Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 03 ноември 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на членот 46 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 167/2015, 27/2016, 120/2018, и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 110/2019 и 267/2020).
2. Јасминка Зафирова од Штип, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Подносителот Јасминка Зафирова во иницијативата наведува дека за време на нејзиниот работен однос на определено време во ЈУДГ „Вера Циривири – Трена“ во Штип, поднела барање за трансформација на работниот однос од определено на неопределено време, согласно членот 46 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 167/2015).
По претходно финансиско одобрение – согласност, директорката распишала јавен оглас за примање на четири негователки, три воспитувачки и еден хигиеничар на неопределено работно време, на кој оглас се пријавила и подносителката на иницијативата, но не била примена во работен однос на неопределено време иако ги исполнувала сите услови, а за тоа не добила никакво образложение.
Притоа, подносителката повела судска постапка против ЈУДГ „Вера Циривири – Трена“ во Штип пред Основниот суд во Штип,со барање за трансформација на работниот однос од определено на неопределено време, согласно член 46 став 1, став 3 и став 4 од Законот за работните односи, но судскиот спор не го добила. Против пресудата на Основниот суд во Штип, поднела жалба до Апелациониот суд во Штип, која жалба и била прифатена и била донесена Пресуда РОЖ 80/2019 од 13.02.2019, така што на 08.03.2019 година подносителката со решение била вработена на неопределено работно време. Меѓутоа, против ваквата пресуда на Апелациониот суд во Штип, од страна на ЈУДГ „Вера Циривири – Трена“ Штип, било поднесено барање за ревизија на предметот во Врховниот суд, по кое барање Врховниот суд на 16.06.2020 година донел Пресуда Рев3.број 72/2019 година, со која се потврдила пресудата на Основниот суд во Штип.
Според подносителката на иницијативата, со пресудата на Врховниот суд, било повредено уставното и законското право на граѓаните за еднакви права при вработување и погрешно бил толкуван член 46 став 1, став 3 и став 4 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 167/2015) и било толкувано дека сите услови се исполнети за трансформирање на работниот однос од определено на неопределено време, освен тоа дека за трансформирање на работниот однос било потребно лицето да нема прекин на работниот однос на определено време, но подносителката имала прекин на работниот однос во времетраење од 36 дена.
Поради наведеното, се бара поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 46 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 167/2015).
3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 46 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 167/2015, 27/2016, 120/2018, и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 110/2019 и 267/2020): 1) Договор за вработување може да се склучи на определено време за вршење на исти работи, со прекин или без прекин до пет години.
(2) Договор за вработување на определено време за замена на привремено отсутен работник може да се склучи до враќање на привремено отсутниот работник.
(3) Работниот однос заснован со договор за вработување на определено време, освен договорот за вработување за вршење на сезонска работа, се трансформира во работен однос на неопределено време, ако работникот продолжи да работи по истекот на рокот од ставот (1) на овој член, под услови и на начин утврдени со закон.
(4) По исклучок работниот однос заснован со договор за вработување на определено време може да се трансформира во работен однос на неопределено време и пред истекот на рокот од ставот (1) на овој член, ако работникот работи повеќе од две години на работно место кое е ослободено по основ на пензионирање или други основи и за кое се обезбедени финансиски средства, доколку работодавачот утврди дека има трајна потреба од работникот, под услови и на начин утврдени со закон.
4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон и уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт содржи: означување на законот, прописот или општиот акт односно одделни негови одредби што се оспоруваат, причини за нивно оспорување, одредбите од Уставот, односно законот што се повредуваат со тој акт и името, односно називот и седиштето на подносителот на иницијативата.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по истата.
Имајќи предвид дека подносителот со иницијативата, по наведување на содржината на оспорениот член 46 од Законот за работните односи односи („Службен весник на Република Македонија“ број 167/2015, 27/2016, 120/2018, и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 110/2019 и 267/2020), ја оспорува истата како неуставна, без притоа да даде аргументирани наводи и образложени причини за нејзината несогласност со Уставот и по однос на која Уставниот суд треба да направи уставно-судска анализа на уставноста на членот 46 од Законот, претставува уште една процесна пречка за одлучување по иницијативата. Имено, без да се впушта во разјаснување на оспорениот член бидејќи истото не е релевантно, иницијативата укажува само на несогласувањето на подносителот со пресудата донесена од страна на Врховниот суд на Република Северна Македонија, а не на повреда на уставни одредби, така што во конкретниот случај не се исполнети процесните претпоставки за мериторно впуштање по иницијативата.
Имено, во иницијативата отсуствува поврзување на спорната одредба од Законот за работните односи со одредбите од Уставот, односно идентификување на неусогласеноста на материјалната одредба со уставно загарантираните права.
Врз основа на наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одллучување по истата.
5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.33/2021
03.11.2021 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска