Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 3 ноември 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 140/2018).
2. Светскиот македонски конгрес од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот, означен во точката 1 од Решението.
Според наводите од иницијативата оспорениот закон не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 став 1, членот 89 со Амандманот XXIII, како и со членовите 90, 92 и 94 од Уставот на Република Северна Македонија.
Во однос на причините за неуставноста на Законот, во иницијативата се наведува дека составот на Владата бил утврден со член 89 став 1 од Уставот и дека Владата ја сочинуваат претседател и министри, така што во ниту една одредба на Уставот не се зборувало за „заменици на министри” и „дополнителни заменици на министри”. Се наведува и дека според ставот 6 на членот 89 од Уставот, организацијата и начинот на работа на Владата се уредувала со закон, но ставот 6 на членот 89 од Уставот, не подразбирал со закон да се определи поинаков состав на Владата од пропишаниот со Уставот, односно со закон да се воведат нови функции „заменици на министри” и „дополнителни заменици на министри”. Во членот 92 и членот 94 од Уставот, се зборувало за член на Влада и под таа дефиниција се подразбирал претседателот на Владата и министрите, бидејќи освен нив, никој друг не можел да биде член на Владата, и во ниту еден член од Уставот не било утврдено правото на Собранието да избира „заменици на министри”, туку само претседател на Владата и министри, бидејќи само тие и никој друг не можел да биде член на Владата и само на нив им припаѓале надлежностите утврдени во уставните одредби за Владата.
Оспорувајќи го предметниот закон, подносителот во иницијативата се надоврзува на Законот за дополнување на Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 139/2014), кој според него, исто така не бил уставен, бидејќи со овие измени законодавецот по ставот 1 на членот 19 од Законот, уредил нов став 2, со содржина дека во случај на спреченост и отсуство на членот на Владата, на седницата на Владата може да присуствува и одлучува заменикот на министерот кој го заменува членот на Владата со сите негови права, должности и одговорности и истиот се засметува во мнозинството присутни како да е присутен членот кој го заменува, што не било уставно, бидејќи член 89 став 1 од Уставот, многу јасно утврдувал дека Владата ја сочинуваат само претседател и министри и никој повеќе и никој помалку.
Оспорениот закон покрај тоа што уредувал нови функции во Владата надвор од Уставот, со членовите 43, 44, 45, 46, 47, 48, 49, 50 и 51, уредувал и постапка за избор на Владата, спротивна на постапката за избор на Влада, пропишана со членот 90 од Уставот.
Симптоматично било и уредувањето со членот 4 од оспорениот закон, дека тој ќе се применувал до влегувањето на Република Македонија во Европската Унија, кога ниту неговото донесување било врз основа на директива на Европската Унија, ниту декларацијата за членство во Европската Унија сама по себе можела да суспендира одредби од Уставот на Република Македонија како суверена и самостојна држава, поради што и од овие причини оспорениот закон требало да се поништи.
Поради наведеното со иницијативата се бара поништување на оспорениот закон како несогласен со одредбите на Уставот, наведени погоре, а до донесувањето на конечната одлука се предлага донесување на решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што ги презема Владата врз основа на оспорениот закон, поради штетни последици по владеењето на правото и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните и даночните обврзници.
3. Судот на седницата утврди дека предмет на оспорување со иницијативата е Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата („Службен весник на Република Македонија” број 140/2018).
Според членот 1 од оспорениот закон, во Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015 и 142/2016), во главата XIII. Избори за влада за спроведување на избори за пратеници, во членот 43 зборовите: „номинира партијата со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија” се заменуваат со зборовите: „предлага најголемата политичка партија што го формира владиното мнозинство”.
Според членот 2 од оспорениот закон, по членот 43 се додаваат осум нови члена 44, 45, 46, 47, 48, 49, 50 и 51, коишто гласат:
„Член 44
(1) Заради организирање на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, Собранието на Република Македонија на предлог на претседателот на Владата на Република Македонија, сто дена пред денот на одржувањето на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија избира министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика, на предлог на опозицијата со мандат кој трае до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, по што мандатот им престанува по сила на закон.
(2) Министерот за внатрешни работи го предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија, по претходна консултација со двете политички партии со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија.
(3) Министерот за труд и социјална политика го предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија.
(4) Министерот за внатрешни работи може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања, на пониско или повисоко место на носители на раководна позиција во министерството, во согласност со закон. Министерот за внатрешни работи може да изврши и хоризонтални распоредувања на вработените кои се на негов предлог во бројката до 10% од бројот на хоризонтални распоредувања базирани на просекот на овие распоредувања во 2013 и 2014 година.
(5) Министерството за финансии и другите органи на државната управа и правни субјекти, веднаш по изборот на министерот за внатрешни работи од ставот (1) на овој член, ги одобруваат постапките за ангажирање на лица за потребите на кабинетот на министерот за внатрешни работи.
(6) Со денот на именувањето на лице на раководната позиција од ставoт (4) на овој член, министерот е должен да именува дополнителен заменик на предлог на дополнителниот заменик министер.
(7) Дополнителниот заменик на раководниот службеник од ставот (6) на овој член, заедно и рамноправно учествува во спроведувањето на надлежностите кои произлегуваат од закон и подзаконските акти.
(8) Сите акти од надлежност на раководниот службеник треба да бидат потпишани и од раководниот службеник и од дополнителниот заменик на раководниот службеник. Доколку актот е потпишан само од едното лице се смета дека истиот не произведува правно дејство.
Член 45
Заради организација на избори за пратеници, Собранието на Република Македонија на предлог на претседателот на Владата на Република Македонија, именува дополнителен заменик на министерот (во натамошниот текст: дополнителен заменик на министерот) во:
-Министерството за внатрешни работи – предложен од политичката партија на власт со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија,
-Министерството за труд и социјална политика – предложен од политичката партија на власт со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија,
-Министерството за финансии – предложен од политичката партија во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија,
-Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство предложен од политичката партија во опозиција со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија и
-Министерството за информатичко општество и администрација – предложен од политичката партија во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија.
Член 46
(1) Мандатот на дополнителниот заменик на министерот трае од денот на неговиот избор до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, по што мандатот му престанува по сила на закон.
(2) Дополнителниот заменик на министерот заедно и рамноправно со министерот учествува во остварувањето на надлежностите предвидени во Законот за организација и работа на органите на државната управа.
(3) Дополнителниот заменик на министерот, заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи кои ги донесува министерот или лица овластени од него, заменикот на министерот како и државниот секретар во соодветното министерство, а се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите.
(4) Секој акт во смисла на овој закон се доставува до министерот и дополнителниот заменик на министерот. Министерот и дополнителниот заменик на министерот се должни веднаш, а најдоцна во рок од еден ден да го одобрат или одбијат актот во смисла на овој закон.
Член 47
Ако актот или документот од членот 46 ставови (3) и (4) од овој закон е одобрен, т.е. потпишан само од едното лице се смета дека истиот не произведува правно дејство.
Член 48
(1) Во случај на несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик на министерот во министерствата, во врска со тоа дали одредено правно, финансиско и кадровско прашање се однесува на организација на изборите, Државната изборна комисија е должна, во рок од 24 часа да донесе одлука и истата да ја проследи до односното министерство.
(2) Одлуката на Државната изборна комисија е конечна.
(3) Во случај на сомневање произлезено од можно незаконско постапување од страна на министерот и/или неговиот дополнителен заменик, може да се поднесе тужба до надлежниот суд. Во случај да се спорат административни процедури и одлуки, по истите може да се поднесе тужба до надлежниот Управен суд.
Член 49
(1) Со денот на именувањето, дополнителниот заменик на министерот има право на неограничен пристап до сите акти, документи и информации кои му се на располагање на министерот.
(2) Вработените во министерството на барање на дополнителниот заменик на министерот се должни да му ги достават сите акти, документи и информации кои му се на располагање на министерот.
Член 50
Правата утврдени во Законот за плати и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на СРМ” број 36/1990 и „Службен весник на Република Македонија” број 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 42/2010, 97/2010, 162/2010, 111/2012, 145/2012, 170/2013 и 139/2014), му припаѓаат и на дополнителниот заменик на министерот од денот на именувањето до крајот на месецот во кој му престанала функцијата.
Член 51
(1) Дополнителниот заменик на министерот има право на посебни советници и кабинетски службеници чиј број е еквивалентен на бројот на посебните советници и кабинетски службеници во кабинетот на министерот, според Законот за административни службеници.
(2) Посебните работни места од ставот (1) на овој член може да се пополнат со административни службеници во постапка уредена со Законот за административни службеници (мобилност) или во постапка без објавување на јавен оглас.
(3) Вработувањето на посебните работни места од ставот (2) на овој член трае до истекот на мандатот на дополнителниот заменик на министерот.
(4) Вработувањето на посебните работни места од ставот (2) на овој член може да престане и пред истекот на мандатот на барање на дополнителниот заменик на министерот или на барање на вработениот.
(5) За време на извршување на работните задачи во кабинетот на дополнителниот заменик на министерот на вработениот од ставот (2) на овој член му мируваат правата од работниот однос од претходното работно место.
(6) Вработениот од ставот (2) на овој член има право да се врати кај претходниот работодавач на исто или слично работно место кое одговара на неговата стручна подготовка најдоцна во рок од пет дена од денот на престанувањето на причината за мирување на правата од претходниот работен однос.
(7) Платата и другите надоместоци на вработените од ставот (1) на овој член е соодветна на платата на посебните советници и кабинетски службеници во кабинетот на министерот.”.
Член 3
(1) По престанувањето на функцијата на министерот за внатрешни работи и министерот за труд и социјална политика согласно со членот 44 став (1) од овој закон, заменикот на министерот во Министерството за внатрешни работи и заменикот на министерот во Министерството за труд и социјална политика, ја преземаат надлежноста, односно ја вршат функцијата министер за внатрешни работи односно министер за труд и социјална политика наредниот ден по денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија.
(2) Сите евентуални одлуки донесени од страна на министерот за внатрешни работи и министерот за труд и социјална политика избрани согласно со членот 44 став (1) од овој закон, по денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, се ништовни по сила на закон и не произведуваат правно дејство.
Член 4
Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”, а ќе се применува до влегувањето на Република Македонија во Европската Унија.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според членот 88 од Уставот, Владата на Република Северна Македонија е носител на извршната власт. Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Согласно член 89 став 1 од Уставот, Владата ја сочинуваат претседател и министри, а според ставот 6 на членот 89 од Уставот, организацијата и начинот на работа на Владата се уредува со закон.
Според член 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, а според ставот 3 на членот 95 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Според членот 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Со Законот за Владата („Службен весник на Република Македонија” број 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015, 142/2016, 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 98/2019), се уредуваат организацијата, начинот на работа и надлежноста на Владата на Република Северна Македонија.
Со иницијативата се оспорува Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата („Службен весник на Република Македонија” број 140/2018).
Со членот 1 од оспорениот закон, во Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 59/2000, … и 142/2016), во главата XIII. Избори за влада за спроведување на избори за пратеници, во членот 43 зборовите: „номинира партијата со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија” се заменуваат со зборовите: „предлага најголемата политичка партија што го формира владиното мнозинство”, а со ова членот 43, гласи:
„Сто дена пред одржувањето на избори за пратеници, а по претходна оставка на претседателот на Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија ќе избере нова, преодна Влада за спроведување на избори на пратеници, предводена од нов претседател на Влада кој го предлага најголемата политичка партија што го формира владиното мнозинство.”
. . .
Организирањето на ваква преодна (техничка) Влада, сто дена пред одржувањето на избори за пратеници и начинот на нејзиното функционирање, не е новина воведена со сега оспорениот закон. За прв пат, преодна Влада беше уредена со Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата („Службен весник на Република Македонија“ број 196/2015) со воведување на главата XIII. Избори за влада за спроведување на избори за пратеници, во која се опфатени членовите 43, 44, 45, 46, 47, 48 49, 50 и 51, со кои законодавецот ја уредува техничката (преодна) влада, со избор на министри и дополнителни заменици на министри во одредени министерства, како и сега актуелните членови од оспорениот закон, а се однесуваше на предвремените парламентарни избори во 2016 година. Пред спроведувањето на предвремените парламентарни избори во 2016 година, следуваше уште една измена и дополнување на Законот за Владата со Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата („Службен весник на Република Македонија” број 142/2016), со кој се направени измени на одделни одредби содржани во погоре наведената глава. Одредбите од членовите 44, 45, 46, 47, 48 49, 50 и 51, воведени и во дел изменети со погоре наведените законски измени и дополнувања, беа од времен карактер и тие со завршувањето на предвремените парламентарни избори во 2016 година, престанаа да важат, освен членот 43 од Законот кој остана во правниот поредок, а сега во дел изменет со членот 1 на оспорениот закон.
Имајќи предвид дека парламентарните избори во 2016 година, се окончани, а со тоа, престана и примената на одредбите од членовите 44, 45, 46, 47, 48 49, 50 и 51 од Законот за Владата, освен членот 43 од Законот, законодавецот во текот на 2018 година, го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата („Службен весник на Република Македонија” број 140/2018), сега оспорен со иницијативата, со кој законодавецот, повторно, со членот 2, а по членот 43, ги воведува членовите 44, 45, 46, 47, 48 49, 50 и 51 во Законот за Владата, со кои се уредува организацијата на работата и начинот на работењето на преодната Влада за време на спроведување на парламентарни избори, како задолжителни за сите парламентарни избори, до влегувањето на Република Македонија во Европската Унија.
. . .
По повод претходно поднесена иницијатива, содржината на членот 43 од Законот за Владата на Република Македонија (пред да биде изменет со оспорениот закон), била предмет на оцена од страна на Уставниот суд, а исто така и членовите 44, 45, 46, 47, 48, 49, 50 и 51 од наведениот закон.
Имено, со Решение У.бр.108/2015 од 12.07.2017 година, Уставниот суд не повел постапка за оценување на уставноста, покрај член 19 став 2, и на членот 43 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 59/2000, … и 142/2016), а ја отфрлил иницијативата за оценување на уставноста на членовите 44, 45, 46, 47, 48, 49, 50 и 51 од Законот.
Во однос на тогаш оспорената содржина на членот 43 од Законот за Владата (сега со оспорениот закон е изменета во дел), Судот го изразил следниот став:
„Согласно членот 68 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, меѓу другите надлежности, избира Влада на Република Македонија. Имајќи предвид дека уставотворецот со наведениот член од Уставот утврдил дека Собранието на Република Македонија избира Влада на Република Македонија, а со оспорениот член 43 од Законот за Владата на Република Македонија тоа и се предвидува без оглед што се работи за преодна форма на Влада која по својата природа ќе има правна сила само за определен временски период во врска со парламентарни избори, произлегува дека овој член од Законот, не е во несогласност со Уставот и Судот оцени дека не може да се поведе постапка за оценување на уставноста на овој член од Законот со Уставот, како и да се има во предвид дека овој член од Законот, не е исклучиво поврзан со конкретни парламенарни избори и не е со темпорална примена само за предвремените парламентарни избори во 2016 година.”
Во однос на тогаш оспорените членови 44, 45, 46, 47, 48, 49, 50 и 51 од Законот за Владата на Република Македонија, Судот ја отфрлил иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, поради констатирани процесни пречки за мериторно постапување, бидејќи станувало збор за законски норми од темпорален карактер, односно норми коишто ја исцрпиле својата правна сила по определениот рок за нивна примена, и веќе не биле дел од правниот поредок.
. . .
Од содржината на членот 43 од Законот за Владата, којшто ја добива со членот 1 од оспорениот закон, поточно со замената на зборовите: „номинира партијата со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија” со зборовите: „предлага најголемата политичка партија што го формира владиното мнозинство”, се согледува дека таа замена на зборовите не е од влијание во однос на суштината поради која законодавецот го уредил членот 43 од Законот (организирање преодна Влада), па имајќи предвид дека прашањето во однос на уставноста на законското решение дека сто дена пред одржувањето на избори за пратеници, а по претходна оставка на претседателот на Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија ќе избере нова, преодна Влада за спроведување на избори на пратениците, веќе е апсолвирано во правното мислење во Решението У.бр.108/2015 од 12.07.2017 година, Судот, и во однос на уставноста и на сега актуелната содржина на членот 43 од Законот, останува при истиот став, дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со одредбите на Уставот.
Што се однесува до оспорувањето на уставноста на членовите 44, 45, 46, 47, 48, 49, 50 и 51, воведени во Законот за Владата, со оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за Владата („Службен весник на Република Македонија” број 140/2018), според Судот, и во однос на овие законски одредби, не може да се постави прашањето за нивната согласност со одредбите на Уставот, поради следното:
Од содржината на оспорениот закон и погоре наведените одредби, произлегува дека со истиот се уредува начинот на организирање и работење на преодната Влада, односно на нејзините извршни органи (министерствата) за време на спроведување на парламентарни избори, со тоа што за наведениот период функциите министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика, ги вршат избрани министри на предлог од партијата во опозицијата и нивни дополнителни заменици избрани на предлог од политичката партија на власт, како и дополнителни заменици на министри во Министерството за финансии, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за информатичко општество и администрација, сите избрани на предлог од политичката партија во опозиција.
Законодавецот го уредил оспорениот закон, со цел да не се остави простор за сомнеж за можни пречекорувања на овластувањата од страна на постојните именувани функционери, на начин што работењето во органите на државната управа за време на спроведување на парламентарните избори, ќе се организира по принципот на рамноправно учество и на именуваните функционери од преодната Влада, во спроведување на надлежностите на извршната власт, при што, ваквото организирање на Владата, односно како преодна (техничка) Влада, е исклучиво во врска со парламентарните избори кои ќе се спроведуваат, што значи има правна сила и дејствува, само за определен временски период.
При ова, фактот што во тој период, функционирањето и работењето на Владата, односно органите на државната управа (министерствата) како дел од извршната власт, ќе биде организирано на начин како што е предвидено со оспорениот закон и неговите одредби, според Судот, не имплицира повреда на член 89 став 1 од Уставот според кој Владата ја сочинуваат претседател и министри. Ова од причини што составот на Владата останува ист и него го сочинуваат претседател и министри, а не како што се наведува со иницијативата дека со оспорениот закон составот се проширувал, односно се надополнувал со нови членови како заменици на министри и дополнителни заменици на министри, како засебни членови во составот на Владата. Тоа не е така, бидејќи функцијата „заменик” (вклучително и со предзнак „дополнителен”) не претпоставува паралелност во одлучувањето на министерот и неговиот заменик во Владата, односно засебно нивно членување и одлучување, со засебно право на глас. Само во отсуство на министерот настапува неговиот заменик, и ја презема улогата на министер, а тоа не значи проширен или изменет состав на Владата.
При ова, и во однос на уставноста на воспоставената функција заменик на министерот, прашањето е веќе апсолвирано по предметот У.бр.108/2015, наведен погоре, кога Судот со Решение У.бр.108/2015 од 12.07.2017 година, не повел постапка за оценување на уставноста и на член 19 став 2 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015 и 142/2016).
Во однос на уставноста на член 19 став 2 од Законот, којшто уредува дека: „во случај на спреченост и отсуство на членот на Владата, на седницата на Владата може да присуствува и одлучува заменикот на министерот кој го заменува членот на Владата со сите негови права, должности и одговорности и истиот се засметува во мнозинството присутни како да е присутен членот кој го заменува”, Судот го изнел следниот став: „основот за именување на замениците на министри произлегува од членот 48 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија” број 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011), дека надлежностите на министерот се утврдени во член 49 став 1 од овој закон, па оттука, со оглед на тоа што наведените прашања кои се од доменот на организацијата и работата на Владата, се уредени со закон, уредувањето на прашањето на именување и делокруг на работа на заменикот на министерот во работата на Владата на Република Македонија, е законска материја која законодавецот ја пропишал за непречено функционирање на Владата на Република Македонија, а во тие рамки и законското решение од оспорениот член 19 став 2 од Законот за Владата на Република Македонија е во согласност со членот 89 од Уставот.”
Според тоа, треба да се има во вид дека член 19 став 2 од Законот за Владата, е во корелација со членот 48 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија” број 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010, 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 96/2019 и 110/2019) со кој се уредува дека: (1) Собранието на Република Македонија именува и разрешува заменик на министерот на соодветното министерство на предлог на претседателот на Владата на Република Македонија. (2) Заменикот го заменува министерот во случај кога тој е отсутен или кога поради болест и други причини не е во можност да ја врши својата функција, со сите негови овластувања и одговорности во раководењето. (3) Заменикот во соработка со министерот врши работи од надлежност на министерот што тој ќе му ги довери.
Уредувањето во ставот 2 на членот 48 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, зборува дека заменикот го заменува министерот во случај кога тој е отсутен или кога поради болест и други причини не е во можност да ја врши својата функција, со сите негови овластувања и одговорности во раководењето. Овa од причини што, функцијата на министерот не се исцрпува само со неговото работење во министерството, неговото работење се одвива и со неговото учество во Владата, бидејќи тој е член на Владата. Тој е должен да учествува во Владата, а како што е определено со членот 12 од Законот за Владата, според кој (1) членовите на Владата имаат право и должност да учествуваат во работата на Владата; да даваат иницијатива за подготвување на закони и други прописи за чие предлагање е надлежна Владата, на прописи и други акти што ги донесува Владата и за утврдување на насоки и ставови; да даваат иницијатива за донесување на одлуки од надлежност на Владата, како и да учествуваат во вршењето на други надлежности на Владата во согласност со заклучоците на Владата и Деловникот. (2) Членот на Владата кој е определен да учествува во работата на други органи и тела е должен да постапува по овластувањата, насоките и ставовите на Владата.
Според тоа, ова законско решение е во функција на обезбедување непречено функционирање на Владата во случај на спреченост на министерот да присуствува во Владата, и тоа не се смета за нов состав на Владата, а како што се тврди со иницијативата, бидејќи заменикот на министерот, во отсуство на министерот, ја презема улогата на министер и ги врши сите работи од надлежност на министерот со сите негови овластувања и одговорности во раководењето.
Наводите од иницијативата дека Уставот во ниту една одредба не пропишувал дека Собранието може да врши избор на заменици на министри како носители на јавни функции, па со тоа изборот на функцијата заменик на министер бил без уставна основа, според Судот, исто така, се неосновани.
Имено, заменикот на министер, како носител на јавна функција, неговиот избор и причините за неговиот избор, е предвиден уште со донесувањето на Законот за организација и работа на органите на државната управа во 2000 година („Службен весник на Република Македонија” број 58/2000) со членот 48 од Законот, погоре цитиран. Оттука, функцијата заменик на министер како носител на јавна функција, е утврдена со закон, а основот, Собранието да врши именување на носители на јавни функции, директно произлегува од Уставот. Имено, со член 68 став 1 алинеја 16 од Уставот, е утврдено дека Собранието на Република Северна Македонија врши избори, именувања и разрешувања и на други носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон. Според тоа, сосема неосновани се наводите од иницијативата дека во ниту еден член од Уставот не било утврдено правото на Собранието да избира носители на јавни функции утврдени со закон, во кои спаѓаат и заменици на министри како носители на јавни функции.
Погоре изнесеното, соодветно се однесува и за функцијата заменик на министер со предзнак „дополнителен”, уредена со одредбите на оспорениот закон и според Судот, оспореното уредување не имплицира повреда на одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата, конкретно дека станувало збор за нови функции во составот на Владата.
Имено, улогата на дополнителниот заменик на министерот е тој заедно и рамноправно со министерот, да учествува во остварувањето на надлежностите предвидени во Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и заедно и рамноправно да ги разгледуваат и потпишуваат сите акти и документи кои ги донесува министерот или лица овластени од него, заменикот на министерот како и државниот секретар во соодветното министерство, а се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите, а како што подетално е уредено со членовите 44, 45, 46, 47, 48 49, 50 и 51 од оспорениот закон.
Наводите дека со оспорениот закон се менувала постапката за избор на Влада, утврдена во членот 90 од Уставот, според Судот, истите не се основани, бидејќи не станува збор за избор на Влада по окончани парламентарни избори, туку за избор на Влада како преодно решение (преодна, техничка Влада) за време на спроведување на избори, која по својата природа ќе има правна сила само за определен временски период во врска со парламентарни избори.
Што се однесува до наводите (погоре изнесени) за оспорување на Законот и од аспект на неговото времетраење, уредено со членот 4 од оспорениот закон според кој „Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”, а ќе се применува до влегувањето на Република Македонија во Европската Унија, Уставниот суд не се впушта во оцена на оправданоста на ваквото законско решение, бидејќи во надлежност на законодавецот е да ги донесува, менува и/или дополнува законите, да го одредува времето на започнување на нивната примена и престанокот на нивната примена, при што од уставно-правен аспект е битно дали со нормата со која се уредува денот на започнување на примена на закон или нејзина одредба, се врши повреда на член 52 став 4 од Уставот или не, на што не се однесува предметната иницијатива.
5. Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот оцени дека во конкретниот случај, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот закон со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.267/2020
3 ноември 2021 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска