У.бр.10/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 3 ноември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за начинот на спроведување на полугодишното интервју, формата и содржината на обрасците за оценување, формата и содржината на извештајот со ранг листа на годишните оценки, како и содржината на извештаите и начинот на оценување на судските службеници во други околности во целина и делот „1“ од член 6 став 7, член 8 став 2, член 11 став 1 и 3, делот „5“ од член 6 став 3, член 7 став 1, 2, 3, 4 и 5, член 8 став 2, член 11 ставови 1 и 3 од наведениот правилник, донесен од министерот за правда („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2020).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за начинот на спроведување на полугодишното интервју, формата и содржината на обрасците за оценување, формата и содржината на извештајот со ранг листа на годишните оценки, како и содржината на извештаите и начинот на оценување на судските службеници во други околности во целина и одделни одредби означени во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата ја цитира содржината на членот 90 од Законот за судската служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014, 33/2015, 98/2015 , 06/2016, 198/2018 и 248/2018) со сите измени и дополнувања и заклучува дека од содржината на наведениот член произлегувало дека по оценувањето на судските службеници за 2015 година, не произлегувал основ за донесување на решение за реализација на мерките за одличен и слаб ефект согласно наведениот член, од неговата содржина не произлегувало, но можело да се претпостави дека слаб ефект ја подразбира оценката „1“ а одличен ефект ја подразбира оценката „5“.

Од содржината на оспорениот правилник во целина како подзаконски општ акт неспорно произлегувало дека со него се доразработувале прашања од Законот за судската служба, односно, меѓу другото го тангираат „слабиот“ и „одличен ефект“.

Притоа, според подносителот, ако се имале предвид измените и дополнувањата на Законот за судската служба од 2016 година, согласно членот 2 од Законот, по завршувањето на оценувањето на судските службеници во 2015 година, нема да се донесува решение за реализирање на мерките за одличен и слаб ефект согласно членот 90.

Оттука, според подносителот како спорни се јавуваат делот „1“ од член 6 став 7, член 8 став 2 и член 11 ставови 1 и 3 и делот „5“ од член 6 став 3, член 7 ставови 1, 2, 3, 4 и 5, член 8 став 2 и член 11 ставови 1 и 3 од Правилникот за начинот на спроведување на полугодишното интервју, формата и содржината на обрасците за оценување, формата и содржината на извештајот со ранг листа на годишните оценки, како и содржината на извештаите и начинот на оценување на судските службеници во други околности („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2020).

Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека и ако одредбата од членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судска служба од 2016 година има императивен карактер и од чија содржина произлегува дека нема да се носи решение за реализирање на мерките за одличен и слаб ефект согласно член 90 од Законот за судска служба, оспорените делови како во насловот во иницијативата ја немаат својата основа во Законот за судската служба, токму поради фактот дека во правниот промет евидира одредба којашто изречно определува дека по одреден период односно по 2015 година нема да се носи решение за реализиран „слаб“ или „одличен“ ефект.

Од друга страна, според подносителот, постоењето на одредби или делови од одредби во правниот промет во подзаконски акт како што е тоа во конкретниот случај Правилникот за начинот на спроведување на полугодишното интервју, формата и содржината на обрасците за оценување, формата и содржината на извештајот со ранг листа на годишните оценки, како и содржината на извештаите и начинот на оценување на судските службеници во други околности („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2020), а кои немаат основа во законот како пропис кој е посилен во правото од подзаконскиот акт не било во согласност со начелото на владеење на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3, а во врска со членот 51 од Уставот.

Во вториот дел од иницијативата, подносителот наведува дека оспорениот правилник кој е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2020 година, е донесен врз основа на член 86 став 8, член 87 став 23, член 88 став 4 и член 124 став 3 од Законот за судска служба.

Од содржината на „Службениот весник на Република Македонија“ бр.33/2015, според подносителот било видно дека во истиот е објавен само Законот за изменување и дополнување на Законот за судска служба.

Основниот Закон за судска служба е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014 и влегол во сила на 13.02.2014 година, а почнал да се применува од 13.02.2015 година.

Понатаму, подносителот наведува дека во „Службен весник на Република Македонија“, бр. 33/2015, 98/2015, 06/2016, 198/2018 и 248/2018, меѓу останатите прописи објавени во тие броеви на службеното гласило се објавени само измените и дополнувањата на Законот за судската служба кој во својата основна форма е објавен во („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014).

Содржински во измените и дополнувањата на Законот за судската служба, а објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.33/2015, 98/2015, 6/2016, 198/2018 и 248/2018, не евидираат член 86 став 8, член 87 став 23, член 88 став 4 и член 124 став 3, а врз основа на кои е донесен оспорениот правилник што доведува до заблуда во примената на одредбите, а што не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

3. Судот на седницата, утврди дека во оспорениот член 6 став 3 и 7 од наведениот правилник е предвидено:

(3) Претпоставениот го оценува оценуваниот со оценка „5“, кога го надминува исполнувањето на поставените работни цели и задачи за нивото на работното место на кое е распореден во сите области на своето работење и дава значителен придонес во области кои се надвор од неговата директна одговорност.
(7) Претпоставениот го оценува оценуваниот со оценка “1”, кога не ги исполнува поставените работни цели и задачи за нивото на работното место на кое е распореден.

Во оспорениот член 7 ставовите 1, 2, 3, 4 и 5 од Правилникот е предвидено дека:

(1) Заради координација на претпоставените во врска со распределбата на оценката „5“ со која согласно закон можат да бидат оценети најмногу 5% од оценуваните во судот, од страна на судскиот администратор, односно претседателот на судот во кој не е избран судски администратор, во периодот од 20 до 31 октомври во тековната година, се организира состанок.
(2) На состанокот од став (1) на овој член, покрај судскиот администратор, односно претседателот на судот во кој не е избран судски администратор, присуствуваат само оние претпоставени кои за судските службеници кои ги оценувале дале предлог-оценка “5” и истите даваат образложение за таквата предлог оценка.
(3) Врз основа на образложенијата на претпоставените, конечната распределба на оценките „5“ се врши во договор меѓу присутните на состанокот, по што секој од претпоставените ја внесува конечната оценка за судскиот службеник во табелата 7 од образецот за оценување на судскиот службеник.
(4) Ако не може да се постигне договор од став (3) на овој член, од страна на судскиот администратор, односно претседателот на судот во кој не е избран судски администратор, се организира гласање и бодување, врз основа на кое бодување се врши конечна распределба на оценките „5“, по што секој од претпоставените ја внесува конечната оценка за судскиот службеник во табелата 7 од образецот за оценување на судскиот службеник.
(5) Гласањето од став (4) на овој член се врши анонимно, на начин што секој од претпоставените и судскиот администратор, односно претседателот на судот во кој не е избран судски администратор, на сите судски службеници оценети со предлог – оценка “5”, им распределува определен број на бодови, и тоа најмалку 1 бод, а најмногу толку бодови колку што се судски службеници оценети со предлог-оценка “5”, без повторување на бодовите, по што бодовите се собираат и се определува за кои судски службеници конечната оценка ќе биде „5“.

Во оспорениот член 8 став 2 од Правилникот е предвидено:

(2) Во просторијата во која се спроведува оценувањето, на денот и часот на оценувањето, од страна на Комисијата на внатрешните оценувачи им се распределуваат копиите на обрасците од алинеите 3, 4 и 5 од ставот (1) на овој член, по што истите, анонимно го пополнуваат соодветниот образец, на начин што со помош на индикаторите покрај наведените општи компетенции, даваат оценка од „1”, „2”, „3”, „4” или „5” за секоја од наведените општи компетенции и пополнетиот образец го ставаат во кутијата за оценување.

Во оспорениот член 11 ставови 1 и 3 е предвидено:

(1) Оценувањето на оценувачот се изразува со цела оценка од 1 до 5.
(3) Оценувањето на другите оценувачи за секоја оценета општа работна компетенција се изразува со цела оценка од 1 до 5.

4. Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок, утврдено во член 8 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

5. Со Законот за судската служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014, 33/2015, 98/2015, 6/2016, 198/2018, 6/2016, 198/2018 и 248/2018), се уредуваат правата, должностите, одговорностите на судските службеници, системот на плати и надоместоци на плати на судските службеници (член 1).

Судската служба ја сочинуваат судските службеници, лицата вработени во судовите кои вршат технички и помошни работи и судската полиција (член 2).

Судските службеници се лица со статус на административен службеник кои во судовите вршат стручни, административни, информатички, технички, статистичко-аналитички и материјално-финансиски работи во согласност со овој и друг закон. Судските службеници правата од работен однос ги остваруваат согласно со овој закон, колективните договори (член 3 став 1).

Лицата вработени во судовите кои вршат технички и помошни работи немаат статус на судски службеници и за нив важат Законот за вработени во јавниот сектор и општите прописи за работните односи (член 3 став 2).

Според членот 60 од овој закон, судските службеници се должни да ги извршуваат работите и работните задачи, опишани во актот за систематизација на работните места на судот (став 1). Судските службеници врз основа на задолжение во писмена форма од непосредно претпоставениот судски службеник, судскиот администратор или од претседателот на судот, се должни да извршуваат и работи и работни задачи кои не се содржани во описот од ставот (1) на овој член, а кои се соодветни со нивните професионални квалификации и со работните компетенции (став 2).

Системот за управување со ефектот е регулиран во членот 83 од Законот, според кој во судовите се воспоставува систем за управување со ефектот на судските службеници (став 1). Системот од ставот (1) на овој член го сочинуваат утврдување на работните цели и задачи, утврдување на индивидуалниот план за стручно усовршување, како и постапка за оценување на ефектот на судскиот службеник (став 2).

Членот 83 е збир на сето она што го сочинува системот на управување со ефектот на судските службеници, а дополнително прецизирање на делот „Работните цели и задачи“, Законот го регулира во членот 84 од Законот за судската служба.

Имено, во членот 84 е регулирано утврдувањето на работните цели и задачи. Според ставот 1 на овој член, работните цели и задачи на судскиот службеник се утврдуваат врз основа на годишната програма за работа на судовите.

Работните цели и задачи на судскиот службеник треба да бидат јасни, прецизни, мерливи и со утврдена временска рамка за извршување (став 2). Работните цели и задачи се утврдуваат од страна на непосредно претпоставениот судски службеник во соработка со судскиот службеник на крајот на постапката на оценување на работните достигнувања, во декември во тековната година за наредната (став 3).

Во член 86 од Законот е предвидено дека:

(1) Непосредно претпоставениот судски службеник е должен континуирано да го следи ефектот на судскиот службеник во текот на целата година и по потреба да предлага мерки за подобрување на истиот.
(2) Како дел од процесот на континуирано следење на ефектот на судскиот службеник, најдоцна до 31 мај во годината, се спроведува полугодишно интервју.
(3) По спроведување на полугодишното интервју се пополнува извештајот за полугодишно интервју, кој го потпишуваат судскиот службеник и неговиот непосредно претпоставен судски службеник.
(4) Копија од извештајот од ставот (3) на овој член му се доставува на судскиот службеник.
(5) Доколку во извештајот за полугодишното интервју, непосредно претпоставениот судски службеник врз основа на докази, утврди дека судскиот службеник не ги исполнил поставените цели, односно покажува незадоволителни резултати за време на полугодишниот период, не покажува потребна стручност и компентентност, има значителни грешки во работата и постапувањето, работните задачи ги извршува ненавремено односно не покажува интерес за квалитетот на извршување на работните задачи, истиот ќе започне постапка за подобрување на ефектот.
(6) Во постапката за подобрување на ефектот се предлагаат дополнителни обуки или менторство и се изрекува писмена опомена во која судскиот службеник се предупредува на можноста да биде оценет со негативна оцена доколку и покрај укажувањата и предложените мерки до истекот на годината за која се врши оценувањето, не го подобри својот ефект.
(7) Доколку судскиот службеник нема непосредно претпоставен судски службеник, интервјуто од ставот (2) на овој член го врши извештајот од ставот (3) на овој член го потпишува и постапката за подобрување на ефектот ја води претпоставен судски службеник од категоријата Б, односно судскиот администратор или претседателот на судот во кој не е избран судски администратор.
(8) Начинот на спроведување на полугодишното интервју, како и формата и содржината на извештајот од ставот (3) на овој член, ги пропишува министерот за правда.

Од изнесените законски одредби произлегува дека судските службеници се должни да ги извршуваат работите и работните задачи, опишани во актот за систематизација на работните места на судот, а притоа работните цели и задачи на судските службеници се утврдуваат со годишната програма за работа на судовите и истите мора да бидат јасни, прецизни, мерливи и со утврдена временска рамка за извршување.

Според членот 87 од истиот закон, во ставот 1 е утврдено дека судските службеници задолжително се оценуваат еднаш годишно и тоа најдоцна до 1 декември за тековната година. Согласно ставот 23 на овој член, начинот на оценување на судскиот службеник, формата и содржината на образецот за оценување од ставовите (11) и (13) на овој член, како и формата и содржината на извештајот од ставовите (20) и (21) на овој член ги пропишува министерот за правда.

Во членот 88 од Законот, „Постапка на оценување во други околности“ е предвидено:

(1) Судскиот службеник кој во текот на годината за која се врши оценувањето, бил отсутен од работа подолго од шест месеци (боледување, неплатено отсуство и друго), како и судскиот службеник кој за првпат се вработил како судски службеник и работел пократко од шест месеци во периодот за кој се врши оценувањето, нема да биде оценуван.
(2) Оценувањето на судскиот службеник, кој во текот на годината за која се врши оценувањето преку постапка на мобилност е распореден, односно преземен на друго работно место, го врши новиот врз основа на писмен извештај од претходниот оценувач.
(3) Доколку оценувачот во текот на годината за која се врши оценувањето го промени работното место, или му престане работниот однос, оценувањето на судските службеници со кои раководел, го врши новиот врз основа на писмен извештај од претходниот оценувач.
(4) Формата и содржината на извештаите од ставовите (2) и (3) на овој член и начинот на оценување на судските службеници ги пропишува министерот за правда.

Од наведеното произлегува дека со член 88 ставови 1, 2 и 3 од Законот се уредува постапка на оценување во други околности: кога судскиот службеник кој во текот на годината за која се врши оценувањето, бил отсутен од работа подолго од шест месеци, како и кога судскиот службеник кој за првпат се вработил како судски службеник и работел пократко од шест месеци во периодот за кој се врши оценувањето, нема да биде оценуван, за што се сочинува писмен извештај. Според ставот 4 на овој член, формата и содржината на извештаите од ставовите (2) и (3) на овој член и начинот на оценување на судските службеници ги пропишува министерот за правда.

Од изнесеното недвосмислено произлегува дека се следи работата на судските службеници и истите се оценуваат за извршените работни цели и задачи утврдени според нивното звање и според годишната програма на судот.

Во таа смисла, поаѓајќи од специфичноста на работата на администрацијата што работи во судовите и на самите судови, посебно се утврдени правата, обврските и одговорностите на вработените во судовите односно на судските службеници со Законот за судската служба во 2014 година, како lex specialis, со кој се врши усогласување со Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор.

Од изнесеното произлегува дека судските службеници ги извршуваат работите и работните задачи, опишани во актот за систематизација на работните места на судот, а работните цели и задачи на судските службеници се утврдуваат со годишната програма за работа на судовите и истите мора да бидат јасни, прецизни, мерливи и со утврдена временска рамка за извршување. Со цел, пак да се утврди дали судските службеници квалитетно и навремено ги извршуваат своите работни задачи и дали ги извршуваат зацртаните цели и задачи, е предвидена и обврска за нивно задолжително оценување еднаш годишно.

Од анализата на целината на оспорениот правилник произлегува дека со него се пропишува дека во периодот од 15 до 30 декември во претходната година се утврдуваат работните цели и задачи за наредната година како и индивидуалните планови за стручно усовршување на судските службеници (член 2 став 1).

При утврдување на работните задачи претпоставениот треба да ја има предвид годишната програма за работа на судот за наредната година, нивото на работното место и општите компетенции водејќи сметка тие да бидат јасни, прецизни и мерливи (член 2 став 2).

При утврдување на индивидуалниот план за стручно усовршување претпоставениот ја зема предвид потребата од развој и унапредување на работните компетенции на судскиот службеник и можноста за унапредување (член 2 став 3).

Утврдувањето на работните цели и задачи и индивидуалниот план претпоставениот ги утврдува во соработка со судскиот службеник на посебен образец за оценување на судскиот службеник (член 2 став 4).

Во образецот кој е составен дел на правилникот се внесува штембил на судот, наслов, податоци за оценуваниот и оценувачот, работни цели и задачи, реализирани работни задачи надвор од описот на работното место, план за стручно усовршување, проценка од полугодишното интервју, договор за други оценувачи, оценување на оценувачот, годишна оценка (член 2 став 5).

Претпоставениот најдоцна до 31 мај во годината спроведува полугодишно интервју со сите судски службеници (член 3 став1).

На полугодишното интервју претпоставениот за секој судски службеник утврдува: ниво на реализација на работните цели и задачи, ниво на нивно исполнување, ниво на придонес, личниот удел, нивото на посветеност на учење и развој, реализација на индивидуалниот план за стручно усовршување и др. (член 3 став 2).

Извештајот од полугодишното интервју на судскиот службеник (полугодишен извештај) кој е составен дел од Правилникот се печати во формат А4 и содржи штембил на судот, наслов, податоци за учесниците во интервјуто, полугодишно интервју, план за подобрување, датум на спроведување на интервјуто и потписи на претпоставениот и на судскиот службеник со кого се спроведува интервјуто (член 3 став 3).

Доколку во полугодишниот извештај е утврдено дека судскиот службеник не ги исполнил поставените цели односно покажува незадоволителни резултати за време на полугодишниот период претпоставениот во соработка со судскиот службеник предлага дополнителна обука или менторство и му изрекува писмена опомена (член 4).
Заради спроведување на постапката за оценување на судскиот службеник кој се оценува до 15 септември на претпоставениот му предлага други оценувачи (член 5 став 1).

Во периодот од 15 до 30 септември оценуваниот и претпоставениот на заедничка средба постигнуваат договор за други оценувачи од судот и други оценувачи надвор од судот кои не се вработени во судот, а со кои судскиот службеник има соработка (член 5 став 2).

Оценуваниот во период од 1 до 9 октомври за тековната година ги наведува реализираните работни задачи кои се надвор од описот на работното место, а претпоставениот го оценува оценуваниот во период од 10 до 20 октомври во тековната година (член 6 став 1 и 2).

Претпоставениот го оценува оценуваниот со оценка „5“, „4“, „3“, „2“ и „1“ во зависност од тоа дали ги надминува, ги исполнува, ги исполнува на ниско ниво или не ги исполнува поставените работни задачи (член 6 ставови 3, 4, 5, 6 и 7 ).

Во членот 7 од Правилникот е уредено прашањето коешто се однесува на прашањето со кое се уредува координацијата на претпоставените во врска со распределбата на оценката „5“ со која согласно законот можат да бидат оценети 5% од оценуваните.

Во членот 8 од Правилникот е уредено прашањето на спроведување на оценувањето од страна на организационата единица за човечки ресурси која ги предава материјалите на Комисијата за спроведување на оценувањето со записник и соодветните листи за оценување како и потребните обрасци врз основа на кои се пресметува и се заведува оценка од внатрешните оценувачи и друг оценувач.

Во членот 9 од Правилникот е уредено прашањето дека до 1 октомври во тековната година до надворешните оценувачи се доставува покана за оценување по електронски пат кои оценувачи се должни да постапат до 1 ноември.

Понатаму, во членот 10 од Правилникот е уредено прашањето на распоредување на судски службеник на друго работно место во судот како и давање на согласност за преземање на судски службеник во друг суд или друга институција и доставување на извештај за оценување.

Во членовите 11 и 12 од Правилникот е уредено прашањето коешто се однесува како се утврдува поединечната оценка од внатрешните и другите оценувачи како и тоа што содржи образецот на извештајот со ранг листа на годишните оценки на судските службеници.

Во конкретниот случај со оспорениот правилник во целина и наведените членови јасно и недвосмислено произлегува дека министерот за правда во насока на операционализација на Законот за судската служба го донел Правилникот и со него ги доразработил прашањата коишто се однесуваат на начинот на спроведување на полугодишното интервју, формата и содржината на обрасците за оценување, формата и содржината на извештајот со ранг листа на годишните оценки, како и содржината на извештаите и начинот на оценување на судските службеници во други околности, годишната оцена и делот за одличен и слаб ефект.

Понатаму, видно од самата содржина на Правилникот, судските службеници се оценуваат со оцена 1, 2, 3, 4 и 5 во зависност од постигнатите резултати во врска со дадените задачи, при што согласно членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судска служба од 2016 година, според кој, по завршување на оценувањето на судските службеници во 2015 година не може да се донесува решение за реализирање на мерките за одличен и слаб ефект согласно член 90 од Законот за судска служба на судскиот службеник. Согласно наведениот член во оспорениот правилник не е предвидено претпоставениот да носи решение за реализација за одличниот и слаб ефект на судскиот службеник за 2015 година, но тоа не значи дека во наредните години претпоставениот не може да носи решение за реализација на одличниот и слабиот ефект.

6. Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека оспорениот правилник во целина како и оспорените одредби во кои нумерички од 1 до 5 се утврдени резултатите од спроведување на полугодишното интервју и годишната оценка не ги прават истите несогласни со начелото на владеење на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот и со Законот за судската служба на кои се повикува подносителот на иницијативата

7. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.10/2021
3 ноември 2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска