Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 10 ноември 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 5 став 1 алинеја 4 и член 36 став 1 алинеја 2 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015, 5/2016, 142/2016, 11/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019 и 14/ 2020).
2. Мирослав Зафировски од Куманово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на иницијативата со оспорениот член 5 став 1 алинеја 4, Агенцијата за администрација на Република Македонија како самостоен државен орган кога ги вреднувала кандидатите за вработување согласно оспорениот закон, не ги признавала уверенијата и свидетелствата што ги издавале училиштата, универзитетите односно факултетите коишто биле согласно закон регистрирани и работеле во Република Македонија, како доказ за завршено образование. Понатаму, во иницијативата е наведено дека иако уверенијата биле легални документи согласно членот 11 и членот 12 од Законот за Националната рамка на квалификации („Службен весник на Република Македонија“ бр.137/2013 и 30/2016), кога се работело за оваа агенција, таа строго се држела до оспорениот закон и не дозволувала уверенијата да се земат како доказ за стекнато образование согласно член 5 став 1 алинеја 4 од истиот закон.
Според наводите во иницијативата, тоа било спротивно на членот 32 од Уставот, каде било уредено дека „Секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место“. Исто така, оспорениот член 5 став 1 алинеја 4 се однесувал на вработените видно од текстот на истиот. Но, кандидатите кои конкурирале на огласите на Агенцијата за администрација биле невработени па се доаѓало и до забуна на оваа дефиниција на поимот „стручни квалификации“ во оспорениот закон дали се однесувал за вработените или за кандидатите за вработување кои можело и да се невработени.
Во иницијативата се наведуваат повеќе примери од кои било видно дека кандидатите кои конкурирале со уверение во постапка за вработување и биле одбиени со што биле доведени во нерамноправна положба со друѓите кандидати и биле спречени да конкурираат во еднакви услови.
Понатаму подносителот на иницијативата наведува дека согласно на член 36 став 1 алинеја 2 од Законот, кандидатите за административни службеници ја пополнуваат електронската пријава која ги содржи најмалку следниве податоци: „последен степен на образование и стекнати дипломи, претходни степени на образование и стекнати дипломи (за кандидатите со магистратура и/или докторат), датуми на стекнување на дипломите, броеви на дипломите, образовни институции кои ги издале“. Ова се однесувало на Македонската рамка на квалификации, VII Б односно 11 циклус на студии специјалистички студии (60 кредити) од членот 10 од Законот за Националната рамка на квалификации („Службен весник на Република Македонија“ бр.137/2013 и 30/2016). Агенцијата за администрација, исто така, не признавала во електронската пријава од овој член да се пополни стекнатото образование со уверение или свидетелство, туку само дипломи и сертификати иако во системот за пријава стои да се стави уверение или диплома.
Според наводите во иницијативата, постоеле повеќе примери кога на граѓани кои согласно член 5 став 1 алинеја 4 им биле одбиени овие документи, кога конкурирале во постапка по оглас за вработување во Агенцијата за вработување, со што биле доведени во нерамноправна положба со другите кандидати и биле спречени во еднакви услови да конкурираат спротивно на членот 32 од Уставот. Исто така, во процесот по жалби во Агенцијата за администрација, комисијата за жалби ги одбивала како неосновани жалбите на граѓаните – кандидати за вработување и се повикувала на член 5 став 1 алинеја 4 од Законот за административни службеници.
Во иницијативата, како пример се посочува Правниот факултет „Јустинијан Први“ на УКИМ Скопје и се наведува дека факултетите кои имале студирање три години плус две години според Болоњскиот систем на ЕКТС што значело 180 ЕКТС првостепени студии и 300 ЕКТС студии од втор степен, за истите се издавале дипломи. Односно, кога студент ќе запишел студии од втор степен – мастер студии и кога ќе ги положел испитите со кои ќе се стекнел со 240 ЕКТС ќе добиел уверение за специјалист VII-Б односно, II циклус на студии специјалистички студии (60 кредити) согласно актите на универзитетот и факултетот и согласно со Законот за Националната рамка на квалификации и ќе можело да се вклучи на пазарот на трудот во Република Македонија. За стекнати 240 ЕКТС на вака организираните студии не се издавала диплома туку уверение на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на УКИМ Скопје VII – Б односно, II циклус на студии специјалистички студии (60 кредити) и на други факултети организирани на студии 3+2. Диплома за стекнати 240 ЕКТС издавале факултетите коишто имале организирано 4+1 студии односно 4-годишни додипломски студии на кои се стекнувале со 240 ЕКТС.
Според наводите во иницијативата тоа значело дека кога на сајтот на Агенцијата за администрација некој орган ќе распишел конкурс во кој се барало дека според Македонската рамка на квалификации и стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен, правни науки кандидатот за вработување да не поднесе диплома, туку поднесува уверение бидејки Правниот факултет не издавал дипломи за стекнати 240 ЕКТС, туку издавал уверение. Исто така, како втор пример било кога студентот ќе дипломирал на факултетот веднаш и не му се издавала диплома, туку истите се доделувале на свеченост, после изминат подолг временски период, односно еднаш годишно, а за да се потврди тоа дека завршил студии веднаш, до издавањето на диплома, на студентот му се издавало уверение со кое ќе можело да ги остварува своите права и да го користи стекнатото образование.
Оттука, во иницијативата се наведува дека со тоа Агенцијата за администрација не го признавала образованието на граѓаните на Република Македонија на образовните и високообразовните институции во Република Македонија кои издавале свидетелства, уверенија и дипломи со кои се докажувало дека стекнале квалификација признаена во Република Македонија согласно Законот за Националната рамка на квалификации. Основата за овој предлог во иницијативата бил Законот за Националната рамка на квалификации според чиишто одредби за стекната квалификација на ниво на образование се добивало свидетелство, уверение и диплома. За здобиена стручна квалификација се добивал сертификат. Според членот 11 од овој закон типови на квалификации се: квалификации на ниво на образование (образовно ниво) и стручни квалификации. Додека согласно член 12 став 2, доказ за стекнатата квалификација на ниво на образование претставувало свидетелство, уверение и диплома. Но, во Агенцијата за администрација не признавале уверение и свидетелство како доказ за завршено формално образование. Тие согласно Законот, односно оспорениот член 5 став 1 алинеја 4 признавале само диплома или сертификат. Тоа било согласно оспорениот закон и во зависност за кој конкурс се работело и кој орган го имал распишано и зависно од тоа дали се правеле манипулации или не, се користел овој член на штета на барателите на работа кои биле ставени во неповолна состојба и биле одбивани на конкурсите.
Со иницијативата се бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените членови од Законот за административни службеници и по спроведената постапка истите да бидат поништени или укинати.
3. Судот на седницата утврди дека согласно оспорениот член 5 став 1 алинеја 4 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/ 2015, 5/2016, 142/2016, 11/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019 и 14/2020), „стручни квалификации“ се формалното образование и другите форми на стручно образование на вработениот за кои поседува диплома или сертификат.
Судот, исто така, утврди дека согласно оспорениот член 36 став 1 алинеја 2 од Законот за административни службеници, кандидатите за административни службеници ја пополнуваат електронската пријава која ги содржи најмалку следниве податоци: последен степен на образование и стекнати дипломи, претходни степени на образование и стекнати дипломи (за кандидатите со магистратура и/или докторат), датуми на стекнување на дипломите, броеви на дипломите, образовни институции кои ги издале.
4. Спoред член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Со членот 9 од Уставот е определено дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Секој вработен има право на соодветна заработувачка. Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според член 44 ставови 1 и 2 од Уставот, секој има право на образование и образованието е достапно на секого под еднакви услови.
Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Начинот, условите и постапката за вработување на административни службеници се уредени со Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015, 5/2016, 142/2016, 11/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/2019 и 14/2020).
Во членот 1 од Законот за административните службеници, се утврдува предметот на овој закон, односно, статусот, класификацијата, вработувањето, унапредувањето, стручното усовршување и оспособување, мерењето на ефектот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници, како и статусот и надлежноста на Агенцијата за администрација.
Во оспорениот член 5 став 1 алинеја 4 од Законот за административни службеници, како одделен израз употребен во овој закон го има следново значење: „стручни квалификации“ се формалното образование и другите форми на стручно образование на вработениот за кои поседува диплома или сертификат, што значи дека за потврдување на стручните квалификации потребно е поднесување на соодветен доказ (диплома, сертификат, уверение за завршено формално образование).
Согласно оспорениот член 36 став 1 алинеја 2, со кој се уредува содржината на пријава за вработување на административни службеници, и според која кандидатите за административни службеници ја пополнуваат електронската пријава која ги содржи најмалку следниве податоци, меѓу кои и: последен степен на образование и стекнати дипломи, претходни степени на образование и стекнати дипломи (за кандидатите со магистратура и/или докторат), датуми на стекнување на дипломите, броеви на дипломите, образовни институции кои ги издале.
Според ставот 2 од истиот член, кон пријавата кандидатите задолжително ги прикачуваат следниве докази за податоците внесени во истата, во скенирана форма: доказ за државјанство на Република Македонија, доказ за неизречена казна забрана на вршење на професија, дејност или должност, уверение/диплома за завршен степен на образование, меѓународно признат сертификат за познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски, германски) или потврда за завршен прв, втор или трет циклус на студии на еден од 200 највисоко рангирани факултети на Shanghai Ranking – ARWU (Academic Ranking of World Universities) на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски, германски), за кои студии кандидатот поседува нострифицирана диплома, потврда за работа со програми за канцелариско работење и потврда за положен стручен испит или лиценца или уверение од соодветната стручна област, доколку истите се посебен услов за работното место и се назначени во јавниот оглас.
Според член 12 став 1 од Законот за Националната рамка на квалификации („Службен весник на Република Македонија“ бр.137/2013 и 30/2016), е уредено дека квалификации на ниво на образование се стекнуваат со завршување на образование за јавно донесени образовни програми и достигнувања на излезните резултати од истите, по извршена проверка пропишана со закон. Квалификациите, според опфатот на општото и стручното знаење и на компетенциите, овозможуваат личен и професионален развој, односно можност за продолжување на образованието или за вклучување на пазарот на трудот (вработување).
Согласно ставот 2 на членот 12, доказ за стекната квалификација на ниво на образование претставува свидетелство, уверение и диплома, а согласно ставот 3 на истиот член, стручните квалификации се стекнуваат за дел од јавно донесени образовни програми, модули или курсеви, или со завршување на посебни програми за образование, по извршена проверка согласно со закон. Овие квалификации претставуваат формално призната оспособеност за извршување на работи во рамките на едно или повеќе занимања на определено ниво на барања.
Стручните квалификации даваат доказ дека се постигнати помали групи на резултати на учење или комбинации на резултати на учење кои не ги задоволуваат барањата на постигањата за образовно ниво (став 4). Стручните квалификации содржат стручни компетенции од еден или повеќе стандарди на занимања (став 5). Стручните квалификации добиени на неформален начин се оценуваат и потврдуваат од стручна комисија формирана од секторските комисии од членот 18 од овој закон (став 6). Стручното оценување и потврдување значи евалуација на доказите и евалуација на практичните вештини и знаења. Доказ за здобиена стручна квалификација претставува сертификат (став 7).
Од анализата на целината на Законот, а посебно од цитираните одредби од Законот за административните службеници (член 36 став 2 алинеја 3) и Законот за Националната рамка (член 12 став 2), јасно и недвосмислено произлегува дека покрај свидетелство и диплома, како доказ за стекната квалификација на ниво на образование, претставува и уверението.
По однос на наводите на подносителот на иницијативата дека во постапка по оглас за вработување на граѓани на кои Агенцијата за администрација не им признавала во електронската пријава од член 36 став 1 од Законот, да се пополни стекнатото образование со уверение или свидетелство, туку само со диплома и сертификат, Судот оцени дека Уставниот суд не е надлежен да ја оценува примената на оспорените одредби од овој закон. Имено, Уставниот суд согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани и не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот за административни службеници со член 8 став 1 алинеја 3, членот 32, членот 44, членот 50 и членот 51 од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.120/2018
10.11.2021 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска