Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 1 декември 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 40 став 4 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/2019), во делот „или наплата на противврeдноста на одземените предмети“.
2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Подносителот во иницијативата наведува дека оспорениот дел на одредбата од член 40 став 4 од Законот не е доволно јасен и прецизен и со истиот се создава правна несигурност кај граѓаните.
Имено, подносителот на иницијативата наведува дека ниту во Законот за прекршоците, ниту пак во Кривичниот законик, не постоела јасна дефиниција што се подразбира под „наплата на противвредноста на одземените предмети“ што можело да доведе до заблуда во практикување на правото.
Од содржината на одредбата од членот 40 од Законот за прекршоците, како и од целината на Законот, но и во Кривичниот законик, во ниту еден член не било пропишано врз основа на кои параметри се утврдува „противвредноста на одземените предмети“ а со цел изрекување на посебната прекршочна мерка „наплата на противредноста на одземените предмети“…
Во иницијативата подносителот само цитира одредби од Кривичниот законик без да даде дополнителна аргументација за поврзаноста на оспорената одредба со истите.
Исто така, во иницијативата се наведува дека во самиот закон како пропис не е јасно од каде ја црпи својата основа за изрекување на таквата посебна мерка, во услови кога постои недостаток на јасна и прецизна дефиниција за таквата мерка.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека во Законот не постоела точно определена дефиниција што се подразбира под самиот поим „наплата на противвредноста на одземените предмети“ и дека наведената одредба е недоволно прецизна и може да доведе до арбитрарно постапување во прекршочните постапки од страна на засегнатите страни нешто што не е во духот на член 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот.
Подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка и да ја укине одредбата од член 40 став 4 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/2019) во делот „или наплата на противвредноста на одземените предмети“.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 40 од Законот за прекршоците се предвидува:
(1) За конфискуван имот и имотна корист прибавена со прекршок на физичко лице соодветно се применуваат одредбите за конфискација на имот и имотна корист и одземање на предмети од Кривичниот законик.
(2) За конфискуван имот и имотна корист прибавена со прекршок на правно лице соодветно се применува одредбата за видови казни на правно лице од Кривичниот законик.
(3) При одземање предмети судот, односно прекршочниот орган соодветно ги применуваат одредбите за услови за одземање на предмети од Кривичниот законик.
(4) Прекршочен орган од посебните прекршочни мерки може да примени само мерка одземање на предмети или наплата на противвредноста на одземените предмети, кога тоа е определено со закон со кој е пропишан прекршокот.
(5) Доколку прекршочниот орган смета дека за одреден прекршок треба да се изречат мерките конфискација на имот и имотна корист, органот ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка со предлог до судот за донесување на одлука по барањето, со собраните докази за имотот и имотната корист од сторениот прекршок, независно од тоа кога било поднесено барањето за поведување на прекршочна постапка пред органот.
4. Според член 110 алинеи 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992, 202/2019 и 256/2020), се предвидува дека Уставниот суд на Република Македонија ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за негово постапување.
Имајќи предвид дека уставноста на одредбата се оспорува поради тоа што подносителот на иницијативата смета дека истата може да биде злоупотребувана и погрешно применувана од страна на прекршочните органи и истовремено се оспорува наведениот член од Законот со цитираната уставна норма на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, без да даде аргументи за неуставноста на оспорената одредба, Судот оцени дека во иницијативата отсуствуваат причини за неуставност на оспорената одредба бидејќи во истата само нумерички се означуваат уставните одредби за кои подносителот на иницијативата смета дека биле повредени.
Од наведените причини, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети условите од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.69/2021
01.12.2021 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска