У.бр.48/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 1 декември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 379 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија”, број 18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009, 161/2009 и 123/2013).

2. Ивана Талевска-Трендафилова, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот од Законот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата, членот 379 од Законот за облигационите односи бил спротивен со член 8 став 1 алинеја 3, членот 13, член 52 став 4 и член 98 став 2 од Уставот, со наводи дека содржината на законската одредба била двосмислена, нејасна, конфузна, непрецизна и со ретроактивно дејство, понеповолно за тужителот, отколку за тужениот, насловот не одговарал на содржината на оспорениот член од Законот, а, исто така, оспорениот член 379 од Законот за облигационите односи бил во колизија со членот 378 од истиот закон.

Во продолжение на иницијативата, подносителката објаснува како се применувал оспорениот член од Законот од страна на судовите и што се случувало понатаму во судските постапки кога оштетен барал од граѓанскиот суд да досуди надомест на штета, а кривичниот суд во кривичната постапка, не утврдил вина на оној кој бил осомничен дека сторил штетно дејствие. Според подносителката, граѓанскиот суд во примената на оспорениот член 379 од Законот, постапувал противуставно, бидејќи утврдувал вина, што било кривична категорија, односно постапувал како месно ненадлежен суд, а и постапувал спротивно на Уставот бидејќи лице кое било обвинето за кривично дело, а кое не било осудено со правосилна судска одлука, судот сметал дека е виновно, а сето тоа бидејќи таква законска можност му дозволувал оспорениот член 379 од Законот.

Од овие причини со иницијативата се смета дека постојната содржина на оспорениот член 379 од Законот за облигационите односи, била противуставна, којашто Уставниот суд требало да ја укине.

Воедно, според подносителката, иронијата била уште поголема бидејќи законодавецот во Законот за облигационите односи уредил два члена и тоа членот 378 и оспорениот член 379, коишто се однесувале на рок на застареност при отфрлање на тужба (според подносителката во меѓусебна колизија), а не донел законска одредба во однос на тоа кога почнувал да тече рокот на застареност за надомест на штета причинета со кривично дело, за кое била донесена осудителна пресуда.

Подносителката наведува дека за уредување на таа правна празнина и единствена примена на правните норми, Врховниот суд донел сентенца Рев.бр.272/05. Сентенцата била неформален извор на правото што уредувала исклучително значајна содржина, па оттука, поради постоење на двосмисленост и колизија на законските норми, подносителката предлага оспорениот член 379 од Законот, да се укине како противуставен и да се замени со содржината на сентенцата Рев.бр.272/05 на Врховниот суд, наведена во иницијативата.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 379 став 1 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија”, број 18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009, 161/2009 и 123/2013), ако тужбата против должникот е отфрлена поради ненадлежност на судот или поради некоја друга причина којашто не се однесува на суштината на работата, па доверителот повторно подигне тужба во рок од три месеци од денот на правосилноста на одлуката за отфрлање на тужбата, се смета дека застарувањето е прекинато со првата тужба, а според ставот 2 на оспорениот член 379 од Законот, истото важи и за повикување во заштита и за истакнување на пребивање на побарувањата во спор, како и во случај кога суд или друг орган го упатил должникот своето пријавено побарување да го остварува во процесна постапка.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Надлежноста на Уставниот суд од член 110 алинеја 1 од Уставот, подразбира дека Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како повисок, односно највисок правен акт во хиерархијата на правни акти, а не за меѓусебната согласност на правните акти од ист ранг во хиерархијата на правните акти.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, а според алинејата 3 на членот 28 од Деловникот на Судот, и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува членот 379 од Законот за облигационите односи, како спротивен со член 8 став 1 алинеја 3, членот 13, член 52 став 4 и член 98 став 2 од Уставот, а причините за неуставноста на законската норма, подносителката ги образложува со наводи за колизија на оспорениот член од Законот за облигационите односи со друг член од истиот закон, како и со наводи за неправилно и противуставно постапување на судовите во примената на оспорениот член од Законот.

Воедно, подносителката укажува со каква содржина требало да биде уреден оспорениот член 379 од Законот, со предлог, оспорената законска содржина да се укине како противуставна и да се замени со содржината на сентенцата на Врховниот суд, којашто подносителката ја наведува во иницијативата.

Уставниот суд, согласно утврдените надлежности од член 110 алинеја 1 од Уставот, одлучува за уставноста на законската норма од аспект на нејзината согласност со Уставот, а не од аспект на согласноста на законската норма со друга законска норма, и не од аспект на тоа, како законската норма се применува од страна на надлежни органи.

Во конкретниот случај Судот утврди дека изнесените наводи во иницијативата, како причини за оспорување на уставноста на законската норма, не ги исполнуваат критериумите на уставно-правни аргументи поради кои може да се оспорува уставноста на законската норма и по кои Судот би можел да се впушти во одлучување по поднесената иницијатива, од кои причини Судот констатира процесна пречка за постапување по иницијативата, што е причина за отфрлање на истата, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот.

Воедно, не е во надлежност на Уставниот суд, да креира содржини во Законот, а како што се предлага со иницијативата. Во оваа смисла треба да се има во вид дека, кои и какви законски решенија ќе бидат предвидени со закон, тоа спаѓа во делокругот на надлежностите на законодавниот дом, а не на Уставниот суд, од кои причини и по овој основ Судот констатира процесна пречка за постапување по иницијативата, што е причина за отфрлање на истата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот.

5. Тргнувајќи од погоре изнесеното, Судот утврди дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.48/2021
1 декември 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска