У.бр.5/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 10 ноември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Здружението за социјални иновациии и одржлив развој „Радар“ од Скопје, Данчо Несторовски од Скопје, Марија Торова од Штип, Дончо Георгиев од Штип и Слободан Рогач од Штип, застапувани од адвокатот Трајче Торов од Штип, за заштита на правото на забрана на дискриминација по основ на национална припадност и правото на слобода на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија гарантирани со меѓународни документи.

2. Здружението за социјални иновациии и одржлив развој „Радар“ од Скопје, Данчо Несторовски од Скопје, Марија Торова од Штип, Дончо Георгиев од Штип и Слободан Рогач од Штип, застапувани од адвокатот Трајче Торов од Штип, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа барање за заштита на правото на забрана на дискриминација по основ на национална припадност и правото на слобода на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

3. Подносителите на барањето, наведуваат дека повредата на слободите и правата им биле повредени со:

– Поединечен акт со континуирано трајно дејство, „Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на привремената Спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните склучена во Преспа (Нивици) Грција на 17.06.2018 помеѓу првата страна Грција („Првата страна“) и втората страна која беше примена во Обединетите нации согласно резолуцијата 47/225 од 8 април 1993 година на Генералното собрание на Обединетите нации („Втората страна“);- Дејствата за склучување на оваа спогодба, нејзиното имплементирање, дејствата, покренување на постапка за измена на Уставот во Собранието на Република Македонија согласно овој акт, формирање административен заеднички интердисциплинарен комитет за цензура и слобода на говорот, дејствата на согласување на Република Македонија под странски притисок на дополнителни услови за прием во ООН и тековно водење на Република Македонија под референца;
-Тековно дејство на непреземање на заштита на слободите и правата преку откажување од поставување на прашањето за легалноста на дополнителните услови наметнати на Република Македонија за прием и правниот статус на Република Македонија во ОН, односно дејствата на враќање на уставното име во ОН и барање на советодавно мислење на Меѓународниот суд за правдата во Хаг во врска со приемот на Република Македонија во ООН, извршен со дополнителни услови и притисок од странска земја и
– Дејствата на согласноста од Република Македонија да биде примена под дополнителни услови надвор од членовите 1, 2 и 4 од Повелбата на ОН и обврската да води преговори за своето име со странска држава.

Со наведениот поединечен акт и наведените дејства Република Македонија, на оштетените подносители на барањето им ги повредила слободите и правата гарантирани во Уставот на Република Македонија кои произлегуваат од соодветните меѓународни документи за заштита на човековите права и слободи.

1. Правото на забрана на дискриминација по основ на национална припадност од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, се заснова на следните меѓународно гарантирани права и слободи:

– Правото на еднаквост во достоинството и правата од член 1, 2, 7, 12, 15, 26 и 28 од Универзалната декларација за човековите права; член 1 став 2, член 2 став 1 точка 1, 4 и 7, член 4 став 1, член 55 став 1ц од Повелбата на ОН; член 3 и член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права; член 2 од Протоколот 1 од Европската конвенција; членовите 52, 53 и 64 од Виенската конвенција за договорно право, член 2 став 1ц од Конвенцијата за превенција и санкционирање на геноцидот на ОН, Декларацијата за правата на домородните луѓе на ОН; Конвенцијата за правата на детето и Меѓународната конвенција за сите форми на расна дискриминација.

2. Правото на слобода на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија чија основа се следните меѓународни права и слободи:

– Правото на слобода на мислата, совеста и убедувањето или самостојно или во заедница со други и правото со манифестирање на своите убедувања во учење и пракса од член 18 како и правата од член 19 од Универзалната декларација за човековите права, правата и слободите од член 8, 9 и 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права; член 2 став 1ц од Конвенцијата за превенција и санкционирање на геноцидот на ОН, конвенцијата за правата на домородните луѓе на ОН и Конвенцијата за правата на детето.

Понатаму во барањето за заштита на слободите и правата на подносителите на барањето се наведени начините на сторување на повредите:

Склучениот поединечен акт Спогодба со КОНТИНУИРАНО ТРАЈНО ДЕЈСТВО и дејствата на нејзино имплементирање преку формирање на административниот Заеднички комитет, дејствата на покренување и водење на постапка за измена на Уставот во Собранието на Република Македонија согласно овој акт, се дејства на повреда на правата и слободите на барателите на заштита и тоа на следниот начин:

1. Спогодбата во делот на Преамбулата е склучена од страна на министерот на Република Македонија, без име на земјата на барателите, односно со навредлива описна формулација, а за граѓаните на другата страна не е применет истиот критериум и истите се претставени со името на нивната земја Грција.

Ова според подносителите е повреда на правото на забрана на дискриминација и почитување на достоинството на барателите како граѓани на Република Македонија, односно покрај повреда на правата од член 110 став 1 алинеја 3 повредени се и член 1, 2, 7 и 28 од Универзалната декларација за човековите права; член 1 став 2, член 2 став 1 точките 1, 4 и 7, како и член 55 став 1ц од Повелбата на ОН; повредени се член 3 и член 14 од Европската конвенција, потпишан е ништовен договор склучен спротивно на задолжителната норма на општото меѓународно право и под принуда од членовите 52, 53 и 64 од Виенската конвенција за договорно право.

2. Во поединечниот акт Спогодба во делот на член 1 став 3а (ѓ,е) е наведено дека:

„Официјалното име на Втората страна ќе биде „Република Северна Македонија“ што ќе претставува уставно име на Втората страна и ќе се употребува ерга омнес, како што е предвидено во оваа спогодба. Скратеното име на Втората страна ќе биде „Северна Македонија“.

Според подносителите, ова било повреда на правото забрана за дискриминација во однос на граѓаните на Грција и почитување на правото на самоопределување и достоинството на барателите како жители на Република Македонија.

Името на државата е ПРАВО на САМООПРЕДЕЛУВАЊЕ на жителите на соодветна земја, односно на барателите согласно член 1 став 2, член 2 став 1 точките 1, 4, 7 и член 55 став 1ц од Повелбата на ОН, а со оневозможување на наведените права се повредуваат членовите 1, 2, 7 и 28 од Универзалната декларација за човековите права, односно ИМЕТО на ЗЕМЈАТА НЕ е ОБЛИГАТОРНА ОБВРСКА која се утврдува со Спогодба со странска земја, наметната по преговори под уцена за прием во НАТО и ЕУ.

Ова дејство претставува и намерно наметнување на животни услови на групата, кои се пресметани да ја уништат целосно или делумно групата, односно, геноцид – културен геноцид, или обид за геноцид спротивно на член 2 став 1ц од Конвенцијата за превенција и санкционирање на геноцидот на ОН, Декларацијата за правата на домородните луѓе на ОН (член 1-6).

Не може граѓаните на Грција, нивната Влада да ги обврзува и дискриминира барателите во нивните ЛИЧНИ ИЗВОДИ НА РОДЕНИ да бидат запишани како дека „се родиле во земја која никогаш не постоела, СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА“.

„Уставното име на барателите на заштита, Република Македонија и неговата употреба, не претставува иредентизам спрема Грција“, утврдено е во пресудата на Меѓународниот суд за правда во Хаг на Република Македонија спрема Грција.

Понатаму, подносителите на барањето го цитираат член 1 став 3б од Спогодбата, и наведуваат дека и со оваа одредба се врши повреда на правото на забрана на дискриминација во однос на граѓаните на Грција и почитување на правото на самоопределување и достинството на барателите како жители на Република Македонија.

НАЦИОНАЛНОСТА (АНГЛИСКА ОРИГИНАЛНА И СЛУЖБЕНА ВЕРЗИЈА) – државјанството (македонска владина верзија) е исто ПРАВО на САМООПРЕДЕЛУВАЊЕ, а не ОБЛИГАЦИОНА ДИСКРИМИНАТОРСКА ОБВРСКА, НАМЕТНАТА од граѓаните на ГРЦИЈА преку нивната Влада.

Дали некој ќе биде по „НАЦИОНАЛНОСТ/ГРАЃАНИН на СЕВЕРНА“, селанец на ЈУЖНА или МАРСОВЕЦ, е приватно право на САМООПРЕДЕЛУВАЊЕ на истиот и НЕ МОЖЕ ДА МУ ГО ДИСКРИМИНИРААТ ТОА ПРАВО ГРАЃАНИТЕ НА ГРЦИЈА, преку нивната Влада со преговори водени под присила и уцена за прием во НАТО И ЕУ.

Не може барателите на овој поднесок, граѓаните на Грција да ги обврзуваат во нивните ЛИЧНИ ИЗВОДИ НА РОДЕНИ, да бидат запишани за нешто што никогаш не биле и не гласале на реферндум „/ГРАЃАНИН на РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА“:

Во барањето се цитирани делови од член 1 став 3в, член 7 став 4 и член 8 став 4 од Спогодбата со кои според подносителите е повредено правото на забрана за дискриминација, правото на самоопределување и културен геноцид на барателите затоа што за разлика од грчките граѓани кои сами си го определуваат нивниот јазик, јазикот на барателите се определува со административна облигациона обврска од Владата на странска земја.

Правото на јазик е лично изборно право на самоопределување и дел од ИДЕНТИТЕТОТ на поединецот и право на достоинство.

Со одредувањето на групацијата на јазикот, од страна на странска ВЛАДА се меша во самоопределувањето, во идентитетот на барателите, го ОГРАНИЧУВА ВО РАМКИ и е странско административно мешање во НАУКАТА за ЛИНГВИСТИКА.

Дали јазикот бил словенски или има други примеси, дали се зборувал и пред 6 век на оваа територија или не, е работа на науката, НЕ на странска влада.

Ограничувањето на јазикот и одлуките на жителите на Република Македонија вклучително и на барателите, само на нивната административна територија е културен геноцид, зато што не може една административна влада да одредува кој јазик и која одлука каде се простира цивилизациски, историски, културно и каде има такво наследство, затоа што тоа е право на историската наука.

Поединечниот акт Спогодба во делот на член 1 став 3г и ѓ, а во врска со член 7 став 3, 4, 2 и 1 „забранува секаква употреба на името Македонија и придавката македонски, покрај на службените органи и јавните институции, туку и на приватните ентитети и актери, на кои им се ускратува правото на финансиска поддршка за активности надвор од државата и само АКО НЕ СЕ ДЕНАЦИОНАЛИЗИРААТ, односно ако се ОТКАЖАТ од нивната цивилизација, историја, култура и наследство, која како елинска и припаѓа на Грција“.

Според подносителите, ова е дискриминација на нашите граѓани во однос на грчките и културен геноцид, затоа што правото на името и придавката на една нација, е право на САМООПРЕДЕЛУВАЊЕ и ИДЕНТИТЕТСКО ПРАВО на човекот и не може со облигаторен декрет на две влади, од кои едната странска, да се ЗАБРАНУВА ПРАВОТО кое припаѓа на ПРИВАТНИ лица и актери, па дури и на јавни институции на тие лица.
Приватните лица, меѓу кои и барателите, имаат право да се нарекуваат како сакаат и да имаат култура каква сакаат и да учат историја која не е напишана од Владата во Атина, туку од научници историчари кои ќе оценат дека се објективни, односно не се должни да прифатат геноцидно ограничување од некоја туѓа влада, за видот на НИВНАТА ЛИЧНА цивилизација, историја и култура.

Не може во Република Македонија да има Албански национален театар или Турски национален театар и телевизии, а да немаат односно да се укинува или забранува на барателите да имаат право и посетуваат Македонски национален театар, Македонска опера и балет, да гледаат Македонска радио и телевизија.

Не може да им се укинува правото на барателите на оваа заштита да членуваат и имаат активности со македонски културно- уметнички друштва кои имаат настапи во странство финансирани од владини проекти.

Намерно наметнување на животни услови на групата, кои се применети да ја уништат целосно или делумно групата претставува геноцид – културен геноцид или обид за геноцид што е спротивно на член 2 став 1ц од Конвенцијата за превенција и санкционирање на геноцидот на ОН и претставува повреда на правото на самоопределување, на културен идентитет, слободна согласност и забрана за дискриминација од членовите 1-6 од Декларацијата за правата на домородните луѓе на ОН.

Според подносителите на барањето, поединечниот акт Спогодбата, во делот на член 1 став 6а и б, ја обврзува Република Македонија, самата да бара од сите меѓународни организации и држави кои сега ја признаваат под уставното име (над 120 држави во светот), да ја викаат под нејзиното наметнато име поради уцени за прием во НАТО и ЕУ од странска држава Грција, со што се повредува правото на недискриминација и достоинство на барателите на заштита, како нејзини жители, а во врска со правото на самоопределување.

– Поединечниот акт Спогодба, во делот на член 1 став 9 и став 3д, ја обврзува Република Македонија сама да изврши промени на документите на барателите на оваа заштита како: изводи од раѓање, изводи од умрени на блиски лица, лични карти, пасоши, регистарски таблички и др. и да ги промени под новото наметнато име поради уцени за прием во НАТО и ЕУ, со што се повредува правото на недискриминација и достоинството, како носители и сопственици на тие документи, а во врска со правото на самоопределување, односно културен геноцид.
– Поединечниот акт Спогодба, во член 8 ставови 1, 2 и 3 забранува употреба на симболите што Грција ги смета за нејзино историско и културно наследство, симболот што порано стоел на нејзиното државно знаме и и наметнува на Република Македонија да го уреди статусот на спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија од античка елинска историја и цивилизација, како грчко историско или културно наследство што преставува културен геноцид и наметната странска цензура на слободата на мислата и говор од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, затоа што историјата, културата и традицијата пред 6 век не може да им се одземе на барателите на заштита затоа што тоа е земја во која живеат тие и нивните предци.

Одземањето на ова право на културно наследство на својата земја и прекрстување на спомениците и јавните згради по желба на странска административна држава е цензура, културен геноцид и сечење и административно кроење на историјата на жителите на оваа земја.

Симболот на поранешното знаме на Република Македонија, шеснаесеткракото сонце стои по црквите, спомениците, археолошките наоѓалишта, па одземањето на правото на користење на истото е цензура и културен геноцид затоа што се дискриминираат само Македонците, а не се одзема правото на користење од Египет, Сирија и др. земји се до Индија, на тие исти симболи кои се дел од историското античко наследство и на овој македонски народ.

Во натамошниот текст на барањето, подносителите го цитираат член 8 став 5 од според нив поединечниот акт Спогодбата и наведуваат дека самиот текст на членот бил контрадикторен и украсите што се наведувале во него и покрај тоа што се повикуваат на експертска работа, од начинот на формирање и кому одговара, ова било административно тело за ЦЕНЗУРА на СЛОБОДА на ГОВОР и КУЛТУРЕН ГЕНОЦИД НА ИСТОРИЈАТА на учебниците на децата од страна на странска влада надгледувано од странско министерство за надворешни работи, кои годишните извештаи и препораки, ги ОДОБРУВА политички административен странски владин Совет, а за претседател од македонска страна е избран политичар, а не експерт, односно НАУЧНО ТЕЛО за размена на идеи.

Исто така, подносителите наведуваат дека во пресудата на Меѓународниот суд за правда во Хаг, Република Македонија спрема Грција, која е правосилна се наведува дека „употребата на името Република Македонија, не претставува иредентизам спрема Грција“ што е чист материјален доказ, дека наводот за целите „за спречување на ирендентизам“ е неоснован и основ за ЦЕНЗУРА И НАСИЛНА ПРОМЕНА НА ИСТОРИЈАТА и УЧЕБНИЦИТЕ што треба да ги учат децата на една група, односно културен геноцид.

Втора цел за „спречување ревизионизам“ е сама по себе повреда на правото на СЛОБОДА НА ГОВОР И КУЛТУРЕН ГЕНОЦИД врз децата на една нација, бидејќи според македонскиот речник „ревизионизам е обид да се ревидира важечка политичка ДОГМА“, а догма е религиозно замрзнат став – фашизам, не е наука, бидејќи во науката СЕ Е ПОДЛОЖНО НА РЕВИЗИОНИЗАМ ака се има аргументи и историска наука.

Поврзаноста на ставот 5 со претходните 1, 2 и 3 од истиот член 7 и 8 за административно бришење на историјата пред 6 век, за преправање и цензура на спомениците во оваа држава и исклучивото културно наследство на антиката е класичен доказ за повреда на правото на СЛОБОДА на ГОВОР и МИСЛА и за класичен КУЛТУРЕН ГЕНОЦИД, врз децата, нивните учебници, перење на нивниот мозок односно намерно наметнување на животни услови на групата кои се насочени да ја уништат целосно или делумно групата.

Поединечниот акт Спогодба во член 4 став 2 забранува Република Македонија да заштитува лица кои не се нејзини граѓани што е спротивно на меѓународното право, да се заштитува секоја жртва на повреда на човекови права. Според член 6 став 1 органи под индиректна контрола на државата им се забранува пропаганда за ревизионизам, спречува дејство на приватни ентитети, кои веројатно ќе поттикнат омраза, непријателство спрема другиот, член 6 став 3 да спречува пропаганда на приватни ентитети, кои ќе поттикнат непријателство, ревизионизам.

Со овие обврски, според подносителите, се повредува СЛОБОДАТА НА ГОВОР И МИСЛА од член 110 од Уставот и член 18, 19 и 27 од Универзалната деларација за човекови права.

Поединечниот акт Спогодба, во член 20 точка 9 предвидува неотповикливост на Спогодбата, што е ништовен договор склучен спротивно на задолжителна норма на општото меѓународно право (ius cogens) и под принуда од членовите 52, 53 и 64 од Виенската конвенција за договорно право.

Поединечниот акт Спогодба е склучена од министерот за надворешни работи, што е спротивно на член 119 став 1 од Уставот.

Дејствата на согласноста на Република Македонија да биде примена под дополнителни услови надвор од член 1, член 2 и член 4 од Повелбата на ОН под референца Бивша Југословенска Република Македонија и да се обврзе да води преговори за своето име со странска држава е повреда на правото забрана за дискриминација во однос на други граѓани на членките на ОН и почитување на достоинството на барателите како граѓани на Република Македонија, односно покрај член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, повредени се и член 1, 2, 7 и 28 од Универзалната декларација за човековите права, правото на еднаквост во достоинството и правата од член 1 став 2 од Повелбата на ОН, правото на суверена еднаквост на сите членки на ОН од член 2 став 1 точка 1 од Повелбата на ОН, сите членки мора да се воздржуваат во меѓународните односи од употреба на закани или употреба на сила за политичка независност на секоја земја од член 2 став 1 точка 4 од Повелбата на ОН, правото на немешање во домашната јурисдикција од ОН или членка на истата согласно член 2 став 1 точка 7 од Повелбата на ОН, еднакви услови за прием предвидени во Повелбата и пресудите на ОН од член 4 став 1 од Повелбата на ОН, принципот на еднакви права и самоопределување на луѓето, почитување и заштита на човековите права без дискриминација од член 55 став 1ц од Повелбата на ОН, правото на забрана на понижувачко постапување од член 3 од Европската конвенција за заштита на човековите права, забрана за дискриминација од член 14 од наведената конвенција, потпишан е ништовен договор склучен спротивно на задолжителната норма на општото меѓународно право и под принуда од член 52, 53 и 64 од Виенската конвенција за договорно право итн.

Тековното дејство на непреземање на заштита на слободите и правата, преку откажување од поставување на прашањето за легалност на дополнителните услови наметнати на Република Македонија за прием и правниот статус на Република Македонија во ОН, односно откажување од дејствата на известување за враќање на уставното име во ОН и барање на соодветно мислење на Меѓународниот суд за правда во Хаг во врска со приемот на Република Македонија во ООН, под дополнителни услови и притисок од странска земја е повреда на правото на забрана на дискриминација во однос на други граѓани на членките на ОН, како и повреда на другите права утврдени во веќе наведените меѓународни документи.

Врз основа на наведеното, барателите предлагаат нивното барање да биде усвоено во целост и да се утврди повреда на наведените слободи и права, да се поништи поединечниот акт и да се забранат наведените дејствија, а до донесување на конечниот акт, Судот да донесе решение за определување на времена мерка согласно член 57 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

4. Подносителите на барањето за заштита на слободите и правата преку адвокатот, до Уставниот суд доставија проширување на барањето во кое наведуваат дека поради дополнително настанатите континуирани повреди на слободите и права по поднесување на нивното барање, а настанати со дополнителни дејства на спроведување на поединечниот акт Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на привремената Спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните склучена во Преспа (Нивици) Грција на 17.06.2018 помеѓу првата страна Грција („Првата страна“) и втората страна која беше примена во Обединетите нации согласно резолуцијата 47/225 од 8 април 1993 година на Генералното собрание на Обединетите нации („Втората страна“) преку дејства на донесувањето на уставни амандмани со Уставниот закон за измена на Уставот на Република Македонија, заради извршување на истата, донесени со дејство на Собранието на Република Македонија на (11) јануари 2019 година, го прошируваат барањето за заштита на слободите и правата и против наведените дополнителни дејства на истите повреди на нивните слободи и права наведени во првичното барање, од истите причини, истото образложение, истите докази и со истите предлози за утврдување на повредите и заштитата на слободите и правата.

5. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во членот 52 од Деловникот е предвидено дека во барањето од членот 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита на слободите и правата, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Тргнувајќи од член 110 алинеја 3 од Уставот и од членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, произлегува дека Уставниот суд во постапката за заштита на слободите и правата дава заштита само по однос на лично повредени слободи и права на подносителите на барањето, при што повредата настанала со конечен или правосилен поединечен акт или преземено дејствие од надлежен орган во институциите на државата.

Имајќи ја предвид цитираната уставна одредба, како и цитираната деловничка одредба произлегува дека Судот е надлежен да одлучува за заштитата на оние слободи и права утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, кои се повредени со конечен или правосилен поединечен акт или дејство, но не и за заштита на слободите и правата кои би биле повредени со акти кои немаат карактер на конечен или правосилен акт, како што е во конкретниот случај.

Поради наведеното, Судот оцени дека не се исполнети процесните претпоставки од членот 51 од Деловникот за постапување по барањето, од кои причини барањето на подносителите треба да се отфрли согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот.

6. Во однос на наводите во барањето, Судот да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на Спогодбата, односно да наложи прекин на преземање на понатамошни дејствија или веќе преземените да ги запре, Судот оцени дека изнесените наводи излегуват надвор од надлежноста на Судот, односно тој не е надлежен да ги оценува, забранува или запира дејствијата што надлежните органи ги преземаат во вршењето на нивните функции утврдени со Уставот.

7. Со оглед на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.5/2019
10.11.2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска