У.бр.323/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 10 ноември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на согласноста на одредби од Програмата за хуман третман и благосостојба на животни скитници на подрачјето на Град Скопје на ЈП Лајка Скопје за 2021 година, бр.02-720/6 од 09.12.2020 година, во кои се содржат формулациите: „трајно згрижување во азил“ (точка 3 став 1) и „носи во азил за бездомни животни“ (точка 5.4 став 5) со Законот за заштита и благосостојба на животните и со Правилникот за техничките услови за прифатилиштата, условите за чување на животните во прифатилиштата, постапките за евтаназијата, начинот на водење на евиденција и начинот на вршење надзор, формата и содржината на регистарот и начинот на регистрација, како и информациите потребни за регистрација.

2. Драгана Велковска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на одредбите од Програмата означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорените одредби од Програмата било кажано дека кучињата по поминатиот третман во прифатилиштето може да бидат трајно згрижени во азил регистриран од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Иако, како што било наведено на самиот почеток од Програмата, дека истата се заснова на членови 26-30 од Законот за заштита и благосостојба на животните, ниту во тие членови на Законот, ниту во Законот во целина, не постоела никаква формулација што би можела да се протолкува како можност за трајно згрижување на бездомните кучиња во азил, со што не постоел законски основ за формирање на таква институција и не постоел законски основ таква институција да биде регистрирана од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Напротив, во член 28 став 1 од Законот јасно и недвосмислено стоело: „Општината, општините во Градот Скопје, односно Градот Скопје, се надлежни да вршат собирање на бездомните кучиња, односно нерегистрирани кучиња и регистрирани кучиња доколку ги затекнат на јавни површини без присуство на сопственикот и привремено да ги сместат во соодветни објекти – прифатилишта.“ Понатаму, во ставот 3 стоело дека: „За контрола на популацијата на бездомните кучиња, општината, општините во Градот Скопје, односно Градот Скопје треба заловените бездомни кучиња привремено да ги смести во прифатилиште каде кучињата треба да се кастрираат, односно ојаловуваат, здравствено се третираат, на нив да се изврши превентивна здравствена заштита и тест за социјализација согласно со прописите од областа на ветеринарното здравство по што истите треба да се вдомат или вратат во реонот од каде што биле заловени. Бездомните кучиња треба да бидат трајно обележани со микрочип, а во случај на бездомни кучиња вратени во реонот на заловување и со други видливи средства за идентификација, на начин кој нема да предизвика непотребна болка или страдање.“

Со оспорените одредби од Програмата се прекршувал и членот 5 од Правилникот за техничките услови за прифатилиштата, условите за чување на животните во прифатилиштата, постапките за евтаназијата, начинот на водење на евиденција и начинот на вршење надзор, формата и содржината на регистарот и начинот на регистрација, како и информациите потребни за регистрација. Во членот 5 од Правилникот, единствени можности за бездомните кучиња кои го поминале и го преживеале третманот во прифатилиштето бил да се вдомат или да бидат вратени на локацијата од којашто биле заловени.

Во ниеден сегмент од наведениот закон и Правилник не било уредено воспоставувањето и функционирањето на азил за бездомни животни со што оспорените одредби од Програмата претставувале сериозен потенцијал за нерегулирано вонзаконско дејствие со кое ќе се загрозат животот и благосостојбата на животните, нерационално и неодговорно ќе се трошат јавни пари, а проблемот ќе опстојува.

Поради наведеното, подносителот на иницијативата бара од Уставниот суд да ги укине оспорените одредби од Програмата.

3. Судот на седницата утврди дека според точка 3 став 1 од Програмата, Програмата ќе ја користи методата на заловување на нерегистрирани кучиња на јавни површини, без сопственик, нивен преглед во ветеринарната служба во прифатилиштето, привремено сместување во стационарот до нивно вдомување или враќање на локација од каде се заловени или трајно згрижување во азил (регистриран од страна на АХВ).

Според точка 5.4 став 5 од Програмата, по изминување на рокот животното го напушта овој оддел и се сместува во одделот за вдомување каде ќе остане до 14 дена, доколку во овој период животното не се вдоми, истото се враќа на локација од каде било заловено или ќе се носи во азил за бездомни животни.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Јавното претпријатие Лајка е основано од страна на Градот Скопје во 2019 година, согласно Законот за комуналните дејности и Законот за Градот Скопје, заради континуирано, организирано и квалитетно заловување на животните скитници, нивно времено сместување во прифатилиштата и обезбедување соодветна заштита, контрола на популацијата, редовно хранење и напојување, како и ветеринарно медицински третман на животните скитници на подрачјето на Град Скопје, на начин утврден со закон или друг акт.

Согласно член 7 став 3 од Законот за комунални дејности („Службен весник на Република Македонија“ брoj 95/2012, 163/2013, 42/2014, 44/2015 и 147/2015), јавните претпријатија основани од општината, општините во Градот Скопје и Градот Скопје за вршење на комунални дејности врз основа на развојните планови, донесуваат годишна програма до крајот на тековната година за наредната година по претходна согласност од советот на општината, општините на Градот Скопје и Градот Скопје.

Во согласност со членот 19 од Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија“ број 38/96, 9/97, 6/2002, 40/2003, 49/2006, 22/2007, 83/2009, 97/10, 6/12, 119/13, 41/14, 138/14, 25/15, 61/15, 39/16, 64/18 и 35/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019), според кој управниот одбор на јавното претпријатие ги има сите овластувања да презема мерки кои се потребни и корисни заради постигнување на целите на јавното претпријатие во согласност со законот, Управниот одбор на Јавното претпријатие Лајка Скопје има донесено Програма за хуман третман и благосостојба на животни скитници на подрачјето на Град Скопје на ЈП Лајка Скопје за 2021 година. Во образложението на Одлуката за усвојување на Програмата (бр.02-720/7 од 09.12.2020 година), се наведува дека согласно законските одредби, Јавното претпријатие е должно да изработи годишна програма, која содржи податоци за предвидените работни активности, потребниот број на извршители и целосното финансиско покритие за нивна реализација. Поради тоа изготвената програма на претпријатието за 2021 година, директорот ја достави на управниот одбор на разгледување и усвојување. По нејзиното усвојување од управниот одбор, програмата ќе се применува по добиена согласност од Советот на Град Скопје.

Советот на Град Скопје, на 61-та седница одржана на 22 декември 2020 година, има донесено Одлука за давање согласност на Програмата за хуман третман и благосостојба на животни скитници на подрачјето на Град Скопје на ЈП Лајка Скопје за 2021 година („Електронски Службен гласник на Град Скопје“ бр 16/2020).

Тргнувајќи од карактерот на програмата за работа на ЈП Лајка Скопје за 2021 година, со која детално се обработува моделот на менаџирање и решавање на проблемот со бездомни кучиња во текот на 2021 година, како дејност за која е основано ова јавно претпријатие и како законска обврска за донесување годишна програма за работа на претпријатието, Судот оцени дека ваквата годишна програма за работа на јавното претпријатие не претставува пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, поради што Уставниот суд не е надлежен да одлучува за согласноста на оспорениот акт со закон.

Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.323/2020
10 ноември 2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска