Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 10 ноември 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 10 став 1 точка 1 од Законот за Фондот за осигурување на депозити („Службен весник на Република Македонија” број 63/2000, 29/2002, 43/2002, 49/2003, 66/2003, 81/2008, 158/2010, 43/2014, 15/2015, 153/2015, 27/2016 и 83/2018).
2. Солунка Александрова Лука, Огнена Александрова Лука, Дамјана Александрова Лука и Самуил Александров Лука, сите од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот од Законот, означен во точката 1 од Решението.
Според наводите од иницијативата оспорениот член 10 став 1 точка 1 од Законот за Фондот за осигурување на депозити, ги повредувал: член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6, 7 и 8, членот 9, член 30 став 3, членот 54 и членот 55 од Уставот; членовите 3, 4 и 7 од Законот за облигационите односи; член 7 став 1 точка 1, а во врска со член 2 став 1 точки 3 и 4, членот 11 и членот 54 од Законот за банките и членот 1 од Протоколот 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права.
Според подносителите, неуставно и незаконито било да не се обесштетуваат депозитите на кои им биле дадени привилегирани каматни услови, различни од официјално објавените во банката, филијалата на странската банка или штедилницата, бидејќи со тоа се интервенирало во правото на сопственост и правото на слобода при договорањето, без никаков јавен оправдан интерес, а Фондот за осигурување на депозити со тоа се ставал во привилегирана положба, наспрема правата на клиентите на банките кои имале депозити. Согласно Законот за банки и Законот за облигационите односи, банките и клиентите биле слободни во договорањето при давањето на банкарските услуги и слободно ги договарале условите по однос на каматната стапка при вложување на штедни влогови во зависност од износот на паричните средства којшто се ставал како депозит, меѓутоа, поради оспореното законско решение банките и клиентите биле ограничени во правото слободно да договараат привилегирани каматни стапки за депозити, иако логично било каматната стапка којашто банката сакала да ја понуди на одредени клиенти, да била различна од официјално објавената, првенствено поради привлекување на нови клиенти и вложување/прибирање на повисок износ на средства.
Со отворањето на стечајната постапка над Еуростандард банка, се отворило и прашањето за уставноста на оспорената законска одредба бидејќи неколку доверители/физички лица клиенти на банката, не можеле да бидат обесштетени до законскиот износ од 30.000 евра, поради тоа што со банката договориле каматна стапка за внесените штедни влогови во повисок износ од официјално објавениот.
Според подносителите, ограничувањето на слободата на договарањето било основано во однос на необесштетувањето на останатите депозити од точките 2, 3, 4 и 5 на член 10 став 1 од Законот, бидејќи за тоа имало некоја реална, логична и општествена оправданост, меѓутоа, тоа ограничување не било основано кога станувало збор за депозитите со привилегирани каматни услови. Неосновано било затоа што не била јасна интенцијата на законодавецот што сакал да постигне со оспореното уредување, односно што сакал да заштити или спречи со уредувањето да не се обесштетуваат и депозитите со привилегирани каматни услови кога Фондот во ниту еден случај не можел да биде оштетен, а ниту пак тоа било спротивно на јавниот интерес.
Имено, согласно член 7 став 1 од Законот, било предвидено дека за осигурување на депозити, Фондот наплатувал премија од членките на Фондот, по стапка најмногу до 0,7% годишно од вкупните депозити во секоја банка и штедилница, што подразбирало дека за секој депозит се плаќала премија од најмногу 0,7% на износот на депозитот. Според подносителите, независно од висината на договорената каматна стапка со банката, банката била должна во име и за сметка на клиентот да плаќа премија до 0,7% од вкупниот износ на депозит (зависно од одлуката на управниот одбор на Фондот), и поради тоа, не било јасно од кои причини и што сакал законодавецот да заштити или спречи со уредувањето на оспорената законска одредба.
Не постоел ниту еден логичен и правен аргумент за воспоставувањето на оспорената одредба во Законот, а наспрема тоа, постоеле голем број на аргументи коишто укажувале дека со таквото уредување директно се задирало во основните уставни начела без никаква легитимна цел, иако сосема легитимно и во согласност со Уставот, Законот за облигационите односи и пазарната економија, било банките и клиентите да договараат различна каматна стапка од официјално објавената и за тоа имало повеќе причини, но најчеста причина бил износот на депозитот. Колку повисок износ се депонирал, толку повисока каматна стапка.
