У.бр.82/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 17 ноември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста на член 1, член 3 ставови 1 и 2, член 5 став 2 алинеи 6 и 7 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015, 192/2015, 231/2015 и 163/2018), член 45 став 1 алинеи 6 и 8, став 2 и член 46 став 1 точка 1 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија бр.96/2019) и член 62 став 1 алинеја 8 од Законот за јавно обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2020).

2. Судски стручни службеници – судски соработници во Основен кривичен суд Скопје, Основен суд Свети Николе, Основен суд Прилеп, Основен суд Радовиш, Основен суд Крива Паланка и од Управен суд на Република Северна Македонија, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценка на уставноста на одредбите од законите означени во точката 1 од ова решение. До Уставниот суд, дополнување на иницијативата е доставено и од пет судски соработници во Основниот суд Радовиш.

Според наводите во иницијативата оспорените одредби од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, Законот за судовите и Законот за јавно обвинителство, не биле во согласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа со: член 7 ставови 1 и 2, член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4 и 11, член 32 ставови 1 и 2, член 50, член 51, член 55, член 58, Амандман XXV со кој е заменет членот 98, Амандман XXVIII со кој е заменет член 104, Амандман XXIX со кој е заменет член 105 и се брише алинејата 15 на ставот 1 на членот 68 и Амандман XXX со кој се заменуваат ставовите 2 и 3 на членот 106 и се брише членот 107 од Уставот.

Во иницијативата се цитирани наведените одредби од Уставот. Покрај тоа, во иницијативата се наведува дека оспорените законски одредби биле не само неуставни туку и незаконити, односно со нив се повредувале и одредби од Законот за судови (членови 41 и 42), Законот за јавни обвинители (член 63), Законот за кривична постапка (член 6) и Законот за парнична постапка (член 6). Ова од аспект дека одредбите биле меѓусебно неусогласени, меѓутоа за Уставниот суд, согласно член 110 од Уставот, во надлежност е оценка на согласноста на законите со Уставот, а не оценка на меѓусебната согласност на законите.

Судот утврди дека во иницијативата се цитирани оспорените одредби, меѓутоа во делот на цитирањето на одредбите од членот 45 од Законот за судовите, во ставот 1 од овој член, при наведувањето на алинеите, во иницијативата се наведува текстот „практична работа со компјутери“ кој не постои бидејќи бил текст на алинеја 7, а со Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019) по алинеја 6 е пропишана нова алинеја 7. Исто така, во иницијативата при цитирањето на ставот 2 од членот 45 од Законот за судовите, во текстот на иницијативата се наведува зборот „алинеја 7“ наместо „алинеја 6“, со оглед дека со погоре наведените измени и дополнувања на Законот и тука во текстот е интервенирано како „алинеја 6“.

Во иницијативата, која поединечно и одделно законските одредби не ги оспорува, туку во целина како основни аргументи за оспорување на уставноста на оспорените законски одредби се наведуваат:

– Со Уставот на Република Северна Македонија е определено дека на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо при што друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните исто така е службен јазик и неговото писмо како што е определено со Уставот. Јазикот на кој се водат постапките пред судовите е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, односно друг службен јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и писмо, се користи во согласност со Законот за кривичната постапка и Законот за парнична постапка. Оттука, нема уставен основ во Законот за судовите и Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, во своите одредби да пропишуваат услов познавање на странски јазик.

Уставот јасно утврдил дека орган за избор и разрешување на судии е Судскиот совет на Република Северна Македонија кој е самостоен и независен орган на судството и ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт. Тој ги избира и разрешува судиите и судиите поротници. Судската власт ја вршат судовите, тие се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Воедно, согласно Законот за судови, Судскиот совет со подзаконски акт ги уредува потребните видови на здравствени прегледи, формата и содржината на психолошкиот тест и тестот на интегритет како и практична работа со компјутери, па оттука, тоа јасно покажува дека орган кој избира судии е Судскот совет, а не друга институција.

Сосема е неоправдано постоењето на Академијата за судии и јавни обвинители со надлежности да врши проверка на знаења на кандидатите за судии во основните судови и составување на ранг-листа.

Уставот определил дека функцијата на јавното обвинителство ја врши Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и јавните обвинители, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го именува и разрешува Собранието на Република Северна Македонија, а јавните обвинители ги избира Советот на јавни обвинители.

Неспорно е дека Академијата за судии и јавни обвинители не е уставен орган, Уставот не ја предвидел ниту како институција која на било кој начин е инволвирана во постапката за избор на судии и јавни обвинители.

Уставот е јасен како е поделена власта во државата, на законодавна, извршна и судска власт и кој ја претставува судската власт и улогата на Судскиот совет на Република Северна Македонија, како и улогата на Советот на јавни обвинители, како органи кои имаат уставен основ да избираат судии и јавни обвинители. Таква уставна основа нема Академијата за судии и јавни обвинители, но со оспорените законски одредби произлегува дека Академијата има надлежности од кои се детерминира изборот на судии и јавни обвинители, директно ја поткопува независноста и самостојноста на судовите и судиите и на јавните обвинители, со вршењето на едукација, елиминација и рангирање на кадарот кој ќе биде избран за вршење на овие функции.

Поради тоа, со оспорените законски одредби се нарушуваат уставните норми кои се посочени во иницијативата, а со кои се утврдени принципите на уставниот поредок во Република Северна Македонија.

Институцијата Академија за судии и јавни обвинители не е уставна категорија. Таа врши работи согласно со одредби од Законот за Академија на судии и јавни обвинители, Законот за судови и Законот за јавно обвинителство, кои не се во согласност со Уставот, односно уставните норми со кои е предвиден изборот на судии и јавни обвинители. Согласно Уставот, советите (судски и јавнообвинителски) треба да вршат избор и именување, а не само верификација или потврдување на веќе претходно направениот избор со ранг-листа од завршен испит составена од Академијата за судии и јавни обвинители.

Заради наведеното, подносителите на иницијативата – судските стручни соработници во Република Северна Македонија, сметаат дека за оспорените законски одредби треба да се поведе постапка за оценка на уставноста, истите да се укинат со цел да се врати владеењето на правото и правната држава. Изборот на судии и јавни обвинители исклучиво да се врши од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, како уставни категории, а избраните судии и јавни обвинители, потоа да посетуваат едукативна обука во Академијата без постоење на надлежност на Академијата да диктира ранг-листа и полагање на почетни и завршни испити.

Почитувањето на уставните одредби ќе се оствари само со реформа во правосудството во насока на наведеното, каде со Устав определените органи – Судскиот совет и Советот на јавни обвинители ќе го вршат самостојно изборот во рамки на свои постапки, а не од ранг-листите составени од Академијата за судии и јавни обвинители со кои во суштина се детерминира изборот на судии и јавни обвинители, а нема уставна надлежност за тоа.

Согласно погоре наведеното, а имајќи ги предвид аргументите изнесени во иницијативата, подносителите на иницијативата предлагаат Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на оспорените одредби од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, Законот за судовите и Законот за јавното обвинителство и истите да ги поништи.

Воедно, се предлага Судот да донесе времена мерка и согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените законски одредби.

Со дополнувањето на иницијативата кое е во поддршка на наведената иницијатива, се дадени наводи од аспект на Законот за установите, од кои произлегувало дека установите се основаат за вршење на дејности во областа на образованието, науката, културата, здравството, социјалната заштита, детската заштита, заштита на лица со интелектуална или телесна попреченост, како и во други дејности кои се утврдени како јавна услуга.

Академијата за судии и јавни обвинители е основана како јавна установа во 2006 година, со претежна дејност образование, согласно Централниот регистар на Република Северна Македонија. Тоа значи едукација и обука на судии, судски службеници, судии поротници може да организира и врши Судски совет како орган надлежен за контрола и организација на судската власт. Органот е надлежен за вршење на овие дејности и не може установа да има надлежности во постапка на кандидати за судии и кандидати за јавни обвинители. Недозволиво е рангирање на кандидати за судии на листа од Академијата од кои избира Судскиот совет.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за Академијата за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015, 192/2015, 231/2015 и 163/2018), предвидел:

Член 1

Со овој закон се основа и се уредува работењето на Академијата за судии и јавни обвинители (во натамошниот текст: Академијата) како јавна установа за прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука и унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и јавното обвинителство, обука на субјектите кои учествуваат во спроведување на законите од областа на правосудството, вршење на аналитичка дејност од областа на правосудната теорија и практика, органите на управувањето и финансирањето на Академијата.

Член 3 став 1 и став 2

(1) Академијата врши прием и стручно усовршување на идните судии и јавни обвинители, континуирано стручно усовршување и унапредување на знаењата на веќе избраните судии и јавни обвинители при вршењето на нивната функција, како и усовршување и обука за професионално, етичко и стручно извршување на работните задачи на субјектите од членот 1 на овој закон, во согласност со закон и меѓународните стандарди и принципи.

(2) Академијата својата дејност ја спроведува преку:

– прием на слушатели на почетна обука по пат на организирање и полагање на приемен испит,
– организирање и спроведување на почетна обука на идните кандидати за судии и јавни обвинители во основните судови и основните јавни обвинителства и спроведување на завршен испит,
– организирање и спроведување на континуирана обука за унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители,
– организирање и спроведување на континуирана обука на стручните служби во судството и јавното обвинителство, како и обука на субјектите наведени во членот 1 од овој закон,
– спроведување на аналитичка дејност од областа на правосудната теорија и практика и
– врши и други работи утврдени со закон и Статутот на Академијата.

Член 5 став 2 алинеи 6 и 7

(2) Со Статутот се уредуваат:
– приемот на слушатели во почетна обука,
– содржината на програмите за приемен испит, почетна обука, програмите за континуирана обука, програмата за практицирање на судиската и јавно обвинителската функција и други специјализирани програми.

Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/2019), предвидел:

Член 45 став 1 алинеи 6 и 8 и став 2

(1) За судија може да биде избрано лице кое ги исполнува следниве услови:

(алинеја 6) – да познава еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски и германски)
(алинеја 8) – да ужива углед, да поседува интегритет за вршење на судиската функција и да поседува социјални способности за вршење на судиската функција, за што се спроведуваат тестови за интегритет и психолошки тестови.

(2) Условот од ставот (1) алинеја 6 на овој член е потребен за прием на кандидат за судија за почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители и истиот се полага во рамките на приемниот испит во Академијата за судии и јавни обвинители.

Член 46 став 1 точка 1

(1) Посебни услови за избор на судија во основен суд, апелационен суд и во Врховен суд на Република Македонија се:

1. За судија на основен суд може да биде избрано лице кое ја завршило обуката во Академијата за судии и јавни обвинители утврдена со закон.

Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020), предвидел:

Член 62 став 1 алинеја 8

(1) Посебни услови за избор на јавен обвинител на Република Северна Македонија, за јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, за виш јавен обвинител на вишо јавно обвинителство, јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, основен јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, основен јавен обвинител на основно јавно обвинителство и јавен обвинител во основно јавно обвинителство покрај условите од член 61 од овој закон се:

(алинеја 8) – за јавен обвинител во основно јавно обвинителство може да биде избрано лице кое има завршено обука утврдена со Законот за Академијата за судии и јавни обвинители.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4 и 11 од Уставот на Република Северна Македонија, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Со Амандман V од Уставот, со кој се заменува членот 7 од Уставот, во ставовите 1 и 2 е утврдено дека на целата територија на Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, а согласно член 23, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според член 32 ставови 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Амандман XXV, со кој е заменет член 98 од Уставот, е предвидено судската власт ја вршат судовите.

Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови.

Видовите,надлежноста,основањето,укинувањето,организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Со Амандман XXVIII со кој се заменува членот 104 од Уставот, е предвидено:

„Судскиот совет на Република Северна Македонија е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт.
Советот го сочинуваат петнаесет члена.
По функција членови на совет се претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија и министерот за правда.
Осум члена на Советот ги избираат судиите од своите редови. Тројца од избраните членови се припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија, при што ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.
Тројца членови на Советот избира Собранието на Република Северна Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија.

Двајца членови на Советот предлага претседателот на Република Северна Македонија, а изборот го врши Собранието на Република Северна Македонија, од кои еден е припадник на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија.

Членовите на Советот што ги избира Собранието на Република Северна Македонија, односно што ги предлага претседателот на Република Северна Македонија се од редот на универзитетските професори по право, адвокатите и други истакнати правници.

Мандатот на избраните членови на Советот трае шест години со право на уште еден избор.

Условите и постапката за избор, како и основите и постапката за престанок на функцијата и разрешување на член на Советот се уредуваат со закон.

Функцијата избран член на Советот е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на други јавни функции и професии утврдени со закон“.

Со Аманданот XXIX со кој се заменува членот 105 од Уставот и се брише алинејата 15 на ставот 1 на членот 68 од Уставот, е предвидено:

„Судскиот совет на Република Северна Македонија:

– ги избира и разрешува судиите и судиите поротници,
– утврдува престанок на судиската функција,
– ги избира и разрешува претседателите на судовите,
– ја следи и оценува работата на судиите,
– одлучува за дисциплинска одговорност на судиите,
– одлучува за одземање на имунитетот на судиите,
– предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија од редот на судиите,
– врши други работи утврдени со закон.

При изборот на судиите, судиите поротници и претседателите на судовите ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

Советот за својата работа поднесува годишен извештај до Собранието на Република Северна Македонија, чија форма, содржина и начин на усвојување се уредуваат со закон“.

Со член 106 став 1 од Уставот и со Амандман XXX од Уставот со кој се заменуваат ставовите 2 и 3 на членот 106 и се брише членот 107 од Уставот, е предвидено:

„Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.

Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Функцијата на јавното обвинителство ја вршат Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и јавните обвинители.

Надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Јавниот обвинител на Република Северена Македонија го именува и разрешува Собранието на Република Северна Македонија за време од шест години со право на повторно именување.

Јавните обвинители ги избира Советот на јавни обвинители без ограничување на траење на мандатот.

При изборот на јавните обвинители ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

За разрешување на јавните обвинители одлучува Советот.

Надлежноста, составот и структурата на Советот, мандатот на неговите членови, како и основите и постапката за престанок и разрешување на член на Советот се уредуваат со закон.
Основите и постапката за престанок и разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и јавните обвинители се уредува со закон.

Функцијата Јавен обвинител на Република Северна Македонија и јавен обвинител е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на други јавни функции и професии утврдени со закон. Се забранува политичко организирање и дејствување во Јавното обвинителство“.

5. Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, во делот на одредбите од членот 1, член 3 ставови 1 и 2 и член 5 став 2 алинеи 6 и 7, потоа Законот за судовите во делот на одредбите од член 45 став 1 алинеи 6 и 8 и став 2 и член 46 став 1 точка 1, како и Законот за јавно обвинителство во однос на член 62 став 1 алинеја 8, се оспорени со иницијативата во основа дека уредуваат прашања кои на Академијата за судии и јавни обвинители и даваат институционален статус со кој Академијата го диктира изборот на судии и јавни обвинители, кој само формално се спроведува од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, како и во тоа својство Академијата добива надлежности да испитува постоење на услови и оценува успешност на кандидати за избор на овие јавни функции, што го надминува едукативниот карактер на Академијата и доминира нејзината изборна улога која ја нема во Уставот. Изборот е уставно определен на надлежните независни органи – Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Од овој аспект се оспорени наведените законски одредби и поаѓајќи од нормите на Уставот и одредбите од наведените закони, произлегува од страна на Уставниот суд уставно- правна анализа во која е опфатен законскиот концепт на статусот и работата на Академијата кој во суштина е предмет на оспорување со иницијативата.

Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, во членот 1 го определил предметот на уредување на овој закон, според кој со овој закон се основа и се уредува работењето на Академијата за судии и јавни обвинители (во натамошниот текст: Академијата) како јавна установа за прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука и унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и јавното обвинителство, обука на субјектите кои учествуват во спроведување на законите од областа на правосудството, вршење на аналитичка дејност од областа на правосудната теорија и практика, органите на управувањето и финансирањето на Академијата.

Согласно член 50 од овој закон, средствата за работа на Академијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија преку буџетот на „судска власт“, како и од други извори на финансирање, односно донации и подароци, самостојни приходи и приходи преку издавање на публикации, реализација на обуки за други целни групи кои се надвор од областа на правосудството и во правосудството, реализација на проекти, грантови, кои не се во спротивност со дејноста на Академијата, а во согласност со Управниот одбор.

Согласно член 54 од овој закон, Академијата организира почетна и континуирана обука.

Почетна обука се организира заради стекнување практични и теоретски знаења и вештини со цел создавање на високообучени, стручни и ефикасни кандидати за судии и јавни обвинители во основните судови и основните јавни обвинителства и слушатели на почетната обука се лица кои по положениот приемен испит се примени во почетната обука, ова согласно одредбите од членовите 55 и 56 од овој закон.

Условите за прием на почетната обука се утврдени во членот 57 од овој закон.

Согласно членот 58 од овој закон, Управниот одбор донесува одлука за објавување јавен оглас за прием на лица за полагање на приемниот испит во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуките од член 56 став 2 на овој закон во Академијата, кои одлуки ги донесува Судскиот совет и Советот на јавните обвинители на Република Македонија, за прашањето за вкупниот број на слушатели на почетната обука, земајќи го предвид вкупниот број на слободни места за судии и јавни обвинители во основните судови и основните јавни обвинителства, како проекција за потребните места кои ќе се пополнуваат по завршување на почетната обука.

Значи, на основа на проекцијата за пополнување на потребните места на кадри се донесуваат одлуки од Судскиот совет и Советот на јавните обвинители за вкупниот број на слушатели на почетната обука и на основа на тие одлуки Управниот одбор на Академијата донесува одлука за објавување јавен оглас за прием на лица за полагање на приемен испит за почетна обука во Академијата.

Со одредбите од Законот е детално уредено полагањето на приемниот испит за влез како слушатели на почетна обука.

Согласно член 91 став 1 од овој закон, приемот на кандидатите кои ќе бидат слушатели на почетната обука во Академијата се врши врз основа на редоследот на успехот на ранг-листата до пополнување на предвидениот број на слушатели утврдени со одлуките од член 56 став 2 од Законот. Ова е постапка за влез на слушатели на почетна обука во Академијата.

Според членот 93 од Законот, со стекнување на статусот на слушател на почетната обука во Академијата, слушателот заснова работен однос на определено време со Академијата за периодот на спроведување на почетната обука до изборот на кандидатот за судија или јавен обвинител, за судија во основен суд, односно јавен обвинител во основно јавно обвинителство (став 1). За време на траењето на работниот однос од ставот 1 на овој член слушателот на почетната обука, односно кандидат за судија или јавен обвинител има право на плата на виш судски советник во основен суд и други надоместоци од плата согласно со закон (став 2).

Почетната обука за слушателите трае 24 месеци и се одвива во две фази и тоа: – прва фаза – теоретска настава во Академијата во траење на девет месеци, и – втора фаза – практична настава во судовите и јавните обвинителства и други институции, согласно со програмата за почетна обука во траење од 15 месеци. Судот, односно јавното обвинителство во кој слушателот ќе ја посетува втората фаза од почетната обука, се одредува регионално, според апелационото подрачје во кое слушателот има живеалиште односно престојувалиште (член 94).

Согласно член 97 од овој закон, по завршувањето на почетната обука слушателите на почетната обука полагаат завршен испит на кој се проверува практичното знаење и способноста кои се стекнати во почетната обука за извршување на функцијата судија во основните судови, јавен обвинител во основните јавни обвинителства.

Прашањата поврзани со постапката, полагањето и оценувањето на завршниот испит се уредени со одредбите од овој закон.

Според член 111 од овој закон, комисијата за завршен испит утврдува конечна ранг-листа на кандидати за судии и јавни обвинители врз основа на завршната оценка од членот 110 на овој закон.

Академијата на кандидатите за судии и јавни обвинители им издава уверение за завршена почетна обука кое содржи оцена за секоја фаза од обуката и завршна оцена.

Со членот 113 од Законот, се уредени правата и обврските на кандидатите за судии и јавни обвинители. Имено, според одредбите од овој член од Законот, по завршувањето на почетната обука слушателот стекнува статус на кандидат за судија или јавен обвинител и секој кандидат е упатен од страна на Академијата, во судот односно јавно обвинителство каде што ја изведувал втората фаза (практична настава), од почетната обука заради практицирање на судиската или обвинителската функција под менторство на судија или јавен обвинител согласно програмата донесена од Академијата.

Конечно и конкретно, самиот избор на судии и јавни обвинители во основните судови и во основните јавни обвинителства од редот на кандидатите кои ја завршиле почетната обука, се врши врз основа на објавени огласи за избор од страна на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, редоследно според постигнатиот успех утврден во конечната ранг-листа од завршената обука. Првите тројца кандидати од конечната ранг-листа имаат право да конкурираат за избор на судија или јавен обвинител во апелационо подрачје каде што ја изведувале втората фаза (практична настава) од почетната обука или во кое било друго апелационо подрачје.

Останатите кандидати од конечната ранг-листа се должни да конкурираат на секој објавен оглас за избор на судија во основен суд или јавен обвинител во основно јавно обвинителство. Притоа, доколку при изборот има кандидати за определено место, со ист број бодови, предност при изборот има кандидатот за судија или јавен обвинител од апелационото подрачје каде што ја изведувал втората фаза од почетната обука.

Со Законот е уредено дека кандидатот за судија или јавен обвинител е должен најмалку пет години по изборот за судија или јавен обвинител да работи во суд, односно јавно обвинителство, во спротивно е должен да ги надомести трошоците и другите надоместоци за неговото обучување, по утврдена пресметка од страна на Академијата.

Од наведените одредби од Законот, произлегува дека со основањето на Академијата за судии и јавни обвинители како јавна установа за стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, државата врз себе ја презема обврската за едукација на кадрите во судството и јавното обвинителство со цел да се обезбеди професионално, независно, непристрасно и ефикасно извршување на судиската и јавнообвинителската функција. Токму од овие причини законодавецот ја востановил Академијата како јавна установа која врши прием на слушатели на обука и стручно усовршување на идните судии и јавни обвинители, како и постојано стручно усовршување на избраните судии и јавни обвинители. Оттука и приемот во Академијата (по положен приемен испит) односно стекнувањето на статус на слушател на почетната обука повлекува засновање на работен однос на определено време на слушателот со Академијата за периодот додека трае почетната обука, па се до изборот на кандидатот за судија или јавен обвинител, при што средствата за стручното усовршување односно обуката на кандидатите ги обезбедува државата, односно Академијата чиј главен извор на финансирање е Буџетот на Република Северна Македонија преку делот од буџетот наменет за судската власт.

Имено, кандидатот не учествува со сопствени средства во покривањето на трошоците за обуката и стручното усовршување, туку напротив со засновањето на работниот однос со Академијата, за целиот период на спроведување на почетната обука се до изборот, кандидатот односно слушателот има право на плата во износ од платата на виш судски советник во основен суд, а има право и на други надоместоци од плата согласно со закон.

Оттука, имајќи предвид дека државата е таа којашто ги обезбедува материјалните и финансиските средства за обуката на кандидатите за идни судии и јавни обвинители, произлегува дека е општествено оправдано решението од Законот, според кое на кандидатите не само што им се признаваат определени права, туку истовремено со закон им се наметнуваат и обврски. Ова дотолку повеќе ако се има предвид дека станува збор за две исклучително значајни јавни функции – судиската и јавнообвинителскта функција, така што пополнувањето на судиските и јавнообвинителските места на определен начин е прашање на политиката на државата во сферата на остварувањето на третата власт, преку која државата всушност ја остварува и крајната цел на постоењето на Академијата, а тоа е кандидатите обучени за идни судии и јавни обвинители и навистина да бидат избрани, да отпочнат да ја вршат судиската односно јавнообвинителската функција, и да се овозможи редовно и континуирано пополнување на слободните судиски места, што од своја страна пак е решавачки критериум за определување на вкупниот број на слушатели на почетната обука. Притоа, значајно е да се истакне дека вкупниот број на слушатели на почетната обука, се определува врз основа на одлуките на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, земајќи го предвид вкупниот број на слободни места за судии и јавни обвинители во основните судови и основните јавни обвинителства, значи на целата територија на Републиката.

Тоа е законскиот концепт за улогата и работата на Академијата за судии и јавни обвинители, во рамки на едукативниот карактер на обуките за остручување на кадри за судии и јавни обвинители, при што Академијата нема надлежност да врши избор за овие звања во судовите и јавните обвинителства. Со закон не е предвидено Академијата да врши избор на судии и јавни обвинители, ниту може да се доведе во прашање едукативниот карактер на Академијата за судии и јавни обвинители, бидејќи целта е изборот од страна на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да биде заснован на критериуми на стручност и обученост, а не само на систем за регрутирање на предметниот кадар заснован само на квалификации.

Со оспорените законски одредби не се повредуваат нормите на Уставот на кои се однесуваат наводите во иницијативата, ниту од аспект на условот предвиден во член 45 став 1 алинеја 6 и ставот 2 од Законот за судовите, според кој за судија може да биде избрано лице кое познава еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски и германски) и овој услов се полага и цени во рамки на приемниот испит за почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители. Имено, право на законодавецот е да ја уредува целисходноста на законските решенија како законодавна политика во креирањето на правосудниот систем од аспект на обученоста и спремноста на предметниот кадар да ја врши судиската и јавнообвинителската функција во правниот поредок во државата со примена на законите и меѓународните акти и со ваквото законско решение не се повредува Амандманот V од Уставот бидејќи службените јазици, согласно со закон се уредени во примената во судските постапки.

Со оглед на тоа што наводите во иницијативата се генерално во насока на оспорување на концептот на работата и улогата на Академијата согласно Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, кој концепт зафаќа и одредби од Законот за судовите и Законот за јавното обвинителство, што се предмет на оспорување со иницијативата, и од погоре наведената анализа не произлегуваат елементи со кои на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители им се повредени независноста и самостојноста како уставно определени органи, Судот утврди дека оспорените законски одредби не можат уставно-правно да се проблематизираат поради што не може основано да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

Поаѓајќи од сето погоре наведено, Судот оцени дека не постојат основи за поведување постапка за оценка на уставноста на оспорените одредби од Законот за Академија на судии и јавни обвинители, Законот за судовите и Законот за јавното обвинителство од аспект на наводите во иницијативата. Воедно, нема основ и за изрекување на времена мерка, односно запирање на извршување на поединечните акти или дејствија врз основа на оспорените законски одредби, согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.82/2021
17.11.2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска