Во рамките на Конференцијата „Ефикасен поврат на имот во согласност со европските стандарди“, која се одржува во Скопје, беше остварена заедничка работна средба со претседателот на Европскиот суд за човекови права, г. Роберт Спано на која, покрај претседателката на Уставниот суд, г-ѓа Добрила Кацарска, присуствуваа и г.Јован Илиевски, судија во ЕСЧП, г.Абел Кампос, заменик регистрар на ЕСЧП, Агим Нухиу, заменик министер за правда и претставници на други институции, како што се Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Судскиот совет, Советот на јавни обвинители, Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред ЕСЧП и Академијата за судии и јавни обвинители.
По завршувањето на оваа средба, беше остварена посебна средба помеѓу претседателката на Уставниот суд, г-ѓа Добрила Кацарска и претседателот на Европскиот суд за човекови права, г.Роберт Спано. На средбата, беше презентирана работата и надлежностите на Судот, а посебен акцент беше ставен на заштитата на слободите и правата пред Уставниот суд. Беше разговарано за можноста за овозможување и поголем број на правни субјекти да може да бараат уставно-судска заштита, нешто што произлегува од генералната обврска на секоја држава да ги штити слободите и правата на сите лица кои се наоѓаат на нејзина територија. Исто така, од двата соговорника беше изразена согласност за важноста за поширока и систематска примена на јуриспруденцијата на Европскиот суд во праксата на Уставниот суд.
На крајот, претседателот на Европскиот суд за човекови права, Спано, упати лична покана до претседателката на Уставниот суд, г-ѓа Добрила Кацарска, како и до сите судии, за остварување на работна посета на Европскиот суд за човекови права, на која подетално би се разговарало за темите за кои се разговараше на денешната средба.