Клиентите не биле виновни за отворениот стечај на банката, ниту имале некаков придонес во тоа и со отворањето на стечајот врз банката тие веќе биле оштетени со тоа што никогаш немало да можат да си ги вратат паричните средства коишто ги депонирале, а сега повторно се оштетувале со тоа што Фондот не ги обесштетувал, само заради тоа што била договорена повисока каматна стапка. Не можеле да бидат обесштетени ниту делумно до износот до 30.000 евра, а сето тоа без никаква причина и спротивно на Уставот. Со необесштетувањето до 30.000 евра од страна на Фондот, државата извршила упад во правото на сопственост на имотот од граѓаните – клиенти на банката кои договориле повисока каматна стапка, од кои причини оспорената законска одредба била спротивна и на членот 1 од Протоколот број 1 од Конвенцијата, којшто содржел три правила по однос на природата на мешањето на државата, и тоа: интервенцијата да била пропишана со закон; со неа да се остварувала легитимна цел во јавен интерес и интервенцијата да била разумно пропорционална со целта која требало да се оствари.
Подносителите укажуваат како треба Уставниот суд да ја цени оспорената законска одредба, односно дека целта на мешањето на државата во никој случај не била оправдана и не постоела легитимна цел којашто можела да се смета дека била иницирана врз основа на јавниот интерес, како и дека лишувањето од сопственост со необесштетувањето до 30.000 евра, не постоел правичен баланс помеѓу мешањето во мирното уживање во имотот и барањата од јавен интерес, со оглед дека клиентите веќе биле лишени од своите средства без своја волја или вина, а бидејќи државата не презела обесштетување, само по себе тоа претставувало непропорционално мешање од страна на државата, со што било јасно дека државата со тоа сторила повреда на членот 1 од Протоколот број 1, односно повредила човеково право со кое се гарантира правото на мирно уживање на сопственоста, а покрај ова, со необесштетувањето на клиентите кои имале договорено различна каматна стапка од официјалната, се повредувало и начелото на законитост и пропорционалност, а се создавала и дискриминација, од кои причини со иницијативата се предлага, Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста, но, и на законитоста на оспорениот член 10 став 1 точка 1 од Законот и истиот да го поништи.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 10 став 1 точка 1 од Законот за Фондот за осигурување на депозити („Службен весник на Република Македонија” број 63/2000, 29/2002, 43/2002, 49/2003, 66/2003, 81/2008, 158/2010, 43/2014, 15/2015, 153/2015, 27/2016 и 83/2018), уредува дека Фондот не ги обесштетува депозитите на кои им биле дадени привилегирани каматни услови, различни од оние објавени во банката, филијалата на странската банка или штедилницата.
4. Со член 8 став 1 алинеи 3, 6, 7 и 8 од Уставот на Република Северна Македонија, е утврдено дека владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, слободата на пазарот и претприемништвото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со членот 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Со членот 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, обврска на Републиката да обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и да презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Според членот 1 од Протоколот 1 на Европската конвенција за заштита на човековите права, секое физичко или правно лице има право на мирно уживање на својот имот. Никој не може да биде лишен од својот имот, освен во јавен интерес и под услови предвидени со закон и со општите принципи на меѓународното право. Претходните одредби не навлегуваат во правото на државите да донесуваат закони кои ги сметаат за неопходни за регулирање на користењето на имотот согласно општиот интерес или заради сигурно плаќање на данокот, другите придонеси и парични казни.
Со членот 3 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија” број 18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009, 161/2009 и 123/2013) е определено дека учесниците во прометот слободно ги уредуваат облигационите односи во согласност со Уставот, законите и добрите обичаи.
Според член 7 став 1 точка 1 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија” брoj 67/2007, 90/2009, 67/2010, 26/2013, 15/2015, 153/2015, 190/2016 и 7/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 101/2019 и 122/2021), банка може да врши прибирање на депозити и други повратни извори на средства.
Со членот 11 од Законот за банките е уредено дека банката е должна на видно место во уплатно-исплатните простории да ги објави копиите од решението на гувернерот за издавање дозвола за основање и работење на банката, важечките каматни стапки, општите услови за работење со депозити на физички лица и видот и износот на гаранцијата за депозитите на физички лица.
Законот за Фондот за осигурување на депозити („Службен весник на Република Македонија” број 63/2000, 29/2002, 43/2002, 49/2003, 66/2003, 81/2008, 158/2010, 43/2014, 15/2015, 153/2015, 27/2016 и 83/2018), во членот 1 утврдил дека со овој закон се основа и се уредува работењето и организацијата на Фондот за осигурување на депозити, а со членовите 2 и 3 уредил дека Фондот го основа и е во сопственост на Република Македонија, дека тој е правен следбеник на Фондот за осигурување на штедни влогови и Фондот има својство на правно лице со седиште во Скопје.
Според членот 3-а од Законот, Фондот е специјализирана финансиска институција која ги обесштетува осигурените депозити во банките и штедилниците, во кои настанал ризичен настан, согласно член 9 став 1 од овој закон.
Според член 4 став 1 од Законот, банките, филијалите на странските банки и штедилниците основани во Република Македонија се должни во Фондот да ги осигураат депозитите, а според ставот 2, под депозити во смисла на овој закон се подразбираат денарските и девизните депозити, сертификати за депозит, трансакциските сметки, депозитите врзани за парични картички и девизни приливи на физичките лица (во натамошниот текст: депозит).
Според член 5 став 1 од Законот, паричните средства на Фондот изнесуваат најмалку 4% од вкупните депозити во банките, филијалите на странските банки и штедилници во Република Македонија, а според ставот 2, под парични средства на Фондот се подразбираат средствата кои се наоѓаат на сметките на Фондот во Народната банка на Република Македонија, сметките на Фондот во деловните банки и паричните средства инвестирани во хартии од вредност.
Според ставот 3 на членот 5 од Законот, Фондот е должен да го одржува нивото на средствата од ставот 1 на овој член.
Според член 6 став 1 од Законот, средствата на Фондот се формираат од основачкиот влог, наплата на премии за осигурување на депозитите на физички лица и приходи од пласмани, а според ставот 3 на членот од Законот, средствата на Фондот можат да се користат само за обесштетување на осигурените депозити на физичките лица и за покривање на трошоци на работење на Фондот.
Според членот 7 став 1 од Законот, за осигурување на депозитите на физичките лица Фондот наплатува премија од членките на Фондот по стапка најмногу до 0,7% годишно од вкупните депозити на физичките лица во секоја банка и штедилница.
Според член 9 став 3 од Законот, Фондот ги обесштетува осигурените депозити, но не повеќе од денарска противвредност на 30.000 евра по депозит во една банка, филијала на странска банка или штедилница пресметани по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на конечноста на решението од член 4-а став 2 на овој закон, а според ставот 4 на членот 9 од Законот, во износот од ставот 3 на овој член се пресметува главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до денот на конечноста на решението од член 4-а став 2 на овој закон.
Со член 10 став 1 точки од 1 до 5 од Законот, се уредува кои депозити не се предмет на обесштетување од страна на Фондот.
Имено, Фондот не ги обесштетува следните депозити на физичките лица:
1. Депозити на кои им биле дадени привилегирани каматни услови, различни од оние објавени во банката, филијалата на странската банка или штедилницата; (оспорена содржина)
2. Депозити на депоненти сопственици на над 5% од акциите со право на управување со банката, филијалата на странската банка или штедилницата;
3. Депозити на членови на органите на управување на банката, филијалата на странската банка или штедилницата;
4. Депозити на роднини од прв степен на депонентите од точките 2 и 3 на овој член;
5. Депозити кои се поврзани со трансакции со кои се вршело перење пари доколку прекршителот е осуден и казната е во сила.
Имајќи предвид кои видови на депозити не се предмет на обесштетување од страна на Фондот, произлегува дека целта на законодавецот со ова уредување е да се оневозможи обесштетувањето на депозитите кои имаат карактер на привилегирани депозити, пред се, поради привилегираните каматни услови (оспорената точка 1), поради привилегираната позиција на сопствениците на депозитите, кога истите имаат над 5% од акциите со право на управување (точката 2), поради позицијата во органите на управување (точката 3), поради роднинскиот однос со лицата кои имаат улога во управувањето со банката односно штедилницата (точката 4) и кога станува збор за депозити коишто се поврзани со трансакции со кои се вршело перење на пари, а прекршителот е осуден и казната е во сила (точката 5).
Законот за Фондот за осигурување на депозити е донесен уште во јули 2000 година и во континуитет го содржи уредувањето со член 10 став 1 точка 1 од Законот, коешто сега се оспорува со иницијативата, а од анализата на оспорената законска содржина наспрема погоре цитираните уставни одредби, произлегува следното:
Оспорениот член 10 став 1 точка 1 од Законот, во поглед на неговата содржина, претставува јасно и прецизно формулирано правило, и јасно и недвосмислено дава до знаење дека депозитите на кои им биле дадени привилегирани каматни услови, различни од оние објавени во банката, филијалата на странската банка или штедилницата, нема да бидат предмет на обесштетување од страна на Фондот. Со ова, граѓаните – штедачи не можат да се доведат во правна забуна и несигурност во поглед на прашањето, дали доколку се случи ризичен настан, ваквите депозити ќе бидат обесштетени до законски определениот износ или не, од кои причини според Судот, оспореното законско решение не имплицира повреда на уставниот принцип на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Од содржината на Законот произлегува дека законодавецот воспоставил законска рамка на правила кои се еднакви за сите кои се во иста правна ситуација. Така законодавецот уредувајќи ги правилата за обесштетување на депозити, имал предвид дека во поглед на обесштетувањето, во аналогна правна ситуација се сите штедачи кои штедат со непривилегирана каматна стапка (со официјално објавената во бакната), како и дека во поглед на необесштетувањето, во аналогна правна ситуација се сите штедачи на депозити на кои им биле дадени привилегирани каматни услови, различни од оние објавени во банката, филијалата на странската банка или штедилницата.
Во која категорија на штедачи ќе се најде штедачот, е негова одлука и негов личен избор, и негово право и слободна волја е дали лице – штедач ќе штеди со привилегирана каматна стапка или со непривилегирана каматна стапка. Следствено, законодавецот за сите кои припаѓаат на категоријата сопственици на депозити без привилегирана каматна стапка, подеднакво уредил обесштетување на нивните депозити до 30.000 евра, а исто така, за сите кои припаѓаат на категоријата сопственици на депозити со привилегирана каматна стапка, подеднакво уредил дека ваквите депозити нема да бидат предмет на обесштетување од страна на Фондот.
Оттука, законодавецот водел сметка за принципот на еднакво постапување и еднаков третман со еднаквите во уредувањето кои депозити се предмет на обесштетување, а кои не се предмет на обесштетување, со што исклучокот предвиден во оспорениот член 10 став 1 точка 1 од Законот, според Судот, не може да претставува основ за нееднаквост на граѓаните – штедачи, со што за неосновани ги смета наводите од иницијативата дека законодавецот при нормирањето на оспорената законска одредба го повредил членот 9 од Уставот.
Во однос на оспорувањето на законското решение како спротивно на уставните одредби посветени на правната заштита на сопственоста од член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот и уставните гаранции за правото на сопственост, изразени преку забраната за одземање или ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон од член 30 став 3 од Уставот, а кое оспорување се образложува со наводи за нелегитимно мешање на државата во сопственичките права на банкарските клиенти, со одземање на имотот (паричните депозити), сопственост на клиентите, а кое одземање се вршело со необесштетувањето на нивните депозити до законскиот износ до 30.000 евра, ваквите наводи според Судот, не се основани.
Законското правило за необесштетување на депозитите на привилегираните штедачи до законскиот износ од 30.000 евра, според Судот, не може да се доведе во никаков контекст со одземање или намалување на нивните депозити за делот којшто не се обесштетува, ниту во контекст на некакво мешање на државата во сопственичките права на клиентите. Ова од едноставна причина што необесштетувањето од страна на Фондот, не е никаква пречка обесштетувањето во целина да се намирува со побарување од стечајната маса на банката. Ниту во оспореното законско уредување, ниту во Законот стои некакво пропишување дека необесштетувањето на овие депозити до законскиот износ, значи и неможност за обесштетување со побарување од стечајната маса на банката, како што се наведува во иницијативата. Тие како доверители имаат право, за целиот свој депозит да истакнат побарување во стечајната постапка за намирување на целиот депозит којшто го вложиле во банката на име штеден влог, додека обесштетените клиенти, само остатокот од нивните депозити, поточно, намален за износот со кој се обесштетени.
Што се однесува до наводите во иницијативата, дека банката била должна во име и за сметка на клиентот да плаќа премија до 0,7% за секој депозит, а во врска со ова и тврдењето со иницијативата дека токму овој факт зборувал дека необесштетувањето до 30.000 евра, значело лишување од сопственост и одземање на дел од имотот на депонентите за износот за кој не се обесштетувале, всушност произлегува дека со иницијативата се смета дека премијата (којашто банката е должна да ја плаќа спрема Фондот како законски обврзник и членка на Фондот), претставувала лична сопственост на клиентите, бидејќи се плаќала во име и за сметка на клиентот и служела за обесштетување на штедачите, па оттука се смета дека сопственоста неуставно се одземала, бидејќи немало обесштетување.
Според Судот, околноста што паричните средства на Фондот се наменети за обесштетување на депозитите на штедачите, не значи дека тоа се средства во сопственост на штедачите, туку тоа се парични средства на Фондот коишто се формираат од основачкиот влог, наплата на премии за осигурување на депозитите и приходи од пласмани, а премиите за осигурување на депозитите ги плаќаат банките, филијалите на странски банки и штедилниците, за што зборува и самиот факт дека исплатените износи на име обесштетување, Фондот потоа ги намирува со побарување од стечајната маса на банката, токму затоа што се средства на Фондот.
Оттука, необесштетувањето на предметните депозити, во никој случај не значи одземање на имот, односно дел од имот (депозит) за износот кој не се обесштетува, со што не може да станува збор за повреда на уставните начела и гаранции за заштита на правото на сопственост.
Следствено, не може да се постави прашањето дали вмешувањето во сопственичките права на граѓаните следи легитимна цел, кој бил јавниот интерес, општествената оправданост и сл., а како што се бара со иницијативата, бидејќи ваквото прашање е предмет на оцена од страна на Уставниот суд, само доколку станува збор за законска норма со уредување од кое произлегува вмешување на државата во слободи и права со нивно ограничување или одземање, за што не станува збор во конкретниот случај.
Со иницијативата, нејасно е оспорувањето на законската одредба од аспект на слободата на повредата на пазарот и претприемништвото, како темелна вредност на уставниот поредок и уставните одредби со кои се гарантира таа слобода преку обврската на Републиката да обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и обврската на Републиката да презема мерки против монополската положба и монополското однесување на субјектите на пазарот. Ова, ако се има во вид дека оспорената законска одредба, ниту регулира прашање за услови, критериуми или други правила за пристап на правни субјекти на пазарот, ниту прашања коишто значат забрана или ограничување на одредени субјекти (правни лица) слободно да настапуваат на пазарот во вршењето на нивната дејност, со што оспореното законско решение не може да се доведе во контекст со овие уставни одредби.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека оспорената законска одредба не била уставна бидејќи интервенирала, односно се вмешувала во слободата на договарањето помеѓу банките и клиентите, на начин што ги ограничувала банките и клиентите да можат слободно да се впуштат во договарање на повисоки каматни стапки од официјално објавените во банките. Поточно дека, слободата на договарањето била ограничена поради уредувањето во Законот дека ваквите депозити не подлежат на обесштетување од страна на Фондот, па со иницијативата, покрај оцена на уставноста, се бара и оцена на законитоста на оспореното законско решение бидејќи не било согласно со одредбите од Законот за облигационите односи.
Во однос на наведеното, не може да се бара оцена на законитост на законска одредба, туку само оцена на негова уставност, бидејќи во хиерархијата на правните акти, Уставот е највисок правен акт и сите останати правни акти, мораат да бидат во согласност со Уставот, а како што уредува член 51 став 1 од Уставот, според кој во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Меѓутоа, од аспект на изнесените наводи за вмешување во слободата на договарањето, истовремено изнесени како наводи за неуставност на оспорената законска одредба, Судот го наведува следното:
Оспореното законско решение повеќе од две децении егзистира во правниот поредок (од јули 2000 година), со содржина каква што се оспорува со иницијативата (поднесена во јуни 2021 година), но сега, со отворањето на стечајната постапка над Еуростандард банка, според наводите од подносителите на иницијативата, се отворило и прашањето за уставноста на оспорената законска одредба, бидејќи неколку доверители/физички лица клиенти на банката, не можеле да бидат обесштетени до законскиот износ од 30.000 евра, поради тоа што со банката се договориле каматна стапка за внесените штедни влогови да биде во повисок износ од официјално објавениот.
Доведувањето на оспореното законско решение во контекст со слободата на договарањето, односно во контекст на ограничување на таа слобода, според Судот е неиздржано, прво, од причини што оспорената законска одредба воопшто не регулира односи помеѓу банките и клиентите, ниту пропишува кои и какви каматни услови се должни и обврзани банките и клиентите да договараат во договорите коишто ќе ги склучуваат, а второ, оспорената законска одредба ниту содржи некакви императивни или забранувачки елементи во поглед на каматните услови под кои ќе се склучуваат договорите за штедење.
Дека тоа е така, не е спорно и за самите подносители кога наведуваат дека такви договори биле склучени, што значи банките и клиентите слободно ги уредуваат меѓусебните односи во сферата на банкарското штедење. Клиентите слободно одлучуваат во какво штедење ќе се впуштат, односно дали ќе прифатат нивните депозити да бидат со привилегирани каматни услови или со официјално објавени каматни стапки. Воедно, однапред на клиентите им е познато и знаат дека доколку прифатат штедење со привилегирана камата, таквите депозити, нема да бидат предмет на обесштетување од страна на Фондот во случај на настанат ризик, бидејќи Законот, со член 10 став 1 точки од 1 до 5 од Законот, јасно и недвосмислено дава до знаење кои депозити (вклучително и депозитите со привилегирана каматна стапка), нема да бидат предмет на обесштетување.
Според тоа, самиот факт дека постои законска регулатива која јасно ги дефинира правилата на обесштетувањето, право и волја е на лицата – штедачи да изберат во каков вид на штедење ќе се впуштат, односно да одлучат дали ќе штедат со привилегирани камати, а доколку така одлучат, јасно се подразбира дека тие се согласиле и со ризик да не бидат обесштетени до износот утврден со Законот.
. . .
Што се однесува до поставеното прашање со иницијативата која била интенцијата односно целисходноста од уредувањето на оспорената законска одредба и што сакал со тоа да постигне законодавецот, тоа е прашање коешто го оценува законодавецот. Уставниот суд не ја преоценува интенцијата на законодавецот или целисходноста во уредувањето на нормите во законите, туку дали конкретно уредената содржина имплицира или не, повреда на одредбите на Уставот, воедно, а како што погоре е наведено, и општествената оправданост на законските норми, но само во случај на конципирани норми во закон коишто значат ограничување на слободи и права за граѓаните, на што, предметно оспорената законска одредба, не се однесува.
Според тоа, во однос на прашањето која била интенцијата на законодавецот во уредувањето на член 10 став 1 точки од 1 до 5 на Законот, и што сакал да постигне со истото, појаснување дава предлагачот на Законот во доставениот одговор на наводите од иницијативата, којшто се изнесува во продолжение, заради дополнително појаснување.
Имено, во одговорот се наведува дека ваквиот „привилегиран” статус на депозитите коишто не се предмет на обесштетување, според законодавецот се утврдени врз основа на обврската на Република Северна Македонија, како земја-кандидат за членство во Европската Унија, да го усогласи националното законодавство со законодавството на Европската Унија во оваа област до денот на стекнување на полноправното членство во Европската Унија. Во таа насока, во Законот за Фондот за осигурување на депозити е транспонирана Директивата 94/19/ЕЗ за депозитни гарантни шеми. Имено, согласно Анекс 1 точка 11 од наведената директива, е утврдено дека депозити што не се обесштетуваат се депозитите на кои депонентот на индивидуална основа од кредитната институција добил камата и финансиска концесија и истата придонела до влошување на финансиската состојба на кредитната институција.
Се наведува и дека, истото е согласно со законодавството на Европската Унија, односно дека вградувањето на такво решение во оспорениот член 10 став 1 точка 1 од Законот за Фондот за осигурување на депозити, е интенција и на Директивата и на нашиот законодавец, со цел да се избегне двојното привилегирање на статусот на овој вид на депозити, со оглед дека во конкретниот случај се смета дека индивидуално договорените поповолни каматни услови за одредени депозити, за кои всушност се исплаќа камата поголема од објавената на банката или штедилницата, го доведува во ризик стабилното финансиско работење на банката или штедилницата, и со тоа ги доведува во понеповолна и ризична состојба сопствениците на депозитите, на кои им е утврдена објавената каматна стапка на банката односно штедилницата. Привилегираната каматна стапка го зголемува иницијалниот депозит, а во следниот период на вкаматување, на зголемениот износ се применува нова привилегирана каматна стапка. Преку механизмот на сложена камата, привилегираните депозити добиваат повеќекратна предност во однос на непривилегираните депозити.
Врз основа на претходно наведеното, обезбедувањето на еднаквост на граѓаните во однос на нивните депозити и финансиската корист којашто ја стекнуваат преку каматите, е причина депозитите за кои во договорите се даваат привилегирани каматни стапки за одредени депоненти, да не бидат опфатени со обесштетувањето на вложените средства од страна на Фондот за осигурување на депозити. Од таа причина во член 10 став 1 точка 1 од Законот за Фондот за осигурување на депозити, јасно е утврдено дека депозитите на физички лица на кои им биле дадени привилегирани каматни услови, различни од оние објавени во банката или штедилницата, не се обесштетуваат од страна на Фондот за осигурување на депозити.
Во одговорот се укажува на неосновано оспорување на член 10 став 1 точка 1 од Законот за Фондот за осигурување на депозити, со оглед дека во однос на заштита на правото на сопственост треба да се имаат предвид основните темелни вредности утврдени во Уставот на Република Северна Македонија за владеењето на правото, но и одредбите на член 30 ставови 1 и 2 од Уставот согласно кои се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Но, утврдено е и дека сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и заедницата. Имено, секој граѓанин како сопственик на парични средства може слободно да располага со своите средства и истите може да ги инвестира на пазар на капитал, да ги вложи во инвестициски фондови, да ги вложи како депозит за одредена камата во деловна банка, да ги инвестира во деловен потфат и сл.
Се укажува и во однос на тоа дека вложувањето на паричните средства како депозит во банка зависи од волјата на секој поединец и е одраз на негова лична одлука за инвестирање на средствата кои ги поседува. Вложувањето на паричните средства претпоставува стекнување на одредена корист, но и можен ризик од загуба на вложените средства, како и на тоа дека користа и ризикот, се во корист, односно на штета на сопственикот на средствата кој по слободна волја одлучил каде ќе ги вложи средствата. Во случајот, физичките лица депозитите ги вложиле во банка и им биле дадени привилегирани каматни услови, различни од оние објавени во банката или штедилницата, а за кои согласно Законот за Фондот за осигурување на депозити не се предвидува да бидат обесштетени од Фондот за осигурување на депозити.
Во одговорот се наведува и дека, со вака конципираното законско решение, на депонентите не им се одземени или ограничени сопственоста и правата коишто произлегуваат од депозитите, од причина што во случај на стечај на банка депозитот останува во сопственост на правно или физичко лице – клиент на банката и согласно уставно загарантираното право за еднаков третман на сите лица, има право на побарување од стечајната маса, а со тоа и статус на стечаен доверител. Физичките лица со депозити со привилегирани каматни стапки имаат статус на стечајни доверители и се наплатуваат во ист редослед на наплата како и сите други доверители.
Во одговорот, се дава осврт и по однос на членот 55 од Уставот со која се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото и обврската на Републиката да презема мерки против монополската положба и однесување на пазарот, со укажување дека токму оспорената одредба е вградена во Законот за да се спречи монополското однесување на банките на пазарот, односно со давање на повисоки каматни стапки да се привлечат поголем број на депоненти да штедат во истите. Истовремено, депозитите со привилегирани каматни стапки не се обесштетуваат со цел да се спречи Фондот да се доведе во состојба да нема доволно финансиски средства за исплата на побарувањата во случај на стечај на повеќе банки и/или штедилници. Доколку истите се обесштетуваат од Фондот, постои ризик да се случи морален хазард, а со тоа да се наруши јавниот интерес преку загрозување на финансиската стабилност во земјава. Според тоа, начинот и ограничувањето на депозитите кои се обесштетуваат се економски оправдани.”
5. Имајќи го предвид сето погоре изнесено, Судот оцени дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 10 став 1 точка 1 од Законот за Фондот за осигурување на депозити со одредбите на Уставот на кои се повикуваат подносителите со иницијативата.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.70/2021
10 ноември 2021 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска