието се засметуваат спрема квадратурата во сопственост, односно 1 м² сопственост на имот, односно деловен простор во ГТЦ Глобал Струмица претставува 1 глас на собранието (став 2).

4. Во членот 9 од Уставот на Република Северна Македонија е определено дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Согласно член 110 алинеја 7 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за уставноста на програмите и на статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.

Според член 24 став 5 од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/2010, 135/2011 и 55/2016) начинот на свикување на собранието, работата и донесувањето на одлуките и одлучувањето без присуство, се уредуваат со статутот на здружението.

Тргнувајќи од анализата на цитираната регулатива произлегува дека здруженијата на граѓани со свој акт-статут ја уредуваат работата и донесувањето на одлуките на здруженијата. Статутот во кој е содржана оспорената одредба е донесен од Основачкото собрание на здружение на граѓани и уредува прашања со цел редовно функционирање на ГТЦ Глобал Струмица, како приватен субјект во правото на начин предвиден со означениот закон. Притоа членовите на Здружението се определиле Собранието да може полноправно да одлучува ако се присутни лично или преку полномошник сопствениците на имот кој по површина претставува повеќе од 50% од вкупниот имот (50% + 1 глас), односно гласовите на Собранието да се засметуваат спрема квадратурата во сопственост (1 м² сопственост на имот претставува 1 глас на Собранието). Ваквиот начин на засметување на гласовите според обемот на сопственост, а не според бројот на сопственици го минал тестот на законитост во регистарските органи, а како граѓаните имаат со означениот закон утврдена слобода во своите статути да го уредат начинот на работата и начинот на донесување на одлуките.

Судот, имајќи ја предвид слободната диспозиција на законската норма оцени дека не може да се постави прашањето на повреда на принципот на еднаквост на граѓаните од членот 9 или пак да стане збор за ограничување на слободите и правата на граѓаните спротивно на членот 54 од Уставот.

По однос на согласноста на оспорената статутарна одредба со закон Судот согласно член 110 алинеја 7 од Уставот нема надлежност да постапува, а воедно во иницијативата и не се содржани конкретни наводи во оваа насока.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.81/2021
01.12.2021 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска