Денес, претседателот и судиите на Уставниот суд на Република Северна Македонија остварија работна средба со Делегацијата на Уставниот суд на Република Косово.
На средбата беа разменети идеи и мислења за начините и облиците на можната идна соработка помеѓу двата суда, но и искуства и ставови за прашањата коишто се во нивната надлежност.
Во однос на последното, беше ставен акцент на делот за заштита на уставните слободи и права, почнувајќи од субјектите кои имаат право да побараат ваква заштита, нејзиниот опфат, постапката, правното дејство на одлуките и примената на праксата на Европскиот суд за човекови права.
Беше заеднички констатирано дека постојат сличности, но и разлики во овој дел што е разбирливо, но она што е заедничко е дека при заштитата на уставните слободи и права и двата суда ги земаат предвид ставовите на Европскиот суд, изразени во неговите одлуки.