У.бр.296/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 3 ноември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 9 ставови 1 и 3 од Законот за Фондот за осигурување на депозити („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2000, 29/2002, 49/2003, 66/2003, 81/2008,158/2010, 43/2014, 15/2015, 153/2015, 27/2016, 83/2018).

2. Перица Јакимовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 9 ставови 1 и 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби од Законот, не биле во согласност со член 8, член 30 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

Ова од причини што по Одлуката на Народната банка на Република Северна Македонија за одземање на дозволата за работа на банката, со Законот за Фондот за осигурување на депозити (член 2, основан и во сопственост на државата), легални и легитимни законски дозволени депозити, тешко стекнат имот на доверителите, над износ од 30.000 евра, кои не можат да се наплатат од стечајната маса (а тоа е извесно) практично завршуваат и се доживуваат како тивка колективна „конфискација“.

Оваа колективна „конфискација“ нема покритие и не постои основ за дефиниција на јавен интерес за Законот за Фондот за осигурување на депозити, по кој всушност се врши таа на легални и легитимни законски дозволени депозити (над 30.000 евра) имот на граѓаните.

Јавниот интерес е многу значајно и комплексно прашање, и потребна е мултидисциплинарна анализа за секоја поединечна одлука и затоа е во фокусот и на меѓународното право.

Јавниот интерес во меѓународното право во Европската Унија е дефиниран во Универзалната декларација и во Европската конвенција за заштита на човековите права каде се посочува дека правото на сопственост на лица кои ќе бидат лишени од правата на имот по основ на јавен интерес, правата од имот ако не веднаш, ќе им бидат надоместени во догледно време.

Ова покажува дека со Законот за Фондот за осигурување на депозити донесен 2000 година, практично се врши колективна конфискација на депозити легални и легитимни законски дозволени (над 30.000 евра). Тоа е без преседан во светски рамки.

Понатаму, подносителот наведува дека иницијативата се поднесува за заштита на законитоста за правна сигурност во полн износ на имотот на депонираните средства во банката, согласно Уставот на Република Северна Македонија и Законот за сопственост и други стварни права.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 9 од Законот, во делот „ОБЕСШТЕТУВАЊЕ НА ДЕПОЗИТИТЕ“е предвидено дека:

Фондот започнува со обесштетувањето на осигурените депозити во рок од 20 дена од денот на конечноста на решението на гувернерот на Народната банка на Република Македонија од член 4-а став 2 на овој закон (оспорен став).

Во исклучителни околности, Фондот може да го продолжи рокот од ставот 1 на овој член за најмногу десет дена.

Фондот ги обесштетува осигурените депозити, но не повеќе од денарска противвредност на 30.000 евра по депозит во една банка, филијала на странска банка или штедилница пресметани по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на конечноста на решението од член 4-а став 2 на овој закон (оспорен став).

Во износот од ставот 3 на овој член се пресметува главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и пристигнатата камата до денот на конечноста на решението од член 4-а став 2 на овој закон.

Hа денот на конечноста на решението од член 4-а став 2 на овој закон депозитите вложени во девизи се конвертираат во денари по среден курс на Народната банка на Република Македонија.

Обесштетувањето на денарските и девизните депозити се исплатува во денари.

Во случај на сомневање дека побарувањата на депонентите на членките на Фондот произлегуваат од трансакции поврзани со перење пари или финансирање на тероризам, исплатата на побарувањата на депонентите нема да се изврши се до правосилноста на судската одлука за поврзаноста на трансакцијата со перење на пари или финансирање на тероризам.

4. Согласно член 8 од Уставот на Република Северна Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се:
– основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот;
– слободното изразување на националната припадност;
– владеењето на правото;
– поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска;
– политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори;
– правната заштита на сопственоста;
– слободата на пазарот и претприемништвото;
– хуманизмот, социјалната правда и солидарноста;
– локалната самоуправа;
– уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, и
– почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Во Република Северна Македонија слободно е се што со Уставот и закон не е забрането.

Согласно член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост, кое право според ставот 2 на овој член, создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Според ставот 3 на овој член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Во членот 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

5. Согласно член 1 од Законот за Фондот за осигурување на депозити („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.63/2000, 29/2002, 49/2003, 66/2003, 81/2008,158/2010, 43/2014, 15/2015, 153/2015, 27/2016, 83/2018), со овој закон се основа и се уредува работењето и организацијата на Фондот за осигурување на депозити.

Според член 2 од Законот, Фондот за осигурување на депозити (во натамошниот текст: Фонд) го основа и е во сопственост на Република Македонија.

Фондот е правен следбеник на Фондот за осигурување на штедни влогови.

Според член 3 од Законот, Фондот има својство на правно лице.

Седиштето на Фондот е во Скопје.

Во членот 3-а од Законот, Фондот е специјализирана финансиска институција која ги обесштетува осигурените депозити во банките и штедилниците, во кои настанал ризичен настан, согласно член 9 став 1 од овој закон.

Според членот 4, банките, филијалите на странските банки и штедилниците основани во Република Македонија се должни во Фондот да ги осигура депозитите.

Под депозити во смисла на овој закон се подразбираат денарските и девизните депозити, сертификатите за депозит, трансакциските сметки, депозитите врзани за парични картички и девизни приливи на физичките лица (во натамошниот текст: депозит).

Во случај на обесштетување од страна на Фондот, поединечните депозити на едно лице во една банка, филијала на странска банка или штедилница се сметаат за единствен депозит.

Согласно членот 4-а од Законот, гувернерот на Народната банка на Република Македонија ќе донесе решение за забрана за прибирање на депозити на банка, филијала на странска банка или штедилница која е исклучена од членство во Фондот поради неплаќање на премија.

Членството во Фондот престанува и во случај кога гувернерот на Народната банка на Република Македонија ќе донесе решение за укинување на дозволата за основање и работење на банка, филијала на странска банка или штедилница.

Фондот ги осигурува вкупните депозити во банките, филијалите на странските банки и штедилниците депонирани до денот на конечноста на решенијата од ставовите 1 и 2 на овој член.

Според членот 5 од Законот, паричните средства на Фондот изнесуваат најмалку 4% од вкупните депозити во банките, филијалите на странските банки и штедилниците во Република Македонија.

Под парични средства на Фондот се подразбираат средствата кои се наоѓаат на сметките на Фондот во Народната банка на Република Македонија, сметките на Фондот во деловните банки и паричните средства инвестирани во хартии од вредност и Фондот е должен да го одржува нивото на средствата од ставот 1 на овој член.

Кога средствата на Фондот ќе го надминат нивото од ставот 1 на овој член, Управниот одбор на Фондот може да донесе одлука за престанок на обврската за плаќање на премија во Фондот од страна на банките и штедилниците.

По исклучок од ставот 4 на овој член, банките, филијалите на странските банки и штедилниците плаќаат премија во периодот кога се под дополнителни мерки преземени од страна на гувернерот на Народната банка на Република Македонија согласно со членот 133 од Законот за банките или е воведена администрација согласно со членот 139 од Законот за банките. Премијата се плаќа по стапка утврдена од страна на Управниот одбор на Фондот.

Во членот 6 е предвидено дека средствата на Фондот се формираат од основачкиот влог, наплата на премии за осигурување на депозитите и приходи од пласмани. Средствата со кои располага Фондот може да ги пласира во:

1) хартии од вредност издадени од страна на Република Македонија и од Народната банка на Република Македонија со рок на пристигнување до дванаесет месеци од нивното стекнување од страна на Фондот и
2) должнички хартии од вредност издадени од странски држави, централни банки или јавни меѓународни финансиски институции, рангирани од страна на најмалку две меѓународно признати агенции за оценка на кредитниот ризик во една од двете највисоки категории, во висина на осигурените депозити што гласат на странска валута.

Средствата на Фондот можат да се користат само за обесштетување на осигурените депозити и за покривање на трошоци на работење на Фондот.

Според член 7 од Законот, за осигурување на депозитите Фондот наплатува премија од членките на Фондот по стапка најмногу до 0,7% годишно од вкупните депозити во секоја банка и штедилница.

Начинот, рокот на плаќање и висината на премијата од ставот 1 на овој член ја утврдува управниот одбор на Фондот.

Во случај на доцнење со уплатата на премиите од ставот 1 на овој член, Фондот пресметува и наплатува законска затезна камата.

Во случај на неплаќање на премија од ставот 1 на овој член во период од шест месеци едноподруго, престанува членството во Фондот.

Фондот е должен веднаш да ја извести Народната банка на Република Македонија за случаите од ставовите 3 и 4 на овој член.

Средствата уплатени во Фондот од страна на банките и штедилниците по основ на премии се неповратни.

Новооснованите банки, филијали на странски банки и штедилници се должни при зачленувањето во Фондот да уплатат влезна премија во висина од 1% од основачкиот капитал.

Согласно член 8 од Законот, доколку на Фондот му недостасуваат средства за исплата на осигурените депозити, Фондот обезбедува дополнителни средства преку:

1) дополнителни уплати од банките и штедилниците, но не повеќе од трикратен износ на премиите уплатени во месецот кој му претходи на месецот во кој гувернерот на Народната банка на Република Македонија го донел решението од член 4-а став 2 на овој закон;
2) задолжување во земјата и странство;
3) позајмици од Буџетот на Република Македонија.

Дополнителните уплати од ставот 1 точка 1 на овој член банките и штедилниците се должни да ги уплатат на сметката на Фондот најдоцна во рок од осум дена од денот на доставувањето на пресметката до банките и штедилниците од страна на Фондот.

Според член 8-а од Законот, доколку на Фондот му недостасуваат ликвидни средства за исплата на осигурените депозити на физичките лица, Министерството за финансии може да изврши откуп пред рокот на достасување на хартиите од вредност издадени од страна на Република Македонија кои се во сопственост на Фондот.

Откупот се врши без објавување на јавен повик.

Согласно членот 9 од Законот, Фондот започнува со обесштетувањето на осигурените депозити во рок од 20 дена од денот на конечноста на решението на гувернерот на Народната банка на Република Македонија од член 4-а став 2 на овој закон.

Во исклучителни околности, Фондот може да го продолжи рокот од ставот 1 на овој член за најмногу десет дена.

Фондот ги обесштетува осигурените депозити, но не повеќе од денарска противвредност на 30.000 евра по депозит во една банка, филијала на странска банка или штедилница пресметани по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на конечноста на решението од член 4-а став 2 на овој закон.

Во износот од ставот 3 на овој член се пресметува главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до денот на конечноста на решението од член 4-а став 2 на овој закон.

Hа денот на конечноста на решението од член 4-а став 2 на овој закон депозитите вложени во девизи се конвертираат во денари по среден курс на Народната банка на Република Македонија.

Обесштетувањето на денарските и девизните депозити се исплатува во денари. Во случај на сомневање дека побарувањата на депонентите на членките на Фондот произлегуваат од трансакции поврзани со перење пари или финансирање на тероризам, исплатата на побарувањата на депонентите нема да се изврши се до правосилноста на судската одлука за поврзаноста на трансакцијата со перење на пари или финансирање на тероризам.

Во членот 10 од Законот е утврдено кои депозити Фондот не ги обесштетува.

Од анализата на одредбите од Законот за Фондот за осигурување на депозитите произлегува дека Фондот е основан во јули 2000 година и е во сопственост на Република Македонија. Тој е правен следбеник на Фондот за осигурување на штедните влогови и е специјализирана финансиска институција која ги обесштетува осигурените депозити во банките и штедилниците, во кои настанал ризичен настан, согласно со член 9 став 1 од наведениот закон.

Понатаму, банките и штедилниците во Република Северна Македонија се должни во Фондот да ги осигураат денарските и девизните депозити и тековните сметки на физички лица, депозитите врзани за паричните картички издадени од банки основани во Република Северна Македонија и девизните приливи на физички лица (во натамошниот текст: депозити на физички лица).

Вкупните средства на Фондот изнесуваат најмалку 4% од вкупните депозити на физичките лица во банките и штедилниците во Република Македонија, при што Фондот е должен да го одржува нивото на средствата од ставот 1 на овој член.

Средствата на Фондот се формираат од основачкиот влог, наплата на премии за осигурување на депозити на физички лица и приходи од пласмани. Средствата на Фондот можат да се користат само за обесштетување на осигурените депозити на физичките лица и за покривање на трошоци на работење на Фондот.

За осигурување на депозитите на физичките лица Фондот наплатува премија од членките на Фондот по стапка најмногу до 0,7% годишно од вкупните депозити на физичките лица во секоја банка и штедилница, според член 7 став 1 од Законот.

Прашањето на рокот во кој се исплаќаат осигурените депозити и во која висина се исплаќаат осигурените депозити на физичките лица се уредува во членот 9 од Законот, при што висината на осигурените депозити се менувала неколкупати со измените и дополнувањата на Законот. Според актуелното уредување во член 9 став 3 од Законот, Фондот ги обесштетува осигурените депозити, но не повеќе од денарска противвредност на 30.000 евра по депозит во една банка, филијала на странска банка или штедилница пресметани по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на конечноста на решението од член 4-а став 2 на овој закон.

Според изнесеното, произлегува дека Фондот е посебно, специфично правно лице, во сопственост на Република Северна Македонија, коешто работи како специјализирана финансиска институција којашто ги обесштетува осигурените депозити во банките и штедилниците, во кои настанал ризичен настан. Под осигурени депозити се подразбираат: денарските и девизните депозити и тековните сметки на физички лица, депозитите врзани за паричните картички издадени од банки основани во Република Македонија и девизните приливи на физички лица.

Треба да се има предвид фактот дека Фондот на солидарна основа ги остварува средствата за обесштетување и тоа од уплатите на сите банки и штедилници, што произлегува од цитираните законски одредби, но и од член 1 став 1 од Уставот, според кој Република Северна Македонија е суверена, самостојна, демократска, но и социјална држава. Оттаму, оспорената одредба обезбедува во случај на настапување на ризичен настан во некоја банка или штедилница да дојде до израз социјалната правда како темелна вредност на уставниот поредок од членот 8 од Уставот.

Имајќи предвид дека Фондот е во сопственост на државата и е основан со цел да се постигне сигурност кај граѓаните за депонирање на нивните средства во банките и штедилниците, кои пак средства се дел од кредитниот потенцијал и економски раст на земјата произлегува дека законодавецот во оспорениот член 9 ставови 1 и 3 од Законот, со право ја утврдил висината за обесштетување на осигурените средства, со цел обезбедување социјална сигурност, при што Судот оцени дека оспорената одредба по својот карактер не е одредба што навлегува во правото на сопственост на подносителот на иницијативата гарантирано со членот 30 од Уставот. Врз основа на сопственост на вложените средства, подносителот на иницијативата и сите останати засегнати лица имаат право на побарување како стечајни доверители од стечајната маса, согласно правилата на постапката за стечај уредена со Законот за стечај, од каде произлегува дека нивната сопственост не е повредена.

6. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.296/2020
3 ноември 2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска