У.бр.17/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 27 октомври 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 16, 18 и 26 од Статутот на Стопанска банка АД-Скопје.

2. Влатко Ташковски од Скопје до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членовите од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените членови од Статутот биле во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3 и 6, членот 30 и членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со член 287 став 1 точка 4, член 278 став 2 и член 383 став 1 точка 5 од Законот за трговските друштва.

Во иницијативата се наведува дека Статутот не содржи одредби за класата, правата, обврските, ограничувањата и погодностите на приоритетните акции издадени од Стопанска банка АД Скопје согласно член 287 став 1 точка 4 од Законот за трговските друштва, потоа дека во Статутот, дивидендата на приоритетните акции издадени од Стопанска банка АД Скопје, не била утврдена како „паричен износ или во процент од номиналниот износ на акцијата согласно“ член 278 став 2 од истиот закон, како и дека во Статутот надлежноста на Собранието да одлучува за „промена на правата врзани за одделни родови и класи акции” не била наведена согласно член 383 став 1 точка 5 од Законот за трговските друштва.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека членот 287 од Законот за трговските друштва содржи одредби за содржина на статут на акционерски друштва. Во членот, помеѓу одредбите стои одредба (став 1 алинеја 4) за „номиналната вредност на акциите, бројот на акциите од секој род и класа, правата, обврските, ограничувањата и погодностите”. Членот 287 за прв пат беше воведен во Законот за трговските друштва во 2004 година (СВ бр.28/04).

Оспорениот член 16 во оспорениот Статут на Стопанска банка АД Скопје гласи: „Акционерите на СБ ги имаат сите права, обврски и одговорности, утврдени со законите и овој Статут“, и тој не содржи одредби за класата, правата, обврските, ограничувањата и погодностите на приоритетните акции. Приоритетните акции на Стопанска банка АД Скопје првпат се издадени со Одлука за издавање на акции од втора емисија од 20.06.1991 год. согласно тогаш важечкиот Закон за хартии од вредност (СЛ на СФРЈ бр.64/1989). Подоцна приоритетните акции, со идентични права како акциите од втора емисија, се издавани во трета и четврта емисија од 02.06.1994 односно 28.05.1998 согласно тогаш важечките закони.

Содржината на одлуката со која биле издадени акциите од втора емисија, биле во согласност со член 20 од тоrаш важечкиот Закон за хартии од вредност (СЛ на СФРЈ бр.64/1989). Согласно став 2 од тој член со одлуката за издавање на акции се утврдувале податоци, во кои спаѓа и податок за „правата што ги остварува имателот на приоритетна акција“.

Издавачот Стопанска банка АД Скопје во одлуката за втора емисија, правата на приоритетните акции ги определил во точките 8, 9, 10 и 11.

– Во точка 8 е одредено правото на гарантирана (фиксна) дивиденда на приоритетната акција (член 278 став 2 од денес важечкиот ЗТД);
– Во точка 9 е одредено правото на првенство при исплата на гарантирана (фиксна) дивиденда на приоритетната акција (член 278 став 2 од денес важечкиот ЗТД);
– Во точка 10 е одредено правото на кумулативна дивиденда на приоритетната акција, односно на наплата на заостанатата (неисплатена) дивиденда во наредните години (член 279 став 2 од денес важечкиот ЗТД);
– Во точка 11 е одредено правото на учество во распределбата на добивката на приоритетната акција како варијабилен дел (член 279 став 3 од денес важечкиот ЗТД).

Содржината на одлуката за издавање на акции согласно член 7 од денес важечкиот Закон за хартии од вредност (СВ бр. 95/05 заклучно со бр.31/20) содржи податоци, помеѓу кои се „родови и класи на акции“ и „права кои произлегуваат од приоритетните акции“.

Правата кои произлегуваат од приоретните акции можат да се остваруваат поединечно или заедно согласно член 278 став 3 од Законот за трговските друштва.

Согласно член 277 став 3 од наведениот закон, приоритетните акции можат да бидат од повеќе класи и не можат да бидат издадени со понизок номинален износ од номиналниот износ на обичните акции. Приоритетните акции од иста класа даваат исти права. Законодавецот со член 279 став 1 од наведениот закон ги дефинирал класите на приоритетни акции како кумулативни и партиципативни.

Хартијата од вредност, каква што е акцијата, мора да содржи „точно означена обврска на издавачот што произлегува од хартијата од вредност“ што е една од суштествените состојки согласно член 224 став 1 точка 4 од Законот за облигациони односи.

Во ставот (1) од член 487 од истиот закон е јасно прецизирано дека „По одобрувањето на годишната сметка и на финансиските извештаи и утврдувањето на постоењето добивка за распределба, собирот на содружниците, односно собранието го определуваат делот којшто им се доделува на содружниците, односно на акционерите во форма на дивиденда, според правата што ги дава уделот, односно според родот и класата на акциите.“

Правата од хартиите од вредност се неприкосновени права што издавачот ги определил при нивното издавање во актот (одлуката) за емисија и тој има обврска да ги извршува тие права, што е регулирано со членот 5 од Законот за хартии од вредност „Издавачот на хартии од вредност е должен да ги извршува обврските кои произлегуваат од хартиите од вредност утврдени со овој или друг закон.“ и член 223 од Законот за облигациони односи „Хартија од вредност е писмена исправа со која нејзиниот издавач се обврзува дека ќе му ја исполни на нејзиниот законит имател обврската запишана на таа исправа.”

Собранието на акционерско друштво согласно законски утврдените надлежности во член 383 став 1 точка 5 од Законот за трговските друштва може да одлучува за „промена на правата врзани за одделни родови и класи акции“. Оттука, следи дека права на веќе издадени акции не може да се додаваат нити да се одземаат.

Подносителот на иницијативата наведува дека во член 278 став 2 од истиот закон биле наведени правата што ги има приоритетна акција помеѓу кои е и правото на „дивиденда во однапред утврден паричен износ или во процент од номиналниот износ на акцијата“.

Членот 278 за прв пат бил воведен во Законот за трговските друштва во 2004 година (СВ бр.28/04).

Во оспорениот Статут на Стопанска банка АД Скопје, членот 18 не содржи одредба за правото на гарантирана дивиденда на приоритетната акција во утврден паричен износ или во процент од номиналниот износ на приоритетната акција.

Банката во периодот од донесувањето на Законот за трговските друштва во 2004 година се до последната исплата на гарантирана дивиденда во 2020 година, спротивно на законската одредба од член 278 став 2 исплаќала променлива дивиденда согласно правилото утврдено во одлуката за издавање на акции од втора емисија.

Членот 383 од наведениот закон ги одредува надлежностите на собранието на друштвото помеѓу кои е надлежноста собранието да одлучува за „промена на правата врзани за одделни видови и родови акции“ (став 1 точка 5). Одредбите за надлежностите на собранието на друштвото за прв пат се воведени уште во првиот ЗТД (СВ бр.28/96) во член 349 став 1 точка 3.

Во оспорениот Статут на Стопанска банка АД Скопје, членот 26 не ја содржи одредбата која определува надлежност на Собранието да одлучува за „промената на правата врзани за одделни видови и родови акции“.

Оваа надлежност точно определува дека собранието на друштвото во однос на правата на акции може да одлучува за „промена на правата врзани за одделни родови и класи акции“ (м.з. на веќе постоечки акции), што истовремено исклучува надлежност на собранието да додава или да одзема права на веќе издадени акции.

Согласно член 606 став 3 од Законот за трговските друштва (СВ бр.28/04) трговските друштва можеа да ги применуваат општите акти на друштвото кои не се во согласност со законот заклучно со 30 јуни 2005 година. Во утврдениот рок, банката согласно законот и Уставот беше должна:

– да го усогласи Статутот со додавање на одредби за „класата, правата, обврските, ограничувањата и погодностите“ за приоритетните акции, и
– да ги усогласи одлуките за издавање на акции, со кои се издадени приоритетните акции, во делот на гарантирана дивиденда која треба да биде утврден паричен износ или во процент од номиналниот износ на акцијата (член 278 став 2 од денес важечкиот ЗТД).

Согласно член 713 став 2 од истиот закон (СВ бр.28/96) друштвата беа должни да го усогласат Статутот на друштвото заклучно со 31.12.1998 година. Во утврдениот рок, банката согласно законот и Уставот беше должна:

– да го усогласи Статутот со додавање на одредба за надлежност на собранието на друштвото да одлучува за “промената на правата врзани за одделни видови и родови акции“ Статутот не бил усогласен со Законот за трговските друштва.

Од наведените причини се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 16, 18 и 26 од Статутот на Стопанска банка АД Скопје и доколку оцени дека истите не се во согласност со Уставот и Законот за трговски друштва, да ги поништи.

3. Судот на седницата утврди дека оспорените членови од Статутот предвидуваат:

Член 16

“Акционерите на Стопанска банка ги имаат сите права, обврски и одговорности утврдени со законите и овој Статут.”

Член 18

“Добивката на Стопанска банка ја распоредува со одлука Собранието на Стопанска банка, по предлог на Надзорниот одбор.
Акционерите на Стопанска банка имаат право на учество во добивката, освен ако, според одлуката на Собранието за употреба на добивката, донесена врз основа на закон, релевантен подзаконски акт или овој статут, добивката е изоставена од распределба меѓу акционерите.
Учеството на акционерите во добивката се определува во согласност со законите, овој статут и интерните акти на Стопанска банка.
Имателите на приоритетните акции имаат право на исплата на дивиденда пред имателите на обични акции.”

Член 26

“Собранието ги врши следните работи:

1. го усвојува Статутот на СБ и измените и дополнувањата на Статутот на СБ;
2. го разгледува и усвојува годишниот извештај за работењето на СБ заедно со писменото мислење по истиот изготвено од страна на Надзорниот одбор;
3. го разгледува и усвојува извештајот на Друштвото за ревизија и писменото мислење по истиот изготвен од страна на Надзорниот одбор;
4. ја усвојува годишната сметка и финансиските извештаи на СБ;
5. одлучува за употреба и распоредување на остварената добивка или за покривање на загубите на СБ;
6. одлучува за нова емисија на акции на СБ;
7. одлучува за статусни промени и за престанок на работење на СБ;
8. ги именува и разрешува членовите на Надзорниот одбор на СБ;
9. избира друштво за ревизија и одлучува по предлогот за раскинување на договорот со друштвото за ревизија;
10. одлучува за зголемување и намалување на почетниот капитал(основна главнина), и
11. одлучува и за други прашања од значење за работењето на СБ, предвидени со овој Статут.”

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од наведената уставна одредба, оспорениот акт – Статутот на Акционерското друштво Стопанска банка од Скопје не претставува пропис во смисла на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и не е погоден за уставно-судско оценување.

Имено, овој акт не е пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот затоа што не е донесен од орган на државната власт, ниту од организација или институција што врши јавни овластувања доверени со закон, туку е донесен од акционерско друштво и уредува прашања од интерен карактер на друштвото.

Понатаму, според Судот, треба да се има во вид и член 110 алинеја 7 од Уставот на Република Северна Македонија, според кој Уставниот суд одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.

Со иницијативата се бара оцена на уставноста и законитоста на членовите 16, 18 и 26 од Статутот на АД Стопанска банка – Скопје, кој е донесен од Собранието на акционери на Стопанска банка АД – Скопје.

Во смисла на уставните одредби, со Уставот на Република Северна Македонија е утврдена надлежност на Уставниот суд да врши уставна контрола над актите кои ги донесуваат политичките партии и здруженијата на граѓаните, односно да ја оценува нивната согласност со одредбите на Уставот, како што произлегува од член 110 алинеја 7 од Уставот, според кој Уставниот суд, одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.

Поаѓајќи од карактерот на Статутот, како акт со кој се уредуваат меѓусебните односи на вработените на Акционерското друштво Стопанска банка – Скопје, произлегува дека истиот претставува конкретен, интерен акт кој има правно дејство само за субјектите на Акционерското друштво, а не за неограничен број на субјекти и како таков не подлежи на уставно-судска оцена.

Со оглед на тоа што оспорениот Статут е интерен акт и истиот не е пропис кој е подобен за уставно-судска анализа, произлегува дека и оспорените членови од истиот, како и целината на Статутот, не може да има карактер на акт кој уредува односи за неограничен број на субјекти. Од овие причини, Судот оцени дека се исполнети условите од цитираната деловничка одредба за отфрлање на иницијативата во целост.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.17/2021
27.10.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска